26.2.11

Хелоуууу!?!

Деновиве ми се случува мои блиски постојано да ми покажуваат текстови што им се отпечатени во списанија - неделни, месечни; текстови за семинарски, магистарски; текстови во зборници итн. Сите тие баш си се горди со својот успех, некои заради популарноста, некои заради новата точка во CV-то, некои заради парите што ќе ги спечалат. Деновиве, од последниот пост (12.2)  до сега (25.2.), верувам дека напишав над 50 страници А4 формат, или повеќе од 20 000 збора - некои анализи на дела (за другиот блог), некои текстови за современата македонска уметност што ме опседна во последно време - за ликовните колонии во Македонија, некои проекти за на работа итн. Во суштина и сама не знам што и колку. Ииии, си го отварам блогов - празен ми зјае; на работа само мојот извештај за работата го нема (бидејќи немам време да си го напишам); текстовите што ги пишувам - во ветер ми одат; и си викам - хелоууууу?!? Билјано моме, што правиш?
Другите ме освестуваат што е општествено подобно, како треба човек да работи во своја корист - ама џабе ми е. Билјаната не се освестува. И не може и не знае да се продаде. Кај мене се си е бесплатно. Па така - повелете бесплатен дел од мојата душа, на другиот блог бесплатен дел од мојата стручност... (ми заличи ова на „Старо купујем“).
Оф, жалам што не можам поинаку да постапувам за да се вклопам во средината - ама па, ич не жалам за мене - мене ми е супер!!! Си живеам во мојот свет на соништата и надежта дека ќе ја истрчам трката што побргу за да можам да се повлечам во светот на моите желби.
Ииии? Ми фали ли хелоууу (или освестувањето)?
Па што знам, не се осеќам како да сум во несвест...

12.2.11

И среќа и тага



Среќа е или тага...
Не знам
Што деновите трка прават
што брзо до целта стремат
4... 14... 24... 34... 44... ?!?
Tага е ил среќа
што огледалото не го познавам веќе
што душава млада е, 
срцето полно љубов
животот ум детски, 
радоста очи светат!
Среќа е ил тага
што свеќите шума се врз мојата торта
а јас само парчето слатко го чекам?

10.2.11

Писмото на поглавицата Сиетл

Кога претседателот на САД , Франклин Пирс пред повеќе од еден и пол век, во 1854 год, понудил државата да купи голем дел од индијанската земја, а на индијанскиот народ му понудил резерват, на таа понуда добил одговор од поглавицата на племето Сиетл. 

На неговите зборови секаков коментар е излишен:
„Кога Големиот поглавица од Вашингтон го испраќа својот глас дека сака да ја купи нашата земја, од нас бара премногу. Како може да се купи или продаде Небото, топлината на Земјата? Таа идеја нам ни е туѓа. Ние не сме сопственици на свежиот воздух и бистрата вода. Ако ние не го поседуваме свежиот воздух и бистрата вода, како вие тоа можете да го купите?

Секој дел од оваа Земја е свет за мојот народ.
Секоја блескава борова игличка, секое зрно на песокот на речното корито, секоја метличка во темнината на шумата, свети во мислите и искуството на мојот народ. Соковите кои течат низ дрвјата го носат сеќавањето на црвениот човек. Кога мртвите белолики одат на прошетка меѓу ѕвездите, ја забораваат Земјата која им го дала животот. Нашите мртви никогаш не ја забораваат оваа убава земја, бидејќи таа е мајка на црвениот човек. Ние сме дел од земјата и таа е дел од нас! Миризливите цвеќиња се нашите сестри; еленот, коњот, големиот орел, сите тие се наши браќа. Стеновитите врвови, сочните пасишта, топлината на телото на понито и човекот – сите и припаѓаат на истата фамилија.

Така, кога Големиот поглавица од Вашингтон испраќа глас дека сака да ја купи нашата земја - бара премногу од нас. Големиот поглавица порачува дека ќе ни најде место на кое убаво ќе живееме. Тој ќе ни биде татко, а ние негови деца.

