21.6.10

Мојата убава Македонија

Одмор....
Секој си го сфаќа на свој начин, но во суштина мора да биде бегство од секојдневните обврски, од напорната работа, од здодевното едно те исто, од луѓето со кои цела година „се замараш“, од домашниот амбиент кој сакаш малку да го смениш, и така...
Традиционално сфаќање на одморот е: море, плажа, капење, сончање, легачење, јадење, шетање...
Е, ама што да се прави кога Македонија нема море? Си имала таа, најубавото море си го имала, ама „злобните НЈС“ и го грабнале. И сега нема. Па пустите ние, мора да се снаоѓаме. Од политички причини, од лутина заради „добриот“ соседски однос кон нас - блиските дестинации ни се речиси одвратни. На југ, само што ќе помислам, се ежам од грозење; на исток, слична песна; на запад, што да ви раскажувам. Турција далеку, се друго предалеку.
И, најголем дел од Македонците решаваат да затворат очи, да затнат уши, „да стегнат срце клето да не пушти вик“ и се упатуваат кон југ. Со среќа и убаво да си поминете. Јас не можам, повеќе би ми било замор со грижа на совест отколку одмор.
Веројатно затоа, веќе неколку години наназад го менувам мојот став кон одморот. Мора ли да биде море? Убаво е, релаксирачки, ама не мора. Од одморот барам само мир, само да престане телефонот да ѕвони, само можност да им се посветам на работите кои ги сакам и да избегам на неколку дена во природа каде погледот ќе ми се одмара во убавините на мојата Македонија. Во нејзините планини, реки, езера, полиња, цркви, историја...



19.6.10

Матура - секоја година иста песна

Прегледувањето на матурските тестови по македонски јазик и литература е СТРАШНА работа. Се вклучив во хоророт пред три години и многу брзо се откажав. Не дека работата е тешка (а тешка е, ама платена), туку зашто не можам да ја поднесам неправдата што се прави и ограниченоста на надлежните кои се уверени дека тоа треба и мора да биде така - за да биде праведно (хахахаха). 

Имено, резултатите од матурата по македонски се слаби не затоа што нашите деца не знаат, не учат, глупави се, неспособни или не знам што, туку затоа што некој решил дека на матура мора да се сече. И тоа би било во ред, ама ако се знаат условите на сечење. Но, тие се дознаваат три дена по завршување на тестот, откако ќе се собере групата експерти и ќе реши каков ќе биде клучот на точни одговори. 90% од професорите по македонски не се сложуваат со начинот на прегледување и цело време се бунат, а на останатите 10% баш им е гајле, дошле да си ги земат парите - па прават како што им кажале. И секоја година така. Тоа е толку одвратно, толку понижувачки, толку неподносливо што јас одбив повеќе да учествувам во таа лакрдија.
Еве, на пример, годината кога учествував, на тестот имаше задача да се напише БАРАЊЕ. Првиот ден и самите професори не знаеја како е точната форма на Барањето и секој си ја прегледуваше и оценуваше по свое видување. Вториот ден, за да има изедначен критериум, направија уште поголема глупост и дадоа форма (што ја имаше само во учебник за стручно, а беше различна во учебник за гимназија) и се ограничија на тоа дека ако во текстот наместо кандидатот да бара - моли, тогаш од 8 ќе добие 0 поени (само затоа што го употребил зборот МОЛАМ во барањето?!?). И така, сечи - ако се изгубат тие 8 поени, и уште десетина на слични ГЛУПОСТИ отиде петката. Па после немало петки - па ќе нема.
И оваа година, се разбира, песната е иста, бидејќи диџеите се исти.
Еве неколку примери од сега. На страницата за матура има дадено насоки за тоа како треба да се пишуваат текстови од практично-професионална комуникација. Одлично! Тоа беше многу потребно за да знаат учениците што точно се бара од нив.
Еве ја насоката за БИОГРАФИЈА што оваа година се падна на тестот:

1. Има за цел да претстави некому непозната личност.
2. Во биографијата се дава опис на животниот пат преку хронолошко
истакнување на податоци кои се релевантни на намената за која треба да
послужи биографијата .
3. Биографијата по правило се пишува во трето лице еднина.
4. Биографијата содржи лични податоци ( име, презиме, датум и година на
раѓање, адреса), податоци за завршено образование, податоци за
дополнитело образование ( курсеви, обуки, семинари), податоци за работно
искуство, податоци за различни активности и способности.

