28.4.10

Сонетен венец

За да нема двојби (иако има бројки) како тече мојот сонетен венец, решив да го ставам тука како целина (а и да не го чита некој од назад кон напред).

1. (Месечарење)

Не мислев дека ќе пишувам сонет за тебе
дека бессони ноќи илјадници ќе бледам
дека толку длабоко ќе погледнам во себе
дека некакви сенки месечарски ќе следам.

Не мислев, но мојте мисли сами се ројат
ме демнеат, ме мачат, притискаат, болат
кај се вештерките судбината што ја кројат?
кај се рицарите мои сега да ги колат?

Нема мир да најдам додека животот трае
нема ни утеха во стихови полни очај
нема надеж ни во нашите коловртници

ниту во ѕвездата на Кутлеш која не сјае.
Нема надеж за бесмртни, миличко мое, знај
ама најмалку за нас, како бедни смртници.

2. (Ѕвезда)

Ама најмалку за нас како бедни смртници
се грижи некој горе, не ни подава рака,
пишува неми зборови на празни страници,
Проклето да е небото што нас не нè сака.

Погледнувам горе, небо, една ѕвезда паѓа,
блеснува желба во мене, уште неслушната,
ах, колку грешам, попусто надеж ми се раѓа!
Ѕвездата си била, за друга двојка гушната.

Солза се мрести, сака на образ да ми живне
стегам јас душа, но поглед без желба се мати.
Камен-срце да имав ќе те преболев тебе

и лесно ќе беше страста љубовна да стивне.
Небо, дај ми среќа, нејќам душа да ми пати
Миг штом трепнеш, о, смрт сè носиш ти со себе.

3. (Опијка)

Миг штом трепнеш, о смрт, сè носиш ти со себе.
Каква смисла ли има тогаш овој страшен бол?
Вреди ли мракот земен покриен ко со тебе?
и вреди ли трпнеж срцев прободен ко со кол?

Во ноќта царувам, осамена, најсреќна знај,
лесни мисли во мракот се ројат, слободно
летаат тие, спокојно, во секој скриен крај,
талкаат и се ситат мили, дур не допрат дно.

Чаши бројам и мислам, таму ли е мојот спас?
Се прашувам, има ли на светов таков, којшто
чиста радост сетил од опијкини блесоци,

којшто тага стопил во бегство, од самите нас?
Среќа-тага, среќа-тага, мразен животе, што
одиш, и трошки збираш по незнајни врвици.

4. (Нема враќање)

Одиш, и трошки збираш по незнајни врвици
зашто патот кажан нејќеш веќе да го следиш!
Зад секој агол те чекаат нови крвници,
на местото да те вратат бедна кај што седиш.

Не, враќање нема, ништо веќе не е исто!
Можеш ти, но нема да молиш за пелин прошка
зашто знаеш во срцето дека ти е чисто
и тебе не ти треба туѓа презирна трошка.

Сега само сенки црни, мртво-живи глави
гледаш, караѓоз ли си игра некој на ѕидот
со сеништа ѕверски, грди, стрвни, голи, боси?

Препознаваш свој лик таму, и тој со нив слави!
Но, мугра сенките ги бледне, ѕирка од ридот,
еве, се буди нов ден, и нова надеж носи...

5. (Славејче)

Еве, се буди нов ден, и нова надеж носи
петел од далеку слушам и оџата в село.
Црцор птичји утрински, темнината ја гаси
зраци мирно, полека, облекуваат бело.

Славејче мило, ноќно другарче верно мое,
не си веќе само, како во ноќта наша глува.
Врапци будни се сега, стана друштвото твое,
пеј си, сите се тука, има кој да те чува.

И мене иста среќа ме чека, џагор, врева,
луѓе, насмевки рој, пријателска врвулица!
Но во срцето само една желба ми клика

само едно од сонот гнасен мене ме крева.
Кога твојот лик го гледам меѓу илјада лица
трескавична радост, сонце во срце ми блика.

6. (Тажна среќа)

Трескавична радост, сонце во срце ми блика,
знам јас, ден е овој среќен, тебе ќе те видам,
низ тунелот мој тесен како матна си слика,
доволно барем јасна, за среќна јас да бидам.

Пред луѓе си мислам, ова не е шега вкусна
да не познаат нешто, глумам среќа, радост
но штом останам сама, ми натежнува усна,
чело црта линија тажна, очи губат младост.

Доаѓа другар ведар, и ми носи тој цвеќе,
Гледа во мојте згаснати очи кај тага пека:
„Што ти се случува, судбината што ти носи?

Во очи ти старост замени радоста веќе!“
Молчам, и си мислам, дал да му кажам дека:
Ова е мугра на животот мој кој се коси.

7. (Разговор)

„Ова е мугра на животот мој, кој се коси“-
почнувам тивко да сронувам мисла. И веднаш,
мака во солза бега, лицето ми го роси.
Како само да чекав некој да праша еднаш.

Липам, но брзам од душа чемери да тресам:
„Јас не можам веќе ништо од вчера да гледам,
на крстопатов стојам, стари сеништа бесам,
нов живот сакам, сакам јас нов пат да следам,

нови нешта сакам, сакам јас возбуда жива,
старото боли, смрди, чека на смена ваму
со некоја пролет свежа кајшто среќа клика.

