30.11.09

Нов празник - „Ден на пасошот“

Денес е вистински празник за Македонија.
Европа реши повеќе да не не третира како граѓани од „...“ ред (или нешто уште полошо) и ни дозволи со нашите пасоши да влегуваме во нивните ценети држави.
Мојот пасош, сега вреди, исто онолку колку што вредеше пред 20 години.
Повеќе нема да го чувам во фиока и да му се чудам на улогата. Сега ќе можам да го земам и да одам каде ќе посакам. Нема да ги трпам малтретирањата и големите редови за вадење визи.
Денес повторно сум горда на мојот пасош.
Навистина, можеби набрзо нема да отидам никаде - но, чувството дека таа можност никој не ми ја спречува - е одлично. Ослободена сум од притисокот, од омаловажувањето, од презирот.
Многу сум благодарна што повторно се чувствувам како човек.
Се разбира, ознаките на нашиот пасош, многу им пречат на нашите јужни соседи, па тие и понатаму ќе не пуштаат во татковината со ливчиња.

После ова, вреди ли уште да се „замараме“ со преговори за името? Цела Европа, па и целиот свет ни го признава пасошот со Република Македонија и Македонец, само тие не. Тоа е еден против сите?!?



Многу одамна не сум била во Егејска Македонија, а сакам да одам во Воден, Кукуш, Лерин... А, сега можеби ќе одам, кога никој нема да ме малтретира за виза. Освен, зависи што ќе пишува на тоа нивно ливче?
Среќен Ден на пасошот на сите граѓани на Македонија!

28.11.09

Курбан бајрам

Курбан Бајрам, трае 4 дена (10-13 зулхиџет, односно дванаесеттиот месец според арапскиот календар) и се вика „празник на жртвата“ затоа што тогаш се принесува жртава - курбан, обично овни и им се делат на сиромасите.
На првиот ден од празникот се изведува молитвата за Бајрам - Бајрам намаз, со која верниците бараат милост од Алах.
Карактеристично за овој празник е принесувањето жртва - курбан која има симболика на приближување кон Бога.
Обичајот го изведуваат сите кои имаат можност за тоа. Оние кои принеле жртва, потоа раздаваат од месото на сиромашните, соседите и роднините. На овој ден се крунисува аџилакот на аџиите кои отишле да се поклонат на Светата Ќаба во Мека.
Бидејќи сите колеги и ученици муслимани сакаа порано да си одат од настава и да си купат нешто пред паразникот, јас им го нареков овој „шопинг Бајрам“ (модерна верзија).
А, во понеделник, ќе се сладиме повторно со баклавите...

Аце наш - голем маж

Сите млади луѓе, во последно време, се презаситени од приказните за Александар Македонски. Но, ние постарите не можеме да му се изнарадуваме.
Зошто?
Јас, на пример, се утепав од читање разни приказни (новите преводи од Аријан, Плутарх, Ј. Борза) кои се однесуваат на Аце наш.
Многу е просто, мили мои деца. Јас во моите учебници учев дека Александар е ГРК и НЕ СМЕЕВ ни да помислам дека е поинаку. Тоа си го имав врзано во крпче - Александар Македоски е Грк и толку.
Последниве години, откако Македонија почна да дише послободно, се појавија преводи од античките автори (кои претходно не беа достапни) во кои многу децидно се кажува дека Александар не бил Грк, туку бил Македонец. Дека јазикот кој го говорел „старите Грци“ не го разбирале.
Се појавија „Каменот од Розета“, „Плочата од Авганистан“, а и кај нас по толку копање ќе се појави нешто. (Штета што Грците ги кријат сите информации кои не им одат во прилог).
Имав јас еден класен раководител (бог да го прости, почина лани) кој често ги започнуваше дискусиите дека ништо од официјалната историја не е точно, и дека е големо прашање кои се Словените и од каде дошле. Изнаоѓаше тој разни книги од кои ги собираше податоците за сомнителното потекло на Словените. За, жал, со него се сретнав само два-трипати и муабетот ни остана недоречен. Негова желба беше јас да се занимавам со математика (бидејќи бев математички смер), но откако се запишав на македонски јазик и литература, тој ми остави еден аманет. Кога веќе не се занимаваш за тоа што те бива, рече, продолжи го тоа што јас го започнав. Обиди се да најдеш, и да докажеш, дека ние не сме ние никави дојденци на Балканот, зашто јас тоа го знам. Ние отсекогаш сме биле тука. Има многу камења низ Македонија кои раскажуваат поинаква историја. Види, отвори ги очите, и никому не верувај, туку само на твојот суд.
Јас многу го сакав и почитував мојот класен, Никола Кузмановски (математика, Корчагин) и ова е во негова чест, а и сите мои напори се заради него.

