31.3.10

Јустинијан - еден од симболите на Скопје

Македонија е толку многу богата со историја, археологија, природни реткости и убавини, а толку сиромашна со трговски дух, што не е чудо што никој не ни доаѓа во посета (мислам на туристите).

Што може да се продаде, односно што лесно би купиле странските туристи? Мислам дека за тоа се потребни светски познати личности од минатото кои ќе ги врземе со определено место, определена приказна и купишта дрангулии за продажба.

Значи, прво ни треба светски позната личност која има врска со нашава територија. Многумина ќе си речат дека такви не постојат. Дека никој интересен не е од тука. Голема грешка! 

Еве, на пример - Јустинијан. Најголемиот број Македонци не ни знаат дека тој потекнува од Македонија, од место близу Скопје, сега село Таор, а во негово време Тауресиум. Зарем не можеме да го продадеме Јустинијан?

Јустинијан бил голем император, наследник на неговиот вујко Јустин, кој пак потекнува од Бадеријана (денешното село Бадер, близу Таор) и кој самиот успеал да се искачи на престолот на Источното Римско Царство заменувајќи го ромејскиот цар Анастасиј. Роденото име на Јустинијан било Управда (што би рекол Нено - многу словенско звучи за човек од овие простори, што живеел  пред „инвазијата на Словените“, односно во 5 - 6 век) и уште како дете неговиот вујко го зел при себе во Константинопол и му овозможил најдобро можно образование. Интересно е што неговото име Управда има голема врска со она по што и ден-денес е познат. Тој е составувач на т.н. Јустинијаново право кое содржи неколку книги: Јустинијанов Кодекс, Дигеста, Институционес и Новели . Јустинијановото право преживува преку Византија, Италија, навлегува во Западна Европа и станува основа на современите правни системи - што значи, постои до денешен ден. Па така, праведниот Управда кој сакал да воспостави ред и правда го оформува правниот систем кој трае веќе 1500-600 години. Сите образовани луѓе, а особено правниците знаат кој е Јустинијан и срамота е ние да не знаеме и да не можеме да ја продадеме неговата приказна.

За животот на Јустинијан може повеќе да прочитате на Вики, и од други извори, (или од тука) за да не се повторувам и јас.

Она што сите го знаат за него (освен она во врска со правото) е дека бил женет за преубавата, но контроверзна Теодора и дека бил голем градител. Најзначајна негова градба е храмот Света (Аја) Софија кој се уште го краси Истанбул и „непронајдениот град“ Јустинијана Прима. Градот долги години (па и векови) се барал на погрешно место, односно во Србија, најверојатно поради искомплексираноста на Македончето и невербата дека може една таква историска мистерија може да се реши тука. А тоа тука - значи ептен тука - најверојатно Скопје, односно  во делот кај Калето, Скупи и Аквадуктот се наоѓал раскошниот град на Јустинијан - Јустинијана Прима. Сепак, преголемата очигледност на топонимите кои речиси се непроменети (Бадер - Бадеријана; Таор - Таурисиум), како и странската сугестија (уште пред стотина години, англискиот истражувач, археолог и патописец Артур Еванс, посочил дека Градиште кај Таор е најверојатно родното место на Јустинијан) ги убеди македонските историчари и археолози дека треба да го прифатат непобитниот факт. Зашто, тој градот го изградил во непосредна близина на родното место - значи Скопје. А и Таор треба да се стави на продажба, па не е малку да се посети родното место на Јустинијан!

За среќа, работите се движат во добра насока. На археолошкиот локалитет  Таор и оваа година ќе се работи, а освен официјалната страница, оваа година е направен и блог (фотографијата е преземена од таму) каде ќе се прикажуваат сите тековни работи (ептен ме радува).

Сепак, мислам дека овие чекори се премали. Дури смешно изгледа преголемата радост на ангажираните околу овој проект во врска со поставувањето на патоказите кои се губат во мноштвото други реклами (да, подобро е од никакви, но 5 минути гледав во таблите за да ја пронајдам вистинската). 
За да го продадеме Јустинијан и да ги привлечеме странските туристи -  треба цело Скопје (и Македонија) да „вришти“ со Јустинијан. 
Да го има на парите, да го има на сликички, мали мозаичиња (бидејќи тоа е единствената и најпозната слика на Јустинијан), 
измислени скулпури, споменици, брошури, летоци, да има вистински пат кон Таор (зашто сегашниов е жив срам) и средување на локалитетот. Покрај другите големи личности (за кои ќе пишувам во некој од следните постови) Јустинијан треба да стане заштитен знак на Скопје и Македонија. Кога ќе се отвори било кој сајт за Македонија - треба Јустинијан да боде очи, да се нуди и продава неговата приказна. 
Е, многу би сакала ова да се случи за време на мојот живот.


(Еве уште неколку интересни врски за Јустинијан:
Данило Коцевски, Јустинијана - градот кој го нема (роман).

30.3.10

Блогерајот

Денес е Ден на дрвото, а мене - дрво ми е во главава. Веќе десетина дена се чувствувам како нејас.
Преокупирана со секојдневни обврски натоварени со додатни кои постојано ми ги наоѓаат моите блиски „за да не седам без работа“, веќе десет дена немам време да му посветам на она што најмногу го сакам - читањето и пишувањето. За читањето успеав да си пронајдам време (на сметка на спиењето), ама за пишување - не. Секој ден, од овие претходните, претставуваше вистинско измачување за мене, ден без задоволство. И, сфатив! Јас сум зависник. Зависник од блогерајот.
Кога го отворив првиот блог, мислев да пишувам само кога ќе ми текне, отприлика еднаш месечно. Читав многу блогови и влегов во еден поинаков свет - свет на интелигентни луѓе кои храбро си ги искажуваат своите ставови, свет без цензури.
Сепак, не беше баш така. Македонската блог-платформа беше сконцентрирана на: blog.com.mk, каде некои излегуваа на насловната страница, а некои - не. Таквата шема не ми се допадна, зашто и во тоа на некој начин има цензура. Кој е тој што одлучува кој ќе биде на насловна страница? Сите останати, вака или онака, ќе бидат дискриминирани. Затоа, не влегов таму. Не сакав во мојот свет на слобода да се чувствувам неслободна и под нечија лупа. Моите блогови си ги направив надвор од тоа, на my opera и на blogspot. Пишував и се уште пишувам 2 стручни блога (македонски јазик и литература за стручно образование, за 1 и 2 година) кои ги сфаќам како секојдневна работна обврска, но и овој, кој го сфаќам како задоволство. Тука сум јас, отворена како книга, со мојот вистински идентитет. Бидејќи понекогаш имам потреба да си кажам нешто што може да им пречи на другите (кои ме познаваат) имам уште 2 анонимни блога (едниот за „јако“ истресување, другиот за најдлабоките внатрешни чувства).
Значи, се чувствувам како блогер, ама не во смислата која е општоприфатена во Македонија.
Еве зошто: мојот блог е мојот свет, без потреба некој да го чита и да пишува коментари. Тоа го правам зашто имам потреба некаде да го напишам она што ми се случува, она што го мислам, читам, она со кое се преокупирам. Сега не е како порано (напреднала мојата зависност), секој ден имам потреба да напишам нешто, да искоментирам, да раскажам. (Затоа сега ми е тешко, речиси 10 дена сум без текст). Зависник сум и од читање блогови. Се чувствувам како да ми фали нешто ако дента не ѕирнам што има ново, кому што му се случило, кому му паднала на памет нова брилјантна идеа. Сега, речиси воопшто не гледам телевизија и сите информации ги црпам од блоговите (добро и од другите нет-страници), уживам во текстовите на некои генијалци, во песни, раскази, интерпретации на реалноста, археологија, од сите уметности по нешто, комуникации, секаква секојдневна активност, и во многу, многу други нешта (блогови) и тука наоѓам се што ќе си посакам (а не она што ќе ми го наметнат телевизиите). Со саати поминувам на лаптопот живеејќи со животот на обичните Македонци кои ја перципираат реалноста на свој начин, според мене, на најобјективен начин.
А, еве што подразбирам под општоприфатената смисла на блогерајот.
Блогерите на сега подновената македонска платформа, чинам дека имаат поинаква потреба од мојата. Кај нив се чувствува натпреварувачкиот дух - кој ќе излезе на насловната страница, како и потребата преку коментари по постот да си направат муабет со своите блог-пријатели. Тие се свет за себе, прилично затворен, свет кој меѓусебно се фали и критикува, свет кој го омаловажува останатиот свет (за жал, така испаѓа во нивните коментари, не во постовите), свет кој има потреба од публицитет. Се разбира дека ова не важи за сите, ама мојот впечаток е таков. Веројатно, постои и нешто друго, што мене не ми е познато бидејќи не сум од тој свет, што ги натерало најквалитетните блогери да излезат од таму, па сега си имаат независни блогови или сајтови.
Малку ми е жал што се смени платформата, па сега сите мои средени favorites се со стари адреси и што морам и јас како и другите кои сакаат да пратат што има ново на блогерајот да тргнат од blog.mk.
Вака изгледа страницата (дома) каде од десната страна се сите нови постови (ова за колешките кои не знаеја како да дојдат до тука), а од левата - привилигираните на насловна.




