29.5.10

Хуманитарна претстава од ГУЦ

И оваа година, како лани, направивме училишна хуманитарна претстава. Веројатно поради искуството, сè беше многу подобро од минатата година во организациски и технички поглед. Всушност, сè беше многу професионално.
Претставата се одржа во МКЦ (на 27.5.2010 г.), каде секогаш ни излегуваат пресрет, а салата беше преполна, што значи дека и средствата што ги собравме не се за потценување. 
 Директорката со почесните гости кои ја изразија најголемата благодарност за овој чин

Глумците беа вистински професионалци, за мене подобри од голем дел од оние што „глуматаат“ во Драмски и МНТ. 
Публиката со воодушевување ја следеше претставата и на крајот беше навистина задоволна и искрено им честиташе на учесниците и на главните „виновници“ на целиот проект - професорите Стево и Флорита. 
 Се надевам дека ваквите претстави ќе станат традиција во ГУЦ и од година во година ќе бидат сè подобри.

Печалбари

Никогаш не сум можела да разберам зошто луѓето ја напуштаат Македонија, и сè уште не разбирам.
Често во училиште со учениците печалбарството ни е тема на разговор. Со некои генерации се трудам повеќе, со некои помалку, но, секако се обидувам да им го разбудам длабоко заспаниот патриотизам. Обично во прва година бројот на оние што сакаат да си одат од Македонија е многу голем. Тоа дефинитивно е од семејното влијание, од незадоволството на родителите пренесено на децата, и муабетот - „Македонија нема што да ти пружи“. Со систематско, четиригодишно трубење за патриотизам, обично сум задоволна од резултатите. Дел од нив стануваат патриоти, дел се предомислуваат и забораваат на напуштање на татковината, но сепак, еден дел сè уште мечтае за поубав живот - таму некаде далеку - што е карактеристика на романтизмот. (Додуше и јас понекогаш посакувам да сум на пуст остров, далеку од сè и од сите - ама пак брзо се враќам во реалноста).
Пред некој ден се собравме со класот што заврши пред 10 години, што им бев класна. Фино. Сие ок, голем дел завршиле факултет, некои работат се снаоѓаат, некои џаболебарат и се зезаат и сите се сè уште тука. Ама двајца имаат во план да си одат. Едниот, сосема непронајден како личност, постојано во некои „матни швалерски врски“, постојано со мобилниот и пораките кон некои девојчури (иако е женет со дете), а другата секогаш незадоволна од сè. Веднаш си се помирив - такви на мојата Македонија не и требаат. Само колку да се бројат не се потребни. Нека одат - нека си се бараат по светот, нека го најдат својот романтизам.
За нив не, ама едно време се разочарав кога братучедиве почнаа да ми заминуваат. Кукавици, продадени души - отидоа 2001. Еден куп, 15 души. Сè имаа тука. Куќи, станови, коли, работа, сè! И нивното образложение за пронаоѓањето на подобриот живот некаде далеку од тука беше: во Америка сè е средено, никој не користи крпи за бришење, туку сите хартија, па не мораш да переш; алиштата не се пружале, туку имало сушарници (ма ве молам!) и 100 други вакви глупости. Се разбира, во Америка немало и Албанци со кои треба да се справуваш. И отидоа. Од тогаш немам никаков контакт со нив. Се однесуваме како да е среден век - без средства за комуникација. Немам ништо нивно, ни меил, ни фб, ни телефон, ништо. Очигледно не сакаме да имаме. Сите нивни врски со татковината се пресечени како папочната врска по породувањето. Тие не сакаат да знаат ништо за тука - јас не сакам да знам ништо за нив.
Зошто ги обвинувам? Епа што луѓе се тие, бе? Тие, демек отишле во потрага по подобар живот? Демек, тука не се пронашле себеси? А каде ќе се пронајдат? Сите што ги познавам, што си отишле биле непронајдени личности. Но, таквите, кај и да отидат нема да се пронајдат! Тие постојано се во потрага по нешто... самите не знаат по што - мислат дека парите ќе им го решат проблемот. А всушност имаат проблем со самите себе.
Ах, плитки суштества, со уште поплитки души, ветрушки без разум и најплиток ум. 
И толку, доста се нервирам за нив. Тие нека си го тераат својот живот, а јас ќе си уживам во мојата татковина, ќе си ја откривам и сакам, ќе си бидам задоволна и среќна и покрај сите нејзини проблеми, политички и економски, историски и географски, и какви ти уште не. (Ама без таквите работи животот е здодевен.)
А, за братучедите и останатите емигрантчиња кои немаат срце ни за љубов кон татковината, па камоли за нешто друго - еве едно големо поздравче!