Семинари, обуки & работилници

Семинарите, обуките, работилниците и разните натпревари се случуваат постојано во текот на годината. Јас навистина не можам ни да стигнам да информирам за нив.
Центарот за стручно образование, во нашето училиште, организираше средба на директорите и професорите по стручни предмети за новитетите кои се планираат во стручните училишта.
Средбата беше информативна и работна, а сите сугестии беа добредојдени.


Директорите многу сериозно ги прифатија сугестиите, и се сложија со нив.

Главната поента беше во тоа, дека треба да се овозможи полесна преодност на учениците од трет во четврти степен на образование. Односно, наставната програма да се прилагоди за да овозможува полесна преодност. Сега, работите не се баш добри. За илустрација: ученик кој завршил тригодишно образование треба да полага околу 14 диференцијални испити за да може да го продолжи своето образование. Тоа можеби и би било во ред гледано од страна, но не е во ред кога се познаваат работите. Учениците од трет степен секоја година имаат повеќе предмети од останатите (учат хемија, биологија, географија), стручните предмети им се слични, но не баш исти. И, откако ќе завршат, иако имале повеќе предмети, тие треба да полагаат уште колку за две години за да стигнат во четврта.
Значи, се надевам дека во Центарот за стручно образование ќе најдат сили оваа неправда да ја исправат.


По неколку дена се случи и една работилница во која учествуваа претставници од нашата младинска организација „Млади градители“. Целта на оваа работилница беше јакнење на капацитетите на локалните младински организации, а учество на обуката земаа повеќе средни стручни училишта од Скопје, Тетово, Гостивар и Куманово.

Предаватели на нашата група беа: Марина Цветковска (проф.лекар од Средното медицинско училиште од Скопје) и Ѓошевска Соња (проф. по стручни предмети во АСУЦ, моментално инспектор за образование). Обуката во поголемиот дел се одвиваше преку работилници, за што бевме поделени во 4 групи. Во нашата група беа и проф. Снежана Савеска од музичкото училиште во Скопје, заедно со ученикот Филип, потоа, психологот Никола од „Браќа Миладиновци” и ученичката Јасмина Димовска од „Димитар Влахов” (наставникот-ментор беше отсутен). Пред почетокот на нашата работа, г-динот Ѓорги Кушевски, не информираше дека до 15.12.2009г. секое училиште, односно младинската организација, треба да достави предлог проект со тема МУЛТИ КУЛТИ.

Во првата фаза, дефиниравме идеја на проектот. Нашата група избра „Хуманитарен настан” за поддршка на децата бездомници, кој би се одвивал преку продажба на производи и услуги од учениците на сите 4 училишта во групата.
Цел на проектот: Хуманоста и алтруизмот, одлики на секого!
Резултат: Пари за СОС !



Следна фаза по дефинирање на проектот беше SWOT анализирањето
- S (јаки страна на проектот)
- W (слаби страни на проектот)
- O (предности, можности)
- Т (закани, пречки)


Трета фаза беа активностите за спроведување на проектот
А) Стратегија
Б) Носители
В) Време на реализација
Г) Идентификатори


Во последната фаза беше одредување на потребните финансии, буџетот. Обуката ја завршивме со договор да ги информираме директорите на 4-те училишта, и да побараме да го поддржат овој проект.
Од нашето училиште учество земаа наставник-менторот Жанета Димитриевска, потпретседателот на л.м.о. Гаврил Карловски и активниот член Сузана Костовска.
Се надевам дека од младинската оргнизација „Млади Градители”, ќе произлезат многу корисни проекти.
(Текстот и дел од фотографиите се на Гаврил - него секаде го има, и не знам што ќе правиме кога ќе матурира. Ќе те вработиме во ГУЦ).
Во меѓувреме имаше и натпревар за маркетинг планови и реални компании, но за жал, немаме фотографии и многу информации од таму. Како и да е, ние и таму земавме активно учество.




