29.11.10

Трескавец 1 (искачување на Златоврв)

Истражувањето и доживувањето на мојата Македонија е неповторливо, прекрасно чувство. Нашите планини, реки, извори, водопади, езера... сè е тоа божествена убавина. Посетата на црквите и манастирите сместени на високите, потешко пристапните места постојано ме исполнуваше со ново воодушевување, нов поглед кон природата, светот и животот.
Во Прилепско знеав дека треба да го видам Зрзе, ама не знаев дека мора да се качам и на Златоврв - Трескавец. Од каде и да погледнев секогаш го фотографирав, ме примамуваше со својата специфичност - со својата извишеност кон облаците среде огромното поле. 
Поглед од Плетвар кон Маркови Кули и Златоврв

Трескавец - Златоврв

Трескавец - Златоврв

Поглед од Крушево кон Златоврв

Поглед од Мечкин Камен кон Златоврв

Трескавец - Златоврв

Трескавец - Златоврв

Трескавец - Златоврв

Поглед од Зрзе кон Трескавец - Златоврв

Прилепчани како да сакаат да го скријат ова место од обични посетители, да го скријат од луѓето – веројатно зашто тоа било само за Боговите. 
И додека прашувавме за патот, од каде да одиме, каде да пројдеме - имав чувство дека не сакаат да ни кажат, нè одвраќаа со тоа дека има многу за пешачење, дека не чини патот..., и со половина уста сепак ни покажуваа накаде да одиме. Со кола стигнавме до некаде и потоа имавме цела планина да ја искачиме пешки. Децата уште на почетокот посакаа да се откажат, ама бидејќи денот не ни беше испланиран за нешто друго иако веќе беше 15 часот, решивме сепак да се качуваме... па до каде стигнеме – до таму.
Додека се искачувавме нè стигна џип кој без проблем се искачуваше по лошиот пат. Внатре беше монахот од манастирот кој ни понуди да ги качи децата, а бидејќи тие одбија, нè поздрави најљубезно и ни кажа дека нè чека горе. Ова што рече дека нè чека, беше голем мотив да истраеме до крај. 
Трескавец - Златоврв

Трескавец - Златоврв

Патот до горе е навистина долг и тежок за качување, особено за такви како мене, без кондиција (и пушачи). Но, погледот надолу, широчината на полињата, убавината на глетката ме тераа да се качувам – и сето тоа да го видам од уште погоре.
По секоја искачена висинка се предомислувавме, се убедувавме дали да продолжиме или не. Десетина такви искушенија имавме до врвот, но сепак ги пребродивме. 

Колку што се приближувавме до врвот, толку стануваше сè помирно и поспокојно.

Трескавец - Златоврв

Трескавец - Златоврв

Манастирот нè дочека со невиден мир. Во дворот немаше никој освен еден огромен бернандинец (Бруно) кој има застрашувачки лаеж, но кој ве дочекува мирно, со благ поглед. Разгледавме лево-десно, малку се пододморивме од искачувањето и тогаш се појави монахот кого го сретнавме по патот. Калист. Нè прибра околу себе, воздивна и рече: од каде да почнам? Немавме многу време зашто фати веќе 17 часот, па и повеќе, а не сакавме да се симнуваме по темници, но приказните на Калист сакавме да ги слушнеме. До сега не сум видела толку насмеан, позитивен, полн со енергија монах. Сите претходни биле премногу мирни, раскажувале со едноличен тон, ни случајно не се насмевнувале – ама Калист, тој не ја тргна насмевката од своето лице. Прашав дали може да сликам иако бев убедена дека ќе ме одбие, зашто сите ме одбивале – но тој дозволи, без проблем, само со забелешката да не ги злоупотребувам фотографиите. И верувајте, зашто не можев да го оттргнам погледот од него, зашто не можев да пропуштам ниту еден збор што го кажуваше – јас речиси ништо не сликав. Ма не речиси – туку баш ништо, ништо! А секое аголче од црквата, трпезаријата, кујната – сè си имаше своја приказна, своја убавина, а сликите останаа само во моите сеќавања. И децата мои со подзинати усти ги слушаа приказните. Им се гледаше воодушевување во очите, мир во душата. И по еден саат кој ни мина како миг покрај Калист, кога моравме да тргнеме надолу, никому не му се одеше. 
Се враќавме лесни како пердуви, расположени, уверени дека и тоа како вредеше мачното искачување. Со денови зборувавме само за Трескавец и за Калист и си ветивме дека мора да одиме барем уште еднаш. 