Мај

Мај... најубавиот период од годината, најубавиот од животот. Во мај не се пишува, не се чита, не се учи, туку само се шета, се ужива и се љуби.
Колку е лошо што токму во мај се прават сите тестови, писмени, се поправаат единици, се учи за матурски испити. Колку е грозно токму во мај да бидеш нервозен и напнат, да не смееш да излезеш и да уживаш на прекрасното сонце и во пријатните вечери.
Во мај треба да имаме распуст, треба да се опуштиме и да ја црпиме енергијата од обновената природа за и ние да се обновиме.
Сега и липите ќе процветаат - па како да се сконцентрираме на теорија, кога практиката нè повикува да се соживееме, да ја мирисаме, гледаме и чувствуваме?
Ахххх, јас не можам, а камоли учениците....

26.5.10

Матурски прослави

Завршија матурските прослави. Како-така, важно завршија. Ова како-така всушност ми значи - лошо. Не ми е јасно зошто се настојува на стариот модел на прославување, кога е очигледно дека веќе не го бива?
Со години наназад матурантите само што ќе се приберат во ресторанот, веќе почнуваат да си заминуваат.
Пред два-триесет години, да не речам во мое време, освен новогодишните и велигденските, матурските прослави беа единствените пригоди кога можевме да останеме по 12 часот. Тогаш кафулињата затвараа во 10, евентуално летните дискотеки работеа до 12 - и нормално дека ваквите прослави беа успешни. А сега? Младинава уште од прва година излегува каде сака, колку сака, пие што нуди кафана, пуши од сешто по нешто и како може да очекуваме да биде задоволна од некој изживеан, свадбарски модел на прослава. Епа не може. Искрено, и мене ми беше мноооогу досадно. 

И што се случи на вчерашната матурска? Матурантите, значи, брзо го напуштија ресторанот кајшто не се пуши и не се пие и си отидоа на место каде им беше поудобно. Ама професорите, желни за малку забава во нивни стил - не си отидоа. Па така, откако се најадоа, пиеја што си сакаат, саат-два си се изнаиграа ослободени од присуството на учениците. Сами на прославата, свртеа караоке и на крај дури им беше криво што им заврши музиката па мораа да си одат. Може малку претерувам, ама ова беше речиси вака.
И, каде е излезот од ова? Дали матурантите воопшто сакаат да прават ваква прослава? Дали воопшто сакаат да бидат со професорите? Дали ги сакаат сите претходни глупости, дотерувања, гости, кафани? Што е поентата? Зошто веќе еднаш не се смени нешто што е изживеано?
Како за крај на школувањето нека си организираат една заедничка забава во дискотека, нормално без професори (за да не се товари никој со одговорност), нека си пијат и уживаат на свој начин. Вака, веројатно, и тие ќе бидат среќни и професорите и родителите.

25.5.10

Беше еднаш 25 мај - 25 Мај

Не сум југоносталгичар, ама едно време 25 мај беше празник. Роденденот на Тито - штафетата на младоста и најубавите забави во Домот на младите - 25 Мај (сега МКЦ). Секогаш датава ми асоцира на тоа... нема бегање - 25 мај и Тито се нераскинливо врзани.

23.5.10

По повод Гане Тодоровски

Почина Гане Тодоровски. Бог да го прости.
Искрено, многу ми е жал. Тој беше еден од моите омилени луѓе, пред сè, а потоа патриоти и поети, и секако професори.
Оваа песна ми е една од неговите омилени... баш е негова..

Биографија

Се родив
Тоа е совршен факт
Живеам доста
Тоа е веќе непорекливо

Кому му требам
Секој е должен сам да знае

Пречам ли некому
Нека ме одмине
Премногу е непожелно
Да бидам одбран за враг

Вражја е живеачката
А јас сум рековме нејзин факт

Ќе умрам колку за доказ
Дека навистина сум живеел.

