14.11.13

Литература и бројност на видовите птици во Македонија



Во Македонија нема многу литература за птиците (освен скудна стручна литература на ПМФ), нема книги, нема прирачници (освен мал прирачник, што никаде не можам да го најдам), нема водичи. Благодарение на мојата речиси едногодишна работа, сега барем на Википедија има статии за сите видови птици застапени во Македонија. (За да го видите списокот - кликнете на врската; а таму за секој вид има посебна статија).
Потоа, сретнав некои информации за полупропаднати (за друго потрошени пари) проекти, некои наметнати анализи, ама сè е тоа малку, сè е пак, онака, како што мразам - со себепонижување.
Еве, конкретно - многу се израдував кога видов дека постои некаква литература за СОСТОЈБАТА СО ПТИЦИ ВО МАКЕДОНИЈА (2012), и се надевав дека таму ќе најдам патоказ во моето птичарење. Читам вовед, традиција, историјат, каде во минатото се присутни птиците  - добро, супер вовед; читам понатаму - абеее, ...Македонија не може да се споредува со соседните ПОДОБРИ држави, таму има птици, бла, бла, кај нас нема толку, ние не можеме, ние не знаеме... - и следува разочарувањето. Како бе? Зошто? Во што тоа сме полоши? (во мрзата изгледа, и во комплексот на помала вредност, во грабежот на странските средства, во негрижата). А податокот од таа „стручна анализа“ воопшто не е точен!!! Ниту имаме помалку, ниту сме за сожалување!

Преспанско Езеро
 Во Македонија има околу 330 (според некои извори 328, 329, според други 332) вида птици. Во Европа има вкупно 514 вида. Значи, кај нас од вкупниот европски број има околу 64% видови птици. Што е најинтересно, во областа на Преспанското Езеро, кај резерватот Езерани се регистрирани 216 вида, што претставува над 66% на национално ниво, односно околу 50% на европско ниво. (Податоците се земени од студијата за заштитеното подрачје Езерани, декември 2009, каде може да го погледнете и списокот на видови птици во таа област.)
И ова е малку? И ова е за понижување? За давање предност на соседните држави? Воопшто не!

Не постои птичар во светот кој не би сакал да дојде на такво место каде би можел одеднаш да види барем 100 вида птици, а не пак, 216! Нашево место е идеално, само кога не би нè мрзело да направиме нешто, кога не би се справувале со оправданието дека „локалното население пружало отпор“ и слични глупости. Во врска со локалното население, секој пружа отпор кога треба да направи нешто ново. Но, ако им се објасни дека од тоа ќе имаат профит, дека покрај обичното птичарење тие луѓе ќе престојуваат, јадат, гледаат и уживаат, а со тоа и ќе трошат пари, зошто не би прифатиле? Покрај тоа, нивната животна средина ќе остане иста - најприродна што може, нивните ниви ќе си ги обработуваат како дотогаш, овоштарниците, исто така. Ништо особено не треба да се менува. Напротив. Треба само да се обезбедат основни услови за престој, што некој може да го искористи за заработка. Запуштените хотели, одморалишта и кампови може да се обноват, и туризмот на Преспанското Езеро повторно да заживее. 
На плажата во кампот кај Отешево
Иако е јасно дека за туризам не може да се споредуваме со Турција, сепак, еве за паралела и илустрација: на езерото Куш (Птичје Езеро), во западна Турција, Турците обезбедиле услови, ги ангажирале поголемиот дел од 127 агнеции кои нудат тури за птичарење, и годишно тие птичари, таму, трошат над 1.000.000 евра. А бројката на видовите птици и не е драстично поголема од кај нас. Има околу 270 вида.
Но, сето тоа, бара некој да се потруди, да се направи стратегија на државно ниво, да се стане членка на Рамсарската конвенција (тука може да видите за српското учество), да се престане со плачење и жалење - и да се направи нешто! Па макар тоа првично да биде многу малку, индивидуално и ентузијастички. Ама само нека биде...

Странците, односно птичарите, поконкретно, не е дека не знаат какви птици има во околината на Преспанското Езеро. Тие самите си доаѓаат, без учество на агенции. Но, зошто ние малку да не се потрудиме и да им го разубавиме престојот, а не да мораат да се сместуваат во кампот кој е во очајна состојба или во околните објекти кои, исто така, не нудат удобност?

12.11.13

Птиците



Последнава година целосна преокупација ми станаа птиците. Тоа излезе сосема случајно. Како училиште (СГГУ „Здравко Цветковски“) се вклучивме во проектот Википедија во моето училиште и бидејќи сакав да обработиме една целина, случајно ја одбрав темата за птиците. За нив имаше само неколку статии, па решивме сите статии да ги преведеме и адаптираме за македонската Википедија. Ги опфативме само птиците што се среќаваат во Македонија.
На почетокот тоа беше механичка работа, само превод - нова статија, но откако учениците престанаа да ми помагаат, јас самата напишав околу 200 статии за птиците. 

Така, почнав да навлегувам во деталите околу нивниот живот, особини, пеења, интелигенција и постепено сосема се опседнав со нив. Сега насекаде гледам птици, го препознавам нивниот лет, звук, форма. Почнав да ги сликам и снимам и ми стануваат сè поинтересни.

Минатата година речиси ништо не знаев за птиците. Немав поим дека има толку многу различни видови. До тогаш, сите за мене беа или врапчиња, или чавки, или штркови, или гулаби. Дури сега почнувам да го распознавам големото богатсво на разните видови.
Во списокот на Википедија се статиите за сите видови птици што ги има во Македонија, а кои јас, со мала помош од учениците ги напишавме.

Порано се занимав со риболов, но во рибарењето најмногу го сакав мирот и спокојството што го чувствував седејќи надвор покрај езеро. Никогаш не ми се допаѓало убивањето на рибите. Но, сега, неспоредливо поголемо задоволство ми претставува птичарењето. Повторно сум во природа, повторно во некаков вид на лов, но со камера - а „уловот“ секогаш ми е достапен и можам да си го гледам кога сакам. Оддалеченоста на птиците не овозможува веднаш да се забележат сите нивни детали, но кога ја гледам снимената птица - уживам во сета нејзина раскош на бои, облици, однесувања и звуци. 

Се разбира дека јас сум аматер во врска со птиците и птичарењето, ама моите сознанија и искуства чувствувам потреба да ги споделам, па затоа, тука, во наредните постови, ќе пишувам за разните видови птици во Македонија.