29.3.10

Може ќе ни донесе малку среќа нивната несреќа?

Последниве денови на европската сцена НЈС изгуби од својата величина. Дај боже така да продолжи работава.
Како на типична Балканка, понекогаш сакам да му умре магарето на комшијата. Тоа што НЈС е во долгови до гуша веројатно ги прави Европејциве малку построги кон нив. Па пишуваат по весници малку поинакви текстови или го покажуваат на клипови најновиот националистички „испад“ во Атина.
Сакам да не ја гледаат нивната галеничка само низ розови наочари, сакам барем понекогаш да ја видат каква што е.
Тука може да го прочитате написот во "The Economist" (а ве предупредувам да не ги читате коментарите за да не останете будни цела ноќ, како јас сега, а ќе ви кажам дека нашите се најдобри - најумерени и најпаметни).
А за НЈС фашизам погледнете тука, на парадата во Атина од изминатава недела. Ова не е прва ваква парада во НЈС, ама за првпат ја има на CNN.

25.3.10

Хуманитарно, она што беше за 8 Март

Сликиве ми стојат аплоудирани неколку дена, и се мислам што да напишам...
Се што ќе напишам е излишно...
Само сосем кусо, за ова семејство ги собиравме средствата од нашата акција на 8 Март.











За шесте дечиња, и за девојчето на кое му е потребна операција...
Поздрав, и со среќа...

22.3.10

Името Билјана (мое толкување)

Пренесено од постар блог:

Секој од нас сака да знае што значи неговото име.
Како малечка ги прашував татко ми и мајка ми што значи моето име и тие ми кажуваа дека е јасно и очигледно, Билјана доаѓа од билка, растение. Морам да признаам дека не ми се допаѓаше објаснувањето, но ми беше логично. Понекогаш им се лутев што ми дале такво име, име поврзано со растенијата, со неподвижноста, немоста. А, јас воопшто не мислам дека сум таква, ниту тивка, ниту мирна. Посакував барем да имам име на некое конкретно растение со чии карактеристики би можела да се поистоветувам. Па макар било Цвета или подобро на пример: Темјанушка, Роза, Камелија, Мимоза, Трендафилка, Перуника, Јаглика, Јасмина, Зумбула, Калина, Лимонка, Јагода, Дуња, итн. А вака, со што да се поистоветам, со сите растенија?
Се прашувам, ако постои име што ги опфаќа сите растенија, зошто не постои име што ги опфаќа сите животни?
Како растев, така почнував да уживам во садењето, во размножувањето и одгледувањето на растенијата. Се фатив како сакам да си докажам дека сум поврзана со нив. Не ми помогна многу, но почнав да се помирувам. Да се разбереме, јас многу ги сакам растенијата, ама не се поисоветувам со нив.
Подоцна, често во раце го имав нашиот ономастикон и од него го добивав истиот одговор: Билјана – билка, растение. Добро, си велев, ние сме јужна земја, имаме многу растенија, се е бујно, зелено и затоа кај нас е често името Билјана.
Се помирував, но никако целосно да се помирам и да прифатам. И кога си помислив дека немам друг избор, ми „светна“! Традиционалното, древното македонско име Билјана, толку често присутно и ден-денес не значи растение! Древномакедонскиот збор „билја“ значи – вистина. Денес, во хрватскиот јазик се чува зборот „збилја“ со значење „навистина“, а кај нас коренот на зборот останал во „озбилно“ – сериозно, вистинито.
Јас го најдов своето смирување. За мене, Билјана значи вистина. Ваквото значење на името според мене има многу поголема логика. Вистината – тоа е нешто што го одликува нашиот народ (и мене лично). А јас, како единка конечно можам да се поистоветам со ваквото значење и да бидам горда со своето име. (Или само да си се утешам.)

За мермерната плоча од Авганистан

Пренесено од постар блог:

Цивилизираниот човек би требало да биде во постојана потрага по вистината!
Но, на Европа и на светот, очигледно е дека таа не им е потребна.
Каква корист имаат сите тие од поддржување и промовирање на историја која е очигледно искривена? Многу ли ќе бидеме „големи“ ние Македонците, ако го признаат фактот дека Александар Македонски бил Македонец и тоа предок на денешните Македонци (оние што упорно ги викаат Словени или евентуално Славо-македонци - имено НАС)?
Сите внатрешни „експерти“ им се изнасмеаја и изнаругаа на Тентов и Бошевски за нивниот обид да го преведат средниот текст на „Каменот од Розета“ врз основа на денешниот македонски јазик. Со недоверба и потсмев ги отфрлаат нивните тези дека тие два јазика имаат допирни точки (па дури дека тој јазик е протојазик на денешниот македонски).
Но...
Во истото време додека Клеопатра владее во Египет, на Далечниот Исток останува да владее династијата на Селевк.
Од Клеопатра е останат „Каменот од Розета“,
а од династијата на Селевките на 2. април 2009 година е пронајдена мермерна плоча со слика на Александар и неговата фаланга, како и текст на „бактриски јазик“ под кој има и текст на грчки (слично како на Каменот од Розета).
Еве ја во оригинал веста:

London, April 2 (ANI): Archaeological excavations in the ancient region of Baktria in Afghanistan have revealed a unique marble slab with the image of Alexander the Great and a passage of an inscription.
The slab represents an ancient king on a horse heading Macedonian cavalry and Macedonian phalanx at the background.
An inscription written in an ancient language different from ancient Greek or ancient Egyptian languages, on which were written a large part of the stone inscriptions at the time of Alexander, is placed from the right of the military arena.
According to other assumptions, the words of Alexander of Macedonia are written in baktriyan language protolanguage of today’s Bulgarians.
According to archaeologists from the museum in the town of Balh, the baktriyan language is a language, which had been spoken by the soldiers of Alexander of Macedonia, which had unified languages and dialects in his multinational army.
Found fragments of ancient Greek inscription at the same site, suggest a possible parallel text. (ANI)

(Инспирирано од Македон)

Уште поглупо делува објаснувањето дека тој јазик (бактрискиот) е протобугарски јазик??????????????????????????????????? Баш сакам да ми објаснат на кој бугарски мислат (на туркскиот - старобугарскиот, или на оној што го зеле во 9. век од староседелците што ги окупирале на Балканот - македонскиот?)

Голема преселба на народите?

Пренесено од постар блог:

Во големата преселба на народите најзначајно за Македонците е доселувањето на Словените на овие простори (и според нашите комунистички истории) нивната целосна окупација и етничко чистење. Според нашите соседи (нешто пред кое светот ги затвара очите) само во Македонија се случило Словените целосно да го исчистат просторот, да не остават ниту еден жив Антички Македонец, а секаде на Балканот и во Европа да се случило претопување на староседелците со новодојдените племиња. На пример, пра-Бугарите, Тракијците и Словените ја создале новата Бугарска нација, пра-романците и Дакијците се создавачи на Романците и да не зборувам за занесеноста на Грците дека тие се директни потомци на Елините неизмешани со ниеден друг народ, итн.
Приказните за доселувањето на Словените имаат многу недостатоци. Вистина, има пишани документи за нападите на Аварските и Словенските племиња, но вистински археолошки докази за такво нешто во Македонија нема. Односно, за неков варваризам и доселба на Словени.
Најсимптоматичен ми е написот на Музејот на Македонија за овој период:

Археолошката збирка посветена на преселбата на народите обединува мала група на предмети карактеристични за миграциите од крајот на доцната антика и раниот среден век. Наспроти продорите на Германските и Хунските народи во текот на IV и V в., кои длабоко ја вознемириле моќната доцно Римска империја не успевајќи да остават подлабоки траги врз нејзиниот интегритет на Балканот, појавата на бројните Словенски, Аварски и Кутригурски племиња, во VI в., ја навестиле новата епоха на Темниот среден век, наметнувајќи целосна промена на етничката, социјалната, културната и политичката структура на Балканскиот Полуостров.
Иако трагите од живеењето на најраните Словени на територијата на Р. Македонија не се бројни, нив сепак најасно ги препознаваме во рачно работените грнци претставени со примерокот од лок. Варница, с. Стар Караорман, Штип и бардакот од с. Виничани, Велес, а кругот на магиско-ритуалните анимистички верувања во фрагментираната бронзена фибула од истиот локалитет, како и сребрената апликација со човечки лик од Баргала, сите датирани во VII в. Бронзениот коњанички амулет со претстава на човечка глава врз седлото на коњ во галоп во себе ги овоплотува номадските верувања на ритуалниот круг на Тангара и шаманистичките обреди на приближување на земниот свет, светот на божествата и светот на духовите, поч. VI - VII/IX в., с. Зовиќ, Битола.
Најголем дел од предметите:торквес, масивни фибули и ножиња, привезоци со изразито геометризирана форма, и женските накитни форми: масивни наушници, шаренолики низи на стаклени мониста и еден привезок крст, припаѓаат на специфичната култура Комани-Крује која само со еден дел проектира на територијата на Р. Македонија на локалитетите Цигански гробишта, с. Радолишта, Струга и Св. Ерзамо, Охрид. Компактноста на оваа културна група типична за целиот ран среден век, VI - IX в., го одразува влијанието на сеуште моќната Византиска империја во управувањето со Балканот, разместувањето на Словенските племиња и војничките посади на стратешки места долж патиштата, контролирајќи ги помалку или повеќе движењата, контактите, трговијата, преселувањата и зближувајќи ги новонаселениците со староседелците, запознавајќи ги за заедничко живеење во светот на зрелиот среден век и новото феудално општество.