ПОДАТОЦИ КОИ ТРЕБА ДА ГИ СОДРЖИ БИОГРАФИЈАТА

Лични податоци
Име и презиме: Трајче Трајковски
Дата на раѓање: 15.01.1987 г.
Адреса: ул. „Ѓоре Ѓоревски„ 22-б, Скопје
Контакт: +389 2 70 452 xxx
abvgd@yahoo.com.
Образование
2005 – до денес Филолошки факултет „Блаже Конески“ - Скопје
2001 – 2005 Гимназија „Јосип Броз Тито“ – Скопје
1993 – 2001 ОУ „Ацо Шопов“ – Скопје
Дополнително образование
2002—2003 Обука за реторски вештини во клубот „Млади оратори“
1997 – 2003 Курс по англиски јазик во РУ „ Кочо Рацин“
Работно искуство
2008 учесник во протоколот и организацијата на Младинското европско
првенство во Македонија
2006 – 2007 Хонорарен ангажман во младински – едукативен
центар „Вавилон“
2002 – 2005 Волонтер во „Црвен крст“ – Скопје
Други способности и вештини
Познавање јазици: англиски, германски, српски и бугарски
Возачка дозвола: Б-категорија
Лични квалитети: креативност, исполнителност, посветеност

Трајче Петaр Трајковски е роден на 15.01.1987 г. во Скопје. Живее на ул.
Ѓоре Ѓоревски 22-б во Скопје. Неговите контакт телефони и адреси се +389
2 70 452 xxx и abvgd@yahoo.com.
Лицето Трајче Петар Трајковски дипломира на Катедрата за Германски
јазик , на Филолошкиот факултет , ,,Блаже Конески,, во Скопје. Средно
образование завршува во гимназијата ,,Јосип Броз Тито,, ,Скопје, додека
основно во училиштето ,,Ацо Шопов,, исто така во главниот град.
Трајче Петар Трајковски има дипломи и сертификати од дополнителните
курсеви за англиски јазик ,односно за поседување на реторски вештини.
Тој од 2002 г. до 2010 г. работи како волонтер во Црвен Крст на град
Скопје, во Младинскиот едукативен центар Вавилон и како учесник во
протоколот на организацијата на Младинското европско првенство во танц.
Лицето Трајче Петар Трајковски поседува возачка дозвола од Б-
категорија.

Супер, нели?
Епа не е супер. Од овој пример може да се заклучи дека биографијата треба да содржи дел во вид на CV и раскажувачки дел. Но, не требало така. Прво одлучиле дека ќе ги признаваат текстовите кои се или во форма на CV или како раскажан текст, но никако двете заедно. Па така, голем дел од учениците кои се послужиле со упатството може да се простат од поените за Биографија. Но, по три дена, сепак, сфатиле дека не е  сосема фер, па сега фрлаат по некое поенче и за ваквите случаи. Се надевам дека тестовите на нашите деца уште не поминале под овој сатар. (Патем, кому му треба да знае да пишува биографија???  За себе - да, автобиографија, односно професионална биографија, ама биографија - за трето лице???)

Кај, да не речам моронските текстови, за учениците да не ги добијат сите поени, се измислуваат правила за ЧИТАЊЕ. Тие правила никогаш во текот на образованието не се учат. Тоа треба да е вродена вештина на секој матурант. Па така, најважно за покажување знаење од предметот македонски јазик и литература е од зададениот текст за телевизиска емисија, како некој ќе одговори на прашањата: 
КОЈ треба да ги следи замислите....
КОЈ ги следи боите....
треба да се одговори само на КОЈ:
- аранжерите и сликарите,
- видеомиксерот,
а ако кандидатот се занел и мислел дека треба да одговори поопширно
- аранжерите и сликарите коишто го уредуваат декорот,
- видеомиксерот преку својот монитор,
ќе си добие 0 поени бидејќи аранжерите и сликарите не го уредуваат декорот (иако така оди во текстот) или за второто, во прашањето  нема преку што или од каде?
Тапажа!
Сечи!
Има многу вакви примери, а образложението на експертите е дека требало да се направи разлика меѓу кандидатите кои навистина заслужуваат да добијат повисоки оценки од оние кои тоа не го заслужуваат. А јас сè уште не сум сигурна кои се едните, а кои другите.
И, што ако не одам на прегледување кога и вака се нервирам?