Продолжува...

24.11.10

Чудесните камени облици во Прилепско (Злато Планина)

Уште кога за првпат го преминав Плетвар и пред мене се појави широчината на Пелагонија, останав без здив. Очите и душата ми се наполнија со милина и убавина. Низината ја опкружуваат високи планини, но во нејзиното коритце, како јајце на око, се наоѓа толку чудесна планинка, со најнеобичните камења (карпи) на светот.
Географски, „моите камења“ се наоѓаат на крајот од планината Бабуна, на ридовите, односно ридско-планинскиот масив Злато Планина, кој се извишува над Прилеп и оди кон северо-исток.

Пелагонија - поглед од Мечкин Камен
Злато Планина
Првиот впечаток беше: аххххх, какви интересни камења! Невидени до сега.!


Па почнав да барам и да читам што е финтата со тие камења и карпи, зошто се такви. На Википедија и на страницата за Прилеп ги имаше истите информации: „тие претставуваат една интересна рељефна структура. Теренот е составен од метаморфни карпи - гнајсеви кои се пробиени од помладите гранити - гранодиорити. Според современите геохронолошки испитувања, гранитите интрудирале пред околу 300 милиони години во постарите гнајсеви, чија старост е проценета на околу 700 милиони години.“


Пред да појдам во Прилеп, од „камењата“ единствено ми беше позната фигурата на Слончето (Штркот) во подножјето кај Марковите Кули, што сум ја видела како фотографија на нет.



Кога отидов во Прилеп, ми кажаа дека спротивната планинка ја викаат Баба, зашто на врвот имало камена формација која заличувала на седната баба со прекрстени раце. Јас не можев да ја фотографирам од страната каде што убаво се гледа бабата... ама ова е тоа од позади...


Ама, кога летоска се искачувавме на Златоврв, поточно кога се спуштавме, почнав да ги загледувам камењата од поинаков агол и во нив да гледам разни фигури. Во прв момент помислив дека забегувам, дека ми се причинува, зашто навистина бев воодушевена од природата, па во неа, можеби сакав да видам и нешто натприродно.
Прво, едно нешто ми заличи на сфингите египетски, и се уште во филмот на фантазиите, не си верував себеси...


потоа, во подножјето видов еден чуден створ, што заличуваше на мајмун во устата (муцката)...


па видов глувче (или нешто такво)...


па на секој срт по некое ново животно...
маче...

глава од јагне...


желка...


па глава од змија што излегува меѓу две правилни тенки камени плочи...




па стапалата на Крали Марко, нели? - каде можеби стоело нешто...


па желка или нешто слично (некој постар вид животно) со целата нејзина убавина и со испружени нозе...

на последниот свиок, на сртот ве гледаат две страшни очи - кои како да предупредуваат: ако сте непријатели - не доаѓајте, не се качувајте! Птица ли е (сокол, орел или нешто слично) или некое чудно суштество (да не речам вонземјанин)?


и на најгорната рамнинка, каде сега се наоѓа манастирот Св. Богородица - лав!


за жал, на мојата фотографија не се гледа убаво лавот, ама може да го видите поубаво на фотографијата земена од тука:









Дома, ги разгледав сликиве, и пак во нив си ги распознавав животните, фигурите и си се убедував дека не измислувам. Тоа е тоа. И уште повеќе од тоа, почна да ме изненадува распоредот  ... некако на почетокот, во подножјето се наоѓаат пообичните животни, а на крајот пред врвот - орел (сокол) , па ЛАВ!
Можно ли е (како што тврдат нашите експерти) ова да го создала природата? Сите овие фигури да се случајни природни творби? Ма нема шанси! Мора некој да ги направил!