Сакам да избегам одма од сегашност сива,
во нов живот и во нов свет, некаде таму,
минатото каде ми станува бледа слика.“

8. (Освестување)

„Минатото, каде ми станува бледа слика?
Од него, каде да бегам, каде да се скријам?
Од сегашност, што по мене кукавички вика,
Од утре во немир, во неизвесност што вријам?“

На зборојте мои, враќа пријателот верен:
„Во средна си доба, не можеш да бидеш иста
одбери го патот, ти одбери живот смерен
не лажи се, не наоѓај изговори триста,

во момент на слабост, ајде, изнајди ти сила.
Освести се, сети се, што во живот е вредно?
дом и деца, живот имаш совршено скроен.

Не играј си, биди ти, таква каква си била!“
„Не е е лесно“, велам, „се чувствувам бедно,
Има ли, кажи, спас, од мојов живот двоен?“

9. (?!?)

Има ли, кажи, спас од мојов живот двоен?
Има ли, кажи, спас од ноќите пробдеани?
Има ли, кажи, крај на сомнежот мој броен?
Има ли, кажи, крај на лагите посеани?

Не, нема пат друг освен напред ил назад!
Не, нема зора нова со зраци крв алови
Не, нема раце в преграб мене да ме пазат
Не, нема бег од вистини голи и јалови.

Жално е што сакам силно тебе да те гушнам,
жално е што сакам по цел ден да те гледам,
жално е што сакам понекогаш да те лажам,

жално-тајно во прегратка моја да те мушнам.
Лажно ли е, или жално, стално што те следам?
Лажно ли е, баш сè, пред другите што ќе кажам?

10. (Пролетен мирис)

Лажно ли е баш сè пред другите што ќе кажам?
Лажно ли е што велам, ми мириса на пролет?
дека од облаци дождовни по малку тажам
дека од нашето сонце пак ќе земам залет?

Ми мириса на пролет, пoвторно кревам врева,
на цвеќе полско, нане, на мајчина душичка
на јоргован, на зумбул, на покосена трева.
Ми се присторува? велат: каде си миличка?

Сè е лажно, знај, зашто сè мириса на тебе!
Каде и да пројдам, ти веќе таму си прошол
каде и да дојдам, ти веќе си бил таму дар

но, колку и да брзам, не те стигнувам в себе,
колку и да брзаш, почекај! одговор би нашол
избави ме, те молам, од овој страшен кошмар!

11. (Македонија)

Избави ме, те молам, од овој страшен кошмар,
од време измешано, од векови минати,
од векови сегашни, од соседскиот дар-мар,
од вистина составена од слики скинати.

Ти, ти го можеш тоа, зашто голем си ко Земја,
голем како Александар и Филип заедно,
како Орфеј и Херакле во борба со ламја,
голем како Македон и Бело Море бездно,

голем, како цела македонска историја,
голем ко коловрт бесмртен, ко вртешка,
голем ко Аристотел, ко Аполон строен

голем ко мојата бесмртна Македонија!
Каков строеж е ова, судбо моја претешка?
Чуден е за мене, за туѓ живот како кроен!

12. (Мозаик)

Чуден е за мене, за туѓ живот како кроен,
за великите како, ко за најславниот крал,
ко за фалангата силна, за народ мој броен
ко за некој светец славен, ко за Исусов грал.

В жили ми тече вековна крв, ровари, рее
таа прави в миг да бидам Големата Мајка
а ти од Говрлево Адам. Павле го сее
првото семе, а Лидија, станува бајка.

Јас мозаик од камчиња древни си правам,
каде миличко секогаш си посебно нешто
со зборови, песнички и приказни те снажам

во акростихот на мојов сонет ќе те ставам.
Знаеш, рубин си, но и опиум мој си, зашто
крај нема, кога за бескарајната љубов лажам...

13. (Вистината)

Крај нема кога за бескарајната љубов лажам,
крај нема кога со зборови да си играм сакам,
крај нема штом вистината треба да ја кажам,
штом и последна порака треба да ти праќам.

Не грижи се, јас храброст идна ќе ти вдишам,
не плаши се, од несреќи тебе ќе те пазам,
не тажи се, ако треба солзи пак ќе бришам
и страшните бубачки за тебе ќе ги згазам.

Вистина, сè минува, животот е зајак брз
реалноста гуша стега, но ти фати смелост,
за нова младост, за среќа нова ти фрли зар.

Да, живот не е вечен, лебди една мисла врз
о, вистината кој ја знае, љубов нуди вечност!
О, вистината дал ја знае, мојто миличко бар?

14. (Збогум)

О, вистината дал` ја знае, мојто миличко бар?
Дал` знае колку смеа, колку радост донел тој?
Дал` знае колку значи, колку тој е голем дар?
Дал` знае колку многу смени, во животот мој?

Време дојде и за збогум, крајот наш се ближи,
така е, но солзи нема, плачот не ме гуши.
Ако кругот ита, кон почеток свој се движи,
не тажам, среќна сум што ние, сродни сме души.

Збогум мило и со среќа, живот убав имај
радост, деца, дом топол, жена - љубов вечна!
Грабај живот што ти нуди, земи се за себе

само музо, спомен остај, тоа не ми земај!
А споменот - е тука вткаен ... оти кога почна,
не мислев дека ќе пишувам сонет за тебе...

15. Магистрал

Не мислев дека ќе пишувам сонет за тебе
Ама најмалку за нас како бедни смртници.
Миг, штом трепнеш, о, смрт сè носиш ти со себе.
Одиш, и трошки збираш по незнајни врвици.

