29.11.10

Трескавец 1 (искачување на Златоврв)

Истражувањето и доживувањето на мојата Македонија е неповторливо, прекрасно чувство. Нашите планини, реки, извори, водопади, езера... сè е тоа божествена убавина. Посетата на црквите и манастирите сместени на високите, потешко пристапните места постојано ме исполнуваше со ново воодушевување, нов поглед кон природата, светот и животот.
Во Прилепско знеав дека треба да го видам Зрзе, ама не знаев дека мора да се качам и на Златоврв - Трескавец. Од каде и да погледнев секогаш го фотографирав, ме примамуваше со својата специфичност - со својата извишеност кон облаците среде огромното поле. 
Поглед од Плетвар кон Маркови Кули и Златоврв

Трескавец - Златоврв

Трескавец - Златоврв

Поглед од Крушево кон Златоврв

Поглед од Мечкин Камен кон Златоврв

Трескавец - Златоврв

Трескавец - Златоврв

Трескавец - Златоврв

Поглед од Зрзе кон Трескавец - Златоврв

Прилепчани како да сакаат да го скријат ова место од обични посетители, да го скријат од луѓето – веројатно зашто тоа било само за Боговите. 
И додека прашувавме за патот, од каде да одиме, каде да пројдеме - имав чувство дека не сакаат да ни кажат, нè одвраќаа со тоа дека има многу за пешачење, дека не чини патот..., и со половина уста сепак ни покажуваа накаде да одиме. Со кола стигнавме до некаде и потоа имавме цела планина да ја искачиме пешки. Децата уште на почетокот посакаа да се откажат, ама бидејќи денот не ни беше испланиран за нешто друго иако веќе беше 15 часот, решивме сепак да се качуваме... па до каде стигнеме – до таму.
Додека се искачувавме нè стигна џип кој без проблем се искачуваше по лошиот пат. Внатре беше монахот од манастирот кој ни понуди да ги качи децата, а бидејќи тие одбија, нè поздрави најљубезно и ни кажа дека нè чека горе. Ова што рече дека нè чека, беше голем мотив да истраеме до крај. 
Трескавец - Златоврв

Трескавец - Златоврв

Патот до горе е навистина долг и тежок за качување, особено за такви како мене, без кондиција (и пушачи). Но, погледот надолу, широчината на полињата, убавината на глетката ме тераа да се качувам – и сето тоа да го видам од уште погоре.
По секоја искачена висинка се предомислувавме, се убедувавме дали да продолжиме или не. Десетина такви искушенија имавме до врвот, но сепак ги пребродивме. 

Колку што се приближувавме до врвот, толку стануваше сè помирно и поспокојно.

Трескавец - Златоврв

Трескавец - Златоврв

Манастирот нè дочека со невиден мир. Во дворот немаше никој освен еден огромен бернандинец (Бруно) кој има застрашувачки лаеж, но кој ве дочекува мирно, со благ поглед. Разгледавме лево-десно, малку се пододморивме од искачувањето и тогаш се појави монахот кого го сретнавме по патот. Калист. Нè прибра околу себе, воздивна и рече: од каде да почнам? Немавме многу време зашто фати веќе 17 часот, па и повеќе, а не сакавме да се симнуваме по темници, но приказните на Калист сакавме да ги слушнеме. До сега не сум видела толку насмеан, позитивен, полн со енергија монах. Сите претходни биле премногу мирни, раскажувале со едноличен тон, ни случајно не се насмевнувале – ама Калист, тој не ја тргна насмевката од своето лице. Прашав дали може да сликам иако бев убедена дека ќе ме одбие, зашто сите ме одбивале – но тој дозволи, без проблем, само со забелешката да не ги злоупотребувам фотографиите. И верувајте, зашто не можев да го оттргнам погледот од него, зашто не можев да пропуштам ниту еден збор што го кажуваше – јас речиси ништо не сликав. Ма не речиси – туку баш ништо, ништо! А секое аголче од црквата, трпезаријата, кујната – сè си имаше своја приказна, своја убавина, а сликите останаа само во моите сеќавања. И децата мои со подзинати усти ги слушаа приказните. Им се гледаше воодушевување во очите, мир во душата. И по еден саат кој ни мина како миг покрај Калист, кога моравме да тргнеме надолу, никому не му се одеше. 
Се враќавме лесни како пердуви, расположени, уверени дека и тоа како вредеше мачното искачување. Со денови зборувавме само за Трескавец и за Калист и си ветивме дека мора да одиме барем уште еднаш. 

Продолжува...

No comments:

Post a Comment