2.12.10

Трескавец 2 (предание за името)

Во дворот на манастирскиот комплекс во Трескавец (како и во многу други наши манастирски дворови) има разни мермерни плочи, столбови, столпчиња и други скулптурчиња ископани од околината па ставени како украс, или вградени во некој ѕид. Во Трескавец има многу такви. На влезот од црквата за скали се искористени некои од нив.
Трескавец

Трескавец

Овие траги, остатоци од античко време се доказ дека тука било населено уште многу одамна и дека најверојатно поради убавината и стратешката позиција на местото (од горе сè се гледа во недоглед) имало и верски храм и други градби. Монахот Калист раскажува дека такви парчиња често ископува од бавчата и сите ги реди на едно место, веднаш лево од влезот, каде се наоѓа и една стара крстилница која е заѕидана во средината иако местото воопшто не и е таму.

Трескавец

Трескавец

Трескавец

Трескавец
Два натписа на мермерни постаменти поставени на Аполон и Артемида, коишто потекнуваат од римската епоха (2. век н.е.) упатуваат на постоење на населба со име Колобаиса уште во античкиот период. На 100 метри северно до манастирот се лоцира и доцноантичка населба Бунар. На локалитетот Гумење, на 300 метри јужно од манастирскиот комплекс е откриена голема некропола. Во неа континуирано се вршело закопување речиси 800 години во периодот од 4. до 3. век пред н.е., па сè до 4. - 3. век н.е.
Пред неколку години нашето Министерство одлучило да се направат истражувања во и околу црквата, да се реставрираат фреските и иконите, да се поткрепи самата градба на која навистина и треба помош за да не се сруши. Тие ветиле и дека патот до горе ќе го асфалтираат. Но, освен првичните сонди кои оневозможуваат нормално движење во црквата и ветувањето – ништо друго не е направено. 
Од кога постои и кога е изграден Трескавец не се знае точно. Тој е обновуван за време на цар Душан, па затоа српската историја си го присвојува градењето на овој прекрасен манастир. Се разбира дека и на Бугарите не им е сеедно, па и тие го сметаат за дел од својата историја, бидејќи е повторно обновуван во „нивно“ време. Очигледно е дека манастирот е многу постар и дека честопати бил уништуван и пален. Според архитектурата, со отвори од сите страни (што го нема кај црквите од поново време), очигледно е дека Трескавец е еден од првите христијански храмови направен пред Светогорските.
Едно од преданијата на месното население раскажува дека пред многу векови во манастирот се подвизувале 300 монаси. Една царска ќерка по име Каламарија, од родители христијани тргнала да оди во Света Гора за да пости и да се причести. Светогорските калуѓери не и дозволиле да влезе откако ја убедиле дека во Света Гора не стапнува никакво женско суштество.
Оттаму Каламарија тргнала за Прилеп и застанала во селото Дабница, кое се наоѓа под Трескавец. Од тоа село таа испратила барање до игуменот на манастирот дека дошла специјално да го посети манастирот во кој сака да пости и да се причести. Игуменот и одговорил дека не може да и дозволи на жена нехристијанка да живее, да пости и да се причестува во манастирот.
Таа откако трипати ја повторила молбата се налутила и заповедала да го нападнат и разурнат манастирот, а монасите да ги погубат заедно со сите манастирски луѓе. Заповедта била исполнета. Од целото здание останала неповредена само црквата и јужниот дел од ќелиите кои и до денес стојат. Целиот манастир во тоа време бил заобиколен со тврдини, од кои остатоци и денес се гледаат. Од мршите и крвта на истепаните луѓе се создало некакво си чудно животно, ала (ламја) која го јадела секого кој одел во манастирот. Од таа причина тој манастир цели 200 години стоел пуст.
Еден ден имало ужасна бура со силни грмотевици и еден гром паднал врз црквата. Неколку дена потоа околу манастирот се почувствувала грозна смрдеа. Овчарските кучиња излегувале од манастирот со окрвавени муцки. Некои посмели овчари влегле во црквата и во олтарот го виделе чудното животно мртво и легнато на земјата. Грмотевицата го удрила и во исто време се образувала и една пукнатина врз северните олтарни ѕидови на црквата. Таа пукнатина постои и до денес. Оттогаш, поради тресокот на громот манастирот го носи името Трескавец, а дотогаш се викал Златоврвски манастир.

Ова предание Џинот го раскажува малку поинаку: султанијата или пак Кала Мара, како што ја нарекува Џинот, била една од жените на турскиот султан Мурат Втори. По неговата смрт на пат кон својот вилает, Мариово, султанијата застанала во манастирот за да се причести. Владиката во манастирот не ги отворил манастирските порти и забранил да  се даде причест на султанијата, која живела во брак со некрстениот султан. Тој чин ја разлутил Кала Мара, и  таа и наредила на својата придружба - 500 добро вооружени војници, да го урнат манастирот и да ги заколат сите монаси, кои тогаш според некои извори биле 300, а според Џинот, дури 700. По наредба на султанијата само владиката бил оставен жив. Се претпоставува дека султанијата од приказнава е ќерката на српскиот деспот Ѓураѓ Бранковиќ и неговата втора сопруга Ирена Кантакузина. Таа била родена 1417 година, а за султанот се омажила 1435 во градот Едрене.

Преданието раскажува дека врз највисокиот врв на планината било поставено златно јаболко, од каде се добило името Златоврв. Тоа јаболко толку светело што зраците  стигнувале дури до Егејското Море, кое исто така се гледало од врвот. Јаболкото паднало од Златоврв во време на грмотевицата кога го убила чудното животно.
Калист во шега ќе каже, дека тукашните луѓе го откриле громобранот многу, многу, многу пред Бенџамин Франклин.
А и денес на врвот стои златно јаболко – за да се зачува традицијата. 

Иако претпоставката е дека планината се вика така заради златното јаболко, мене  сепак повеќе ми личи дека е тоа заради златно-жолтите камења кои целата ја прават да има жолтеникав сјај.

Продолжува...

No comments:

Post a Comment