Еве се буди нов ден, и нова надеж носи
Трескавична радост, сонце во срце ми блика
Ова е мугра на животот мој кој се коси
Минатото каде ми станува бледа слика.

Има ли, кажи, спас од мојов живот двоен?
Лажно ли е баш сè пред другите што ќе кажам?
Избави ме, те молам од овој страшен кошмар

Чуден е за мене, за туѓ живот како кроен.
Крај нема кога за бескарајната љубов лажам
О, вистината дал ја знае, мојто миличко бар?

26.4.10

Магистралот

Не испаѓа секогаш сè како што планираш, па тоа ти е. Планирав мојот „сонетен венец“ да го пишувам 15 дена, но толку ме опседна и преокупира што го завршив за 5.
За оние кои не се разбираат многу во теоријата на литературата... мало објаснување:
Сонетниот венец се смета за една од најтешките и најсложените поетски форми. Тој е составен од 15 сонети (сонет е песна од четири строфи: 4+4+3+3, две катрени две терцини).
Секој последен стих од четиринаесетте сонети е прв во наредниот.
Последниот, петнаесеттиот сонет се вика магистрал и е составен од првите (или последните) стихови од сите претходни сонети.
Освен тоа, во овој венец, стиховите се четиринаесетерци и има постојана рима (АБАБ, АБАБ, ВГД, ВГД) - претежно женска (но понекаде машка и дактилска).
Во магистралот е застапен и акростих - односно првите букви на стиховите ја сочинуваат посветата.

И, ете го и мојот:

Магистрал

Не мислев дека ќе пишувам сонет за тебе
Ама најмалку за нас како бедни смртници.
Миг, штом трепнеш, о, смрт сè носиш ти со себе.
Одиш, и трошки збираш по незнајни врвици.

Еве се буди нов ден, и нова надеж носи
Трескавична радост, сонце во срце ми блика
Ова е мугра на животот мој кој се коси
Минатото каде ми станува бледа слика.

Има ли, кажи, спас од мојов живот двоен?
Лажно ли е баш сè пред другите што ќе кажам?
Избави ме, те молам од овој страшен кошмар

Чуден е за мене, за туѓ живот како кроен.
Крај нема кога за бескарајната љубов лажам
О, вистината дал` ја знае, мојто миличко бар?

(Патем, затоа не сакам поезија - заради глупавата школска анализа. Важна ли е формата? Верувајте - воопшто. Важно е само доживувањето, експресијата, будењето на нашите чувства. Важно е срочените зборови, било поезија или проза, да успеат да ме допрат и да ме поттикнат на следно верглање на мојот мозок.)

25.4.10

Цако, нашиот ангел со бисер песни...

Денес, поточно веќе вчера, се случи нешто многу поважно од моите песнички, па затоа ќе мора да го прекинам низот на „мојот венец“.
Денес, мојот внук од брат, Александар, кој сите го викаме Цако ја промовираше својата збирка песни (мило на тета).(Вест и во Канал 5 за нашата ѕвезда.)
Цако е нашата радост, нашата болка, понекогаш причина за семјните расправии, но најголемата причина за вистинско зближување на семејството.
Цако се роди со Даунов синдром, нè збуни сите, нè отера во ќорсокак. Што сега? Како понатаму? И ништо - ја прифативме реалноста и почнавме да живееме со неа. Цако во сè функционира нормално, освен што има типично закосени очи, потешко зборува, потешко чита и пишува, потешко пресметува задачи. Но, Цако, сè друго гледа со душа - секоја ваша реакција, секое ваше движење, секој ваш поглед со одвратност кон „различното дете“. Може вие не знаете, ама тој сето тоа го сфаќа и сето тоа длабоко го погодува.
Уште кога беше многу мал, се сеќавам, го земав да се прошетаме низ Трговски, заедно со моите деца. Седнавме во „Шехеразада“, тогаш таму имаше детски играчки. Сите тројца отидоа да се лизгаат, да се кријат во малата куќичка. Цако полека (бидејќи и успорено се движи) влезе во куќичката. Но, само што се приближи до игралиштето, луѓе, само што се приближи, сите родители си ги прибраа своите деца. Цако ме погледна, се почувствува како да направил нешто грешно, крена раменици и влезе во куќичката.
Тешко дека некогаш сум се почувствувала погрозно. Ми идеше да ги истепам сите родители заедно со нивните деца. Ми идеше да го грабнам Цаце и да го однесам во некој друг свет каде нема да ја чувствува болката што другите му ја причинуваат. Ама немаше каде. И сè уште нема каде.
Цако си растеше, ние го сакавме, го сакаа и многу други. А, тој, тој ги сака сите. Без разлика дали му се смеат, дали го навредуваат, дали го плукаат - тој пак ги сака сите.
Во средно на Цако мислам му беше најтешко. Соочен со деца на возраст во која не се грижат за туѓите чувства, со деца кои по секоја цена сакаат да си го покажат својот мангуплак. Си страдаше Цако, но таков е животот (сите страдаме, нели?). Тие години најголема потпора, другар, „соученик“ кој му помагаше да учи, беше неговиот дедо Милан (Мио, Мики) - татко на мајка му. Тие заедно си живееја во дел од заедничката куќа, заедно спиеја, јадеа, пиеја пивце, заедно правеа сè. Но, лани Мики умре.
И Цако почна да си ги пишува своите песни - песните на чија промоција бев денес: 



За мојот дедо...

Мики

Сè би сторил
да те видам пак.
Секој ден е тажен
сам по себе.
Толку си ми потребен,
те молам, врати се.

