25.2.10

Следбениците на Сократ - Киренска школа

Киренската школа е сосема спротивна на Циничката и се заснова на хедонистичка основа.
Претставник на оваа школа е Аристип, кој во принцип е софист бидејќи сметал дека своите знаења треба да ги наплати. Според него, задоволството е врвното добро и целта на нашиот живот. Секој човек, уште од најраното детство се стреми кон задоволство. Тоа е чисто индивидуална работа, зашто секој сам за себе си знае што му причинува задоволство, а што не.
Задоволство предизвикуваат смирените и урамнотежени бранувања на душата, а бурните, нагли случувања предизвикуваат болка. Па затоа, мудар е оној човек што знае да ја избегне опасната бура.
Според Аристип, телесното задоволство е основно. Тоа е моментално, го чувствуваме додека трае. Среќата, пак, е душевна состојба која трае подолго и тоа заради пријатните сеќавања на задоволствата.
Теодор, од истата школа, внесува умереност во сировиот хедонизам на Аристип. Според него, моменталното задоволство не може да биде основа за среќен живот, туку, потребно е подолготрајно позитивно душевно настроение кое тој го нарекува ведрина, наспроти што не стои болката, ами страдањето или маката.

24.2.10

Следбениците на Сократ - Циничка школа

Ај, доста со емоции, да си се вратам јас на филозофија и да си „кулирам“ во светот на рамнодушието.
Последно од филозофија беше Сократ, а тука продолжувам со неговите следбеници...
Вистинските следбеници на Сократ, поради ставот на Атина (смртната казна која се извршува врз него), го напуштаат градот.
Еден од првите следбеници и почитувачи е Ксенофонт кој напишал неколку списи за својот учител од кои дознаваме за животот, но не и за суштината на Сократовата филозофија, зашто тој се обидел да го брани од клеветите.Подоцна Платон, пак, целокупното творештво му го посветува на Сократ.
Но, како вистинско надоградување на Сократ се појавуваат неколку школи.
(Повторно морам да искоментирам дека македонските „философи“ имаат право што се мешаат во транскрипцијата на некои зборови од нивната стручна терминологија, но сепак дали некој од обичните Македонци го разбира зборот КИНИК? Точно е дека е погрешно транскрибирано, но кога веќе некој збор се употребува долго време, тешко дека една мала група ќе може да ја исправи грешката. Овој збор во македонскиот речник и правопис е влезен како ЦИНИК, па тоа ти е... Дури смешно е сега да кажеме дека некој „кинички се смее“ или „кинички гледа“, кога тоа го знаеме како цинички, цинизам, циник...)

Циничката школа (киничка) ја предводел Антистен, родум од Атина, но од мешано потекло. Татко му бил Атињанин, а мајка му робинка од Тракија. На честите задевања дека е од „нечисто“ потекло, тој им одговарал на „чистите“ Атињани дека им е мала предноста, зашто тие, но и скакулците и полжавите се исто така родени во Атина. Антистен сметал дека вистински слободен човек е оној чија среќа не зависи од секојдневните безбројни потреби. Човекот, многу често е роб на парите, на љубовта, на храната и пиењето итн. Според него, филозофијата е таа што го свртува човекот кон самиот себе, кон сопственото духовно самообликување и дека користа од филозофијата е таа што го учи човек да се дружи сам со себе.
Вториот, многу интересен и можеби најпознат претставник на оваа школа е Диоген. Тој со својот начин на живеење и однесување ја претставува својата филозофија. Таткото на Диоген имал менувачница и фалсификувал пари во што му помогнал и неговиот син. Заради тоа, Диоген избегал од домот и отишол во Атина каде сакал да му биде ученик на Антистен. Тој неколкупати го одбивал, но Диоген бил толку упорен што на крајот стариот филозоф го прифатил и му ги пренел своите знаења.
Диоген живеел бедно, во почетокот спиел на тремот од некоја јавна зграда, а потоа во буре. Тој е филозофот што дење одел низ улиците со запален фенер барајќи ЧОВЕК.
Напишал неколку списи, но своите ставови ги изразил автентично преку своите постапки. Појдовна точка во неговата филозофија е живеење според природата. Тој ги критикува сите цивилизациски „придобивки“ исмевајќи ги политичките, културните и религиозните предрасуди. Смета дека се што е природно не е срамно, па затоа сите свои природни потреби ги извршувал јавно, дури и на плоштадите.
Основата на природниот живот е слободата.
Најпрво, слободата се определува на внатрешен план - како владеење со себеси, со сопствените страсти и нагони.
Потоа, слободата се изразува со намалување од зависноста од безбројните секојдневни потреби. Диоген сметал дека боговите се слободни зашто немаат потреба од ништо. Затоа, тој се ослободил од сиот свој имот и имал само една торба, стап, наметка и мал сад за вода. Но, кога видел некого како пие вода од своите раце, го фрлил и садот како непотребен.
Друг вид слобода е ослободување од зависноста од „големците“. Често филозофите приклонувале кон владетелите и богатите, но Диоген и на овој план бил свој. Кога македонскиот крал Пердика го повикал да дојде во неговиот двор, Диоген одбил, а по заканата со смрт следел циничниот одговор: „Тоа не е никакво јунаштво, оти такво нешто можат да ми предизвикаат и болвите и пајаците“.
Една од најпознатите анегдоти е средбата на Александар Македонски со Диоген. Александар воодушевен што го сретнал големиот филозоф го прашал што може да стори за него. А Диоген мирно му одговорил дека може да се поттргне на страна за да не му прави сенка.
Слободата не е нешто што ни е дадено од бога. За неа треба да се избориме и да вежбаме. Кога му префрлиле дека во младоста фалсификувал пари, тој одговорил: „Вистина е дека во младоста бев како што си ти сега, но ти никогаш нема да бидеш ваков каков што сум јас сега.“
Врв на вистинската слобода е космополитизмот. За разлика од обичните граѓани кои се врзувале за своите градови - полиси, Диоген не бил врзан за ниту еден град и се сметал себеси за граѓанин на светот - космополит.
Патувајќи секаде, еднаш бил заробен на море и продаден како роб. Во новиот дом тој ќе се грижи за воспитувањето на децата, а неговите господари на крајот се погрижиле за неговиот погреб и крај гробот поставиле мермерна статуа на куче (симбол на цинизмот). Некои стари автори раскажуваат дека кога остарел и почувствувал немоќ, сам си го одзел животот така што престанал да дише.


________________________
Користена литература за сите текстови од филозофија до сега:

„Сократ“ Витомир Митевски
„Претсократовци“ Витомир Митевски
„Филозофија“ за четврта година реформирано гимназиско образование;Стефан Сидовски, Кирил Темков
„Светот на Софија“ Јустејн Гордер
„Историја на античката грчка филозофија до елинизмот“ Лазар М. Кескинов

Има ли трето?

