Не сум забележала кога, ама во периодов од изминативе 4 години (бидејќи кога и предавав на минатата генерација го немаше) во програмата за трета година македонски јазик и литература е вметнат и Венко Марковски. И, во принцип не би имала ништо против тоа, кога како држава би зазеле определен став кон неговата личност и дело. Кога барем би го имале во учебникот и сите професори по македонски би се ограничиле на информациите дадени таму и на дел од неговото творештво. Но, не е така.
Цел денешен ден го потрошив на Венко Марковски. Сè што имаше по нетов за него испрочитав – на македонски и бугарски јазик. И до каков заклучок дојдов? Искрено – до никаков. Целосно контроверзен лик од времето на создавањето на СФРЈ, преку Информбирото – па до денес. Односно, толку се спротивни ставовите на луѓето во врска со него што не може да се дојде до некоја средина, да се пронајде некоја релативна вистина.
Ставот на неговите македонски современици е дека е предавник – човек кој емигрирал во Бугарија и работел за нејзините интереси – откажувајќи се од македонскиот јазик, негирајќи ја македонската нација. Ставот на бугарските – се разбира е позитивен – дека тој е освестен Бугарин, академик во Бугарската академија на науките, му даваат огромни признанија, награди и повластици – куќа, кола, возач, средства за живот.
Накратко – тој е од Скопје, бил напреден младинец, оформил литературен кружок во кој биле и Кочо Рацин и Коле Неделковски, се залагал да го употребуваат македонскиот јазик во творбите што ќе ги создаваат, да ја проучуваат македонската историја и сл. Неговите две мали збирки песни напишани на македонски јазик „Народни бигори“ и „Огинот“ се издадени во Софија 1938 година, една година пред Рациновите „Бели мугри“. Тоа го прави основоположник на македонската современа поезија. (Но! Јас пред некоја година првпат слушнав за него.) Потоа учествувал во сите три комисии за нострификација на македонскиот јазик – и бил против тоа македонската азбука да биде како Вуковата, односно сметал дека треба да се има посебни знаци за меките к,г,л,н, дека треба да се воведе ѕ и да остане ъ (тврдиот ер.) Тука започнуваат проблемите. Целата таа група Македонци кои биле против Вуковата азбука, односно србизација на јазикот се сметале за пробугарски настроени. Таа група, на чело со Ченто биле и за обединета и самостојна Македонија, практично незадоволни од делумно слободната Македонија во рамките на ФНРЈ. Сите настрадале. Па и Венко. Набрзо, со образложение дека предал партиски тајни тој е исклучен од КПМ. Во наредниот период тој се посветува на творештвото и е плоден поет. Но, неговата пиеса во стихови „За родниот кат“ имала само една изведба, а потоа била тргната од репертоарот, а текстот е уништен (изгубен е). Димитар Митрев објавува крајно негативна критика за пиесата. И за сите негови следни дела исто. Како надежен поет на почетокот воздигнуван и сакан од публиката, наеднаш тој е шиканиран, критикуван и на крајот игнориран. Кон крајот на 1950 година е затворен и принуден да даде изјава во весникот Нова Македонија, односно, таканаречено покајничко писмо во кое вели: „Се исправам како тежок грешник (...) Голем дел, а можеби основниот, главниот дел за сето тоа лежи во мене самиот. Јас сум едно големо капризно дете, разгалено од успесите, дете кое смета дека сите се должни да му угодуваат. Амбициозен до болест, нетактичен до самозаборавност, честољубив до претераност“. Верувам дека за човек да напише ВО ВЕСНИК вакво нешто за себе – мора да биде силно притиснат. А отприлика знаеме како притискала комунистичката југословенска власт. По оваа изјава веднаш добива можност да издаде збирка „Стихови“ и да му се изведува драмата „Гоце“ во Македонскиот народен театар – ќе му дојде ова мило за драго. Најголема несреќа го снаоѓа кога за памфлетот „Сувремени парадокси“ отпечатен под псевдонимот Леопарди е обвинет и осуден без докажана вина на 5 години тешка робија на Голи Оток. Уште при судењето побарал да биде суден како Бугарин. Набрзо по враќањето од робија емигрира во Бугарија – а таму го дочекуваат со раширени раце. Уф, колку им се погодени такви луѓе за терање на својата приказна. Ете, демек, изворен Македонец тврди дека е Бугарин, дека не постои македонски јазик, нација, историја – па ја напишува ужасната критика на Тротомната историја на македонскиот народ – „Крвта вода не станува“ – исмевајќи го македонизмот до крајни граници. Син му Миле, живее и работи во Скопје, но и тој, само со едно куферче со семејството заминува во Софија, на краток престој, за лекување на детето и никогаш повеќе не се враќа во Македонија. Тој јавно кажувал дека е Македонец – и на своја 35 годишна возраст загинува во сообраќајна несреќа. Некои се убедени дека бил убиен. А Венко, до крајот на животот се декларира како Бугарин.