Уште еднаш да нагласам, официјалниот Музеј на Македонија за овој период вели:

Иако трагите од живеењето на најраните Словени на територијата на Р. Македонија не се бројни, нив сепак најасно ги препознаваме - наодите не се бројни и нејасно ги препознаваме???
Мене воопшто не ми е јасно какво е тоа нејасно препознавање!?!
Дефинитивно оваа работа со Словените е матна и треба да се преиспита.
Што е словенство? Кои се словените? Јас се сомневам дека тие некогаш се доселувале од некаде. Можеби тие војувале и освојувале, но има индиции дека тие на овие простори живееле отсекогаш.
Јазикот и обичаите се основа за разликување на еден народ од друг.
Докажано е дека јазикот на Античките Македонци се разликувал од грчкиот и дека тие меѓусебно не се разбирале. Но, дали античкомакедонскиот јазик има допирни точки со денешниот македонски јазик? Обидот вакво нешто да докажат нашите академици Тентов и Бошевски со дешифрирањето на средниот текст на Камненот на Розета во Македонија наиде на голем отпор. Штета е што не можат побрзо да се најдат повеќе пишани документи од времето на Александар на неговиот роден говор за конечно да го имаме античкомакедонскиот јазик и да можеме да го споредуваме. Верувам дека во депоата на грчките музеи такво нешто има, но никогаш нема да се обелодени, или веднаш се уништува.
Можеби некому му е смешно, но Каменот од Розета најверојатно ќе ја даде врската што ја бараме. Мене како јазичар ме фасцинираат сличностите од типот на правење на множина на именките со -и, суперлативот со -нај, карактеристики на денешниот и тогашниот јазик, како и сличноста на некои зборови од нашиот јазик кои ги нема во другите јазици.
Јас верувам дека има нераскинлива врска на античкомакедонскиот народ со денешните Македонци. Верувам дека има голема врска на античкомакедонскиот јазик со денешниот македонски јазик, верувам дека и обичаите од тоа време ние се уште ги негуваме. Верувам дека оние што денес ги нарекуваат Словени отсекогаш живееле овде и дека јазикот на Словените ја има основата токму од тука, од Македонците што живееле со милениуми на овие простори. Само се надевам дека ова мое верување ќе може и да се докаже. За тоа треба сите ние да дадеме влог.

Создавање империи

Пренесено од постар блог:

Нешто исконско го тера човекот постојано да сака да има повеќе отколку што му е потребно, да таложи богатство кое не ќе може да го искористи, да го посакува туѓото и да биде надмоќен (над сите други)! Цивилизираниот човек се труди да ја совлада, да ја потисне оваа потреба и да ја стави во границите на нормалното. Но, ако му се пружи можност, односно ако дојде во таква позиција, мислам дека не постои човек кој ќе и одолее на приликата. Тогаш цивилизираноста престанува и победува желбата за власт.

Оваа индивидуална потреба на човекот често прераснува во колективна ако на чело од колективот застане човек со несовладлива потреба за освојување. Токму заради ова низ целата историја се создавале империи.
Во евро-азискиот простор во минатото најзначајни биле: Персиската Империја, Македонската Империја, Римската Империја (и Византија) и Отоманската Империја.
Во поново време империите имаат малку пософистициран изглед. Прво, во форма на Федерации (Руска и Американска), а денес во Унии (Европска Унија) или како воени сили (Варшавски пакт и НАТО).
И во минатото и денес империите ги сочинуваат многу помали области, територии, теми или држави. Ги обединува заеднички закон (устав) и заеднички данок за напредок на империјата. Централистичката власт (во рацете на само еден човек) во минатото, денес е поделена на неколкумина (не повеќе од четворица). Има уште една, малку чудна разлика од минатото и денес. Порано „териториите“ биле освојувани со сила, а денес самите молат да влезат во империјата.

Што е историја?

Пренесено од постар блог:

Историјата е збирка раскази.
Во минатото историчарот бил обичен „расказџија“ кој своите „факти“ не ги поткрепувал со никакви докази. Всушност, приказните што ги слушнал од своите предци тој си ги раскажал на свој начин, гледајќи од свој агол. Се разбира дека си го разубавувал делот за својата татковина, а го нагрдувал за непријателите.
Денес, божем, историчарите многу се разликуваат од оние во антиката. Така сега историјата е наука. Своите приказни модерните историчари ги поткрепуваат со безброј туѓи (стари) текстови (многу често и со пасуси извадени од контекст) и со артефакти.
Се разбира дека моето мислење за објективноста на историјата е негативно и затоа велам „божем“ се разликува од порано.
Да, се разликува, но во перфидноста и итрината на историчарите да си ги одберат „фактите“ кои им одат во прилог на тезата („историската вистина“) која ја докажуваат.
Погледнете, на пример, ист наслов од историја на Википедија на македонски и бугарски јазик. Иако се работи за иста територија и ист временски период - таму нема да најдете ниту слично толкување. Само имињата на луѓето се исти и ништо друго. Значи? Која е вистината? Каде е тука „науката“?
Затоа, според мене, историјата во ништо не се разликува од литературата и затоа јас ја восприемам како збирка раскази.
Историјата ја сочинуваат мигови од човечки животи, нивни блесоци, нивни остварени амбиции за надмоќ, освојување и асимилирање на туѓото.
Читајќи ја збирката раскази „Историја“ како можеме да го дефинираме времето? Што претставуваат таму 10, 100 или 1000 години? Најчесто времето е поделено во временски рамки од по 100 години - наречени 1 век. Од читателски аспект, 1 век е како 1 ден. Во зависност од возбудливоста на настаните во векот (денот), векот (денот) може да трае подолго, покусо или да биде прескокнат ако во тој ден не се случило ништо интересно. На пример, во македонската збирка раскази „Историја“ периодот на владеење на Отоманската Империја иако траел 500 години - опишан е како 1 ден (до 2).
Ајде да ја разгледуваме македонската историја и историјата на соседите во размер 100 : 1 (100 години - 1 ден). Појавата на Македонија како држава (а подоцна како „територија“), појавата на Бугарија, Грција, Албанија, нивното владеење со Македонија...
Македонија постоела многу пред сите соседи. Од 700 г.п.н.е. до потпаѓањето под Римската Империја постоела како самостојна држава (8 дена). Под Римската Империја поширока територија е наречена Македонија што сигурно се должи на угледот на Македонија (нејзината историја, односно заради Империјата на Александар). Истото се случува и подоцна со поделбата на Римското Царство. Односно ниту во Византија Македонија не го загубила угледот и територијата и понатаму се вика Македонија (+ 5 дена). Тогаш на сцената настапуваат туркско-татарските племиња наречени прабугари кои покоруваат дел од словенските племиња и ја создаваат Бугарската држава. Тие денес се прават дека се исконот на словенството!?! (смешки). Ширејќи се кон југ Бугарската држава ја потиснува македонската „територија“. Но, таа и понатаму егзистира на сите карти од Византија. Бугарија оттогаш, со прекини егзистира до денешни денови (за бугарската историја во следниот пост). Тоа се 13 дена и 8 дена подоцна од Македонија.
Во исто време и „територијата“ Македонија егзистира иако се наоѓа под окупација. Кусо време под Бугарија, а потоа под Отоманската Империја, во чии граници влегува и Бугарија и целиот Балкан и половина Европа.
(Не ми е јасно зошто другите смеат, а ние не, да го броиме историското време кога се наоѓаме под туѓа окупација.)
Балканските војни се многу кобни за мојата татковина, но „територијата“ и понатаму сите ја нарекуваат Македонија.
Пред Балканските војни, 1828 големите сили (Англија, Франција и Русија) решаваат од териториите јужно од Македонија да направат држава. Таму владеат англиски кралеви додека не им овозможат на „ромејците“ да се консолидираат и да станат вакви какви што се денес (заштитени мечки). ( Мала дигресија... многу ми се допадна дел од текстот на Горан Михајловски во „Сакам да кажам“ (Вест): Грчки неонацисти агресивно се обидоа да спречат промоција на речник во прес-центарот на Атина. Да се случеше тоа кај нас, ќе моравме сите колективно да се самоубиеме. Оти и ЕУ и ОБСЕ и разни хелсиншки комитети, неброени организации за човекови права и за развој на демократија и независни домашни интелектуалци ќе ни се качеа на глава и ќе нè столчеа.
Ама бидејќи тоа се случи во колепката на демократијата, си молчат и ќе продолжат да си ја лулаат. ) - така било, така е! (За грчката историја ќе пишувам во некој од следните постови).
Ако броиме во денови Грција постои 3 дена. Териториите кои „ги обединила“ навистина се од античко време. И не дај Боже од такво обединување! Зашто тие упорно сакаат да ја обединат и Македонија, но освен со сила, асимилација и промена на имињата (на луѓето и топонимите) нивната демократија не би имала успех.
Албанија, пак, е да и симнеш капа. Решава да се осамостои и не прашува жива сила! Постои 2 дена. Опасно постоење! (за Албанија ќе пишувам по Грција)
Значи, ако броиме според моите денови: Македонија живее 21 ден; Бугарија 13; Грција 3 и Албанија 2.
Територии, држави, нации - сето тоа е измислица на современата историја за да се оправдаат нечии интереси.