Ние ќе ја разгледаме вашата понуда да ја купите нашата земја.
Но, тоа нема да биде лесно!
Оваа земја нам ни е света.
Оваа сјајна вода што тече низ брзаците на нашите реки не е само вода, туку и крвта на нашите предци. Ако ви ја продадеме земјата, ќе морате да се сетите дека тоа е свето и морате да ги учите вашите деца дека тоа е свето и дека во секој одраз во бистрата вода на езерата ги раскажува случувањата и сеќавањата на мојот народ. Жуборот на водата е гласот на таткото на мојот татко. Реките се нашите браќа, а тие ни ја гасат жедта. Реките ги носат нашите кануа и ги хранат нашите деца. Ако ви ја продадеме нашата земја, морате да се сетите и да ги учите нашите деца дека реките се наши и ваши браќа, и отсега, морате на реките да им пружите добрина каква би сте пружиле на секој брат.

Ние знаеме дека белиот човек не го разбира нашиот живот.
Нему еден дел од Земјата му е како кој било друг, зашто тој е странец што доаѓа ноќе и зема од Земјата сé што сака. Земјата не е негов брат, туку негов непријател, и кога ќе ја покори тој продолжува понатаму. Ги остава зад себе гробовите на своите татковци и не му е грижа. Тој ја одзема земјата од своите деца и не му е грижа. Гробовите на неговите предци и земјата што му ги роди децата остануваат заборавени. Спрема Мајката-Земја и спрема братот-небото се однесува како да се тоа работи кои можат да се купат, ограбат, продадат како стадо или сјаен накит. Неговата алчност ќе ја проголта земјата и ќе остави само пустош.

Не знам!
Нашиот начин е поинаков од вашиот.
На црвениот човек го болат очите од погледот на вашите градови. Можеби е тоа затоа што црвениот човек е див и не разбира. Нема мирно место во градовите на белиот човек. Нема место каде би се слушнало отворањето на лисјата во пролет или треперењето на крилцата на мушичката. Можеби е тоа затоа што јас сум див и не разбирам. Бучавата ми ги навредува ушите. Што е животот ако човекот не може да го чуе осамениот крик на козорогот или ноќното крекање на жабите во барата?
Јас сум црвен човек и не разбирам.

Индијанецот повеќе го сака благиот звук на ветерот кога си поигрува со површината на мочуриштето, мирисот на воздухот освежен со пладневниот дожд или намирисан со боровинка. Воздухот е скапоцен за црвениот човек, зашто сé што е живо го дели истиот здив – животното, дрвото, човекот. Белиот човек делува како да не го забележува воздухот што го вдишува. Како човек кој умира многу денови, така и белиот човек отапел на смрдеата. Ако ви ја продадеме земјата, морате да се сетите дека воздухот е скапоцен за нас, дека воздухот го дели својот дух со целиот живот кој го поддржува. Ветерот што на мојот дедо му го даде првиот здив, исто така ќе го прифати и неговиот последен здив.

Ако ви ја продадеме нашата земја, морате да ја чувате како нешто најскапоцено, како место каде белиот човек ќе може да го вкуси ветерот засладен со мирисот на полските цвеќиња.

Така ќе ја разгледаме вашата понуда да ја купите нашата земја. Ако одлучиме да прифатиме, ќе поставам еден услов:
Белиот човек ќе мора да се однесува спрема животните на оваа земја како кон свои браќа.
Јас сум див и не разбирам друг начин.
Видов илјадници бизони кои се распаѓаат во преријата, што ги оставил белиот човек застрелувајќи ги од возот кој минува. Јас сум дивјак и не разбирам како димечкиот метален коњ може да биде поважен од бизонот, кога ние убиваме само за да останеме живи. Што е човекот без животните?
Кога би исчезнале животните човекот би умрел од осаменоста на духот. Она што ќе им се случи на животните, набргу ќе му се случи и на човекот. Сите работи се меѓусебно поврзани.