22.11.09

Со љубов за нашите пензионери

Знаете кај нас како секогаш бива?
Се прашувам дали сме војска дива.
Ќе донесе некој храна триста кила
се местат едни исти и бутаат со сила.

Без осет и почит кон човекот што части,
не чекаат, пијат, јадат, таложат масти.
За нив поводот не е важен ич,
не дочекуваат ни почеток, вистински се кич.

За другите тие нејќат ни да мислат
на секоја трпеза само тие киснат.
Кој им е крив на тие што доцнат
и од изобилство храна нема што да боцнат?

И така...

Во нашето школо пред неколку денови
во пензија испративме наши членови...


Зар нашата Борка во пензија ќе оди?
Не ми се верува патот кај не води.

Таков човек со младешки дух
за сите проблеми што има слух
не можам да замислам дека ќе седи дома
како некоја осамена што гувее мома.

Сепак, со Борка се тешам јас често
неа никогаш не ја држи место
на нет ја среќавам, живост таа дава
ја сакам, ја ценам, личност е права.


Стана Борка пред сите и одржа говор:

(за кого ти мила, силата ја арчиш
за кого само зборовите ги парчиш
чиниите се празни, никој не те слуша
само не земај го ти тоа на душа)

„ГУЦ е мојот живот, мојот дом втор,
ќе доаѓам за помош, ви давам збор
ќе донирам книги јас уште многу
само да сме живи и здрави, фала богу...“


Калина со мила насмевка не следи
споменот за Гуц полека ќе и бледи
од незнајковци по физика и е преку глава
време е за внуците да добијат слава.


Славе за нас не го боли глава
тој си има друга работа права
Во „Калдрма“ ние си одиме често
таму тој секогаш ни чува место.

Како само време толку брзо мина
ми доаѓаат солзи и чувство на вина
сликам, гледам и си се кријам
да не почнам гласно јас да вијам...

Сепак, решив, оддушка да си дадам
ќе се лутат многу, нејќам да се вадам.
Тука јас го пуштам мојот тивок глас
зашто не си гледам поинаков спас.

Во канцеларијата наша, имаше сешто
некои тајно си шепкаа нешто...

(избришана слика)

Можеби за Наставнички се спремаа тие
еден, два, три... се ќе контрираме ние.
На некого ништо не му е свето
исто како оние што ставаат вето...
мижам, но гледам, се ми е јасно
на тој до мене не му е касно.

(избришана слика)
Од страна гледа, финтите ги знае
ги собира сите, и често нив им бае
повторно сака круна тој да земе
да понесе нивно заедничко бреме.
За тоа време...

(избришана слика)
Некој си е комотен во својот круг
од колачите не дава да проба никој друг...

(избришана слика)
Некој само со сокче и празна чаша
се придружува на здравицата наша...

(избришана слика)
А некои со муабет и места чесни
избегнуваат полемики и погледи бесни.


Кога се заврши и на се му беше крај
дојде почетокот и подарокот , знај.


Не се лутам, се ми е мене јасно
само вам внимавајте да не ви е касно
имајте почит едни кон други,
немојте да бидете ничии слуги...

И на крајот уште еднаш...

Не мислам јас дека сум најдобра од сите
но гледам како си ги поминувате дните.
Напорот ваш често само е слика
од која нема живост, нема што да блика.

Знајте само дека јас, сите пак ве сакам,
ги закачам само оние што имаат „мува на капа“.

Пензионерите ги ценам, ги испраќам славно
со „песнава“ моја горко и бавно.
Чест ми беше што со нас работевте вие,
гордост сте наша, нема што да се крие.

14.11.09

Ден на дрвото 2009

Акцијата за пошумување на Македонија т.н. „Ден на дрвото“ е можност да излеземе во природа, да се дружиме на поинаков начин и сите да придонесеме (ако има можност) во спасување на природата.Од нашето училиште многу голем број ученици и сите вработени се вклучија во акцијата.
Во 8 часот три преполни автобуса отидоа на Ајватовски Рид.
Во нашиот двор, професорката по биологија Билјана Атанасовска, со својата секција, направи сопствена акција.
Од градот добивме четири зимзелени и четири листопадни дрвца. Професорката, заедно со учениците, ги насадија во предниот дел од дворот.