20.3.10

Доста е!

Пренесено од постар блог:

Разгледувајќи го начинот на кој Бугарите си го објаснуваат потеклото на својот јазик, на својот народ ??? - сфаќам дека тие имаат голем проблем во своето СЕБЕПРОНАОЃАЊЕ!
Тие ги негираат Македонците за да си го докажат сопственото постоење. Многу слично како Грците. Значи, ако признаат дека тие биле окупатори на домородното македонско население за кое признаваат дека било помногубројно, кои се тогаш Бугарите? Затоа едноставно го преименуваат населението во Бугари - и ја завршуваат работата! За да биде нивната приказна пореална мора и домородниот јазик да го наречат старобугарски (иако нема логика).
Што е лошо и нереално во овие нивни приказни?
Одговорот е многу прост: НИЕ!
НИЕ -МАКЕДОНЦИТЕ!
И после толку векови на нивна негација, асимилација, притисок, сепак постоиме - НИЕ!
Кога не сте успеале додека во светот сè уште сè било матно, кога немало Обединети нации, кога немало Суд за човекови права, кога немало толку средства за брзо информирање - сега немате шанси!
НИЕ постоиме, а вие ќе мора да се помирите со тоа.
Како ќе се себепронајдете и себедокажете, како ќе си ја кроите вашата историја - тоа е ваш проблем. Светот не е слеп, ниту глув, ниту глуп. Вистината излегува на виделина и таа никогаш не може сосема да се закопа, запали и уништи!
Глупаво е што заведени од соседскиот начин, ние ја играме нивната игра и се обидуваме да докажеме дека постоиме. Се обидуваме да се одбраниме. Само плачеме и се жалиме над нашата судбина!
Доста е!
Навистина со векови се наѓаме во незавидна ситуација, но не мислите ли дека и ние по малку сме виновни?
Наместо да се гордееме со ова што сме, да направиме сè што може да ни напредува ова парче земја кое едвај сме го задржале - ние плачеме, се повлекуваме и само се жалиме!
Доста е!

За туѓите пропаганди во Македонија

Пренесено од постар блог:

Во учебниците по историја и македонски јазик кога се разработува периодот на Балканските војни, како и Првата и Втората светска војна често се зборува за туѓите соседски пропаганди во Македонија. Од тие учебници никогаш не сум можела да сфатам како навистина изгледале тие пропаганди, во што се состоеле и на кој начин дејствувале. Бидејќи истата реченица се повторува во сите учебници на ист начин тоа станува фраза „туѓа пропаганда во Македонија“ која сосема го губи своето вистинско значење.
Дел од она што навистина се случувало можеме да го почувствуваме само во белетристиката на нашите автори. Пропагандата и притисокот врз македонското население на многу суптилен начин се прикажани на пример во „Пиреј“ од Петре М. Андреевски, „Крпен живот“ од Стале Попов, како и во приказните на прадедо ми. Во тој период на прадедо ми неколкупати му го менувале презимето. Бил Тевдо од Аврама, па како дошле Бугарите го прекрстиле во Тевдо Аврамов, потоа Србите го прекрстиле во Тевдо Аврамовиќ, кус период бил албански Тевдо Аврами, за потоа да завртат уште еден круг - Србите, па Бугарите. Конечно, по Втората светска војна го прашале човекот како сака да се презива - и од тогаш по сопствена волја станал Аврамовски. (Ова е истиот мој прадедо кој рекол дека од ова нашево нема ништо поубаво).
Ако ја погледнеме актуелнава политичка ситуација и односот на нашите соседи кон Македонија веројатно подобро ќе можеме да ги разбереме и пропагандите во минатото. Денес соседите бесрамно, пред целата светска јавност ни оспоруваат се! Тие ни кажуваат што сме, тие ни кажуваат што не сме и што треба да бидеме, тие ни кажуваат каква била нашата историја, тие ни кажуваат како треба да се однесуваме, што да мислиме и што да чувствуваме!!!
А бидејќи ние тоа не го сакаме тие применуваат модерна сила наречена ВЕТО! Грчко вето, бугарско вето, и најпредавничкото - внатреалбанско вето! Македонски Албанец бара од соседна држава на својата држава да и се стави вето! Ве молам! Колку сака нека биде заради сопствена промоција - тоа е целосно предавство! (И верувам дека има поддршка од голем број Албанци од Македонија).
За жал, нема мир за Македонија и Македонците.

Домашна историја

Пренесено од постар блог:

Татко ми има 73 години. Го преживеал осамостојувањето на Македонија, ја преживеал Југославија, бил дете за време на Втората светска војна.
Неговиот дедо живеел повеќе од сто години. Често заедно паселе овци по Шар Планина. Иако во детството бил овчар, тој е интелектуалец и за време на поранешна Југославија бил технички директор на ОХИС. Ова го кажувам за да биде јасно дека не станува збор за некое селанче. Тој е типичен Македонец кој најмногу се грижи за домот и семејството, кој сè уште ме гледа како дете, ги чува моите деца и постојано е тука (заедно со мајка ми). Живееме во типична семејна македонска куќа. Моето семејство на првиот кат, брат ми со семејството на вториот, а тие на третиот. Тој е понаклонет кон сфаќањата на брат ми (типичен стар комуњар), но кога сме сами заедно не ја пропушта можноста да ми кажува неколку случки од минатото.
Секоја недела (не претерувам) ми ја раскажува следнава случка (случајно да не ја заборавам):
„Дедо ми, кога имаше 102 години, секој ден ми раскажуваше што се случувало во нашето село. За бугарската окупација, за албанската, за српската. За доаѓањето на нивните учители и попови, за менувањето на презимињата. Синко, мене презимето сите ми го менуваа. Сум бил Аврамов, Аврамовиќ, Аврами. Кога заврши војната за првпат ме прашаа како сакам да се викам. Нешто да ти кажам синко, сè сум преживеал, ама од ова нашево ништо не е подобро.“
Така тато раскажува за времето од пред 150 години. Прадедо ми не знаел и не кажал „македонско“ - но кажал „нашево“ - бидејќи тој никогаш не се идентификувал ниту со едните, ни со другите, ни со третите, ниту со четвртите. А тој бил овчар. Целосно неписмен. Но, многу јасно го разликувал туѓото од нашето.

Втората приказна на тато е расправијата што ја имал со бугарска историчарка пред дваесетина години. Таа ми ја раскажува малку поретко (на две недели).
Кога дошле бугарски претставници во ОХИС цела делегација ја однеле во „нивниот“ Охрид. Историчарката падавичарела гледајќи ја „Бугарската престолнина“, „бугарската“ Самоиловата тврдина итн. Кога седнале да ручаат историчарката почнала да му зборува на татко ми како тој е неосвестен Бугарин, дека сè македонско е бугарско и дека тој нема поима, туку е инструран србоман. Се разбира дека татко ми не можел да ги поднесе таквите навреди и и рекол:
„Госпоѓо, прво, Вие не можете да ми кажете што сум јас. Јас Ве уверувам дека сум Македонец. А второ, ако сè ова беше бугарско, зошто тогаш Бугарија дозволи оваа територија да остане под Отоманската Империја? Ако тука живееја Бугари, немаше ли Бугарија да се загрижи за својот народ како и за останатиот и да го ослободи. Според тоа, јасно е дека тука не живеат Бугари. А ако толку инзистирате, нека ви биде. Но, од 1945 тука признаено живеат Македонци, во посебна Република, со посебен јазик. А, ако сакате доказ, тоа сум јас. Како можете во мојата држава да дојдете и да ми кажете што сум и кој сум? Бидете убедена дека не сум Бугарин и никогаш нема да бидам!“
Тато е многу задоволен од епилогот на оваа случка. Историчарката немала противаргументи и признала дека е голем пропуст на Бугарија што не ја „ослободила“ Македонија од турското ропство.

Третата приказна е полајт. Таа ја раскажува во посебно расположение. Тогаш, кога јас ќе му истрчам со разни „историски аргументи“. Случката повторно се однесува на Бугарија.
Некој соработник од Бугарија никогаш не бил во „старата татковина“. Неговите сонародници му ја опишувале и му кажувале дека кога ќе ја мине границата нема да забележи разлика и дека во Македонија живеат само Бугари. Него, исто така го прошетале низ Македонија, биле во Охрид, но не зафаќале политички теми. Последниот ден, кога се поздравувале со татко ми, тој му рекол: „Кога тргав наваму ми велеа дека во Македонија живеат само Бугари, но јас во Македонија не видов ниту еден Бугарин, туку само Македонци. Тоа сега јас ќе им го кажам на сите мои сонародници.“
И така. Секојдневно живеам со историјата на татко ми. Има и други приказни кои не му се толку интересни, па поретко ми ги раскажува. Но, со овие триумфалните, живееме секој ден.