Што знам, причини да и биде лут на Македонија и тогашниот режим секако имал, но никогаш не можам да најдам оправдување за такво страшно однародување, негирање. Без разлика, сигурно го прислушкувале, го прогонувале, го притискале... ама тоа за мене не е доволна причина да кажам од денес јас не сум Македонка – сум... Немакедонка.
Најуспешна во рехабилитацијата на Венко Марковски е Виолета Ачкоска која го претставува како трагична личност и од чиј текст дури ми одеше да се расплачам (може овде да го симнете во пдф).
И се ова е ок, туку, прашањето ми беше, што јас да им кажам на учениците... кој е по ѓаволите Венко Марковски – и што тие треба да научат од него? Како за да си го спасиш животот се предава татковината? Или дека пишувал песнички? И тоа, искрено, не некои многу „јаки“, барем тие што ги прочитав од збирката „Огинот“ не ме воодушевија. Единствено – дека ги пишувал на македонски...
Не знам...
eve, ova sto go napisa ovde e krajno objektivno za nego...a tie samite neka donesat mislenje dali e ili ne e predavnik... preku debata, se razbira...
ReplyDeleteИстото ова може да се каже и за Крсте Мисирков. Авторот на „За македонцките работи“ кој потоа до крајот на животот ќе се декларира како Бугарин.
ReplyDeleteВеројатно затоа што немал леб да јаде.
Не знам дали брат Венко станал сестра Венко, (како некои други во наше време), ама после сите репресирања и прогони, гледајќи дека нема иднина, можеби поради жената и децата си рекол - не ме бива за борец, нема да победам, пробав, сега треба да обезбедам лепче за децата.
А верувам дека Венко како Галилео Галилеи на крајот на животот рекол „сепак се врти“. Само немало кој тоа да го чуе и да го пренесе на идните генерации.
Не е баш исто со Крсте Мисирков, прво, малку е друго времето и второ, тој сепак пред крајот на животот 1925 (1 година пред смртта)пишувал текстови во кои јасно си кажувал што мисли за Македонија, во текстот Самоопределувањето на Македонците : http://mk.wikisource.org/wiki/%D0%9A._%D0%9C%D0%B8%D1%81%D0%B8%D1%80%D0%BA%D0%BE%D0%B2:_%D0%A1%D0%B0%D0%BC%D0%BE%D0%BE%D0%BF%D1%80%D0%B5%D0%B4%D0%B5%D0%BB%D0%B5%D0%BD%D0%B8%D0%B5%D1%82%D0%BE_%D0%BD%D0%B0_%D0%BC%D0%B0%D0%BA%D0%B5%D0%B4%D0%BE%D0%BD%D1%86%D0%B8%D1%82%D0%B5; за разлика од времето на Венко, при постоење на Република Македонија, 1988 година (7-8 дена пред смртта) во телевизиско интервју каде продолжува да ја негира нацијата, јазикот и да зборува со омаловажување - некако таму го нема елементот „сепак се врти“... ама не е важно. Еве јас и ќе се снајдам, ќе бидам коректна во предавањето,ама кој го гарантира тоа за другите професори низ Македонијава. Поентата ми беше дека не е во ред туку така да се трупне во програма...