Најмногу се измачија со 20 години неископаната земја обрасната со пиреј.
Но, вложениот труд се исплати...

Во 10 часот, дојдоа уште три автобуса кои исто така се преполнија...

А од лицата на професорите може да прочитате колку беа среќни што ќе одат на „ридот“.


Сепак, сите се качија во автобусите, а како си поминале, тие си знаат...
Во училиштето остана само мала група да ја доврши започнатата работа...
Да се надеваме дека сите дрвца посадени денес ќе се фатат и ќе растат.



8.11.09

Што пропуштивме во Струмица?

За Струмица, историско-археолошки има што да се знае и што да се види. Ние повеќе ги запознавме бутиците отколку историјата на градот, па затоа, ако некого го интересира, еве...

Струмица има одлична местоположба и природа. Се наоѓа на патот кон Егејското Море, односно ги поврзува југот со северот, истокот со западот. Струмичкото Поле и планината Беласица го прават градот убаво место за живеење, од древнина до денес.
За постоење на живот од неолитот потврда е населбата „Страната“ кај селото Ангелци која датира од 4500 до 3800 г.п.н.е.
Во античко време градот е познат како Астраион, наречен така според пајонското племе Астраи. Во историјата на Тит Ливиј градот го среќаваме под ова име, а во врска со убиството на Деметриј (братот на Персеј).
Остатоци од римскиот период има во месноста Градиште каде се наоѓаат две обѕидија - внатрешно (од 4. век) и надворешно (од 6. век).
Најубавиот дел е римската бања која е случајно откриена при градба на хотелот „Цар Самоил“. По потпаѓањето на Македонија под римска власт, градот го менува името во Тивериопол заради патронот на градот Тибериј Клавдиј Менон.
Во времето на римскиот цар Јулијан Отпадник (361-363г.) во Тивериопол се убиени 15 свештомаченици. Тие бегајќи од Солун, а сакајќи да го заштитат христијанството и неговото ширење, биле фатени и убиени во Струмица. Дел од нивните мошти се чуваат во црквата Свети 15 Тивериополски маченици во Струмица, а градот и денес го одбележува 11 декември - денот на погубувањето. Во црквата е пронајдена гробница датирана од 9. - 10. век каде е сочуван фрескописот на 15 свештомаченици и кој се смета за еден од најстарите во Македонија.


По распадот на Римското Царство, Тивериопол влегол во составот на Источното Римско Царство, односно во провинцијата Macedonia Secunda за што сведочи доцноантичката урбана палата Мачук.
За 6.век во„Житието на тивериополските маченици“ стои дека „еден варварски народ... навлегол во Тивериополските земји, опустошил многу градови, па и самиот Тивериопол, а од неговите жители едни со меч ги истепал, други заробил а убавите згради и храмови ги срамнил со земјата“ . Тој народ подоцна е наречен словенско племе Струмјани бидејќи се населило крај реката Стримон (Струма). Склавинијата на Струмјаните егзистирала како независно словенско кнежество определен период, додека не биде завладеана од Византија.

Во периодот од 845 година до 855 година како византиски воен управник во брегалничко-струмичкиот крај бил Методиј (братот на Кирил).
Потоа градот потпаѓа под Бугарското Царство до појавата на комитопулите, односно Самоил и неговото царство.
На Струмичкото кале познато како Цареви кули (симбол на Самоиловото време) археолозите пронашле остатоци на живот од пред 7000 години. На калето се живеело до доцниот среден век, но пронајдена е и црква од 13. век што докажува продолжување на христијанската традиција во која Струмица е еден од центрите.


На Беласица се случила познатата Беласичка битка во која 15 000 Самоилови војници биле ослепени од страна на Василиј Втори.
Потоа еден век градот бил под Византија која ја зацврстувала својата власт преку христијанството. Струмичката епархија во рамките на Охридската архиепископија била ставена во службата на Цариградската патријаршија. Карактеристично од тоа време е тоа што многу имоти од струмичко меѓу кои и манастирот во Вељуса му биле подарени на светогорскиот манастир „Иверион“, а многу цркви и манастири биле изградени и обновени.
Манастирот „Света Богородица Елеуса (милостива)“ бил изграден 1080 година од струмичкиот епископ Мануил. Таа е една од ретките цркви која е целосно сочувана иако страдала во пожар во текот на Балканските војни. Оригиналните мермерни плочи со натписите се чуваат во музејот во Бугарија, а целата библиотека и други вредни предмети во Грција, односно на Света Гора. Каменот вѕидан во Вељуса не можеле да го земат!!! Па така денес, можеме да одиме и да и се восхитуваме на црквата, на нејзината истрајност низ вековите.
Дел од старите фрески на ѕидовите се зачувани и зрачат со убавина...




