4.12.10

Трескавец 3 (папокот на светот)

Црквата во Трескавец по многу нешта ме потсеќа на мојата Македонија.

 Прво, местото – мислам дека е најубавото место на светот, со прекрасен поглед, со чувство како да ги допирате облаците, како да го дишете најубавиот воздух, и кога се наоѓате горе – меѓу небото и земјата како во вас да влегува некоја натприродна сила... Опасно е – близу до грмотевиците, но сепак се чувствувате заштитено – како во прегратка на Мајката Божја, како дома. Тоа е за мене Трескавец – папокот на светот! Почетокот на сите почетоци кој иако претрпел страшни времиња – сепак стои и постои!
Црквата е опкружена со нови конаци, блескави, чисти – а таа – во средината е како стара баба со лузни и со разни цртежи по нејзиното тело кои ги оставале времињата и тешкотиите. На прв поглед – за греота, ќе се сожалите на неа, но кога ќе и влезете во душата, кога ќе ви ги раскаже приказните од минатото – ќе го почувствувате нејзиниот дух граден со милениуми.

Трескавец

Темелите и ги изградил некој антички предок, па врз нив се градел храмот на новата вера, христијанството. Како минувало времето се градело и доградувало, се рушело и палело, се потпишувал секој што сакал да остави трага. Ѕидовите распукани, се чудите дури како уште стои, трагата од молња е најдлабока – широка пукнатина, подовите разрушени од новите генерации истражувачи... Сè има на нејзиното лице и сè може да прочитате од него. 
Од почетокот на 15. век е фреската на Богородица на влезот - за да се знае кому му е поветен овој храм.
Под неа, пак, дрвената, двокрилна. плитко резбана врата, е дело на Слепченските копиначари од 16. век.

Никој не сакал да го скрие минатото – го вградиле во иднината. Многу украсни мермерни камења послужиле за новата градба, па дури и делови од скулптури. 



Во еден од ѕидовите е вградена мермерна статуа од римски војник во хитон. Калист го поврзува ова вградување со св. Апостол Павле кој им се обратил на Римјаните со зборовите: „Вашите кипови ќе станат обични камења“. И навистина, тука римската скулптура е употребена како обичен камен.

Црквата е со пет кубиња и секое во внатрешноста претставува посебно одделение. Четирите одделенија се од страните. Ваквата градба е карактеристична за минатото, многу пред Душановото или Урошовото време. Југозападното одделение е целосно заѕидано. Оставен му е само еден прозозрец. Според преданието таму се венчал некој цар. Во старо време се заѕидувале влезовите каде се венчавале царевите, за друг прост смртен човек да не стапнува таму.

Фреските на наосот се настанати кон крајот на XVвек. Особено интересни се оние од првата зона каде се јавуваат фигури на светци во стоечка положба во природна големина. Тие се облечени во благороднички облеки, карактеристични за ренесансата и со раскошни капи со пердуви на главите. 
Бидејќи не ги сликав – еве илустрација – вака некако изгледаа. До сега такво нешто не сум видела во црква како фреска.




Casa Mila,Barcelona од Џангриз
Многу интересна беше и југо-западната просторија пренатрупана со прекрасни икони од 16.и17. век кои чекаа да бидат земени во Скопје на реставрација. Само да не ја дочекаат судбината на иконите од Зрзе (кои се во Музејот на Македонија), ама па и така подобро, отколку да стојат незаштитени и речиси фрлени во шупа.  А интересното во просторијата беше таванот – целиот брановиден, со една толку необична форма, на што повторно во шега Калист  ќе рече – сигурно Антони Гауди дошол тука, го видел кровот и се инспирирал за креирање на својата уникатна архитектура.

Не помалку интересни се старата кујна и трпезаријата. 

 Во кујната, исцрнетите камења се сведоци на огнот што горел, а прекрасните камени маси во трпезаријата се сведоци на вистинските мајстори од минатото. Овие маси се направени од едно огромно парче камен (потешки и од 2 тона), совршено обликувани, со бразди од страните за истек на водата при миење, и со специјални места во подножјето за ставање на нозете. До нив стојат исто такви камени долги клупи. Направени се во 14 век. 
 (Патем, ако некој во 14. век можел да направи толку совршена камена маса, зошто не би можел да прави фигури на животни во камења кои не морал ни да ги помести?).
Разурнувањата и повторните изградби на црквата во Трескавец се многубројни. Во 14. век, во 16., а во 19. век се случил голем пожар. Но, прилепчани брзо собрале пари за обнова. Интересни се мермерните плочи од богатите занаетчии кои дарувале прилози, но и оставиле свој белег. (Повеќе за плочите има овде).
И во 1990 година два дена по Божиќ конаците изгореле до темел, но и овојпат прилепчани неверојатно брзо собрале пари за обнова. Без многу медуимски глупости, тивко и посветено – тие си го обновиле она што го сметаат за нивно најсвето место.
 Приказните за Трескавец не се толку, ги има уште повеќе (за вградената пушка на Турчинот, за венчавањето на царевите, за секоја необична фреска), но за еден час што бев таму – полна сум со енергија за цела година.


Кој не бил не може да знае.

1 comment:

  1. Сум била и знам, ама кога читав како пак и пак и пак да се враќав. И потполно си во право. Ме наполни со енергија, иако физички не сум била одамна, ама ме врати во мислите и во времето. А на пролет и во просторот.Поздрав- Каце.

    ReplyDelete