ReplyDeleteА, интересно, денес во нашата училишна библиотека најдов 4 негови книги издадени од 1945 до 1954 и се чувствував како да сум пронашла закопано богатство :)
Благодаря ви за мнението - хубаво е човек да види нещо позитивно за дядо ми в македонските блогове. Според мен, преди да си отидат по естествен път всчики онези хора, които са живеели по времето на Венко Марковски, не може да има обективен прочит на живота, творчеството и делото му. Прекалено много са обвързани с него, вкл. и част от тях са участвали в разпъването му на кръста, та няма сега как да се признаят за виновни.
ReplyDeleteВени, мило ми е што позитивно го оцени мојот пост, зашто не сакав никого ниту да оцрнувам ниту да величам, туку само што повеќе да дознаам за да бидам објективна (иако такво нешто не постои). Сосема си во право дека треба да помине уште некое време кога неговите „запалени“ противници нема да можат веќе да бидат толку жестоки (поточно кога нив ќе ги снема). Секако, мислам дека треба да го сметаш за чекор напред ова што во средните училишта влегол во програмата за изучување.
ReplyDeleteИнаку, во меѓувреме, сите повозрасни (татко ми, чичко ми, свекор ми) ги прашувам за Венко и сите реагираат во стилот: Венко! Па тоа беше најголемиот поет. Сите приредби почнуваа со неговите песни. Но, за жал, кај сите нив има едно, АМА... (Свекор ми дури уште знае напамет негови песни.)
Верувам дека не ти е баш лесно како потомок да го носиш бремето... и дека не е лесно да се поднесат сите блогерски глупости и препукувања... Некогаш се подзабораваме дека зборуваме за луѓе кои биле живи и за луѓе кои имаат свои потомци...
Поздрав, и бидејќи сега читам се што ми е достапно од Венко Марковски, веројатно ќе напишам уште нешто за него - се надевам уште попозитивно (иако тешка, тешка, тешка ми беше „Крвта вода не станува“ и заради горчината со која ја пишува и заради начинот).
http://forum.kotle.ca/showthread.php?tid=400
ReplyDeleteБилјана, на линков има неколку извадоци од книгата "Голи Оток" на Венко Марковски. Јас имам прочитано книгата на Анлгиски и мислам дека ретко добро дело е. Но преводот на Македонски е просечен. Инаку имам впечаток дека неговата "бугаризација" е пред се' дело на неговата голема суета.
Инаку за прашањето "Што да се прави?", би рекол: ништо. Не гледам причина сешто да се конформира или класифицира. Венко писателот, поетот, лингвистот има своја уникатна вредност; додека Венко политичарот има друга; Венко родителот трета итн. Мислам дека не е чесно неговиот писателски квалитет да го вреднуваме или обезвреднуваме на сметка на неговите политички идеали. Јас сум "трули капиталист", додека Венко е тврд комунист; но тоа не ми пречи негвиот уметнички талент да го оквалификувам како вонсериски. За жал македонската историја е полна со квалитетни линости кои се избришани токму бидејќи нивните гледишта не се совпаѓале со гледиштата издавачите на официјалната историја. Патем, дали може да постои нешто како "официјална историја", кога се' е релативно: човековите мислења и вкусови постојно се менуваат и затоа историјата мора да ја гледаме контекстуално.
ReplyDeleteДушко, ти благодарам за информациите и мислењето. На блогот за македонски јазик ја напишав „лекцијата“ за Венко, но се фатив себеси дека предолго го опишувам неговиот животен пат до заминувањето во Бугарија, со желба (пред себе) да ги оправдам неговите понатамошни постапки. Бугарскиот дел го стуткав и не многу го образложив. А, творештвото? Се уште не знам што да изберам. Можеби, зашто се први збирки на македонски јазик, најдобро е во училиште да се задржам на нив - „Народни бигори“ и „Огинот“, иако сега си ја обработувам „Робии“ (патем, баш ми се допадна), а „Сказна за резбарот“ е претешка за читање и обработка. Нема врска... си забегав јас во мојот дел.
ReplyDeleteИнаку, сосема се сложувам со твоето мислење... Поздрав :)