И да, јас сум Македонка и тоа не може никој да ми го одземе.

Македонизам - што е тоа за мене?

Има неколку текстови од еден мој постар блог, кои сум ги подзаборавила, а кои мислам дека сепак треба да ми бидат во ова купче. Па, затоа решив да ги префрлам.
(Првично објавен во декември 2008 кога започнав со блогирањето, но тука е со друга дата поради едитирањето.)

Јас сум Македонкa. Иако мајка ми е Словенка, моето македонско чувство е многу силно. Имам многу пријатели кои се од мешани бракови, но живеат во Македонија и се чувствуваат Македонци. Не постои сила на светот што ќе може да го смени тоа. Јас сум Македонкa и како таквa ќе си умрам.
Моите деца се уште поголеми Македонци од мене заради проблемот што го постави Грција - нашиот јужен сосед (понатаму НЈС), на светската сцена - нашето име.
Затоа,
му благодарам на НЈС што го отвори прашањето,
му благодарам на НЈС што направи светот да слушне за Македонија,
му благодарам на НЈС што го освести мојот народ,
му благодарам на НЈС што го разбуди заспаното национално чувство затрупано од сиромаштија,
му благодарам на НЈС што предизвика полемики кои ќе произведат решенија,
му благодарам на НЈС што ги отвори нашите и туѓите архиви,
му благодарам на НЈС што предизвика копање на нашата земја (археолошко),
му благодарам на НЈС што нè натера да ги погледнеме сопствените убавини,
му благодарам на НЈС што нè натера да погледнеме во сопствените корени, во нашиот искон,
и најмногу му благодарам на НЈС што му даде смисол на мојот живот.

Македонизам - тоа е сето ова. Љубовта што ја чувствуваме кон нашата татковина, борбата која сме подготвени да ја водиме со сиот свет ако треба - и тоа за основното човеково право - правото на самоопределување!

18.3.10

Среќни претскажувања

„Јас сум како и сите луѓе: на светот гледам онака како што сакам да течат работите, а не онака како што навистина течат.“ (од „Алхемичарот“)

За жал, навистина, не само јас, туку речиси сите обични луѓе го гледаат светот вака. Сите посакуваат нешто, сите се надеваат на некаква среќа, си замислуваат дека ќе им се остварат соништата, си замислуваат дека живеат во демократија (пффпф, ова од лична исфрустрираност, се извинувам), си замислуваат дека ќе ја најдат вистинската љубов и среќно ќе живеат до крајот на животот.
За одмор од секојдневните „напрегања“ често го користам фејсбук. Очигледно дека тоа го прават многу луѓе, особено помладите. Сега таму најнов тренд се предвидувањата. Едно време тие беа ретки, но сега има „поплава“ од секакви предвидувачи на судбината и иднината. Сите сакаат да ѕирнат во иднината и сите сакаат да слушнат дека таа ќе биде супер. Епа тоа фејсбук го овозможува.
Речиси сите ги бараат советите од Баба Ванѓа, Jeanne the LOVE Psychic, среќното колаче, и безброј други.
Баба Ванѓа е сега најактуелна и таа вели:
Баба Ванѓа ти предвидува:
„Сине ти ке станеш популарна личност за неколку години."
Вакви предвидувачи кај нас се среќаваат и на англиски, а почесто на српски јазик.
You called Jeanne the LOVE Psychic to know your future
Jeanne said:
''Don't doubt - just do it and have fun.''
Колачето на судбината може мудро да ви каже:
*** Ljudi grade previse zidova a premalo mostova!***
Професија за тебе! - е прилично неинвентивна и сиромашна, па најчесо добивате:
"криминалец“
Šta ti danas kaže Srce? вели:
Pati za tobom, ali ponos je jači od svega...ipak javi joj/mu se !
Може да си прашате нешто за утре:
Sto te o4ekuva utre ?!
"Ke odis na gosti"
Или, класично, да побарате хороскоп:
Astrology - Today's Libra Horoscope
Here is your Today's Libra Horoscope
Your romance skills may not be the best, but that shouldn't stop you from flirting.
Compatibility:Aquarius
Mood:Flirty
Lucky Color:Sky Blue
Lucky Number:57
Lucky Time of Day:11am
А, ако сакате да дознаете каков е вашиот темперамент, ќе добиете многу „јак“ одговор.
KAKAV JE TVOJE TEMPERAMENT
Rezultat: SANGVIK (SANGVINIČAN TEMPERAMENT)-SNAŽNA I POSTOJANA OSOBA
Tvoja vrsta temperamenta se zove Sangvik.Po ovome ti si snažna i postojana osoba.Tvoje emocije su jake i stalne su.Ti kada voliš voliš cijelim srcem i dušom,u potpunosti se predaješ,ali kada presječeš počinješ da mrziš.Kada nešto imaš voliš to samo da imaš za sebe.Ne va...raš i nisi prevarnat ni u čemu.Kada se nečega prihvatiš potpuno si predan tome.Na tebe se uvijek može osloniti onaj kome pustiš da ti pridje dovoljno blizu.Jako si impulsivna osoba i u tebi je vulkan strasti.Kod tebe nema sredine ili si gore ili dole.Prihvataš sebe onakvog kakav jesi i to svi znaju.Čvrsto stojiš iza svih svojih postupaka makar bili i neispravni.Neinteresuje te mišljenje sredine radiš sve po svome.Ti živiš i postojiš,zbog onih koje voliš i svega do čega ti je stalo.

Се разбира дека тука се и неодминливите ликови од „Шехерезад“ во сите верзии.
Совет Од Шекерезада
"На тебе не ти требат совети супер си"
Совет од Бену
"Лепотицее/ Лепотанчее учи медицина "
sovet od seherzad(samo za devojki)
"ne bidi glupava kako mene zaso i tebe ''onur'' ke te ostavi"
Sovet od Nadidan
"Да бидеш сакана како Шехерезад, работата да ти оди како на Онур, да имаш другари како Бену, а љубов...та да ти трае како на Надидан и господин Бурхан."
Proveri dali izneveruvanjeto e tvoja slaba ili JAKA strana :)
93 % Da, definitivno :)
ИЛИ:
istina :)):
" osoba koja je u kontaktu s tobom duze vrijeme ali do sada nista nije bilo uporno pokusava dati ti doznanja da osjeca nesto.uspori malo,okreni se oko sebe i shvatit ces.sudjeni ste "
Вашето вистинско лице!
"Вие сте премногу оптимистични и позитивни. Го гледате светот розево и мислите дека сите околу вас с...е среќни и весели. Бидејќи летате во облаци и воопшто не сте реални, еден ден животот ќе ви приреди едно неочекувано непријатно изненадување со кое нема да знаете како да се справите заради вашиот позитивен поглед кон светот. "
Провери колку те сака љубениот/љубената
%59 Те сака највише на свет!!!
Дали те сака симпатијата/љубовта ???
"неможе да те тргне од мислите"
Кој те ШМЕКА..? :
" Eдно мн. убо дете.. Со Д почнува. "
Каква жена/маж ќе имаш?
"Ќе има бубулици"
или:
"Ти си хомо! Не е ова за тебе"
За што заслужуваш оскар?
"најдобра изведба на шипка"

А поинвентивните еве ги за крај:

Совет од бабичка!!!
"Бабино, почни да играш лото!! хехе"
Совет од Дедо Ристо[Амн]
"Убата таа на дедо!"
Шо вика Енрике Иглесиас за тебе?
"tolku ubav/a a single???"
Што мисли Слаткар за тебе
"добра девојка со добри нозе, би праел фотосесија со тебе"
и по Слаткар, најслаткото Сабинче за крај.
Ајде да видемо шо ќе каже Сабинче за тебе мило
"Ма јаооо ја чу да те зовем у студиому, па ти си пророчица мило, со мене ќе правиш барабар!"

И, има уште многу, ама јас не можев веќе.
Ете, во време на испразнетост, се занимавам со празни муабети.
(Називите на апликациите и нивните одговори се дадени во оригиналната верзија. За јазикот и правописот не сакам да коментирам.)

15.3.10

За Галилео

Вреди ли пријателството колку сопственото его?
Вреди ли пријателството колку сопствениот став?

Му се поклонувам на Галилео Галилеј!
И се пак ќе се врти!

9.3.10

Бугарски, словенски или македонски?