Ќерка ми ме искара за моите ставови за љубовта - оние поврзани со создавањето приказни. Вели, не било така. Па ме замисли. И почнав да се преиспитувам. Можеби не секогаш однапред создаваме некаква приказна. Ама...
Ако не е така, тогаш сè мора да е заради сексот. (Леле, ко Фројд сум!?!)
Не, сериозно. Ако не ја сфаќаме љубовта како спојување на две „сродни души“, втората варијанта е спојување заради физичка привлечност. Трето нема.
Во овој контекст, еве еден многу јак коментар од Бочваров:
lupcobocvarov
Љубовната поезија ја измислиле мажите и таа има само една поента – тие да можат бесплатно и на раат да им буричкаат на жените во гаќите.
Се` друго е само обланда.
А жените почнале да пишуваат љубовна поезија чисто заради докажување на интелектуалната рамноправност со мажите.
(А за Љупчо: фала многу што треба да се логираме за коментари. Јас не сум приврзаник на blog.mk, немам таму блог и затоа сум дискриминирана.)

23.2.10

Ајде да летаме...

Ја сакам уметноста во секој облик. Ми предизвикува пријатни чувства, ми буди некоја исконска сила, ми ја разблажува душата и понекогаш ме тера да плачам од среќа.

Иако немам никакви познавања од музиката, ќе пишувам за неа, како лаик, како слушател и уживач и како возрасна.

Ќе почнам од денешната музика.

Колку има било каква уметност во денешната музика? Не сакам да бидам како некое старо дртало кое критикува сè што се однесува на новото, на она што го конзумираат младите, ама... ако ви личам така, баш ми е гајле.

Што слушаат денес младите?

Има една голема група што слушаат турбо-фолк, се качуваат по маси и паѓаат во несвест на текстови како „јас сум жаба, жаба“ и слични. За овие коментарот е излишен.

Една група слуша поп музика, или популарна, со лесни ритмови и текстови, песнички што се вртат по радио и лесно влегуваат во уво. Улогата на оваа музика е токму таа - да развеселува и по 5 минути да се заборава. Тука спаѓаат песничките од македонската, поранешната југословенска и странската естрада. Ретко, но се случува од оваа категорија да излезе и некоја вредна песничка - евергрин.

Оние млади, пак, што сакаат да бидат малку поразлични од останатите, слушаат хип-хоп (претежно странски, зашто го презираат домашниот), потоа метал (кој произлегол од хеви-металот, односно од хард-рокот, а сето тоа од рокот), кој не многу во дразбите што ги предизвикува се разликува од техно-трансот.

Трансот е типичен претставник за тоа каде сака да оди младината денес. И немојте погрешно да ме разберете, сакам транс и убаво ми е да играм на него. Тој дел можам да го сварам - да одиме по журки, да се опуштиме, да скокаме на транс. Ама како може транс да се слуша за опуштање и уживање во убавината на музиката? Не може! А тоа некои го прават. (Сега ми светна една мисла - можеби е во прашање Павлов ефект. Односно, кога се слуша оваа музика се предизвикуваат чувства, сеќавања од претходната журка на која се „летало“).

Што е транс? И самото име си кажува - никој не сака да скрие. Музика (или нешто слично) која предизвикува „поинаква“ состојба од нормалната - состојба на транс. Но, бидејќи таа музика е целосно синтетичка (без употреба на ниту еден музички инструмент) самата не може да предизвика никаква состојба, па затоа се потребни дополнителни „опојни средства“ за да се влезе во „филмот“. Таа музика нема текст (што секако не е неопходен), но кога го има е поврзан со некаква дрога што крева, како екстази, кокаин и сл. Еве на пример: Skazi - Cocaine, Skazi - XTC.

Современата музика нема никаква вредност - таа се прави исклучиво за пари и за ништо друго!

Кога сакам да слушам музика, а не да ми дрнда нешто во позадина, морам да си изберам нешто од минатото, барем од минатиот век.

Може да се направи навистина одличен избор на музика создавана од 1970 до1990 и светска и поранешнојугословенска. Ако почнам да набројувам ќе заглавам, ама ќе дадам пример.

Од бивша ЈУ - Бијело дугме, Леб и сол, Екатерина Велика, Електрични оргазам, ма премногу се...

Од светот, почнувајќи со Елвис, Битлси, Ролингстонси, па, Лед Цепелин, Дорс, Дип Парпл, Пинк Флоид итн. итн.

Нивната музика има вредност, но и тие не се она највозвишеното.

Сигурно сте ги слушале, но слушнете ги уште еднаш да ја почувствувате разликата.

Моцарт: Rondo Alla Turca , Eine kleine Nachtmusik - Allegro, Piano Concerto No. 21 - Andante , Requiem - Rex tremendae - 5 - Solti;
Бетовен: Symphonie Nr. 5, Ода на радоста, За Елиза, Љубовна приказна, Месечева соната,
Чајковски: Piano Concerto Part 1, Лебедово езеро;
Шуберт: Аве Марија
и многу, многу други кои се создадени од гении за луѓето да можат да ја почувствуваат убавината и големината на музиката и нејзината моќ да нè качи на некое друго ниво без дополнителни опојни средства.

22.2.10

Во еден правец

Сум отворила прозорец во мојот тунел... и тука може да ѕирне секој.
Заради ова овде (мојот блог), ми се случува кога ќе им кажам на пријателите дека се чувствувам вака или онака, да ми одговорат: знам, прочитав! Тоа ме сепнува. Си мислам: прво, значи нема потреба да зборувам - сè сум си напишала, и второ, зарем јас тоа го сакам? - да ми ја гледаат душата како во излог! Замолчувам, немам коментар. Мора да е така. Ама не сосема...
Цел ден сум опкружена со многу луѓе и убаво ми е, ама најубаво ми е кога ќе се повлечам сама во „мојот свет“ каде и ги исполнувам сите желби на мојата душа. Во тоа „сама“, самувам од надворешната џунгла, но не самеам, зашто тогаш се дружам со најголемите умови на човештвото, со нивните книги, со нивните мисли, со нивната генијалност. Таа осаменост ја пренесувам тука. Воодушевувањето од сите нив, а понекогаш и разочарувањето, горчината.
Тоа што често моето расположение се поклопува со расположението во книгите што ги читам е нормална работа. Тие самите по себе знаат да влијаат врз моето размислување и расположение, но исто така во книгите најмногу го забележуваме она што во моментот нè преокупира, па тоа го потенцираме и подлабоко го анализираме. (Затоа е секогаш ново второто читање на некоја книга - зашто во тој друг момент нè засегаат други проблеми, други мисли и прашања. Па вториот пат во книгата ќе го забележиме тоа друго нешто.)
Сепак, да... Тука оставам делчиња од мојата душа составена од душите на сите што ги ценам.
Како и да е. Многу би сакала моите блиски луѓе, луѓето што ги сакам да имаат вакви прозорци во своите тунели. Така во секој момент би можела да ѕирнам во нивната душа, да составам дружба на нашите души, а кога ќе бидам многу осамена, да си најдам утеха во тоа.
Сега се чувствувам како ветрот да дува секогаш само во еден правец...

21.2.10

Циклично потсетување за бесмислата...