Заради него влегов во МААК, надевајќи се дека македонската интелигенција ќе може нешто да направи, но за жал, како што се распадна партијата, така се распаднаа и моите надежи за такво нешто.
И, уште една негова песна, која иако е напишана седумдесеттите години, сè уште е актуелна:

ФУСНОТА БЕЗ ПОВОД

Ги оставивме мускулите на село,
ги оставивме легендите, ливадите, лошините,
зареците, клетвите, благословиите,
дотековме како пролетен порој — одненадеж,
за да мy станеме квасец на градот,
за да му станеме озон на градот,
за да му станеме фермент на градот,
за да го помакедончиме Скопје —
Ој, Македонијо, малодушна и кибарна,
кај ти е без нас алот!

Дотековме во град по весници, по cтpyja,
пo телевизори, пo стадиони, no кина,
пo бањи домашни, по чисти клозети, по тротоари,
дојдовме за да дринчиме секој први
пред благајните,
дотековме, дотрчавме, доклинкавме, —
Ој, Македонијо, кај ти е без нас алот!

Ој, Македонијо, градска и социјалистичка,
натема ти го селото обескозено,
обезлуѓено, како по чума поморија,
Ој, Македанијо, сo пет епископи
и илјада икони испокрадени,
Ој, Макадонијо со сојузни министри
и судбина на периферија.
Ој, Македоиијо, со јоги душеци, со терени за скијање,
со пленуми, со црква автокефална,
со тела самоуправни, со штедни книшки,
со приватни земјоделци, со коли половни,
со сметки девизни, со дефицитарно осигурување
со први домати во Републиката,
со четиринаесет академици, со безброј политичари,
со евтин зеленчук, со таан-алва,
со голем број дипломи и со ниски плати,
со две затворени граници, со трета хипокритска
и четврта замислена, —
Ој, Македонијо на конкурси и конгреси,
на два Илиндена и филмови нетитлувани
на македонски, —
О, Македонијо, пленумска, синдикална,
од лани уште синодална, автокефална,
колку ќе биде платен тутунот годинава?
Колку (кредит ќе ветат банките?
Колку ли уште приватни крчми ќе отвориме?
Колку девизи надвор ќе депонираме?

Ој, Македонијо, со голем број неписмени,
со академија на науките и уметностите,
со беспрекорна грижа за народностите,
со мал тираж на весници, со многу пензии,
колку навистина ќе биде платен тутунот?

Ој, Македонијо, кај ти се селата мијачки?
Кај се Помаците? Кај се ветросаа?
Кај се Егејците? Кај се витосаа?
Ој, Македонијо, распослана од Узбекистан
до Анадолија, Канада и Австралија,
од Балтик до Карпатите,
до немај-каде, до глувчина дупка,
до канцелариите на бирократите.
Ој, Македонијо, не пати за Патакос,
многушто уште ќе доживееме!
Ој, Македонијо, пушти го родот нека се растура
небаре семето Хамово, небаре проколнатици.
Живите треба да живеат, мртвите ќе починуваат
а безработните ќе трагат пo работа.
Ој, Македонијо, науми почит кои мртвите,
збери ги коските на своите закубеници,

коските Мисирковите, коските Цепенковите,
коските Ѓорче Петровите,
прибери ги во Скопје,
покpaj Гоцевите, покрај најсветите,
и крени крај нив паметник
на неродениот Македонец —

Ој, Македонијо,
колку ли уште ни треба
за да те домакедончиме!

Почивај во мир Гане, и камо нашава Македонија да има повеќе луѓе како тебе...

Глупав сон

Веќе мислев дека сум заборавила што е сонување, ама деновиве ме растурија соништа. Баш супер, не ми e досадно ни додека спијам.
...