За да се разбере периодот на просветителството во Македонија (крај на 18 и почеток на 19 век), и зошто Македонците влечат на една, а Бугарите на друга страна, неопходно е да се знаат некои историски факти. 
Поточно, зошто за Македонците: Јоаким Крчовски, Кирил Пејчиновиќ, Џинот, Миладиновци, итн. се Македонци, а за Бугарите - Бугари. 
Многу полесно им е на Бугарите да ја искористат тогашната ситуација во своја полза, бидејќи на сите книги, во сите дела, на погореспомнатите навистина пишува Бугарин и бугарски јазик. 
Така, тие, потцртувајќи ги со црвено буквите БУГАРСКИ, немаат што понатаму да објаснуваат. Просто, нели? Така пишува - така е!Но, не е баш така! 
Визнтија, односно Романија (Источно Римско Царство), била поделена на Теми и своите жители секогаш ги декларирала географски, а не етнички. Така, жителите на темата Македонија биле географски Македонци, на Стримион - Стримионци, на Бугарија - Бугари. Всушност, тенденцијата била сите народи да се асимилираат и претворат во Ромеи (Византијци).
Во тој период, Темите не ја зафаќале истата територија како во минатото (ниту како сега), туку малку изместени, односно источна Тракија станала тема Македонија, Цариград и околината станале тема Тракија, териториите на Македонија, Црна Гора и дел од Србија станале тема Бугарија, а територијата на Бугарија - тема Паристион (или Мизија). Грците, пак, до пред стотина години се нарекувале исклучиво Ромеи (жители на Визнатија).


Името на темата Бугарија било причина сите јужни Словени да бидат наречени Бугари. И, уште повеќе од тоа - Грците го користеле терминот Вулгар (Бугар) општо за сите Словени (во негативна конотација, со презир).
Со освојувањето на балканските простори од страна на Османлиите во однос на имињата речиси ништо не се променило. Целата територија била просто наречена Румелија (Романија - односно, поранешно Источно Римско Царство), а сите жители Ромејци.


По укинувањето на Охридската Архиепископија и ставањето под јурисдикција на Цариградската Патријаршија во 1767 г. грчката пропаганда уште повеќе се засилила со поставување грчки свештеници во македонските цркви. Тогаш во Македонија се отвораат и грчки училишта, на грчки јазик и грчките учители го наметнувале терминот Бугар, бугарски јазик, како синоним за сите Словени и словенскиот јазик. Тогаш, нашите преродбеници, школувани во овие училишта народниот јазик го нарекувале бугарски (но контекстот е секогаш општословенски - на пример, тогаш се појавуваат историчари кои велеле дека Кирил и Методиј ја создале бугарската азбука и сите зборувале на бугарски јазик до Моравија). 
До тогаш, во Македонија никогаш не се употребувал зборот Бугар како синоним за Словен и не постои пишан историски извор, постар од 18. век, каде некој Македонец се изјаснил како Бугарин или својот јазик го нарекол бугарски. 

Крсте Петков Мисирков го објаснува поимот Бугарин: 
„Грците исто така не разликуваа словенцките народности и сите словени...го велеа со презреното име „бугари“. …Грците…употребуваа името бугарин за да воплотат во него своiето презреiн'е кон се словенцко... Со името бугари не крстиiа грците и нас македонците. Но тоа прекрстуаiн'е не iет iединствено…“ 
(Крсте Петков Мисирков. „За македонцките работи”) 


8.3.10

8 Март во ГУЦ

Како што веќе кажав (во претходниот пост) 8 Март е толку извулгаризиран како празник што би сакала да не сум тука тој ден. Но, сепак, денот е прилика да се направи нешто посебно и различно.
Во ГУЦ, веќе втора година тој ден правиме хуманитарен хепенинг во кој со свој труд учествуваат нашите ученици, а собраните средства ги наменуваме за дечиња на кои им е потребно лекување или се во тешка материјална положба. Оваа година не можевме како лани да се рашириме во училишниот двор, од познати причини: снегот и студеното време. Па затоа се прибравме во холот каде беа изложени цвеќињата (што нашата ботаничка секција ги произведе), накитот, вазните, сликите, шамиите и другите работи што ги направија нашите деца за продажба со хуманитарна цел.




А, за да не биде сето ова како обичен пазар, направивме и мала приредбичка со етно тема. Ни дојдоа гости, директорите на средните училишта, претставници од Собранието, и за првпат дојдоа новинари (а баш многу ги критикував дека доаѓаат само за тепачки, а никогаш за убави работи).Облечени во оригинални народни носии, учениците изведоа сцени од драмата „Бегалка“...

рецитираа песна за жената на албански јазик, една и на македонски,
пееше Беркан со наша ученичка во дует (прекрасна изведба)...и на крајот, играорките ја заиграа „Костурчанки“.

Надвор од контекстов, денес чув две добри финти што ме орасположија, едната во врска со снаоѓањето на жените при обидот да се подбиваат со неа, а втората - признание дека жената ја презема водечката улога.

Прва ситуација:

- Честит празник, хихихи, ама времево не ви се погоди. Студено и снежно (демек, како вас жените), не можете никаде да шетнете.

- Па што знам, добро си е, јас си седам на топло, а надвор гледам само мажи што трчаат по подароци и се воденат.

Втора ситуација:

- Што и зема на жена ти?

- 50 евра. Немаше повеќе да ми даде.

За вистинскиот 8 Март

Осми март (Денот на жената) не е празник на трговците со цвеќиња, не е можност да се изрази љубов со подарување влечки, не е празник на мајките кога дечињата треба да цртаат честитки со изрази на љубов, не е празник на „мајчините очи“, но со текот на времето тоа станал!
Осми март е денот кога жените конечно ги побарале своите права да бидат еднакви со мажите во општеството!
Историчарите велат дека во дамнешно минато постоел матријархат и дека тогаш целото семејство и општество (какво и да било) „се вртело“ околу жената. Но, бидејќи „колективната меморија“ досега отприлика како она што го кажува Гете (во мотото на мојов блог) - 3000 години, јас во мојата потсвест го имам чувството на обесправен пол. 100 години не се доволни за да се исправи неправда стара 10000 и повеќе години.
Жените во текот на човечката цивилизација биле третирани како домашни животни за расплод, без можност да се школуваат (бидејќи нивниот мозок божем не бил способен за тоа), без можност за вклучување во креирањето на „државата“, односно во политиката, без можност да кажат што мислат и да бидат креативни. Немале право на глас како што тоа го имале „моќните“ мажи.
Лично, не живеам во обесправени услови. Ги имам сите права, можност за креирање политика, можност за влијание, праведна распределба на обврските околу децата и домот - но, сепак, чувствувам револт (очигледно, нели?). Од каде произлегува? Прво, од историското сознание, и второ, од се уште омаловажувачкиот однос на мажите кон жените (барем во Македонија). Се разбира дека не зборувам за малиот процент „еманципирани мажи“ кои НАВИСТИНА полово не дискриминираат. Кај простиот македонски (и албански) селанец се уште жената е на ниво на расплодно животно. А, и кај тие, напредните, сигурна сум дека додека возат автомобил ќе чуете коментар во стилот: „жена!“ (со голем презир - дека не ја бива за возење), „жена!“ (со презир, ако е на раководна функција и утнала нешто), „жена!“ (со презир, за било каква работа што ќе ја направи жената и ќе погреши). Понатаму изразите „женски памет“, „женска глупост“ и сл. се вообичаени во нашиот секојдневен живот.
Често ми замеруваат дека сум била феминистка - а и таму чувствувам дискриминаторска нишка. Да, феминист сум во вистинската смисла на зборот, но не во онаа во која тие ја кажуваат! Јас сум феминист - борец за еднакви права (ништо повеќе од тоа), а не феминист - повторно со презир, дека претерувам и дека „барам преку леб погача“.
Овој 8 Март е јубилеен - 100 години од прогласувањето на празникот - Ден на жената, кога таа се изборува да го добие правото на глас (да смее да излезе на избори!) и да има еднаква плата со мажот на исто работно место! Ваквите барања ги изразиле во улични протести жените во Њу Јорк, на 8 март 1908 година, но на 8 март 1910 година во Копенхаген по иницијатива на Германката Клара Цеткин тие права официјално се побарани.
Тоа е 8 Март - празник на вистинскиот феминизам, а не на лигавење и извртување на фактите повторно во полза на мажите - празник на мајката?, празник на љубовта? (немојте ве молам!).
На крај, им го честитам празникот на сите жени, со надеж дека во следните 100 години ќе успееме да се избориме за вистинска рамноправност.

7.3.10

Стоикот Сенека

„Каков напредок постигнав? Си станав пријател самиот на себеси. Тоа е навистина напредок. Таквите луѓе никогаш не се сами и им се пријатели на сите.“


Сенека потекнувал од богато семејство од Кордуба (Кордоба, Шпанија) што му овозможило да се здобие со најдобро образование (беседништво и филозофија) со цел да се искачи на највисоките државни позиции во Рим.
Уште како млад со воодушевување го прифатил стоичкото учење како и некои делови од питагорејството (селење на душата и вегетеријанството). Но, татко му не сакал тој да биде филозоф, па затоа му го прекинал школувањето и го испратил во Египет кај нивни роднина, префект. Тука се запознава со древната култура на Египет за која напишал и книга која денес е загубена.
По враќањето од Египет се зафатил со државни служби и беседништво. Во времето на Калигула истапил во Сенатот со една беседа (чија содржина ни е непозната) за која ќе заработел смртна казна. Но, тогаш се разболел од туберкулоза па смртната казна не му е досудена со верба дека и онака ќе умре. Тогаш, бил вплеткан во некои дворски сплетки и испратен на прогонство на Корзика. Обвинението било дека имал вонбрачна врска со сестрата на Калигула (што не е потврдено, но фрла поинакво светло на Сенека). За време на седумгодишното прогонство се задлабочил во филозофијата, а во Рим го вратила Агрипина, мајката на Нерон. Бил поставен за тутор на малолетниот иден император, бил воспитувач и советник, и се здобил со неограничено богатство и моќ. Станал најбогатиот Римјанин. Но, кога Нерон ќе се осамостои, богатството и моќта на Сенека ќе почнат да му пречат. Сфаќајќи ја опасноста, Сенека се повлекол на имот во Кампанија, но Нерон искористил некоја завера и го обвинил Сенека за учесник. Откако ја добил пораката од императорот, Сенека достоинствено ја прифатил, си ги пресекол вените, завршувајќи го животот во стоички дух како гостин кој е веќе заситен од гозбата.