Колку сме свесни за бесмислата на своето постоење?
Мразам текстови кои ги започнувам со реторски прашања, зашто сите очекуваат одговор - а тие се прости констатации. Ама, еве, сепак да одговорам - многу! Многу, зашто секој момент во денот се трудиме да го докажеме спротивното! Работиме илјадници безначајни работи за да немаме време да си го поставуваме прашањето - која е смислата на нашето постоење? За да може да бидеме среќни и расположени во сите тие безначајни работи наоѓаме смисол, но кога ќе ги собереме илјадниците плусови - илјадниците „смисли“ секогаш доаѓаме до истиот минус - бесмислата.
Во литературата за првпат пред дваесетина години се соочив со горчливото чувство на бесмислата - тоа беше „Странецот“ од Ками, пред десетина години со „Чекајќи го Годо“ од Бекет, а вчера со „Тунел“ од Ернесто Сабато. Сите три книги ми ги предизвикаа истите чувства. Ја затвараш книгата - и почнуваш од почеток со надеж дека ќе откриеш трошка оптимизам, скриена смисла - но, не! Јасно е - животот е толку бесмислен што дури е бесмислено да се пишува за тоа.
Дали и колку сите ние сме Мерсо или Кастел? Сеедно ли ни е што се случува околу нас, какви се чувствата на другите луѓе, колку вистински сочувствуваме со туѓите трагедии и на крајот, дали ние поседуваме чувства? Се разбира дека не зборувам за сетила. Зборувам всушност за најдлабокото чувство - чувството на љубовта. Зашто радост, среќа, тага, очај чувствуваме секојдневно и тоа се краткотрајни чувства кои го менуваат нашето расположение. Но, љубовта! Постои ли вистински? Или ја измислуваме за да не ни биде толку многу здодевно и за да не бидеме толку осамени?
Еве, да почнам од себе...
Сакам ли некого вистински или си правам приказни кои ми одговараат, а сум ги прочитала некаде. Веројатно, од сите прочитани љубовни приказни и изгледани филмови, сум си направила комбинација и сега си ја замислувам љубовта на одреден начин.
На пример, личноста во која треба да се вљубам треба да биде исклучително интелигентна, образована, да сака слични работи како мене, уметноста, литературата (да не биде некој забеган научник), да ја сака природата каде ќе поминува време со мене, да сака патувања и да патуваме зедно, одвреме навреме да ме остава да уживам во мојата осаменост итн. И... сретнувам некоја личност. Во мојата свест постојат претходните критериуми и јас постојано ги ловам позитивните особини кај дотичната личност, а ги отфрлам оние кои не ми се допаѓаат. На пример, тој е интелигентен, ја сака уметноста, но во животот има прочитано 3 книги. Оваа лоша информација, зашто не сакам да ја отфрлам можната „вистинска љубов“, ја ублажувам со утеха дека тој е во тек со литературата, чита критики и може да разговара на определената тема. Но, дали е исто? Кога сакам да разговарам за некоја прочитана книга сакам да ги споделам чувствата и изворните размислувања што таа ги предизвикала кај соговорникот, а не да се презентираат студии и критики за неа. Понатаму, тој ја сака природата, ама од дома, само да ја гледа од прозорец или на телевизија. Сака патувања, ама мрази возови, авиони и не сака да вози. Каде води сето ова? Во првите моменти кога заради нешто сме помислиле дека сме ја пронашле „вистинската“ личност ние продолжуваме да си ја создаваме приказната на нашата идеална љубов гледајќи ги само позитивните работи, а ублажувајќи или отфрлајќи ги сите што не ни одат во прилог. Така, ние се чувствуваме многу убаво, како „во облаци“, уверени дека сме ја нашле сродната душа. Тогаш светот ни изгледа прекрасен, луѓето добри, постојано сме полни со енергија и ентузијазам (дури подоцна сфаќаме што се не сме сакале да видиме - па затоа љубовта гасне). Заради овие чувства на „летање“ ние си создаваме приказни. Реално тие не постојат. Но, ако се помириме со фактот дека не постојат, тогаш ќе бидеме како Мерсо, како изгубените човечиња од „Чекајќи го Годо“ или како Кастел од „Тунел“.
Во „Тунел“ малку повеќе внимание е обрнато на љубовта и осаменоста како дел од бесмислата (за разлика од „Странецот“ и „Чекајќи го Годо“ - каде се е бесмислено).
Кастел е сликар кој ги презира сите луѓе и во својата осаменост посакува да ја најде вистинската љубов. На неговата изложба единствено една жена се загледува во аголот на една слика во која е насликан прозорец и море. Тоа е доказ за Кастел дека таа е единствената што го разбира. Успева да биде со неа, ја прогонува, ја измачува со прашања и потврди за љубовта, ги изнаоѓа заедничките нешта, иако се тие малку - и на крајот ја убива. Зошто? Зашто таа не е тоа што тој си замислил дека треба да биде!
Во извадоков е целата поента на книгата, па и целата поента на илузијата за „вистинската љубов“ (супер е):
„Но, дали навистина се споија и ходниците на нашите души се допреа? Каква глупава илузија ми беше сето ова! Не, ходниците продолжуваа паралелни како и порано, иако сега ѕидот што не разделува е како ѕид од стакло и јас можам да ја видам Марија како една тивка и недопирлива фигура... Не, овој ѕид никогаш не бил таков: понекогаш стануваше од црн камен и тогаш јас не знаев што се случува од другата страна, што е со неа во тие незнајни моменти, какви чудни работи се случуваа; и дури мислев дека во тие моменти нејзиното лице се менува и дека една гримаса на потсмев го деформира и дека можеби има смеења вкрстени со некој друг и дека сета приказна со ходниците е една моја смешна измислица или верување и дека во секој случај постоеше еден единствен тунел, темен и осамен: мојот, тунелот во којшто помина моето детство, мојата младост, целиот мој живот. И во еден од тие проѕирни делови од камениот ѕид јас ја видов оваа девојка и наивно верував дека доаѓа по друг тунел, паралелен на мојот, кога во суштина му припаѓа на широкиот свет, на светот без граници на оние што не живеат во тунели; и можеби се приближила од љубопитност до еден од моите чудни прозорци и го наѕрела светот на мојата самотија за која нема спас, или ја заинтересирал немиот јазик, тајната на мојата слика. И тогаш, додека јас напредував само по мојот ходник, таа го живееше надвор својот нормален живот, бурниот живот што го живеат луѓето што живеат надвор, тој интересен и апсурден живот во кој има игранки, забави, веселост и безгрижност. И понекогаш се случуваше кога поминувам пред некој од моите прозорци таа да ме чека нема и неспокојна (зошто да ме чека? и зошто нема и неспокојна?); но, понекогаш се случуваше да не стигне на време или го забораваше ова кутро затворено суштество, и тогаш јас, со лицето стиснато до ѕидот од стакло, ја гледав како во далечината се насмевнува или танцува безгрижно или, што беше најлошото, воопшто не ја гледав и ја замислував на недостапни или бесрамни места. И тогаш чувствував дека мојата судбина е бескрајно поосамена отколку што мислев.“

(Многу им благодарам на моите А2а за книгата)

18.2.10

Струмички карневал 2010

И оваа година си учествувавме на Струмичкиот карневал. Минатата година толку убаво и весело си поминавме што не ни помисливме оваа година да ја прескокнеме. Сега бевме поорганизирани, но времето малку ни го расипа севкупното задоволство.Во Струмица и низ цела Македонија плакатите и билбордите беа со нашата минатогодишна маска и тоа ни создаваше чувство како да сме домаќини.
Дента шетавме, си биравме маски, јадевме и ...
се дошивавме и шминкавме во хотелските сопчиња.