По ова, ми се случи да „видам“ животни и на Маркови Кули.
Односно, освен Штркот (за мене е пологично да е штрк, а не слонче, бидејќи тука врие од штркови, па и Силјан Штркот е од овој крај), видов рибја глава која изнуркува од земјата (ајкула некоја)...


а пред самото обѕидие, како заштитник стои повторно некоја птица...



И овој распоред ми изгледа наместен - долу риба, па штрк како скулптура, а на влезот од горниот град - птица (орел, сокол).

И? Ми се причинуваат ли овие работи? Само јас ли гледам фигури во камењава? Очигледно не - бидејќи Слончето е познато, Бабата исто така, Лавот кај Трескавец исто, ама и другите фигури се многубројни. Јас верувам дека ни половина не сум ги видела - бидејќи ова беше случајно и патем - гледајќи во прекрасната природа да почнам да гледам камени суштества кои ме привлекуваат да одам и пак да ги видам...





23.11.10

Свето Преображение - Зрзе - Прилепско

Кога тргнав да ја разгледувам околината на Прилеп - секако дека Зрзе беше една од дестинациите кои ми беа во агендата. Значи, што ти прави реклама, фотографија, спот...
За Зрзе има и проспект, што уште повеќе го популаризира. Огромна ми беше желбата да го посетам местото, да го видам со свои очи и да го доживеам.
До селото Зрзе од Прилеп води асфалтен пат, па потоа земјен и тоа прилично долг.


Селото... како и многу наши села - за жалење и пред умирање.

село Зрзе
село Зрзе

село Зрзе
 Тоа си е убаво за фотографирање, ама животот таму некако многу беден изгледаше...

село Зрзе
Од селото патот до црквата е само за со џип кој јас го немам, па моравме пешки. Нагоре по патот не нападнаа ситни мушички кои не не напуштија до крајот. Ни се пикаа во устата, очите, носот, ушите - секаде. Немаше спас од нив, по целиот пат до горе...
Единствен мотив да се продолжи беше необичната, прекрасна глетка кон манастирот.
Манастир Св. Преображение - Зрзе
Отпрвин далеку, па се поблиску и поблиску...
Манастир Св. Преображение - Зрзе
Манастир Св. Преображение - Зрзе

Манастир Св. Преображение - Зрзе

Манастир Св. Преображение - Зрзе
За да стигнете до нашите најубави манастири секогаш мора да се помачите. Но, никогаш да не се откажете, зашто кога ќе се стигне горе, по истрпената мака и тешкотија - сфаќате дека имало зошто. Пред вас, како на дланка го гледате целиот крај, а вие се чувствувате како на врвот од светот...
село Зрзе, Пелагонија
Поглед од манастирот Зрзе

Внатрешноста на манастирскиот комплекс е прекрасна, уредена, со огромен стар орев на средината и проточна вода со пастрмки, убаво за одмор и медитација.
Манастир Св. Преображение - Зрзе

Манастир Св. Преображение - Зрзе

Манастир Св. Преображение - Зрзе

Манастир Св. Преображение - Зрзе

Манастир Св. Преображение - Зрзе

Манастир Св. Преображение - Зрзе

Манастир Св. Преображение - Зрзе

Манастир Св. Преображение - Зрзе

Во манастирот ве дочекуваат љубезно, го нудат своето гостопримство; мирот, спокојот и прекрасниот поглед во бескрајот. Може да ве остават да уживате или да ве прошетаат околу и во црквата за да ви ги раскажат необичните приказни (легенди) пренесувани со генерации.  
За жал, не ми дозволија да фотографирам во внатрешноста на црквите (зашто таму се всушност две споени цркви - Свети Петар и Павле и Свето Преображение), па ќе се снајдам на друг начин.

