Вчера набљудував една смешна случка којa е одлика на човештвото.
Бев во Куршумли ан да ја гледам ќерка ми и патем да сликнам нешто. Кога заврши случувањето застанав крај вратата да ги почекам останатите да дојдат.
Во меѓувреме, некој ја подзатворил вратата. Поточно, од двете крила на портата едното беше подотворено, а другото затворено. На подотвореното има мала вратичка низ која може да се протне човек.
Првите луѓе што сакаа да излезат се обидоа да ја отворат подотворената врата и откако не успеаја решија да се протнат низ малото вратиче. Следните луѓе повторно се обидоа и откако не успеаја и тие се протнаа. По нив веќе никој не се обиде да ја отвори вратата, сите се протнуваа мали и големи, со точак, секако...
Јас сеирџиски ги гледав и ги сликав. Откако се испротнаа повеќе од половина, дојде еден човек од спротивната страна, кој влегуваше во анот и со леснотија ширум го отвори другото крило. Иако веќе ширум отворено, уште една група, поведена од реката излегувачи сè уште се протнуваше низ вратичето. Чудна работа!!!
Ова е само една случка - но целосно го отсликува човекот. Ако го сфатиме ова поинаку, ментално, суштински - што ќе заклучиме?
Многу малку се обидуваме да дојдеме до целта и до нови сознанија (двапати?? па се откажуваме), а ретко кога го бараме другиот пат (ни се чини дека вратата е затворена).
Сите ние сме како овци - каде оди овенот водач, таму сите останати. Никогаш не го гледаме вистинскиот излез, вистинскиот пат, туку секогаш го следиме „водачот“ - зашто така е полесно!
No comments:
Post a Comment