Нашите весели девојчиња го привлекуваа вниманието на посетителите.
На крајот дождот ја избрка речиси целата публика, а ние за среќа имавме каде да се исушиме барем малку.
Најмногу жалам што ја немаше градската улична журка како лани.
Сепак, супер си поминавме.

15.2.10

Рајко

Приказната за Рајко е надоврзување на приказните за св. Трифун и водолиите.

Рајко Жинзифов, се родил и умрел на 15. февруари.

Неговото крстено име било грчко, Ксенофон Ѕинѕиф (според презимето Влав), кое под влијание на Димитар Миладинов си го сменил. Какви биле националните чувства на Ѕинѕифа во моментов не ме интересираат. Интересно е што тој, роден еден ден по св. Трифун, во далечната и студена Русија каде студирал, му се предал на порочниот светец (односно, му се предал на алкохолот). Во прилично депресивна состојба, славејќи го својот празник (и роденденот и св. Трифун) претерал во целосното „предавање“ и си умрел (на својот 38 роденден).

14.2.10

Сократ

Сократ е првиот изворен атински филозоф кој во животот не напишал ниту еден збор, а за кого се пишувале цели томови.

Неговиот живот малку потсетува на Исусовиот. Потекнувал од скромно семејство, единствена цел во животот му била да разговара со луѓето и да ги поттикнува да доаѓаат до сознанија, бил неправедно осуден од своите сограѓани на смрт, а смртта ја прифатил без болка и жалење. Иако немал свои ученици, по неговата смрт се појавуваат многу следбеници (сократовци) кои ќе го опишуваат неговиот живот и неговите филозофски ставови.

Надворешно, Сократ бил грд, но со своето знаење и благ дух ги пленувал луѓето. Се облекувал прескромно сметајќи дека човекот нема други вистински потреби освен надоградување на знаењето и усовршување на духот. Бил многу познат и го сметале за најмудриот човек во тоа време. А тој, во стилот на својата иронија, велел дека само им покажува на луѓето дека не го знаат она што мислат дека го знаат, а тој е најмудар само затоа што знае дека ништо не знае.

Всушност, начинот на неговиот живот ја претставува неговата филозофија. Имал семејство, но не му се посветил, туку постојано барал соговорници на атинскиот плоштад, на гозбите, во вежбалните. Разговорот (дијалогот) го сметал за единствен вистински начин на доаѓање до сознанија.

Тој е првиот кој сфаќа дека вистински поставеното прашање е суштествен дел од одговорот. Односно, негов принцип е: поаѓање од ставот дека ништо не знаеме. Со иронија и преку парадокси ги наведувал соговорниците да сфатат дека не го знаат она што мислат дека го знаат, а потоа со маевтика (породување) од душата на соговорникот се извлекуваат вистинските сознанија.

Сократ свесно го отфрлал пишуваниот збор како начин на духовно општење. За него, она што е напишано е мртво, немоќно да одговори на поставеното прашање, да даде образложение, да се брани, и на тој начин да доаѓа до вистинско спознавање. Според него, суштинското знаење е секогаш поврзано со личното искуство. Секој треба да го открие знаењето во себе самиот, да се извлече од несвесното, заборавеното и да се оформи во областа на свесното.

Атина, која за свој симбол го има утот (мудрост) се покажува многу софистичка и лицемерна (само ја продава и тргува со мудроста), а единствениот вистински филозоф го осудува на смрт докажувајќи ја така својата површност и страв од вистински сознанија!





14 февруари - Ксантика - Прочка

Кога бев дете се сеќавам дека пролетта ја поврзував со едно мало црвено-бело кончано украсче наречено мартинка. Иако беа многу прости, едноставни во изработката, едвај чекав да се појават мартинки. Тоа значеше појавување на сонцето, доаѓање на топлото време, кратките ракави, игрите во маало. Беше тоа некаде во седудесеттите години. Потоа пораснав и мартинките исчезнаа. До пред некое време мислев дека исчезнале зашто сум пораснала, но сега сфаќам дека не е заради тоа. Мартинки кај нас веќе воопшто нема. Што се случи со нив?
Ајде, пак да антиквизирам...
Во Античка Македонија најголем празник бил Ксантика. Празникот на пролетта. Македонците речиси цел месец го празнувале доаѓањето на пролетта, повторното раѓање на сонцето. Симболот на овој празник бил истиот оној од моето детство: црвено-белото украсче. (повеќе за Ксантика)
Меѓу другото, на тој празник поврзан со повторното раѓање на природата луѓето си ги простувале гревовите. Ве потсетува ова на нешто?
Ма разбира се - денес е Прочка - денот кога си ги простуваме гревовите. И овој празник, како и сите други добил христијанско обележје. Сега Прочка е една од манифестациите на искрената и пожртвувана љубов кон ближните, кој треба да го следи примерот на Исус Христос за безусловно и безгранично простување меѓу луѓето.
Обичајот е таков, што прошка бара помладиот од постариот со зборовите „прости ми“, а постариот одговара „простено да ти е од мене и од Бога“.
Неделата пред Прочка се нарекува бела или сирна недела, кога не се јаде месо, туку се јадат млечни продукти или сукани пити. Прочка во семејството се одбележува со богат ручек кој завршува со амкање јајца.
Варено јајце се врзува на конец над трпезата и се завртува над главите на децата. Детето што ќе успее да го гризне јајцето се прогласува за најсреќно во следната година и добива награда.
Денот по Прочка е чист понеделник кога почнува големиот велигденски пост. Прочка го означува крајот на зимските и почетокот на пролетните празници, исто како и Ксантика.
Еден од главните елементи на Прочка е маскирањето кое е пагански обичај останат од древнина. Според обичајот, за Велики поклади порано се маскирале само мажите, а маските требало да бидат што пострашни и посмешни. Во Македонија има два настана со маски: Струмичкиот карневал - Тримери и Прилепскиот - Мечкари, кои од година во година стануваат се поголеми.