реткиот приказ на детето Исус...

кои се насликани 1085 година, а дел од нив во 1164 - во истото време со црквата во Нерези и кои стилски се многу слични. Сочуван е и дел од подниот мозаик...


а црнилата од пожарот потпален од Грците е видлив на сите ѕидови.

Во наредниот период немирниот дух на струмичаните не стивнувал. Имало неколку феудалци кои се осамостоиле и создале независни феудални имоти, како што се: Добромир Хрс и Севастрокрар Стрез и кои затоа биле ликвидирани од Визнтија.
Во 13 век, Македонија влегла во рамките на Душановото Царство, а по распадот на царството со регионот владеел Углеша (братот на Волкашин), се до Маричката битка кога Македонија потпаднува под османлиска власт.
Најверојатно од овој период е необичниот гроб наречен Струмин, за кој постојат три легенди.

Орта џамијата е црква изградена во 11. век која со доаѓањето на Османлиите била претворена во џамија. Денес е археолошки локалитет и музеј.



Во 20. век, по Балканските војни, Струмица била под бугарска управа, а во кусиот период во кој Грција го завладеала регионот направила голем пустош, палејќи цели села (и црквата во Вељуса).

Освен историја, Струмица и струмичко има и географија (?)

Сериозно, во близина на Струмица се наоѓа планината Беласица од која извираат многу термални води и која изобилува со рудни богатства (кои не се експлоатираат). Таму се наоѓа еден од најубавите водопади во Македонија...

Смоларскиот...


а на северните падини на Беласица...

Колешинскиот...

И така, следниот пат можеби повеќе ќе шетаме отколку што ќе се журкаме (или на истиов начин ќе дознаваме каде сме биле, а што не сме виделе).

П.С.

Посветено на директорката... струмичанка.











И професорите сакаат екскурзии

Речиси идентично како учениците, и професорите се подготвуваат за на екскурзија, каде малку ќе се прошетаат, малку ќе се забавуваат, а најмногу ќе избегаат од секојдневието и товарот кое тоа го носи.
И речиси идентично, сите сакаат да одат на екскурзија, а кога таа ќе се организира, не одат ни 20%. Зашто, кој нема пари, кој има друга работа, кој нема друштво, и така... Ние, колку и да бевме, си тргнавме на екскурзија во Струмица.
Патем застанавме на куса пауза, каде некој си купи суви пиперки за гравче...

А потоа, направивме мал одмор во Штип.
Бевме во фабриките каде се надевавме дека ќе најдеме убава облека и обувки,

но освен ветер и добра пастрмајлија, во Штип не видовме ништо...




По добриот ручек, повторно во автобус и право во Струмица.

Добро, не баш право, бидејќи скршнавме во Радовиш за да ја видиме новата црква што ја изгради Гуштеров,

во која најмногу ми се допадна внатрешниот поден мозаик...


Во Струмица не дочекаа топлиот ветер, преполните продавници и бутици, ефтините кафани и кафулиња и врвулица од луѓе.
По вечерата, следуваше забавата до 4 сабајле...
Прво во „Гала“...

а потоа во Селект...


каде директорката од задоволство поради добрата забава и дружење не частеше (ни ги плати сиииииииииите пијачки).



По кусото двочасовно спиење и по појадокот, не многу расположени за шетање се упативме кон манастирите Водоча и Вељуса.
Но, таму, убавиот воздух, мирот и тишината ни ја вратија силата.

Особено Вељуса...
каде љубезната монахиња не пречека и ни раскажа за историјата на црквата, фреските и монашкиот живот. Потоа се повлече и не остави да уживаме...
во глетката...

во паркот и во мирот...


Наполнети со нова енергија се вративме во Струмица каде шетавме, купувавме и ручавме.
А забавата си ја продолживме во автобусот...
(Немам докази дека оваа екскурзија заврши како претходните... Или професориве добро се кријат, или им е страв да не платат 50 евра).