Морате да ги научите своите деца дека тлото под нивните стапки е пепелта на нивните дедовци. За да ја почитуваат земјата, кажете им на вашите деца дека земјата со нас е во сродство. Учете ги вашите деца како што правиме ние со нашите, дека земјата е наша мајка ... Што и да ја снајде неа, ќе ги снајде и синовите на земјата.
Ако човекот плука на тлото, тој плука на самиот себе.
Тоа ние го знаеме:
Земјата не му припаѓа на човекот; човекот и припаѓа на земјата!
Тоа ние го знаеме. Сите работи се поврзани, како крвта што го обединува семејството. Што и да ја снајде земјата, ќе ги снајде и синовите на земјата. Човекот не го ткае ткивото/предивото на животот; тој е само нишка во него. Што прави со предивото, тоа си го прави самиот себеси.
Дури и белиот човек, чиј Бог говори и шета со него како пријател со пријател, не може да биде исклучен од заедничката судбина. После сé, ние можеме да бидеме браќа. Ќе видиме. Знаеме една работа, која белиот човек еден ден ќе ја открие – нашиот Бог е истиот Бог. Вие сега можете да мислите дека вие Го имате, како што сакате да ја имате нашата земја; но, тоа не можете. Тој е Бог на луѓето и Неговата сомилост е еднаква и за црвениот и за белиот човек.
Таа земја Нему Му е драга, а да и се штети на земјата е презирање на нејзиниот Создател. На белите луѓе им треба и премин; можеби побргу отколку на сите други племиња. Ако го онечистите вашиот кревет, една ноќ ќе се загушите во сопствениот смет. Во своето настојување ќе горите во огнот на Богот што Ве довел наваму и со некои необјаснети намери Ви дал власт над оваа земја и над Црвениот човек.

Судбината е мистерија за нас, затоа што ние не знаеме кога сите бизони ќе бидат заклани и дивите коњи припитомени, зошто во длабочината на шумата има толку човекова смрдеа...

Каде е еленот, дабарот? Каде се? Ги нема повеќе.
Каде е орелот? Одлета . . .
Вистинскиот живот заврши. Почнува борбата за преживување!

9.2.11

Јубилејче на моето блокче Македонски јазик и литература

Денес си го прославувам стоилјадитиот (100 000) посетител на мојот стручен блог (Македонски јазик и литература) за период од неполни 3 месеци (од 14.11.2010, а од кои речиси еден месец беше распуст).
Да направам таков блог ме поттикна немањето учебници за стручно образование, но подоцна ми се виде згодно и за часовите - бидејќи лекцијата секогаш може да биде пред учениците (и барем компјутерите ќе си ја имаат својата смисла).
Значи, прво блогот ми беше за интерна употреба со моите ученици, но се повеќе забележувам дека го користат многумина, од цела Македонија, па и надвор од Македонија. Бројката на посетеност се зголемува - што ме радува, зашто така барем има некаква корист од мене.
Всушност, отпрво ми беа направени посебни блогови за секоја учебна година, но пред три месеци решив да ги ставам сите на едно место. Дел од текстовите веќе ги имав (заради книгата „За матуранти“), но голем дел ги пишувам како што доаѓаат по програмата. Така што, тој целосно ќе биде заокружен дури на крајот од следната учебна година.
Аххх, знам дека и тогаш нема ништо да биде готово, зашто СИГУРНО повторно ќе има промени во програмата по македонски јазик, па ќе треба да си додавам и одземам некои работи. До тогаш верувам дека ќе има и учебници за децата од стручните училишта, па неопходноста на мојот блог ќе се намали. Но, не е важно, јас и онака тоа го правам за нашите деца... од сопствена желба, а убавината е во тоа што тие го користат. 
(Патем, нашите ученици заборавиле како се користат учебници, бидејќи бесплатните од Владата ги враќаат неотворени - па така барем подолго ќе потраат).

п.с. посветувајќи му малку повеќе време на тој блог, во последно време си го запоставив овој :)
п.п.с. поента? - ако сакаш да те читаат - пишувај им тоа што го бараат!
еј, ми текна уште едно п.п.п.с. - еден читател ми рече да си ставам google adds - за да имам барем некава материјална корист од посетеноста на блогот - е не може бе братче, јазиков и земјава не ни ги есапат - може, ако е на англиски (јака финта - македонски јазик - на англиски, ај да го видам јас тој мајстор што ќе успее македонски јазик на англиски да го напише?!?) - абе ај!