14 февруари - Валентин

Св. Валентин го слават католиците, но последниве години е многу популарен и кај нас. Иако имаме премногу наши, изворни празници, очигледно нешто вакво ни недостигало, па моравме да си го позајмиме. Празникот е особено популарен меѓу младите кои секоја година го модифицираат и додаваат нови финти. Освен разни подарочиња во вид на срца и мечиња, многу ми се интересни училишните пораки. За време на часовите низ училниците поминува едно дете со кутија во која се ставаат љубовни пораки (обично анонимни). Откако ќе се соберат сите, пораките се читаат на разглас (таму каде што има) или им се предаваат на тие на кои им се наменети. Нормално дека таа која ќе прими најмногу пораки, е најголемата ѕвезда (а богами и шмизла) на која и завидуваат сите останати девојчиња.
На Валентин се е дозволено што се однесува до љубовта, па многумина собираат храброст и си ја изразуваат својата љубов. Особено зашто кај нас често се спојуваат двата празника, па убаво налеани со вино полесно оди и изразувањето на љубовта.
Инаку, легендата вели дека Свети Валентин живеел во Рим за време на императорот Клаудиј Втори, кој започнал и водел многу војни, но имал тешкотија при соберањето војници. Вината за тоа ја нашол во брачниот и љубовниот живот на потенцијалните борци и затоа забранил склучување веридби и бракови.
Валентин, кој бил свештеник, и покрај строгата забрана ги венчавал вљубените. Поради тоа бил уапсен, мачен и убиен токму на 14 февруари 269 година од нашата ера. Два века подоцна е прогласен за светец.

14 февруари - Дионис - св. Трифун

Денес е убав ден. Многу празници во еден, па не знам од каде да почнам.

Ај нека биде од Трифунчо.

Македонија отсекогаш била земја на виното. Еве, баш ќе бидам антиквизатор, и ќе се вратам во античките времиња.

На оваа наша територија во древнината е создаден богот Дионис. Тој подоцна е преземен и од другите антички народи, но изворно е од Македонија.

Постојат различни варијанти за тоа што претставувал во почетокот, но сигурните сознанија се дека Дионис бил бог на виното и прославите. Дионис бил роден од смртна мајка, Самела која изгорела од сјајот и огнот на Зевс во палатата на Кадмо во Теба. Зевс го спасил неродениот син сошивајќи го во бутот, па тој се родил по вторпат (како прво воскреснување). Затоа и бил посветен на природата, виното и полските плодови кои секоја година се обновуваат (воскреснуваат како него). Богот Силен бил негов воспитувач и учител. Се оженил со Аријадна, а во зимските месеци патувал кај Тијадите, шеснаесетте жени кои го обожувале и со кои заедно пиеле вино и паѓале во транс. Потоа Дионис ги собирал жените од Македонија и Тракија, ги водел на островот Самотраки каде започнувале заносните мистерии на Бахатките, кои облечени во животински кожи го бркале еленот низ шумите како жртва и поистоветување со богот, го раскинувале и го јаделе живото месо.

И во античката филозофија е влезен моментот на поистоветувањето со бог во една состојба на транс (веројатно предизвикана од опијати) а поврзана со богот Дионис. (Орфистите говорат дека во состојба на транс нивната душа се одделува од телото и доживува искуства што ги надминува вообичаените. Издвоената душа станува слободна и способна да ја сознае својата „виша“ природа блиска до божјата).

Нешто подоцна Дионисиските игри прераснале во театарски, што значи дека Дионисовите потомци се зачетници и на театарот.

И до ден-денешен во Македонија не е загубен култот кон виното и виновата лоза. (Читајќи некои текстови за Дионис и Трифун, сретнав дека за победа, ТРИУМФ во древнина се употребувал терминот Дионис, односно триумф и Дионис имале исто значење. Без разлика што постоел светец со името ТРИФУН, овие два збора: ТРИУМФ и ТРИФУН премногу слично ми звучат за да немаат никаква врска.)

Како и да е, најверојатно, култот кон Дионис во Македонија со појавата на христијанството преминал кон почитување на св. Трифун - заштитник на природата, виновата лоза, виното... (а и празнувањето, се разбира, е во исто време, зашто лозата се поткаструва пред почетокот на пролетта).

Денес, лозарите го одбележуваат св. Трифун, надевајќи се дека светецот ќе им помогне грозјето да биде благо, а бочвите полни со вино. На овој празник лозјата се попрскуваат со светена вода и се поткаструваат се уште незапупените гранчиња за родот да биде добар.

Според народните верувања, ако на денот на Свети Трифун врне дожд или снег, годината ќе биде плодна, а ако е ведро сушна и јалова.

(За светецот... од МПЦ: Роден е во селото Кампсада во Фригија од сиромашни родители. Во детството беше чувар на гуски. И уште од детството врз него беше голема Божја благодат и можеше да исцелува болести кај луѓето и кај животните и да изгонува бесови. Во тоа време со Римското царство завладеа царот Гордијан, чијашто ќерка слезе од умот и со тоа го фрли царот во голема жалост. Ниеден лекар не можеше да ѝ помогне на лудата Гордијана. Тогаш демонот прозборе преку девојката и рече дека освен Трифун никој не може да го истера. После многумина Трифуни ширум царството, по Божја Промисла го повикаа и овој млад Трифун. Го доведоа во Рим и тој ја исцели царската ќерка. Царот му подари многубројни дарови, а тој на враќање им ги раздели на сиромасите. Потоа ова свето момче продолжи да чува гуски и да Му се моли на Бога. Кога се зацари христоборниот Декиј, Свети Трифун беше малтретиран и свирепо измачуван заради Христа. Но тој со голема радост ги поднесе сите мачења, велејќи: „О кога би можел да се удостојам во оган и маки да завршам за името на Исус Христос, мојот Бог и Господ!“ Маките не му наштетија ни малку и најпосле мачителите го осудија на смрт со меч. Му се помоли на Бога и издивна во 250 година.)

13.2.10

Мојата владина поддршка

Да, навистина имаат право што велат дека само големите императори (диктатори) граделе во историјата! Но, што би правеле денес без сите тие „диктаторски“ градби? Така, воопшто не би постоела историја. Замислете секогаш да се граделе само семејни куќички и да се мислело само за конкретниот момент на живеење - да се ужива во јадењето, пиењето, забавите? На што би личел светот?

Којзнае колку внатрешнодржавни превирања и негодувања имало кога се градело во Скопје, на пример, Калето, Камениот мост, аквадуктот, амфитеатарот, подоцна целата стара чаршија со амамите, џамиите. Сигурно, обичниот скопјанец не бил пресреќен што толку пари се фрлаат за таква глупост и тоа на негова сметка, собирајќи му голем данок!

А, денес? Што е спорно? Демек, премиерот се прави дека е Александар, Јустинијан или Мустафа Паша? Па добро, де! Времињата се сменети, тој сигурно не е некој од претходните, но да се изгради нешто никогаш не е доцна и никогаш не е глупо! Може да мислиме дека градењето е глупаво само ако живееме од денес за утре, ако не им оставаме на идните генерации никакво наследство. Тоа ми е исто како сите пари што ги заработувам да ги потрошам на зезање, ништо да не им оставам на моите деца, па тие нека си почнуваат од почеток. Тоа ли треба да го направиме? Не можам да кажам дека баш сè ми се допаѓа од планот за 2014, но тоа е навистина работа на вкус. Може на моите деца ќе им се допаѓа, а ако не, тогаш нека го поправаат по свој вкус. Баш исто како со семејниот имот. Може нема да им се допаднат становите што ќе им ги оставам, ама ќе имаат некакво наследство, па ќе можат да надоградуваат. Што ако немаат ништо? Што може да се надоградува на празнина?

