7.1.11

Заминување

Многу се потресувам кога некој си заминува од Македонија. Пред некое време еден мој ученик беше пресреќен кога доби виза за Австралија, а мене солзи на очи ми дојдоа. Не дека се гледавме често, исто ќе биде и сега - по некое коментарче на фејсбук, по некоја порака или чат. Во моментот кога сфатив дека заминува, наместо да одглумам радост и среќа, да му посакам да си го оствари сонот (што дополнително и со каење го направив) јас му ја напишав песнава:

Добив виза! (вака беше неговата објава на фб, па и насловот на мојата песничка)

Добив виза за бегство
Добив виза за спас!

...Добив виза
За раздавање парчиња
Од телото мое
Добив виза
За купување лижавчиња
На децата свои
Добив виза
Да ги наполнам очите
Во празната душа
.....................................................
Од матката темна излегувам со надеж
Светлина земна ме дочекува со јадеж
Врвцата папочна ја раскинувам со бес
Иднината восочна ќе ја прифатам со лес.

Летам јас, летам, ко пердув сум лесен
Ќе одам, ќе шетам, светов ми е тесен
Продавајќи душа нов ќе си купам дом
За живот мој слушај, пишувам втор том.

Се бега ли мило, некаде од себе
Кога тоа било, те прашувам тебе?
Среќата туѓа лажна надеж нуди
(Не друга)
твојата совест еден ден ќе ти суди!

П.С. И знам дека бев лоша што му ја испратив песничкава и што не му дадов да се порадува.
П.П.С. А ја ставам овде за да не се загуби во несериозноста на фејсбукот.

1 comment:

  1. По грешка го избришав коментарот на siljanstrkot, ама ми остана на меил, па еве го:
    не сме сите врапцинја да се радуваме на трошките во родната земја... :(

    ReplyDelete