Во црквата „Свети Петар и Павле“ има необична фреска на која е насликано овчарче во стара македонска носија. Фреската е поврзана со легендата за овчарчето кое го спасило манастирот од пљачкосување. Кога дошле арнаутите во манастирот, сакајќи да го срушат и да го ограбат, овчарчето им се спротивставило. Тие крваво го заклале и исекле на парчиња. Во моментот кога го заклале, дувнале силни ветришта, и бидејќи биле дојдени со коњи, коњите се исплашиле, па почнале да бегаат надолу по патот. Арнаутите, за да не одат пеш, тргнале по нив и планот да се сруши и осквернави црквата пропаднал.
Народот и монасите кога виделе дека на тоа место е пролеана невина крв за да се спаси манастирот, трите страни ги оградиле со sид и бидејќи биле Петрови пости, изградиле црква, посветувајќи ја на свети Петар и Павле. Немале многу пари, па го нацртале само олтарот, но не заборавиле кога ги правеле фреските да го насликаат и овчарчето. Во спомен на тој настан, кога луѓето оделе да палат свеќа во црквата велеле: „Каде ќе одиме? Ќе одиме во чобанската црква“.
 Богородица Пелагониска 1422 г.
Христос Спасител и Жизнодавец 1394 г.



















Интересна е и легендата за иконите на Христос и Богородица - едни од нашите најпознати. Пред некое време нив ги земале за реставрација во Скопје и никогаш не ги вратиле. Сега се во Музејот на Македонија, а во црквата има реплики. 
Но, легендата е оваа:
На иконостасите, иконата на мајката божја секогаш, ако гледаме кон запад, треба да ја зазема десната страна (или ако гледаме кон нив, левата). Но кога ќе влезете во црквата во Зрзе, иконата на Богородица ја зазема левата страна (вака како што се погоре на сликите). Во преданието се вели дека игуменот кога ја поставил иконата на мајката Богородица забележал дека таа канонското место го менува со местото на спротивната страна каде што била иконата на Христос. Тоа се повторувало три дена. Кога монасите ќе ја врателе на старото место, таа пак се враќала на новото место. На третиот пат кога игуменот ја прашал иконата зошто го менува местото, тогаш усните на Богородица се помрднале, и таа рекла: „Не сакам да му вртам грб на мојот син, затоа и го менувам канонското место“.
Поглед кон Св.Преображение од ранохристијанската базилика
Поглед кон Св.Преображение од ранохристијанската базилика

Поглед кон Пелагонија од ранохристијанската базилика
Пред неколку години во манастирскиот комплекс и околу него се направени археолошки испитувања и ископувања, па на северната страна е откопана ранохристијанска базилика од 5. век, неколку гробови,  пат и др.
Всушност, до пред 2 години  се мислело дека манастирот во Зрзе е од 14 век, но благодарение на овие археолошки истражувања се утврдило дека почетокот на зрзеското монаштво датира од 9 век. Од тој период е и монашката населба на испоснички ќелии издлабени во вертикалниот засек на бигорната карпа, на северната, источната и јужната граница на манастирскиот комплекс.

ќелиите во карпата Зрзе
Во карпите има 11 целини со 30 објекти: испосници, јами, работилници, тихувалишта и сл.

ќелија во Зрзе
 Не ја сфаќам логиката на датирање на пештерните цркви. Кај нас тие се датираат доцна -14, 15, 16, па и до 18 век. Мене лично, ми изгледаат како први црковни пројави. Ако на 10 метра од нив постоела Ранохристијанска базилика од 5 век, зошто овие скришни места би биле од подоцнежен датум? Единствено, во периодот на Богомилството можеле да се обноват, а и подоцна за време на Османлиското владеење - но, да се обноват, а не и да настанат. Зашто очигледно е дека таму со малку истражување се доаѓа до такви сознанија, а ако се копне уште малку - веројатно ќе дојдеме и до моево - дека се создавани уште во 3.-4. век.
 Ама тоа не е ни важно, важно е дека Зрзе пленува со својата убавина, мир, посебност. Вреди да се оди таму, да се почувствува нашиот искон, нашата природа, нашата блага душа...и да се поужива далеку од новото време - во некое минато!