Ноќ. Уште некој час и ќе се раздени. Сите спијат, а јас се измачувам гледајќи веќе гледани филмови. Вртам по каналите - ништо. Излегувам надвор. Го вдишувам свежиот воздух по паднатиот дожд. По улиците нема никој. Уличните светилки премногу осветлуваат, па барам некои споредни, неосветлени уличиња. Влегувам во едно такво. Чувствувам дека тука ме чекаат изненадувања, го чувствувам присуството на луѓето, но не отстапувам, продолжувам по уличката. И, вистина. Во најтемниот агол забележувам движење. Автоматски ја ставам десната рака на мечот. Погледнувам надолу и сфаќам дека навистина имам меч. Од каде ми е? Нема врска, си велам, добро е што го имам и го враќам погледот кон темниот агол. Го слушам секој шум. Но, таму веќе ништо не се движи. Се приближувам да ѕирнам. Нема никој. Но, во тој момент од горе, како по јаже, се симна суштеството - точно пред мене. Бетмен???
- Те чекаме, сите сме тука, - ми рече.
- Ајде тогаш, да одиме, - одговорив.
Ме зема во раце, прелетавме неколку улици, го прескокнавме Вардар и таму, на брегот влеговме во една стара куќа. Собата беше зачадена од цигари и мирисаше на алкохол. Сите пиеја, се смееја, слушаа некоја панк-музика. Сите беа тука, Супермен, Спајдермен, Хулк, Ајронмен, Иксмен, Даркдевил, Кетвоман и сите нивни пријатели и непријатели. Голема гужва. Сите во своите костуми, собир на накази. Што барам тука? Всушност, прашањето е, што бараат тие тука?
Кога влеговме со Бетмен, сите замолчеа, се свртеа кон нас и во глас ме поздравија (и тоа на македонски)
- Здраво, Македона! - и ги кренаа чашите во моја чест. Си продолжија со забавата, а до мене со својата количка се приближи Иксмен.
- Не повика и ние дојдовме. Како да ти помогнеме?
Зелениот келнер ми донесе виски, ми ја запали цигарата, а јас на екс го испив. Зошто сум ги повикала? Побарав уште едно виски. Почекав. Ги гледав суштествата со гадење. Не се такви како на филмовите. Бедно изгледаа, испијането, очајно. Немаа што да прават, немаа со кого да се дружат, немаа што да работат.
- Кога сум ве повикала? - се решив да прашам, бидејќи на ништо попаметно не можев да се сетам.
- Минатата ноќ. Ги почувствував твоите вибрации.
На ништо не можев да се сетам. Никого не повикував. Но, почна да ми се враќа минатоноќниот сон. Сонував како само со една голема бомба цела Македонија беше уништена, разорена до темел. Ништо не остана од неа. Ни човек, ни дрвце, ни планинче, ни река.
- Да, - реков, - се заканува голема катастрофа на мојата земја. Мора да ми помогнете.
- Го знам тоа, ама и ти треба да знаеш дека за тоа помош нема. Од судбината не се бега. Може да спречиме еднаш, двапати, но тоа секако ќе се случи. Ова е Армагедон, и кога-тогаш ќе биде уништен.
Ја знаев вистината, ама сепак се надевав дека сите овие херои ќе можат да помогнат.
- Ќе одложуваме додека може. Остави двајца од твоите да ја спречуваат експлозијата. А јас ќе ги извлекувам луѓето од овде. Да се тргнат, да се раселат низ цел свет.
Иксмен ме погледна под око, малку презирно зашто сакав да се оствари нешто што не се остварува, но ме послуша, односно ми ја исполни желбата.
Додека разговаравме веќе сите дознаа зошто се тука. Погледнуваа во мене, ја испиваа последната пијачка и си заминуваа. Како да не сакаа ни да ме поздрават. Скришно ми се потсмеваа. Почна да ме боли овој нивни однос. Сакав да им се развикам, да им кажам дека е тешко и неприфатливо ова што треба да се случи. Се обидував да зборувам, да викам, но глас не се испушташе од моето грло. Сакав да ги задржам. Како и да е, може да помогнат, барем за некое време. Солзи почнаа да ме печат и гребат, и понатаму се обидував да викам. Мачна болка ми го притискаше срцето. Немав воздух, немав глас, немав сила...
Се разбудив.
...


21.5.10

Пак за блогерите

Веќе 2 години редовно си читам блогови и си пишувам по нешто. Во почетокот мислев дека тоа е огромен океан на македонски блогери кои имаат што да кажат и тоа го прават на овој начин. И беа. Ама сега ги снемува. Почнаа изгледа да се заситуваат од зависноста на блогерството, или преминаа на површниот начин на комуникација кој го овозможува фејсбукот. Се поретко среќавам квалитетни текстови, се почесто само коментари...
Каде е на пример Сончева? ми фали...
Каде е Кликер? и многу други...
Среќа има уште неколку што ми го исполнуваат денот, и што не се откажале, како најголемата класика МАКЕДОН, на пример. Иако жалам што постовите не се веќе на македонски, бидејќи според мене прво треба дома да си го средиме дворот, а потоа да излеземе надвор, сепак, му симнувам капа. Секоја чест.