Слични се моите размислувања и околу „антиквизацијата“. Навистина не се сфаќам себеси како провладин пропагатор, ама има многу индикации дека историјата што е напишана, воопшто не е вистинита. Исто така не мислам дека сè потекнува од нас (Македонците), ама има индикации дека европската историја се заснова на народите што живееле на оваа територија, а кои со сигурност не биле Грци! Па затоа мислам дека треба малку подлабоко да навлеземе и да ја откриеме вистината. Не за да и ја кажеме на светот, зашто нему баш му е гајле дали сè потекнува од Грците или од некој друг, туку заради нас. За да излеземе од заблудите со кои не доеле од мали и за да ја осознаеме вистината. Најголемата болка во македонското општество е генетичката меморија од која мислам дека ќе излеземе со следната генерација Македонци. (Според Сергеј Вербин, луѓето имаат неколку вида меморија: 1. оперативна - краткотрајна; 2. меѓупросторна - меѓувремена, која е поврзана со подсознанието и е мост кон сознанието. Оваа меморија го определува нивото на нашето мислење и расудување. 3. генетичка меморија која се формира во првите 20 години, односно во времето на формирањето на личноста. Оваа меморија е најтешко да се коригира.)

Што значи, нема теорија да се превоспитуваат генерациите над 50 години, но очигледно е дека младите се во дилема. Тие гледаат дека нешто не е како што треба. За среќа, соочени се со различни размислувања (а не со едноумие) од кои ќе се насочат кон нешто и во своето спротиставено осознавање можеби ќе дојдат до решението - односно вистината. Зашто, полошо од незнаењето е само погрешното знаење.

Па така, овие мои размислувања навистина се поддршка на чекорите на владата. Не викам дека нема грешки и недостатоци, не викам дека економијата ни цвета, но не можам да бидам како опозицијата која само негира, критикува и јг.

12.2.10

Роденден 2

После денешниве пораки на фејсбук може и да го променам моето мислење за родендените. Сепак, убаво било тоа што многу луѓе те полнат со позитивна енергија, па после тоа и не мора да глумиш дека си среќен, туку стануваш среќен.
Жал ми е што тргнувајќи од себе избегнував да честитам родендени за да не ги замарам луѓето, ама од сега нема да пропуштам ниту една честитка.
Фала им на сите што ми го направија денов поубав, да зрачам со уште повеќе љубов, фала му на Павле за книгата (зашто со тоа покажа колку ме познава), и на сите со интересните и иновативни пораки, линкови и сл.

Роденден 1

Што ти е facebook! Сите ти го знаат роденденот.
Порано што лесно ми беше - го знаеја само најблиските и не мораше сто „фали“ да кажувам.
Инаку, роденден, ко секој друг ден, само што сите очекуваат да бидеш среќен и да ги почастиш. За што? За тоа што поминала уште една година од животот? За тоа што се повеќе и се приближуваме на смртта?
Искрено, ич не сакам кога ми е роденден. Имам обврска, освен да бидам со сите љубезна, да направам семеен ручек за кој треба да изгубам два дена - едниот ден во подготовка, другиот во седење и јадење. Пред многу години не сакав да ја прифатам таа обврска - да ми доаѓаат на свечен ручек, или вечера, поточно од ручек до легнување, ама откако сфатив дека родендените се единствените денови кога целото семејство се собираме (и уште на некои важни празници) - прифатив.
Можеби делува дека сум депресивна на роденден заради претходниве коментари, ама не е така. Баш сум си среќна, секогаш сум во екстра расположение во водолискиот период, само ми е жал за двата дена кога тешко дека ќе имам време нешто да си читнам и напишам. Поточно, жал ми е за пореметениот ритам.
Ама, и тоа си има своја убавина. На ручекот ќе разговараме и полемизираме со брат ми, јатрва ми ќе се жали за слабиот бизнис, старите ќе зборат за нивните убави времиња, ќе јадеме и пиеме, а може на крај и да се распееме, ако не се расплачеме...

11.2.10

Софисти

Софија значи мудрост, а фил - љубител, што значи, директен превод на зборот философ (ија) е љубител на мудроста. Во нашиот јазик без некоја особена причина се вкоренил зборот со промена на гласот с во з, па наместо философија, велиме филозофија. Сите дипломирани филозофи со право го користат изворниот збор, но она што еднаш е прифатено и стандардизирано тешко може да се искорени.
Под софисти во антиката се подразбирале мудрите луѓе кои ги подучувале другите, го споделувале своето знаење. Тогаш најголем срам било овие луѓе да земаат пари за својата „работа“. (Веројатно затоа и до ден-денес наставниците се малку платени, а голем дел од нив би работеле и бесплатно). Поради наплатувањето на своите подучувачки услуги „софист“ набрзо станал погрден збор. Најголемо внимание софистите посветувале на реториката и вештината да се докаже својот став без разлика дали е точен или не.
Денес под софистика го подразбираме токму ова - вештина на убедување (не водејќи сметка за вистината).
Старата софистика го доживеала својот врв во втората половина на 5. век п.н.е. во Атина, веднаш по Грчко-персиската војна. Тогаш Атина станува центар и собиралиште на мудреците и уметниците.
Всушност, многу е интересно што ниту еден филозоф до тогаш не потекнувал од Атина, туку сите биле од „периферијата на хеленскиот свет“ од каде е извориштето на европската филозофска мисла.
Талес од Тракија;
Елејците со Парменид од Елеја, јужна Италија;
Питагорејците избегале во Кротон, Италија;
Хераклит од Ефес , Мала Азија (Лидија),
Демокрит од Абдера, западна Тракија итн.Единствениот атињанин кој се појавува во времето на процутот - Сократ, самите си го осудиле на смрт. Парадоксално!


10.2.10

Едни рецепти за љубовта

Понекогаш ми е жал што ќе изгубам време на читање на некоја книга, ама, секогаш мора да ја дочитам верувајќи дека ќе ја откријам поентата. Одамна престанав да ги читам книгите со рецепти за подобар живот, за наоѓање на среќата, за подобрување на односите и слични глупости, но пак се случува да налетам на нив. Па така налетав и на книгата „Љубовта е приказна“. Ме заинтересира иницијалната идеја дека сите си ја живееме својата љубовна приказна, дека сите имаме различен пристап кон љубовта, но дека во принцип може да се понудат „класични“ љубовни приказни. Сакав да си ја најдам мојата љубовна приказна и упорно, иако ми беше здодевна книгата, ја читав со таа цел. Всушност, таму се опишани љубовните односи, а не љубовта како приказна.

Според авториот (аналитичар) постојат неколку групи, и во тие рамки и неколку подгрупи љубовни приказни:

Прва група - асиметрични приказни:

1. приказна учител-ученик

Во овој однос асиметријата се создава со тоа што едниот е учител, а другиот е ученик. Улогите може да се менуваат (во зависност од областите), но партнерите не постигнуваат еднаквост.

2. приказна за жртвување

Во оваа приказна луѓето даваат без надеж и очекување дека ќе им биде возвратено. Жртвата се сфаќа како потреба (нужност), а не како избор.