7.2.11

За Ханс Лотар Штепан

(Абе, кога ќе тргне на лошо - тргнато е.)
Почина Ханс Лотар Штепан, авторот на книгата „Македонскиот јазол“.
Тој беше прв германски амбасадор во Македонија, но многу повеќе човек кој со книгата, но и со интервјуата и чекорите што ги правеше, амбасадор на Македонија во Европа и светот. 
Во книгата „Македонскиот јазол“ објави документи за Македонија од германското Министерство за надворешни работи во периодот од Берлинскиот конгрес 1878 до Првата Светската Војна 1914 год. Покрај документите, со своите остроумни забелешки - тој им го определи местото на сите земји на Балканот, каде секако има место и за Македонија, и тоа значајно место! Со неа - тој не само што ја кажа вистината пред Европа, туку уште поважно - им ја покажа на Македонците (на кои секогаш некој друг од страна треба да им потврди дека постојат)!

Ханс Лотар Штепан си го кажа своето - но го кажа пред сите:

„Убеден сум дека сите историчари се согласуваат дека ако сакате да ја сфатите денешната политичка ситуација, морате да навлезете во историјата. Оваа историја докажа она што јас го проверив, на пример, дека Грција пред 1912-’13-тата никогаш не ја поседувала македонската територија. Ни во античко, ни во римско време, ниту во словенско време, ни за време на Отоманската империја - само по прекршувањето на меѓународниот закон во 1912-’13-тата за време на Балканските војни, заедно со Бугарија, Србија и Црна Гора. Тие ги окупирале и ги припоиле Македонија, Тракија и Епир. Во основа, Грција ја украла македонската територија, зашто ова било против меѓународниот закон.
.......
Оваа историска врска е целосно независна од правото на Македонија за самоопределување. Сите народи во светот го имаат тоа право, така и Македонија може сама да решава за својот идентитет, за своето име. Никој не треба да се меша. “

(секогаш јасно и отворено на страната на Македонија)

Македонија му оддаваше признанија на Штепан, „Блаже Конески“ од МАНУ, наградата „Крсте Петков Мисирков“ како и повеќе плакети и признанија за високи достигнувања. Но, и тоа е малку!
Почивај во мир - голем пријателу на Македонија!