Со небото

Секоја вечер би те чувал
и во моето срце
ќе бидеш само ти.

Со небото ти си вечен знај!
Мики, ти си месечина
која цел живот ќе ме следи
во добро и зло.

Ветрови и снегови
ја сликаат твојата смрт.


Не, не, не

Сега ни покажуваш
што е тоа љубов
немој да одиш прерано,
не можам да сум сам.

Сонот оди
и од мене и од тебе.
Сакам да се вратиш, знај!

Ми фалиш

Уште една ноќ без тебе,
јас не можам без тебе.
Те молам, врати се!
Те молам,
не оставај ме сам пак.

Знај, моето срце
чука за тебе,
а ти не си тука
покрај мене.

Проклето

Секој ден...
не е како порано.
Само ти си ми во мислите.

Секој ден...
Без тебе не можам.

Да е проклет денот
што отиде.

Сам сум

Без тебе јас пропаѓам,
ангелу мој!

Јас сум сам,
не можам да поверувам.

Сонувам да се вратиш пак,
ти си во моето срце
засекогаш, знај!

Зошто

Зошто си ми драг?
Зошто баш ти ми требаш?
Зар не гледаш дека е крај?

Зошто живеам?
Во тебе сакам да останам.
Во тебе само уште малку,
и сè ќе се смири.

Плачам

Јас плачам пак.
И не можам да верувам.
Прости ми
што плачам без крај,
но не можам.
Врати се.
Ме мачи тоа што те нема.

Кога ги прочитав овие песни рикав ко магарица. Не можев да сопрам со плачење. Зашто, Цако, знаете ли колку ја скри болката по смртта на дедо му, знаете ли колку никому не покажа дека е толку многу сам...

Денес, на промоцијата, пак не можев да не пуштам солзи. Но, овојпат од гордост. Зашто денес Цако беше најславниот на свет, зашто тој има своја книга:


(на насловната е цртежот на Цако од градинка - „Мојата сестра“)
И, зашто без разлика на сè, без разлика на сите, Цако е среќен, и сите не сака...

Нема да се нервирам

Небото е прекрасно!
Ѕвезда падна во темницата!
Нема веќе да се нервирам.
И животот е песна.
Сега знам
веќе нема да се нервирам,
само ќе се смеам.

22.4.10

Ќе си играм поет (2. Ѕвезда)


Еве ја втората:

2. (Ѕвезда)

Ама најмалку за нас како бедни смртници
се грижи некој горе, не ни подава рака,
пишува неми зборови на празни страници,
Проклето да е небото, што нас не нè сака!

Погледнувам горе, небо, една ѕвезда паѓа,
блеснува желба во мене, уште неслушната,
ах, колку грешам, попусто надеж ми се раѓа!
Ѕвездата си била, за друга двојка гушната.

Солза се мрести, сака на образ да ми живне
стегам душа, но поглед без желба ми се мати.
Камен-срце да имав ќе те преболев тебе

и лесно ќе беше страста љубовна да стивне.
Небо, дај ми среќа, нејќам душа да ми пати
Миг штом трепнеш, о, смрт сè носиш ти со себе.

Ќе си играм поет (1. Месечарење)

Иако сум професор по македонски јазик и литература, сепак, никогаш особено не сум ја сакала ни почитувала поезијата. Во неа сè е толку интимно, субјективно, што дури ми изгледа смешно да се анализира. Таа, поезијата, е моментна, обично посветена некому и другите што ја читаат може само да се пронајдат во неа или ништо да не сфатат. Голата анализа на песните, според мене, е дури срамна. Стилски фигури? Рими? Строфи? Тоа е само форма која секој може да ја устрои.
Затоа, за експеримент, да пробам да бидам „секој“, деновиве размислував да почнам да пишувам некакви песнички. Па, ете, да видиме дали еден обичен човек како јас може да го направи тоа? Ќе има ли уметност во моите песнички, или тие ќе бидат само форма која сакам да ја постигнам?
Ќе ги пишувам ден за ден - 15 на број, секој ден, 15 дена.
Па, еве ја првата:

1. (Месечарење)

Не мислев дека ќе пишувам сонет за тебе
дека бессони ноќи илјадници ќе бледам
дека толку длабоко ќе погледнам во себе
дека некакви сенки месечарски ќе следам.

Не мислев, но мојте мисли сами се ројат
ме демнеат, ме мачат, притискаат, болат
кај се вештерките судбината што ја кројат?
кај се рицарите мои сега да ги колат?

Нема мир да најдам додека животот трае
нема ни утеха во стихови полни очај
нема надеж ни во нашите коловртници

ниту во ѕвездата на Кутлеш која не сјае.
Нема надеж за бесмртни, миличко мое, знај
ама најмалку за нас, како бедни смртници.

21.4.10

Мајка Тереза - уште еден бренд на Македонија

Покрај Јустинијан, за рекламирање на Скопје и Македонија, секако треба да се форсира Мајка Тереза.

Мајка Тереза е личност за која ретко кој во светот не слушнал. Таа е единствениот македонски Нобеловец, жена, која целиот живот им го посвети на сиромашните, болните, отфрлените од општеството, која неуморно му се посвети на хуманизмот поради што е прогласена за светица.

Да повторувам овде која е Мајка Тереза навистина е бесмислено, бидејќи за разлика од целосното запоставување на Јустинијан, за Мајка Тереза сепак нешто е направено: Спомен-куќата во центарот на Скопје, која за една година ја посетиле 80 000 луѓе, и официјалната интернет страница на куќата со доста информации.