20.5.10

Поздрав до матурантите

20 мај. За многу луѓе обичен ден, како и секој друг, пролетен, убав. Но, за матурантите, веројатно, еден од најубавите. Завршија со училиштето. Им завршија четирите средношколски години. Денес, баш беа среќни. Се сеќавам, на времето, ние учебниците ги палевме од среќа што повеќе нема да има учење и „дерење“. Сега, тие не може да ги палат, бидејќи мора да ги вратат, ама изнајдоа други начини да им се осветуваат на „лошите“ професори, на училиштето и на сите што мислат дека нашто им згрешиле. А и среќата им е доста скратена со полагањето на обемната матура - па пак ќе мора да доаѓаат во училиште. Всушност, последно доаѓање ќе им биде кога ќе си ги земат дипломите. Ова „последно“ е речиси буквално. Од околу 300 матуранти, дали десетина ќе дојдат некогаш во училиштето. Мене ова, откако сум професор, баш ме боли. Четири години си ги гледал како растат, созреваат, се глупираат, понекогаш работат и те воодушевуваат, и - доаѓа 20 мај - готово! Како да не сме постоеле. Учениците веројатно не сфаќаат колку професорите се приврзуваат, колку зборуваат за нив, колку се присетуваат на изминатите генерации и колку се тие дел од нивниот живот. До пред една година ми беше криво што е ова вака, што за некои ученици ништо не знам, не сум ги сретнала, не сум чула ништо. Ама, сега - да живее фејсбук!!! Сега, сè се смени. И вака ми е поубаво. Дознавам секојдневно што прават, што има ново, каде се, се омажиле ли, работат ли, и смирена сум. 
Тие сите се мои деца, на кои сум им дала дел од мене и сакам да знам како им тече животот.
И што да кажам за среќата и несреќата? На 20 мај учениците се среќни, а професорите несреќни. Учениците завршиле дел од „тешкиот“ живот на кој не сакаат да се осврнуваат, а професорите испратиле дел од себе неповратно. Со среќа нека ви е, матуранти, а еден ден веројатно ќе ја сфатите и другата страна. А професорите ќе се справат со несреќата, бидејќи се возрасни и бидејќи знаат какви биле самите кога биле матуранти.

П.С. На оние кои никогаш не биле во своето училиште откако завршиле, им советувам да отидат, сигурно ќе зарадуваат некој професор, а и ќе се потсетат на „лудите“ средношколски денови.

15.5.10

Римските бањи во Катланово

Велат, во Македонија кај и да копнеш ќе најдеш нешто античко. Но, има и такви работи кои не мора да ги ископаме, кои се наоѓаат на површината, но не ги гледаме и речиси ништо не знаеме за нив. За жал, ние не го цениме она што во нашата татковина го оставиле предците и често кон тоа наследство се однесуваме неодговорно и недоволно го чуваме.
Во близина на Скопје, во катлановско, има две села кои се поврзуваат со родното место на славниот император Јустинијан и неговата мајка. Поточно, Јустинијан е роден во Таурисиум, а неговата мајка е од Бадеријана. До ден-денес овие села ги имаат речиси истите имиња: Таор и Бадар. Во археолошкиот локалитет Таор веќе се пронајдени интересни артефакти кои го докажуваат присуството на Јустинијан,
Таурисиум - Taurisium
Таурисиум - Taurisium
како и постоењето на тврдината со четири кули, опишана од историчарот Прокопиј.
Таурисиум - Taurisium
Од врвот на кулите се простираат четири прекрасни глетки... 
кон Скопската котлина и Шар Планина...

кон Таорската Клисура...

кон некогашното езеро, сега мочуриште - Катлановско блато...


кон Бадар..