Македонија - Силјан Штркот

Сега во училште ја обработуваме „Силјан Штркот“ и читајќи ја приказната повторно, во глава ми се превртеа многу работи.
Отсекогаш сум ја обожавала приказната – навистина е ремек-дело, но никогаш особено не сум навлегла во неа, а сега – наеднаш почна да ми блеснува!
Силјан Штркот – тоа е Македонија!
Прво, за симболиката на штркот. Тоа е онаа убава бела птица која прави огромни гнезда на нашите бандери, оџаци и на други високи места, птица која ја има низ цела Македонија. Таа, во западните култури симболизира пород, таа во цртаните филмови со клунот ги носи бебињата до прагот или ги спушта низ оџакот. Од каде оваа симболика на запад? Сигурно е преземена од кај нас! Зашто во нашиот фолклор штркот го симболизира семејството, домот, верноста, но и постојаното обновување – зашто секоја пролет тој повторно доаѓа, неуморно патува за да дојде пак во своето старо гнездо.
Второ, за зборот – нашиот збор „штрк“ јас го поврзувам со неговото ономатопејско значење – штрака, зашто штрковите штракаат со клуновите и така комуницираат, тие се птици кои не пеат (има само некои видови што испуштаат звуци). Понатаму, од тој збор имаме изведени – штркла, штрклест (чие значење се поврзува со физиономијата на штркот). Во англискиот, зборот „stork“ се претпоставува дека е од германско потекло (Störche), зашто нормално, не може да биде од кај нас. Таму зборот нема етимологија, нема значење. А англискиот збор, односно германскиот е мноооооогу сличен на нашиот. (Во српскиот, пак, интересно е што таа птица се вика „рода“ – па така  називот е директно поврзан со раѓањето.)
Всушност, симболиката на штркот е многу повеќе препород, отколку раѓање.
И трето, за приказната.
Што сè има во приказната „Силјан Штркот“? Не, преамбициозно е од мене да се обидам да откријам сè, ама еве барем неколку работи.
Силјан е одметнатиот, непрокопсаниот, непослушниот син – тој е младата генерација која ја отфрла традицијата, не ги почитува корените, тој е младичот кој сака да избега од својата земја, некаде во странство – далеку од тука. (Познато? – сè повеќе млади мислат дека ќе си ја најдат среќата во туѓина, и, ама воопшто не си ја ценат својата татковина).
Лековерно, без грижа на совест – Силјан тоа го прави, си заминува од дома. Но, не е случајно што тој заминува со свештеник (духовникот) и се упатува кон Света Гора (Божји гроб). Очигледно е дека нему му треба некакво духовно прочистување и препородување. На патот се соочува со смртта. Коработ потонува, сите умираат. Но, за Силјан има уште една шанса, само тој останува жив. Како од матка – тој излегува на суво, соочен со нов свет!!! И во тој нов свет среќава два извора (двете мајчини дојки), кои ќе му ја пружат новата шанса – изворите со човечка и штркова вода (или истото: за да се „очовечи“ мора да го пројде препородот на штркот).
Чудната земја на штрковите, всушност е душата на Силјан, неговото преиспитување, неговото преобразување. Свесен е колку бил лош кон татка си, колку бил со слаб морал – и подготвен е да се жртвува за да ги искупи гревовите. Се престорува во штрк, станува птица (погледнува од повисоко) само за да се врати дома. Но, сфаќањето дека грешел не е доволно – тој мора уште еднаш сè да доживее. Штркот-самотник, Силјан, мора од блиску, а всушност од многу далеку да си погледне во своите корени, во својата традиција. Тие се најтрагичните носталгични моменти во приказната – тој ужасно страда по домот, по семејството, по татковината – како што од далеку ни страдаат печалбарите – и дури во тие моменти сфаќаат што напуштиле, сфаќаат кои се – и каде е нивното место. 
На крајот, целосно оформен, „очовечен“, зрел, осознаен - тој се враќа дома!
Речиси непотребна ми се виде случката кога втората година при враќањето штрковите се борат со орлите. Но, со неа Цепенков многу јасно ја претставува борбата на христијанството со исламот, популарна тогаш (за време на турското владеење), но уште попопуларна сега! Штркот го симболизира христијанството, а орелот исламот.  
И така, приказнава од памтивек, е приказна на денешнината. И баш си се прашувам, ќе се препородиме ли конечно, ќе сфатиме ли кои сме, ќе се помириме ли со тоа, ќе заврши ли борбата со орлите???
И, уште нешто, како до сега никогаш не сум го поврзала Силјан штркот со белегот на Прилеп кој го викаат Слонче, а кој пред некој месец многу повеќе ми заличи на штрк? Па така си е – таа камена фигура е штрк, всушност, човек-штрк, тоа е местото на препородот.

6.2.11

Ах, бре Македонче

Не е добро, ич не е добро - накај лошо мава.
Ах, бре Македонче...
Воопшто не гледам телевизија бидејќи не сакам да се „замарам“ со дневно-политички „гомненици“, не сакам суратчињата да им ги гледам на мачкаторчињата, ораторчињата, фразерчињата, актерчињата и сите останати „чиња“.
Ах, бре Македонче...
Не сакам, ама не може. Не ми даваат да си живеам во изолиран свет. Влегуваат во него. Боцкаат, чепкаат и со ножеви брцкаат. Не бива од нас ни банана-држава.
Ах, бре Македонче...
Глупо, глупо, глупо Македонче... Толку ли леб се нема да мора ама баш секогаш само на својот мев да се мисли? Толку ли не е важно ништо од носот понатаму?
Демек,  сега работава е: акција е власта; реакција опозицијата; алаткатата третата страна! И? Кој ќе ја извлече користа? Се знае бре Македонче - секогаш кога двајца се тепаат - третиот користи!!!
Баш ми се гади!