Мисли од Сенека:

*Додека живееш, учи како да живееш.

*Учам да учам.

*И додека подучуваат (предаваат) луѓето учат.

*Тешкотиите го засилуваат мозокот, како работата телото.

*Подобро е, секако, да знаеш бескорисни работи, отколку да не знаеш ништо.

*Многуте животни неволји го учат човекот да молчи.

*Најмоќен е тој што се има себеси под сопствена моќ.

*Што мислиш за себе е многу поважно од она што мислат другите за тебе.

*Прости им на другарите, но немој себеси.

*Човекот е несреќен ако се убеди себеси во тоа.

*Како некој може да владее со другите, ако не може да владее со себе?

*Владата треба да служи, а не да господари.

*Секое патување има крај.

*Ниту една голема неправда не трае долго.

*Кога и да се измешав меѓу луѓето, секогаш потоа ќе почувствував дека сум изгубил по нешто од својата личност.

*Дружи се со оној кој те прави подобар.

*Упорната добрина го победува и најтврдото срце.

*Никој не треба да се гордее со нешто што не е негово.

*Ако живееш во согласност со природата, никогаш нема да бидеш сиромав, ако живееш според мислењето на луѓето, никогаш нема да бидеш богат.

*Сиромашен не е тој што има малку, туку тој што сака повеќе.

*Туѓите гревови се пред нашите очи, а нашите ни се зад грб.

*Додека ги одложуваме работите, животот поминува.

*Веднаш започни да живееш, и број го секој ден посебно, како посебен живот.

*Животот не е ни добар ни зол, тој е само место каде што доброто и злото постојат.

*Суровоста се раѓа од немоќта (слабоста).

*Ниту еден човек не станал мудар случајно.

*Пијанството е доброволно лудило.

Стоичка школа

Во потрага по среќен живот се и филозофите од Стоичката школа. Таа се појавува во истиот период со Епикурејската (3 век пред наша ера), и е исто така долговечна, односно трае до ширењето на христијанството.
Се изделуваат три периоди на Стоичката школа: Стара, Средна и Доцна стоа.
Зенон од Китион (од островот Кипар) е основач на оваа школа. Тој, а и неговите први следбеници, Клеант и Хрисип, се со семитско потекло, па на оваа филозофија и даваат еден нов семитски правец. Како неформално место за собирање и ширење на неговата филозофија Зенон го избрал Шарениот трем (стоа) на атинскиот плоштад. (Инаку, трем е место каде што се стои, а сличноста на зборовите „стоа“ и „стои“ е случајна???)
Стоицизмот е свесно изграден и затворен филозофски систем кој ги опфаќа трите дисциплини: логика, физика и етика. Логиката се занимава со умот и разумот, физиката со природата, а целта на етиката е остварување среќен живот.
Во логиката, кај стоиците е интересен парадоксот на лажгото кој предизвикал многу расправии и објаснувања.
Имено, изразот гласи: „Епименид од Крит вели дека сите луѓе од Крит лажат“; дали тој кога го вели ова лаже или ја зборува вистината.
Ако Епименид од Крит зборува вистина, а вистината е дека сите од Крит лажат, тогаш и тој всушност лаже. Ако пак, лаже дека сите од Крит лажат, тогаш, значи ја зборуваат вистината, па и Епименид ја зборува вистината.
Колку оваа загатка ги преокупирала филозофите зборува фактот што Хрисип за неа напишал 28 книги за на крај да констатира дека тоа воопшто не е никаков израз, туку бесмислен звук. Денес, решението се бара во правењето разлика меѓу исказ и исказ за исказ.
Во однос на прашањето дали постои Бог, стоичката аргументација ја синтетизирал Цицерон, и таа се состои од следното:
- светот, особено небото, остава впечаток на некаков огромен усогласен механизам кој далеку ги надминува човековите можности;
- создавањето таков сложен и хармоничен свет по пат на случајност е неверојатно;
- светот изобилува со поволности за живот така што се отфрла помислата за спонтаност;
- светот е толку убав што далеку ги надминува можностите на некое ограничено смртно суштество;
- несовршеноста и неусогласеноста во светот се само привидни појави - поради наше неразбирање на нештата или поради неизбежен склоп на околности.
Стоиците човекот го сфаќаат како дел од светот поврзан не само телесно туку и со неговата душа. Сметаат дека човековата душа е едно парче од космичката душа.
Етиката е најразработениот и најпознатиот дел од стоичкото сфаќање, особено од доцниот период. И до ден-денес се употребува терминот „стоичко однесување“, а тоа подразбира повеќе елементи.
Пред сè, тука спаѓа нивната изрека „да се живее во согласност со себеси“, односно со својот разум и природата.
Во однос на доблеста, стоиците настојуваат да ги надминат личните мотиви и да им се даде предност на оние кои водат кон доброто на заедницата. Според нив, добро е: мудроста, храброста, размислата и правдата; а зло е: плиткоумноста, плашливоста, духовната зачмаеност и неправдата. Останатите работи се индиферентни (неопределени) каде спаѓаат: здравјето, богатството, сиромаштијата, убавината, моќта, физичката сила, славата, па дури животот или смртта. Всушност, слично на Сократ, тие сметаат дека само мудроста сама по себе е добро.
Стоичкото сфаќање на страстите е дека тие не се нешто пасивно, туку се еден вид движење и тоа ирационално движење на душата. Тоа се оние природни нагони во нас кои поради прекумерната сила можат да се изродат во нешто неприродно и неразумно. Во основа, се изделуваат 4 вида страсти: болка, задоволство, страв и желба.
Болката е неразумна тегоба на душата. Нејзини подвидови се зависта и љубомората.
Задоволството е возбуда на душата кога нешто и годи.
Стравот е неразумно очекување на нешто лошо. Се јавува како загриженост, срам и трема.
Желбата е неразумен порив и може да биде: злоба - желба да му се случи нешто лошо на друг; гнев - желба да се казни некој што ни направил неправда; љубов - да се стапи во блиски односи со некого.
Страстите се толкуваат како болести на душата. Според стоиците тие се резултат на лоша проценка, погрешно мислење (односно заблуда и незнаење).
Со постојана нега на душата, грижа за себеси можеме да ги совладуваме страстите со нивно подведување под контрола на разумот. Па така, од желбата разумот може да создаде волја, од задоволството - душевна ведрина, од стравот - претпазливост, а душевната болка треба да се отстрани од животот бидејќи е неразумна.
Стоичкиот мудрец е олицетворение на врвна среќа и блаженство зашто него страстите не го засегаат, а настаните околу себе ги прифаќа без возбуда. Тој е свесен за разликата меѓу надворешната и внатрешната слобода која се ограничува на она што е навистина наше и затоа само тој е слободен.
Стоицизмот има многу допирни точки со христијанството, поточно со семитските религии (еднобожечки - јудаизам, христијанство и ислам).
Основната сличност е во тоа што сметаат дека еден е Бог кој ја има целата сила, дека се е негово, дека луѓето доаѓаат од некаде, а потоа си одат повторно таму некаде. Односно, Бог му го дал животот на човекот и ред е тој повторно да му го врати.
Особено познати се филозофите од Доцната стоа (римски стоицизам): Сенека, Епиктет и Марк Аврелиј Антонин, чии животни приказни се исто толку интересни колку и филозофијата со која живееле.

6.3.10

Епикурејска школа

Со ширењето на Македонската Империја, со создавањето на една космополитска држава и филозофската мисла си добива еден свој нов правец.
Во овој период (на ширењето на македонизмот) се развиваат три филозофски школи кои почиваат врз темелите на претходните искуства, но кои внесуваат и нешто ново. Тоа се: епикурејската, стоичката и скептичката. Сите тие го бараат патот кон среќниот и спокоен живот, но препорачуваат различни патеки.