11.6.10

Распуст

Лош период, мноооогу работа, многу обврски, малку време за себе, а уште помалку за опуштање, гледање телевизија или пишување постови. Баш ме нервира општоприфатеното сфаќање дека професорите се на одмор (распуст) 3 месеца. Навистина, учебната (наставната) година заврши, но здодевната работа допрва почнува. Совети кои траат по 5-6 саати, консултации и дополнителни часови за испити, подготовки за матура, патем, утре се полага македонски, па пак сме на работа, завршен испит, прегледување, пишување главни книги, свидетелства, уписи, пописи, средување, реновирање и што уште не. Последниве години, откако ја воведоа матурата немаме одмор ни колку што законски ни следува, а камоли 3 месеца.
Единственото добро сега е тоа што малку повеќе се гледаме со колегите (зашто инаку од час на час се случува воопшто да не се видиме), па може да се испие и понекое кафе без паника дека ѕвони. Во внатрешниот ни двор, тоа може да изгледа дури идилично. Ама, професоркиве и додека пијат кафе, работат.
 Нема врска, не се жалам, само кажувам како стојат работите и дека можеби не е лошо некои стереотипи за работното време на професорите да се сменат.

5.6.10

„Наше“ убаво Скопје

Вечерашното случување во Старата скопска чаршија, како и планот за правење градска плажа, ме потсетува на неубави работи. Ме потсетува на тоа колку ние  сме си плашливи и претолерантни Македончиња.
Зошто да ја реоткриваме Чаршијата? Зашто од пусти страв со години никој не одеше таму!
Вистинските газди во Македонија си ја присвоија, си ја албанизираа, си ја преправија по свое. Жално, жално.
Истото се случува и со најубавиот дел од Македонија - западниот, со децении наназад, а ние си молчиме, се повлекуваме, се иселуваме. Тоа е.
А, за градската плажа, ок е. Нека се прави, зошто да не? Ама зошто никој не го спомнува Сарај? Поубаво место во самото Скопје, за одмор и рекреација, од тоа нема.
Состав на Вардар и Треска
Состав на Вардар и Треска

На составот од Вардар и Треска, (видете на сликата кога се спојуваат како течат двете реки неизмешани) преубава природа, релативно средено - ама, повторно речиси никој не оди. И тоа го отстапивме? Се откажавме? Зошто, бе, зошто?

4.6.10

Животот ...

Животот е сега и овде,
животот е овој сега момент,
животот е желба сега исполнета,
животот е среќа сега остварена...

Вчера,
веќе беше и пројде...
утре,
може нема ни да дојде...
денес,
е мигот што следи...
сега,
е она што вреди...

3.6.10

Критики

Слично како „бесмислените бројки“ на Нено, се однесуваат и критиките, и тие се сосема бесмислени.
Критиките секогаш се однесуваат на грешките, слабостите, пропустите и се добива впечаток дека „нештото“ не го бива. А не е така.
Ако некоја книга, театарска претстава, глума, текст, свирка и сл. во својата суштина е добра, односно одлична - за позитивните страни можеме да кажеме само два-три збора: супер е, екстра, одлично, прекрасно, но за неколкуте пропусти, можеме да зборуваме долго, да изнапишеме и 100 страници. Штом сме кажале нешто - тоа значи дека сме биле допрени, тоа оставило впечаток на нас, а забелешките се само наше видување за „нештото“ да стане совршено.
Примери за ова има безброј, поточно, секое вредно нешто ако добие забелешки за пропустите, всушност значи дека е вредно. 
По училишната претстава моите коментари на глумците беа - супер бевте, ама... - таму и таму малку згреши, ваму претера со „глумење“ итн. И, од ова може да се сфати дека не биле добри. Зашто само еден збор беше пофален, а се друго беше за ситните „грешки“ кои другите не ги ни забележале.
Нормално е дека критиките „погодуваат“ и болат, но ако сме доволно свесни за вредноста, треба да ја надминеме таа болка која ни ја предизвикува најчесто некоја безвредна личност. 
На пример, за мојот „прирачник“  за матуранти, секоја година се наоѓа по некоја „новинарка“ која ќе искоментира по нешто - во стил дека не е одобрен од Министерство и дека не смее да се користи во настава. Впрочем, него никој и не го користи во настава, го користат матурантите од 20 мај до 11 јуни - и толку. Првата година ме погодија критиките, заканите, нервозите кај некои автори на учебници - но, тогаш бев нова, првпат ми беше. Сега не ги ни читам, не ме засегаат и ги сметам повеќе како реклами отколку како сериозни критики. Сега повеќе ми пречи што 90% од учениците го фотокопираат, па јас не можам да се ослободам од залихата. Ама тоа никој од „новинарите“ не го спомнува. Кај се авторските права, кај е незаконското работење на фотокопирниците, кај е тука законот? Тоа е одобрено од Министерство - така?
Не ми беше тоа зборот, ама бидејќи си е мој примеров, за него знам најмногу. 
Зборот ми беше дека не треба критиките да се сфаќаат пресериозно. Тие остануваат во критикуваниот да тлеат уште долго, ако не и засекогаш, а оној што ги кажал ги заборавил веќе следниот момент, а можеби и не мислел баш така, ама така му дошло...