Но, и тоа некако е недоволно.

Не знам зошто, ама кај нас сите работи не се како што треба. Никој жив не ја поврзува Мајка Тереза со Македонија, па ни самите Македонци. Ако некој почитувач на оваа голема хуманитарка има желба да дојде во нејзиното родно место - за тоа ќе треба „дебело“ да се помачи. Сајтот и Спомен-куќата никако не се поврзани со Македонија. Тоа, како да лебди во некој непознат простор без почеток и крај, без место и корен.

Што сакам да кажам? Сакам да кажам дека сè треба да има некаква хиерархиска подреденост. Линкови кои ќе се движат од горе надолу и од долу нагоре. Ако некој се заинтересира за Македонија - мора да има централна база на податоци (сајт) од каде може да допре до сè што е интересно за нашата земја. На Википедија има нешто такво: порталот Република Македонија, но таму нема линк до Спомен-куќата на Мајка Тереза, до другите официјални страници (иако ретки) на археолошките наоѓалишта во Македонија, до неофицијални, но квалитетни блогови итн. (Секако, тука ниту со еден збор не е спомнат Јустинијан, а за доаѓањето на Словените се раскажува на долго и на широко.)

А и обратно - на страницата на Спомен-куќата на Мајка Тереза не се спомнува Македонија, а за некаков линк не станува ни збор. (Затоа сè ми лебди - без корени.) Па, каде се наоѓа таа Спомен-куќа? Според мене, страницата треба да биде обоена македонистички, да ги има сите наши бои и симболи, карти, мапи (има една колку за лек) - за кога ќе се отвори - веднаш да се знае за што станува збор - а не дека е тоа само една необична зграда во некојси зафрлен град некаде на земјината топка...



18.4.10

Човечко слепило

Дали некој намерно го устроил човечкиот живот да биде толку краток за да не може да ги осознае работите? Дали е тоа „божја волја“ да го остави човекот потчинет, без можност да ги достигне височините?
Што може еден човек да научи во текот на целиот свој живот? Речиси ништо. 
Возможно ли е да прочитате сè што е поставено на Википедија (да не одам пошироко од тоа)? Нема шанси. 
Ние само како петли на буниште чепкаме по малку од сознанијата на нашите предци за да дојдеме до свои. Што значи, и веќе готовите информации ги преиспитуваме, па си ги ставаме во нашата меморија. За жал, моите деца треба истото да го почнат од почеток. Би било добро кога барем би можело да ги префрлам моите информации во нивниот мозок, па тие да продолжат понатаму. Ама, не - не може така. Секој човек мора да почне од почеток. И таман кога ќе почне некои работи да ги осознава, ќе присобере повеќе информации - цап - мора да умре и сето тоа неповратно да биде загубено. Катастрофа. 
Срам да му е на тој што нè смислил вакви. Постојано да се вртиме во истиот круг. Постојано да бидеме слепи...

Досадно (поточно здодевно)

Доооосадно...
Сабота навечер, моиве спијат, никој на фејсбук, ништо на телевизија, македонскиот блогерај се укочил и „не се дава“, од многуте започнати не можам да се решам која книга да ја читам... и едноставно немам што да правам. Не се сеќавам кога последен пат ми било досадно. Ама сега ми е. Многу.
Доооооосадно...
Кај да избегаш од дождливата недела која уште ја одржува депресијата? Кај да избегаш од немањето волја и желба за ништо? Кај да избегаш од оваа проклета досада?
Досадно ми е и да пишувам, зашто немам идеи, досадно ми е да зјапам во ѕид зашто е идиотски... се ми е досадно...
Ај, еве, да разбијам, ќе пишувам песнички...

Ѕвони тишината во мене.
Минуваат мигови...
очекувам нешто да се случи,
наслушнувам,
има нешто...
ѕ, ѕ, ѕ, ѕ, ѕ
ах, тоа било само
ехото на ѕвонежот
од тишината во мене.

Ништо. Кога не оди, не оди. Поарно да читам нешто.

15.4.10

Мое е - не е мое - Епиктет

Родителите посакуваат нивните деца да бидат совршени, а се помируваат со нивната несовршеност...


За мајките, верувам дека најубавите моменти во животот се раѓањето на децата. Иако поминаа многу години сè уште живо се сеќавам на чувството на љубов кога се роди моето прво дете. Држејќи го во раце тоа мало живо суштество кое беше мој плод, кое излезе од мене, му се восхитував, а често и плачев од пресилната љубов. Но, многу брзо сфатив дека веќе не е дел од мене, дека си е посебен човек кој се развива на посебен начин. Често родителите веруваат дека децата се нивна сопственост и дека може да прават со нив што сакаат. Им ги наметнуваат своите ставови, ги тераат да бидат она што во младоста самите не успеале да станат, ги казнуваат за самостојните чекори кои не се во склад со нивното гледиште на животот, ги тераат да живеат онака како што самите мислат дека треба да се живее. Но, не е така. Секој има право да си го одбере својот пат, а родителите треба да бидат тука за да помогнат...