3. приказна за владеење и управување

Тука има различни сфери на распределба на моќ. Може едниот партнер да ја има целосната моќ (автократски) или да биде поделена на различни области (демократска). На пример едниот владее со финансиите, другиот со децата.

4. полициска приказна

Тука, едниот партнер постојано надгледува што прави другиот, постојано му се јавува по телефон и мора да знае штоправи другиот во секој момент. Се разбира дека ова го надминува едноставното интересирање за другиот.

5. порнографска приказна

Во оваа приказна да сакаш значи да понижуваш или да бидеш понижен.

6. хорор-приказна

Едниот партнер (почесто жената) е малтретиран од страна на другиот, но често не ја напуштаат приказната зашто мислат дека последиците од напуштањето ќе бидат поголеми од останувањето во врската.

Втора група - приказни за објекти

1. научнофантастична приказна

Се избираат партнери кои се чудни и неразбирливи (како вонземјани) па затоа им се интересни.

2. колекционерска приказна

Партнерот се избира затоа што се вклопува во некоја општа шема (и обично има повеќе партнери).

3. уметничка приказна

Во оваа приказна партнерот се гледа како уметничко дело задржувајќи се на целокупниот физички изглед, или на делови (очи, тело...)

4. приказна за дом и огниште

Тука луѓето го гледаат својот дом како центар на својот однос. Постојано го дотеруваат домот, доградуваат, средуваат, му посветуваат време и емоционална приврзаност.

5. приказна за оздравување

По преживеана траума (несреќа, лечење од дрога, алкохол) лицето е подготвено да продолжи понатаму, но му треба некој за да му помогне.

6. религиска приказна

Љубовта има функција на религија (барање на спас во љубовта) или религијата да биде интегрален дел од љубовта (мора да се од иста вера и верници).

7. односот како игра

Љубовниот однос се сфаќа како победа или пораз. Партнерите се натпреваруваат во нешто (спорт или друго) или во самиот однос.

Трета група - приказни за координација

1. патеписна приказна

Љубовта се сфаќа како заедничко патување. Воопшто не е важно каде ќе се патува, туку дека ќе се патува заедно.

2. приказна за шиење и плетење

Љубовта е она што партнерите сами ќе го направат, сами ќе го создадат, без конвенционални притеснувања, без однапред зададени шеми.

3. градинска приказна

Односот се гледа како нешто што постојано треба да се негува при што партнерите се доживуваат како најдобри пријатели.

4. деловна приказна

Љубовниот однос се гледа како деловно партнерство каде страстите се топли, но не и жешки. Финансискиот дел е многу важен.

5. приказна за зависност

Партнерот чувствува силна, анксиозна зависност од другиот. Помислата дека може да го загуби му предизвикува чувство на паника, а ако го загуби има симптоми на апстиненцијална криза.

Четврта група - наративни приказни

1. сказненска приказна

Калсичната љубовна приказна за принцот на бел коњ или принцезата.

2. историска приказна

Навраќање на минатите настани, чување на сите слики и други спомени.

3. научна приказна

Љубовта може да се разбере со анализирање на односите и постапките.

4. готвачка приказна

За успешна врска потребен е вистинскиот рецепт - ако се изберат вистинските чекори и да се прават работите на одреден начин.

Петта група - жанровски приказни

1. воена приказна

Љубовта е војна, а добриот однос почива на војување, односно постојана борба за она во што веруваат.

2. театарска приказна

Партнерите се гледаат како артисти кои играат различни улоги. Уште при влегувањето во врската си подготвуваат текст и приказни со кои ќе го фасцинираат партнерот.

3. хумористична приказна

Се гледа смешната страна на работите. Ваквите врски се забавни, но често важните прашања се избегнуваат со „свртување на работата на шега“.

4. таинствена приказна

Тука се смета дека таинственоста е важен дел од љубовта и дека човек не треба да дозволи да се знае премногу за него. Знаат да бидат интересни поради одржување на заинтересираноста, но често разочарувачки кога ќе се увиди дека нема што да се открие.

Ете, тоа беше обработено во книгава. Кај се помачив да ја прочитам, па сега уште се помачив и да ги напишам сите овие точки.

Малку ме изнервира што не се најдов во ниедна од овие приказни, поточно во сите од нив по малку.

Значи, мојата приказна би била: понекогаш сакам да бидам учителка и ученичка, понекогаш сакам да се жртвувам за љубовта, сакам да имам моќ во одредени ситуации, понекогаш сакам да го надгледувам партнерот па и да го малтретирам, сакам некогаш да не го разбирам, да биде чуден, релативно да се вклопува во некоја шема, да не биде грд, да имаме топол дом, да му помагам ако западне во криза, да верувам во љубовта, да се натпреваруваме во разни игри, заедно да патуваме, да ја создаваме и негуваме нашата приказна, да немаме проблем со финансиите, да се чувствуваме приврзани еден кон друг, тој да биде мој принц, а јас негова принцеза, да се сеќаваме на убавите минати времиња, да ги анализираме грешките за да не ги правиме повторно, да ги одбираме вистинските чекори, да се бориме за она во што веруваме, понекогаш да „влегуваме во филм“, да ја гледаме смешната страна на животот и секогаш да има што да си откриваме еден за друг.

9.2.10

Дебати

Почнаа дебатите со „понижените национални чувства на луѓето“ од Нашиот Јужен Сосед (НЈС).
Прво, добро е што може да го слушнеме нивното мислење од прва рака.
Второ, тоа мислење можам да го сослушам, но ме навредува.
Не ми се ни коментира емисијата со европратеникот Кумуцакос и Милевска бидејќи беше со многу политичка ароганција, а новинарката беше добра, ама требаше да знае малку повеќе НЈС историја за да не мора да прескокнува прашања.
Повеќе лични коментари ми предизвика емисијата на Борјан Јовановски со двајцата „обични НЈС луѓе“, новинар и режисер (ако добро сум видела) на А2, која не успеав да ја гледам во целост и за која не можам да најдам линк.
Како и да е, обичните граѓани на НЈС се чувствуваат многу исфрустрирано бидејќи ние (не дај боже да кажеме Македонците) им пречиме во изразувањето на нивните национални чувства!!!
Тие луѓе (патем, многу симпатични) се обидоа да ни објаснат во што е нивниот проблем и зошто ние не може да се викаме Македонци.
Кога ќе се претставувале пред некој странец не можеле слободно да кажат дека се: Македонци, Грци, југоисточни Европјани бидејќи сето тоа е дефиниција на нивниот идентитет. Првиот дел им задавал проблем бидејќи можеле да ги помешаат со Словените кои живеат северно од нив и сакаат да се нарекуваат Македонци. Па за да не му објаснуваат на странецот на долго и на широко дека тие се наследниците на Александар Македонски, а не северните смрдливи Словени, бараат ние да се преименуваме некако за повеќе да ги немаат тие проблеми.
Тоа што ние немаме повеќе дефиниции за нашиот национелен идентитет освен дека сме Македонци - кај нив предизвика кревање рамења (кој ви е крив - најдете си!).
(Инаку, ние немаме проблем со она како тие сакаат да се претставуваат - нам не ни пречи и не сакаме ексклузивитет - тие може да бидат и само Македонци, ако сакаат.)