Епикурејската школа е наречена така според нејзиниот зачетник - Епикур. Тој е роден на островот Самос (Сам со грчка наставка -ос?), од каде потекнува и Питагора, а во непосредна близина се местата од каде потекнуваат и другите славни филозофи како: Талес, Анаксимандар, Анаксимен и Хераклит. Епикур ќе основа неколку школи и ќе се здобие со голем број приврзаници. Најпозната е неговата атинска школа каде неговата група ќе биде нарекувана „филозофи од градината“ бидејќи се собирале во една градина која тој ја купил. За да не го критикувам многу, за негова среќа, во својата дружина тој вклучувал луѓе од сите сталежи, родови и полови. Што значи, во неговата школа имало и богати, и робови и жени. Всушност, тоа наликувало на „хипи комуна“ каде заедно живееле луѓе со слични размислувања, се дружеле, разговарале и си уживале, одвоени од надворешниот свет. Епикурејската филозофија и начин на живот продолжува да егзистира и по смртта на Епикур, до римско време, а има приврзаници и многу подоцна, односно со појавата на модерната филозофија.
Според Епикур, целта на филозофијата е човекот да го направи среќен. Тој препорачува да се живее согласно со природата, и во суштина е хедонист, сметајќи дека задоволствата ја чинат среќата. Тоа го поткрепува со однесувањето на тукушто родените деца кои знаат што е задоволство, што значи дека тое е инстинктивно, длабоко вкоренето тежнение на нашата природа. Но, тој предупредува дека постојат природни и неприродни желби (задоволства) кои сакаме да ги оствариме. Разликата е во тоа што природните желби имаат граница. На пример, кога сме жедни, имаме желба да пиеме. Но, не може да пиеме до бескрај, туку тоа има граница. Природни, но не и нужни желби се кога сакаме да пиеме различни пијалоци, а не само вода. А, ненужни, односно неприродни желби се желбите за слава, моќ, богатство, престиж и сл. Тие ги прават луѓето алчни и обземени со своите лажни фантазми, па затоа тие никогаш не се задоволни од она што се и секогаш сакаат да бидат нешто повеќе.
Главниот мотив на епикурејската филозофија е ослободување на човекот од ограничувањата што ги наметнува лажното мнение. Тука спаѓаат нашите страсти и нагони на кои им робуваме, како и предрасудите во однос на смртта, боговите и судбината. Филозофијата треба да биде лек за душата. Со сопствените страсти и нагони треба да се справиме со умереност, и со посакување само на нужните желби и со справедливост кон другите. Размислувањето за смртта е посебно интересно. Епикур вели:
„Смртта, тоа најстрашно зло од сите, нема ништо со нас: додека не има нас, ја нема смртта, а кога смртта ќе дојде, не нема нас.“
Цицерон (Кикерон) го дава ликот на вистинскиот епикуреец и вели: „Тој секогаш наоѓа начин во секој миг и ситуација да открие задоволство во живеењето. Секогаш е ведар и расположен, дури и кога има болки, и не чека подобри времиња во иднината, туку се радува што може да го живее дадениот миг, а од минатото ги памети и чува како скапоценост убавите моменти што ги доживеал.“
Кај епикуреецот основни начела се: отсуството на стравот од Боговите и смртта, неверувањето во судбината, душевното спокојство, самодоволноста и повлечениот живот.

Хороскопска филозофија

Денес не читав ништо. Баш чудно за мене. Еден куп време поминав на фејсбук, дрдорејќи глупости, колку да ми помине петоков. Откако ми дојде преку глава и се исклучив, сфатив дека таму имам една посебна категорија пријатели. Шкорпии...
Јас не знам што сакаат овие шкорпииве (мислам на хороскопскиот знак).
Во последно време просто сум опкружена со шкорпии од сите возрасти и се чувствувам како да сакаат да ја испијат целата моја енергија. Ми се допаѓа кај нив интелигенцијата, моќта веднаш да разберат што мислам и што сакам да кажам, но нивната преголема посесивност ја заморува водолијата во мене. Во прв момент им се допаѓа мојата широчина, мојот светоглед, па и мојата сила, но набрзо посакуваат да ја поседуваат, да биде само нивна, да не ја споделувам со никој друг.
Еве ги накусо нивните карактеристики:

Добри карактеристики:
Магнетни, таинствени, страсни, лојални, заштитници, смели, добри советници, категорични, интуитивни, со интензивни чувства и емоции, љубопитни, самокритични, енергични, не примаат средна позиција, поседуваат способност за аналитично мислење.

Лоши карактеристики:
Опсесивни, посесивни, љубоморни, манипулатори, сакаат да се одмаздуваат, секогаш незадоволни, деструктивно критични, тирани, брутални, жестоки, завидливи, нетолерантни.

Секој „неповолен“ збор за нив е крај на пријателството и започнуваат со одмаздата. Мене само ми е чудно, зошто и како ми се случи во краток период да се спријателувам токму и само со шкорпии, а до сега биле надвор од мојот круг на прифатливи пријатели (освен татко ми кој ми е пријател од раѓање).

5.3.10

Која филозофија ми е најблиска?

Иако растев и се развивав во времето на социјализмот, сепак, основните принципи и доктрина на христијанството ми биле всадувани уште како дете. Се разбира, познати ми беа сите христијански обичаи кои ги прославувавме во помала или поголема мера, животната приказна на Исус Христос, некои приказни од Стариот завет (Постанокот), итн. Но, не можам да заборавам кога во средно училиште за првпат се сретнав со источната „религија“, која секако е повеќе филозофија, и со какво воодушевување почнав да ја проучувам и да се интересирам за неа. Не можев да верувам дека таква убавина ние само површно ја спомнуваме, и дека таа не е дел од нашиот живот. На ова се потсетив сега, зашто ќерка ми за првпат се сретнува со источната филозофија (во средно училиште) и го гледам кај неа истото воодушевување.
Се прашувам дали е тоа случајно, дали зашто е воспитувана „на мој начин“ или можеби постојат подлабоки (да не речам некакви исконски) корени за тоа.
Мислам дека не е до воспитувањето, зашто пред некоја година кога со учениците (различно воспитувани) разговаравме на оваа тема - реагираа со истотото воодушевување.
Затоа, ќе си ги кажам моите „антиквизаторски“ размислувања во врска со ова.
Во основа, во светот постојат две верувања, две филозофии на сфаќања за животот, за постанокот на светот, за постоење „виши“ суштества (богови) итн.
Едното сфаќање е на ариевците (индоевропјаните) кои верувале во многу божества (политеизам). Имињата на боговите кај сите индоевропски народи потекнуваат од истиот корен, впрочем како и јазиците - затоа се индоевропско семејство. Освен многубоштвото, главни карактеристики на оваа древна филозофија се: сфаќањето за цикличното повторување на историјата, вечната борба меѓу доброто и злото, увидот - како највисок степен на сознание и приближување кон бога (видот како сетило е на највисок ранг), верување во бесмртноста на душата, поточно на нејзината реинкарнација, итн.
Второто сфаќање е семитското. Тие верувале (и веруваат) во еден бог (монотеизам), историјата ја сфаќаат праволиниски - со почеток и крај (апокалипса), за спас на душата сметаат дека е потребно покајување и исчистување, тие ги слушаат божјите заповеди (па затоа слухот е најважното сетило), итн.
Сите три западни религии (христијанство, јудаизам и ислам) се со семитско потекло.
Не знам за другите, ама мене источните (всушност ариевските) религии ми се поинтересни, попримамливи и поприфатливи. Можеби звучи смешно да барам некаков внатрешен и дамнешен корен на оваа моја симпатија кон нив. Но зошто тогаш, ми се случи мене, и и се случи на ќерка ми, кога ќе се запознаеме со нив да се почувствуваме како да сме доживеале „откровение“ или „увид“ во нешто што било скриено од нас, а сме го носеле во нас?
Како и од каде семитските религии доаѓаат кај нас и кои се главните пропагатори?
Тоа се нашите соседи, јужни и западни.
Сметам дека и едните и другите имаат семитско, а не индоевропско потекло. Зарем не е чудно што и едните и другите божем говорат јазик од индоевропско потекло, а и едните и другите се сосема сами во својата „група“ јазици. Ниту грчкиот, ниту албанскиот немаат сродни јазици, не спаѓаат во ниту една група. Сите останати се големи расчленети семејства. Особено не можам да сфатам како „научниците“ се справуваат со тоа што „најстариот“ европски јазик - грчкиот, нема свое семејство! Како од него не се развил НИТУ ЕДЕН друг јазик???
Освен осаменоста на овие јазици во огромното индоевропско семејство, дека и едните и другите се сосема друг народ од останатите европски, доказ е и религијата која ја носат и наметнуваат - семитската, еднобожечката.
А, за малку да не подизлажат и натераат да ја прифатиме таа религија (која за нас е туѓа) морало да се направат бројни отстапки. На пример, визуелното претставување на Бог во овие религии е забрането, но во нашите цркви и тоа како има цртежи (икони и фрески) на Бог и Исус; понатаму, во нашите христијански обичаи и тоа како влегле многу „пагански“ огнови, маскирања, песни и разни други обреди.
Се разбира, сега враќање нема. Срамота е да кажам дека Ѕеус, Атена, Аполон, Афродита, Хермес, Силен, итн. ми се многу посимпатични „од нешто друго“. И не само срамота (среќа што не е Среден век), туку ќе ме направат безбожник, богохулник, и не дај Боже, ќе ме линчуваат на плоштад пред да ја стават статуата на Аце наш (ама, посимпатични ми се, па тоа ти е...).