Епиктет е стоички филозоф кој живее на почетокот од нашата ера. Уште кога бил дете го довеле како роб во Рим. Има една анегдота за него во која се гледа неговиот цврст карактер, самоконтрола и интелект. Имено, неговиот господар Епафродит, нешто незадоволен од Епиктет го ставил на направа за измачување истегајќи му ја ногата. Сосема мирно, Епиктет го предупредил дека ако продолжи со истегнувањето, ќе му ја искрши ногата и ќе го направи својот роб куц. Господарот сепак продолжил и ногата навистина се скршила, а Епиктет само рекол: „Ве предупредив дека ќе се скрши“. Веројатно поради духовната надмоќ и почитта што ја предизвикувал кај луѓето, неговиот господар го ослободил. За време на императорот Домитијан кој ги прогонувал филозофите од Рим, Епиктет заминал во Никопол (Епир) каде отворил своја школа. Меѓу учениците се издвоил Флавиј Аријан, кој најверојатно ги напишал „Разговори“ и „Прирачник“ - дела од каде се црпат знаењата за учењето на Епиктет.
„Прирачникот на Епиктет“ е една книшка од афоризми, изреки, кои претставуваат синтетизирани и издвоени тематски целинки. Секоја од нив пренесува посебна порака.
Можеби заради животното искуство (тоа што бил роб), а сигурно и заради големата духовност, неговите изреки зрачат со вистинитост. 
Еве како тој ја дефинира сопственоста, односно она што е во наша моќ и она што не е.

1.
Од нештата, едни се во наша моќ, а други не се во наша моќ. Во наша моќ се сфаќањата, дејствието, стремежот, одбегнувањето; со еден збор, сите дела што изворно се наши. Не е во наша моќ телото, имотот, угледот, местото во општеството; со еден збор, сите дела што изворно не се наши.

2.
Она што е во наша моќ, по природа е слободно, не е недостапно ниту пак може да биде одземено. А она што не е во наша моќ е слабо, ропско, може да биде недостапно, туѓо е.

3.
Затоа запамети: ако го сметаш за слободно она што по природа не е слободно, а за свое го сметаш она што е туѓо, ќе трпиш многу страдања, јадови и маки, прекорувајќи ги за тоа боговите и луѓето. Но, ако за свое го сметаш само она што е твое, а за туѓо она што навистина е туѓо, никогаш никој не ќе те принуди на нешто, никој не ќе ти пречи, никого нема да прекоруваш ниту да обвинуваш, ништо не ќе правиш против своја волја, никој не ќе ти наштети нешто; непријатели нема да имаш оти не ќе претрпиш никаква штета.

*Првите неколку изреки од книгата се однесуваат на работите што се во наша моќ (или наша вистинска сопственост) и оние што не се. Според Епиктет (а мене ми е многу прифатливо), вистински среќен и задоволен човекот може да биде само ако е свесен што е негово.
Што е мое? Всушност, моја е само мојата духовност, моите сфаќања и размислувања, моите знаења и стекнати искуства, мој е изборот како ќе дејствувам, како ќе се однесувам, кон што ќе се стремам и што ќе избегнувам за да не бидам повредена. Па, тука е одговорот и на филозофското прашање - што сум јас? (кој сум јас?) Јас сум мојата духовност, моите сфаќања и размислувања. Ништо друго не сум јас. Јас сум господар само на овој дел - можам да мислам како сакам, да стекнувам знаења, да се стремам кон осознавања. Овој дел од мене никој не може да ми го одземе, затоа Епиктет го дефинира како слободен (а веројатно и затоа што бил роб, па сè друго било потчинето, ама духовноста никој не можел да му ја одземе). Телото? Тоа во секој момент може да се прекрши, разболи, но духот не може; имотот во секој момент може да изгори, пропадне и да се загуби; угледот со најмал кикс може да биде срушен и секогаш зависи од другите; сите овие работи се слаби и туѓи, и не зависат од нашата моќ.
Значи, за да не страдаме во животот, мора да расчистиме со себеси и да сфатиме што е наше и во наша моќ, а што не е.

8.
Запамети: за секое поединечно нешто што ја привлекува твојата душа, ти користи или го посакуваш помисли си какво е тоа, почнувајќи од она што е најмалку важно. Ако посакуваш грне, помисли си дека ти едноставно посакуваш грне. Ако тоа се скрши, нема толку да жалиш. Ако многу го сакаш своето дете или жена, помисли си дека тоа што го сакаш е човек. Доколку се случи некој од нив да умре не ќе се избезумиш од болка.

10.
Не самите нешта туку мислењето што луѓето го имаат за тие нешта предизвикува немир кај нив. На пример, смртта не е нешто страшно оти и Сократ ќе се плашеше од неа. Самиот наш став спрема смртта предизвикува страв и затоа смртта ни е страшна. Кога нешто ни пречи или сме вознемирени, не треба причината да ја бараме во нешто друго туку во нас самите, во нашите сопствени ставови спрема тоа нешто. Кога ќе направи нешто лошо, простиот човек ги обвинува другите; оној што е на почетокот од образованието се обвинува себеси. Вистински образованиот човек не ги обвинува ни другите ни себеси.

11.
Немој да се гордееш со туѓи предности. Кога еден коњ би се фалел говорејќи: „Јас сум убав“, тоа некако би се прифатило. Но ако ти се пофалиш велејќи: „Имам убав коњ“, знај дека се гордееш со коњско добро...

15.
Никогаш за ништо немој да речеш: „Го загубив“. Подобро речи: „Го вратив назад“. Ако ти умрело детето, речи дека си го вратил назад. Лишен си од она што ти е дадено на овој свет; сега си го вратил назад. Но, ќе речеш дека тоа ти го одзел некој арамија! Не е твоја грижа на кој начин ти е земено даденото. Сè додека ти е дадено, грижи се за него како за туѓо како што гостите се грижат за она што припаѓа на гостилницата.