Многу веројатно е дека славната Јустинијана Прима, величествениот град кој Јустинијан го изградил по земјотресот 518 година е всушност нашето Скопје, односно, делот од Калето кон северозапад каде што се наоѓа аквадуктот.
Скопскиот аквадукт
Јустинијан сакал да остави траги во своето родно место, но некако ние тие траги како да не сакаме да ги видиме.
Во Катланово се наоѓа една од најпознатите и најлековитите бањи на Балканот. Родум од тука, Јустинијан сигурно многу добро ги познавал лековитите својства и убавината на катлановската вода. И веројатно во негово време, а може и некој пред него, таму направил цел систем од кади исклесани во камен до кои преку канали се доведувала водата. Тие канали и кади сè уште постојат, 
Катлановска бања
Катлановска бања
Катлановска бања
Катлановска бања
Катлановска бања
Катлановска бања
Катлановска бања
Катлановска бања
Катлановска бања
Катлановска бања
Катлановска бања
Катлановска бања
на ридот се создадени и седишта (природни или намерно направени),
Катлановска бања
Катлановска бања
Катлановска бања

а има остатоци и од стариот (веројатно римски) пат кој води од Таор до бањите.

Покрај кадите кои се наоѓаат на отворениот рид и кои веројатно служеле за капење на посиромашните, има една многу скришна, засоланата бања која мене ми личи како означена со лавовска глава - која сигурно била бања за императорот и неговата свита.
Засолната во шумичката, но и засоланата во карпа пред која се наоѓа уште еден огромен камен за потскривање,
Катлановска бања
Катлановска бања
таа била наменета за уживање и релаксација. 
( Влезот во бањата воопшто не се гледа - а се наоѓа кај момчето со сината маица.)
Остатоците од стариот пат кои од Таор водат директно тука ми укажуваат дека мора да има некоја поврзаност на големиот император Јустинијан со постоењето на овие многу интересни римски бањи.
 (Овој пат се поврзува со римскиот - камениот).
Замислете си како би изгледало сето ова денес да ја немаше новоизградената бања која ја собира цела вода. Замислете си да течеше водата по ридот како некогаш... каква убавина би било тоа...
Во целата оваа приказна, иако не сакам да критикувам, морам да кажам, ме разочара тоа што овие убавини никој не ги заштитува и никој не се грижи за нив. Денес, првата, најдолната када е полна со отпадоци, втората када служи како рамно место за правење скара, а третата, најубавата, скриената - за капење со сапунче на сиромашните мештани.
Ако сами не се грижиме за наследството, ако сами не го почитуваме и чуваме, сигурно нема да дојде некој од страна да го стори тоа за нас.
Во нашата прекрасна Македонија, ние сме тие што треба да го цениме она што го имаме, да се гордееме со него, а потоа да им го покажуваме и на сите останати...

13.5.10

Молитва

Се расправаат на македонскион блогерај, по весници, по телевизии, на трпези, на тркалезни маси - треба ли или не треба Гоце Делчев да биде на коњ?! Спорат и оспоруваат - треба ли или не треба споменици на плоштадот?! Ја повикуваат „меѓународната заедница“ да даде суд!
А некои работат заедно, божем без поддршка на другите. Еве ја молитвата нивна, а каде е нашата?

Кој се плаши од волкот лош?

Иако често си ја критикувам мојата нација - непомирувајќи се со нејзината малодушност, попустливост, веднење глава и сличните работи во контекстот на „Македонче“, сепак, мислам дека и на тоа „Македонче“ некогаш некои работи му доаѓаат преку глава. Едноставно - пука филмот. И трпење, и омаловажување, и попуштање, и спремност за „компромис“ - сето ова во еден момент - кога ќе дојде кулминацијата - престанува да важи.
Десетина години се кали патриотизмот во нацијата, десетина години се кае народецов што некои работи не се решиле кога требале да се решат, поминаа десетина години.
Ништо не е исто како тогаш. Кај народот не е исто. Народот е поспремен да го брани своето. 

Зашто, уште што имаме да загубиме? Државата?
Исти сценарија, исти филмови? Па кој сака да гледа глуп филм по вторпат?
Веќе ги знаеме сите туѓи интереси, знаеме кој ќе се вмеша на чија страна, знаеме и кој е вмешан!
И, кој се плаши од волкот лош? Тие што се плашеа избегаа како... во 2001 година. Сега нема бегање.
Никој не може да ни го земе она што е наше - освен ако самите не му го дадеме!