Не знам дали сум во право, но освен за тоа дека некои „Грци“ се чувствуваат како Македонци, не сум слушнала дека некои други се чувствуваат и како: Тракијци, Епирци, Тесалијци, Критјани, Спартанци итн. Значи, дали другите кога ќе се сретнат со странец се претставуваат како: јас сум Спартанец, Грк, југоисточен Европјанин???, како што гостинот се претставувал: јас сум Македонец, Грк, југоисточно Европјанин?

Колку е сето ова со нашето име и идентитет НЈС политика и пропаганда! Просто ми се повраќаше што тој симпатичен режисер повторно креваше рамења кога Борјан констатираше дека тој не може да го нарече Македонец (тој едноставно не може! - факат!). Тоа е така од проста причина што така го учеле од мал, така го учеле во училиште, така на телевизија, во весници... и тој не може сега наеднаш да се соочи со луѓе кои мислат поинаку од него! И кои бараат исто така да не им се повредуваат националните чувства!

6.2.10

Стипендијата на Прличе

Го утнав роденденот на Прличев, беше на 30 јануари, а денес е 6 февруари - денот на неговата смрт. Велат дека по повод нечија смрт не се пишува и јас сега тоа не го правам - пишувам по повод уште една водолија (бидејќи се опседнав со водолиите).
Прличе е најталентираниот поет од времето на македонскиот романтизам. А случката со неговата награда е доказ дека ништо не е сменето во односот на Грците кон Македонците уште од 1860 година (па и многу, многу порано).
Додека студирал во Атина Прличе решил да се пријави на тамошниот книжевен конкурс што се одржувал секоја година. Со својата поема „Средарот“ напишана на совршен грчки јазик на анонимниот конкурс ја добива првата награда. Од јазикот не можеле да забележат дека не е Грк, но од темата на поемата и имињата на ликовите јасно било дека авторот е Словен. Затоа при доделувањето на наградата не постапиле како со другите овенчани со ловоров венец. Не му ја предале јавно, не му ја спомнале паричната награда која следувала (па тој морал самиот да оди и да ја бара бидејќи бил сиромашен) и врв на се е дека стипендијата за студирање во Берлин или Оксфорд, што била дел од наградата, можел да ја прими само ако стане Грк (односно ако се откаже од се словенско во него).

И, што е финтата?

Некоја деценија порано во Виена живеел и се збогатил Македонецот Баронот Константин Бели родум од Пела. Иако живеел удобен и богат живот никогаш не си ја заборавил татковината и дел од своето богатство сакал да и го остави.
Во личната порака за ова баронот Бели пишува:
„Кога Македонија ќе достигне таков степен на развиток за да создаде свои училишта, тогаш општинскиот совет на Пела е должен книгите да и ги отстапи на јавноста во Македонија“;
• остава дел од имот во пари со Завештание од нив:
„Да се издржуваат извесен број клиники во кои се лекуваат Македонци болни од секаква болест“ a овој Фонд да се вика:
„ЛЕГЛА НА БОЛНИТЕ – ЗАШТИТНИЦИ НА БАРОНОТ КОНСТАНТИН БЕЛИ - МАКЕДОНЕЦОТ“.
• основа и Фонд за образување Македонци – студенти и го именува со:
„КОМИСИЈА ЗА СМЕСТУВАЊЕ МАКЕДОНЦИ ОД ОСТАВНИНАТА НА КОНСТАНТИН БЕЛИ“.
Баронот Константин Бели изнесува и подробности дека потпишал и „Завештание” при Баварската влада од чија камата:
„Да се дава стипендија на двајца Македонци за време од 6 години што би студирале на Академијата во Минхен” кои баронот однапред ги признава – како „усвоени синови на г-дин Бели“.
Единствен услов кој се барал од нив во тестаментот е:
„ДА ЈА САКААТ И ДА ЈА ПОЧИТУВААТ НАШАТА ДРАГА НЕКОГАШ СЛАВНА ТАТКОВИНА - МАКЕДОНИЈА“
(преземено од Македониум)

Иако желбата на Бели била конкретна и јасна ништо од ова не му било исполнето. Неговиот фонд Грците успеале да си го грабнат за себе (зашто нели, Македонци не постојат), ниту книгите некогаш дошле во Македонија, а и оние кои ја заслужиле стипендијата - никогаш не ја добиле!
Па така и Прличе - иако тие пари биле од Македонец за Македонец стипендија не добил зашто не сакал да стане Грк.
А тоа колку е Прличе Бугарин, е сосема друга приказна....

4.2.10

За Гоце

4 февруари - роденден на Гоце.
И тој водолија, па затоа е јасно зошто светот го гледал ко поле (ливада, нива, или што ли беше) за културен натпревар меѓу народите.
Иако нема врска со неговиот роденден, туку со неговата смрт, интересен ми е написот во London Times - New York Times од мај 1903 во кој убаво си пишува чиј водач загинал и кој го предал. Како што можам да прочитам, таму никаде не се споменува Бугарија (ниту Србија), а шпионот е секогаш истиот.

3.2.10

Кај се топките?

Денес во училиште баш беше убаво. За да биде така, ни требаше време и рааабота, ама важно кога дојде моментот сè беше ок.



Сите раздвижени, сè средено, сите на место... и во 11 часот започна отварањето на Средношколската кошаркарска лига.
На отварањето дојдоа директорите на сите средни училишта - учесници, претставниците од Агенцијата за млади и спорт и покровителот и организаторот на игрите - градоначалникот на Скопје.



Програмата ја водеше типката од Бекстејџ.

Од многуте камери и фото-репортери не можев да си фатам убава позиција за сликање. Со нив секогаш ми е интересно што ме поздравуваат како да сум им од браншата. (Као, „здраво колешке“, со еден посебен поглед и респект.) Ама, бидејќи јас не сум тоа, не успевам да се снајдам во „упикувањето“ некому пред фаца.

Игрите ги отвараа со куси говори во кои се искажуваше почит кон „главните“ и задоволство што „децава“ ќе поиграат кошарка и ќе се подружат.Оваа манифестација всушност е возобновување на нешто што се случуваше и во „мое“ време. Натпревари меѓу сите средни училишта од Скопје каде младите ќе се дружат, ќе навиваат за својот тим, ќе победуваат, ќе губат, ќе се радуваат и ќе се трудат следниот пат да бидат подобри. Во секој случај ќе комуницираат и на поинаков начин освен во кафана.
Градот се потруди и да донира спортска опрема, односно професионални топки за сите спортови, за сите училишта - учесници. Многу убаво.
Ние пак, во знак на благодарност му подаривме на градоначалникот еден баскет со посвета.
И сè беше супер, ама она што не беше ич убаво е што нашите топки исчезнаа.
Баш им фала на оние што ни ги „дигнаа“ топките како знак на благодарност за нашата гостопримливост.