19.
Ако посакуваш твоите деца, жена ти и сите твои блиски да живеат вечно, бездруго си малоумен. Ти сакаш она што не е во твоја моќ да биде во твоја моќ, а туѓите нешта сакаш да бидат твои...

Децата што сум ги родила не се мои (секако дека се мои во пошироката смисла на зборот), но не се моја сопственост за да смеам да се однесувам со нив како со себе. Само тие имаат право да одлучуваат за својата душа (духовност, напредок, стремеж), а јас можам само да поттикнувам и помагам, ништо повеќе (и ништо помалку).

11.4.10

Да ја купиме приказната од Турција 5

Во Турција сè ви продаваат по пристојни цени: 20-25 евра целодневно уживање со фамилијата и никогаш не ве измамуваат. За тоа што сте се договориле - тоа го добивате (па дури и повеќе од очекуваното). Кога слушнаа дека уште не сме биле во Аква-парк - веднаш ни го продадоа. А, ние, се разбира, веќе уфилмани во турскиот бизнис, веднаш и прифативме. Не си ни помисливме дека е тоа уживање само за деца, зашто кога еднаш така тргнавме во Дизниленд, божем за задоволство на децата, ние возрасните бевме тие што збеснаа и што не можеа да се изнауживаат. Па така и тука. Аква-парк, тоа е уживање за сите. Таму сите стануваат деца.
 И, по исполнетиот ден, може да имате и исполнета ноќ. На секој чекор има танчерки кои си поигруваат со мажите, а се разбира дека има и европска забава - дискотеки, кафулиња, пена-парти и сл., но без мирисот на ориентот ќе поминете како и во Скопје.
Бидејќи никој не ни организираше посета на Ефес и Троја, таму само пројдовме, ѕирнавме и ги оставивме за некој нареден пат кога ќе одиме во Турција. Не ги доживеав и не можам да раскажам. Кога нешто се прави со брзање и патем, тогаш не е убаво. Се надевам дека ќе одам да ги видам како целодневни доживувања.
И, ете, доста е. 
По сè изгледа моиве постови испаднаа повеќе како реклама отколку како поента. Ама не ми е жал да биде и реклама. Зашто Турција вреди да се доживее, речиси исто толку колку Македонија.

Да ја купиме приказната од Турција 4

Во морето бескрајни понуди, кои сфативме дека не можеме да ги поминеме за петнаесетина дена, ја прифативме уште посетата на Памук Кале, а Ефес и Троја ги оставивме за самостојна посета на враќање.
Памук Кале, според Турците, никој не смее да го пропушти. И, отидовме. Тоа е навистина екстра убавина, ама тој ден гледано само од кола. Кога излегов надвор мислев дека истиот момент ќе се онесвестам. 43 степени беше под сенка, а на сонце не сакам ни да претпоставам. Набрзина сликнав и се потопив во водата од која барав спас и разладување. Ама ништо не почувствував, само уште поголема тежина. Водата топла, надвор пекол и гледав да избегам некаде кај што ќе најдам воздух. 

Влегов во кола и од таму го видов музејот. Побрзав со трчање до него и не зажалив - климатизиран, супер. Искрено, ништо не видов и ништо не знам. Само несвесно си сликав, за некои подобри времиња, кога ќе можам да видам што сум гледала. 

Не ми беше јасно како другите луѓе ја поднесуваат жештината. а таму доаѓаа автобуси, еден куп луѓе, и никој не припаѓаше. Ама и за тоа Турците се мајстори - ќе те убедат да одиш, па макар не било време за тоа.

Но, големата некропола во античкиот град си го кажа своето - тука луѓето доаѓале и многу умирале. 

Навистина е убаво и несекојдневно, но немојте да одите кога денот е пеколен. Мене сè ми беше темно пред очи и да ги немав сликите, веројатно ќе заборавев дека сум била таму.
Дури подоцна прочитав кој е тој антички град и малку ми беше криво што не успеав да ја совладам жештината.



Да ја купиме приказната од Турција 3

Ако случајно ви здодеат бротчиња и морето, Турците ќе ви понудат и нешто друго. На пример, сакате ли да бидете Рамбо, да се возите со џип по околните планини и да доживеете уште неколку приказни? А, зошто да не?
Така, одвоивме ден и за водачот на турата т.н. Рамбо, кој нè убеди дека ќе си поминеме незаборавно. 
Бидејќи бевме единствени Македонци (веќе кажав дека е тоа посебна привилегија), плативме пола цена и нè возеше токму Рамбо што беше многу важно зашто бевме први во конвојот. Прво не ми беше важно, но подоцна сфатив дека сите зад нас ја јадеа прашината од џиповите и дека е навистина привилегија да си во првиот џип.

Само што тргнавме ги видов „уфилманите“ учесници кои со рамбовски шамии си ги врзаа главите и со водени пушки се гаѓаа едни со други. 

Се тркавме по планините, прескокнувавме дупки, минувавме низ рекички, низ борови шуми, и за да не биде само тоа, повторно ни продаваа приказни. На одмор за кафе не однесоа на едно многу интересно место. Природен феномен. Во залив, на средината има огромен насип кој речиси ќе отцепел еден дел од морето. По врвот од насипот може да се оди и да се чувствувате како да сте на сред море, како да лебдите над вода. И без приказна природата е убава и вреди да се види. Но, како би го запамтила да ја немаше приказната?
Демек, многу одамна, прекрасната принцеза сакајќи да избега од пиратите, а не знаејќи да плива решила да прејде на другиот брег така што ќе насипува песок. Речиси пред крај, таа многу се изморила, се лизнала и се удавила. 