12.5.10

Маркови Кули - Прилеп

Да ми простат битолчани, ама Прилеп станува поубаво и поинтересно место за посета.
Веќе еднаш пишував за Прилеп и сега не би се повторувала, но за Маркови кули ќе се надополнам.
Маркови кули - Markovi kuli
Коментарот на учениците по екскурзијата беше: „Не видовме никакви кули, само камења“. Се разбира дека не видоа, зашто само десетмина се качивме до врвот, а останатите се растурија по Рамништето, едвај се качија до врвот Тапанче од каде не се гледа речиси ништо. 
Маркови кули Рамниште - Markovi kuli

Но, и камењата што ги видоа не е малку, бидејќи тие претставуваат една интересна рељефна структура. Теренот е составен од метаморфни карпи-гнајсеви кои се пробиени од помладите гранити-гранодиорити. Според современите геохронолошки испитувања, гранитите интрудирале пред околу 300 милиони години во постарите гнајсеви, чија старост е проценета на околу 700 милиони години.
Маркови кули Прилеп - Markovi kuli Prilep
Маркови кули Прилеп - Markovi kuli Prilep
Маркови кули Прилеп - Markovi kuli Prilep
Маркови кули Прилеп - Markovi kuli Prilep
Маркови кули Прилеп - Markovi kuli Prilep

Во тој интересен и необичен амбиент, според археолошките истражувања живот имало уште во неолитот, потоа во антиката, во средниот век, па до денес - но спуштен во котлината - прилепен до стариот град. Според едно предание запишано од Марко Цепенков, градот така го добил своето име - се прилепил до градот на Крали Марко (а според друго предание името потекнува од прилеб - каде се правело леб).
Трите бедемски појаси се доказ за долготрајно живеење на ридот, почнувајќи од македонистичкиот (хеленистичкиот) период, византискиот, па се до доаѓањето на Османлиите. 
Маркови кули Прилеп Долен бедем - Markovi kuli Prilep
Најголем развој градот доживува во времето на Крали Марко, но започнал да расте во средниот век, со градењето на бедемот кај Чардак околу 10 век, па потоа со градењето и на останатите ѕидини утврдувајќи се од сите страни. 
Маркови кули Прилеп мапа - Markovi kuli Prilep
Тука дошол и Самоил засолнувајќи се од разурнувачките војски на Василиј Втори, но не успеал да го одбрани и продолжил со повлекувањето кон Беласица.
Во 12. -13. век ова место било средновековен град со сите нишани. На граничните масиви од ридот Маркови Кули бил сместен утврдениот град со акропола или таканаречениот Горен град лоциран на највисоките точки од Маркови Кули. Тука биле сместени војската и командантот на градот. Долниот град опфаќал два одбранбени појаса, кои го зафаќаат просторот Средкули и Рамништето. Тука била сместена цивилната управа на градот, и на крајот цивилите и слугите кои ги опслужувале воените и цивилните чиновници. Во подножјето на Маркови Кули било сместено подградието - Варош, отворената населба каде секоја година на празникот Митровден се одржувал панаѓур.
Маркови кули Прилеп - Markovi kuli Prilep
Маркови кули Прилеп - Markovi kuli Prilep
Маркови кули Прилеп - Markovi kuli Prilep
Маркови кули Прилеп - Markovi kuli Prilep
Маркови кули Прилеп - Markovi kuli Prilep
Маркови кули Прилеп - Markovi kuli Prilep
Маркови кули Прилеп - Markovi kuli Prilep
Маркови кули Прилеп - Markovi kuli Prilep
Маркови кули Прилеп - Markovi kuli Prilep
Маркови кули Прилеп - Markovi kuli Prilep
Маркови кули Прилеп - Markovi kuli Prilep
Маркови кули Прилеп - Markovi kuli Prilep
Маркови кули Прилеп - Markovi kuli Prilep

Со доаѓањето на Османлиите животот во Горниот град сосема замира, но во подножјето на ридот се формира нова селска населба која подоцна прераснува во современ град - Прилеп.

Маркови кули Прилеп - Markovi kuli Prilep

Маркови кули Прилеп - Markovi kuli Prilep
Маркови кули Прилеп - Markovi kuli Prilep
P.S. Се надевам дека откако ќе ги видат сликиве, на сите што не се качија до горе, ќе им биде криво.