И, тука се беше во знакот на принцезата (?), приказната за сите да ја прочитаат, нејзината скулптура, како и многу мали скулптурички за продажба.
Од таму, водачите ветија дека ќе не носат на уште неколку интересни места - на најубавите водопади што ги прави мала студена и бистра рекичка, во село каде се произведува најубавиот мед и каде што се наоѓа најстарото дрво (како нашиот чинар), ама пред тоа во ресторан на ручек.
И ресторанчето беше избрано во духот на денот - како крајдрумска кафана за стари камионџии каде не дочекаа со студено пиво и готов ручек.
Отидовме на водопатчињата кои не може да се споредат со оние што ги имаме кај нас, на рекичката која не може да се спореди со убавината на нашата Радика, кај старото дрво кое е многу помладо од нашиот чинар. 

И тука почна да ми станува криво. Како можеме да бидеме толку за никаде и да не знаеме да продадеме ама баш ништо од Македонија? Прво, ние не знаеме што имаме, а потоа доаѓа синдромот на „Македонче“ кој обезвреднува сè.
Колку често се случува кога ќе дојдат гости од некаде во Скопје домаќините да не знаат каде да ги однесат? А, Скопје, и неговата околина има историја и убавина која не може за еден месец да се разгледа...

Да ја купиме приказната од Турција 2

Претходниот пост содржеше слики од Анталија, каде морето е прекрасно, плажите исто така, ама за Турците тоа е малку, па ви нудат повеќе.
Мармарис е гратче кое нема убави плажи, морето е поцрнето од калливиот песок, но тоа не пречи - таму сè цути од туризам. Претежно одат млади бидејќи ноќниот живот е навистина пребогат, а плажите не им значат многу. Но, токму таму Турците се покажуваат како вистински продавачи на приказни. За релативно малку пари се нудат навистина убави доживувања. Уште ако влезете во нивниот филм, ептен ќе ви биде убаво. А тешко дека нема да влезете. Тие се толку нападни во продажбата, што на крај мора да попуштите и нема да зажалите.
Во Мармарис на секој чекор се нудат разни целодневни патувања со бротче и бидејќи можете да си ги дозволите, ги прифаќате.

Бротчето е релативно мало, но убаво. Ве возат до најчистата и најубава морска вода преполна со риби на капење, ви даваат и ручек, и се разбира не дозволуваат да ви биде здодевно. Секаде има забавувачи кои ја поткреваат атмосферата, играат, се смеат, се веселат, кои се платени да ве натераат и вие да бидете весели.

Ама, за да ви биде уште поинтересно ви нудат приказни, го мешаат минатото со сегашноста, ви ја нудат историјата која се случувала на турско тло без разлика што не е нивна, ја чуваат и негуваат како најскапоцено нешто.
Меѓу другото, нудачите на екскурзии на своите тезги имаа едно мало шишенце со песок. И... тука им започнуваше приказната. Турата беше - посета на плажата на Клеопатра. А шишенцето доказ дека ќе видите нешто навистина интересно.
Демек, Марк Антониј со бродови донел песок од Сахара, кој е многу бел и округол (како најситни бисерчиња) за да и направи на Клеопатра плажа за одмор на еден мал остров. И, како да не отидеш? 

Со автобус, па со брод пристигнавме во близина на плажата. Можевме да ја видиме од далеку, но моравме да чекаме да дојде нашиот ред. Не можеа сите наеднаш да стапнат на островот зашто би се направил хаос, па затоа си чекавме. Бротчето се вкотви малку понастрана, ни дадоа ручек и забава и не забележавме дека си почекавме еден саат. Кога дојде нашиот ред - јасно и гласно ни кажаа дека ние имаме два саати и ни минута повеќе. 

И, ете ја, плажата на Клеопатра. Да беше ова кај нас, одамна ќе го растуревме, ќе го уништевме, ќе се расправавме дали Клеопатра е Македонка и дали имаме право да ја продаваме. И ништо немаше да постои. А во Турција сè се чува. Ни зрнце песок не смее да се однесе од плажата. Можеш да влезеш, ама не смееш да носиш пешкир кој збира многу песок, не смееш да пушиш оти од бел песокот ќе стане грозен, а кога си одиш мора сите зрнца што ти се закачиле на телото да ги вратиш (под туш). Зашто, ако не послушаш, прво викаат по тебе, а потоа не знам... може те чека „турски затвор“.

На почетокот мислев дека приказнава е „турска работа“, но не било така. Од плажата, по уредена патека се одеше до остатоците од антички градби.
Куќата поставена на највисокото место беше поврзана со подземен тунел кој водеше право до плажата. 
И, се разбира, како за Клеопатра, да не и биде здодевно во топлите лета таму има изградено и цел еден мал амфитетар.
Што значи, приказната и не била целосно измислена, туку тие знаат да ја исфилуваат и да ја продадат. 
Инаку, во Турција има уште една голема плажа на Клеопатра со ист таков песок и со истата приказна, па и таа се продава без проблем.
И, не, не сакам да ја рекламирам Турција, сакам само да кажам како се продаваат приказни, како се чува наследството, како треба ние многу да научиме од нив.