23.11.10

Свето Преображение - Зрзе - Прилепско

Кога тргнав да ја разгледувам околината на Прилеп - секако дека Зрзе беше една од дестинациите кои ми беа во агендата. Значи, што ти прави реклама, фотографија, спот...
За Зрзе има и проспект, што уште повеќе го популаризира. Огромна ми беше желбата да го посетам местото, да го видам со свои очи и да го доживеам.
До селото Зрзе од Прилеп води асфалтен пат, па потоа земјен и тоа прилично долг.


Селото... како и многу наши села - за жалење и пред умирање.

село Зрзе
село Зрзе

село Зрзе
 Тоа си е убаво за фотографирање, ама животот таму некако многу беден изгледаше...

село Зрзе
Од селото патот до црквата е само за со џип кој јас го немам, па моравме пешки. Нагоре по патот не нападнаа ситни мушички кои не не напуштија до крајот. Ни се пикаа во устата, очите, носот, ушите - секаде. Немаше спас од нив, по целиот пат до горе...
Единствен мотив да се продолжи беше необичната, прекрасна глетка кон манастирот.
Манастир Св. Преображение - Зрзе
Отпрвин далеку, па се поблиску и поблиску...
Манастир Св. Преображение - Зрзе
Манастир Св. Преображение - Зрзе

Манастир Св. Преображение - Зрзе

Манастир Св. Преображение - Зрзе
За да стигнете до нашите најубави манастири секогаш мора да се помачите. Но, никогаш да не се откажете, зашто кога ќе се стигне горе, по истрпената мака и тешкотија - сфаќате дека имало зошто. Пред вас, како на дланка го гледате целиот крај, а вие се чувствувате како на врвот од светот...
село Зрзе, Пелагонија
Поглед од манастирот Зрзе

Внатрешноста на манастирскиот комплекс е прекрасна, уредена, со огромен стар орев на средината и проточна вода со пастрмки, убаво за одмор и медитација.
Манастир Св. Преображение - Зрзе

Манастир Св. Преображение - Зрзе

Манастир Св. Преображение - Зрзе

Манастир Св. Преображение - Зрзе

Манастир Св. Преображение - Зрзе

Манастир Св. Преображение - Зрзе

Манастир Св. Преображение - Зрзе

Манастир Св. Преображение - Зрзе

Во манастирот ве дочекуваат љубезно, го нудат своето гостопримство; мирот, спокојот и прекрасниот поглед во бескрајот. Може да ве остават да уживате или да ве прошетаат околу и во црквата за да ви ги раскажат необичните приказни (легенди) пренесувани со генерации.  
За жал, не ми дозволија да фотографирам во внатрешноста на црквите (зашто таму се всушност две споени цркви - Свети Петар и Павле и Свето Преображение), па ќе се снајдам на друг начин.

Во црквата „Свети Петар и Павле“ има необична фреска на која е насликано овчарче во стара македонска носија. Фреската е поврзана со легендата за овчарчето кое го спасило манастирот од пљачкосување. Кога дошле арнаутите во манастирот, сакајќи да го срушат и да го ограбат, овчарчето им се спротивставило. Тие крваво го заклале и исекле на парчиња. Во моментот кога го заклале, дувнале силни ветришта, и бидејќи биле дојдени со коњи, коњите се исплашиле, па почнале да бегаат надолу по патот. Арнаутите, за да не одат пеш, тргнале по нив и планот да се сруши и осквернави црквата пропаднал.
Народот и монасите кога виделе дека на тоа место е пролеана невина крв за да се спаси манастирот, трите страни ги оградиле со sид и бидејќи биле Петрови пости, изградиле црква, посветувајќи ја на свети Петар и Павле. Немале многу пари, па го нацртале само олтарот, но не заборавиле кога ги правеле фреските да го насликаат и овчарчето. Во спомен на тој настан, кога луѓето оделе да палат свеќа во црквата велеле: „Каде ќе одиме? Ќе одиме во чобанската црква“.
 Богородица Пелагониска 1422 г.
Христос Спасител и Жизнодавец 1394 г.



















Интересна е и легендата за иконите на Христос и Богородица - едни од нашите најпознати. Пред некое време нив ги земале за реставрација во Скопје и никогаш не ги вратиле. Сега се во Музејот на Македонија, а во црквата има реплики. 
Но, легендата е оваа:
На иконостасите, иконата на мајката божја секогаш, ако гледаме кон запад, треба да ја зазема десната страна (или ако гледаме кон нив, левата). Но кога ќе влезете во црквата во Зрзе, иконата на Богородица ја зазема левата страна (вака како што се погоре на сликите). Во преданието се вели дека игуменот кога ја поставил иконата на мајката Богородица забележал дека таа канонското место го менува со местото на спротивната страна каде што била иконата на Христос. Тоа се повторувало три дена. Кога монасите ќе ја врателе на старото место, таа пак се враќала на новото место. На третиот пат кога игуменот ја прашал иконата зошто го менува местото, тогаш усните на Богородица се помрднале, и таа рекла: „Не сакам да му вртам грб на мојот син, затоа и го менувам канонското место“.
Поглед кон Св.Преображение од ранохристијанската базилика
Поглед кон Св.Преображение од ранохристијанската базилика

Поглед кон Пелагонија од ранохристијанската базилика
Пред неколку години во манастирскиот комплекс и околу него се направени археолошки испитувања и ископувања, па на северната страна е откопана ранохристијанска базилика од 5. век, неколку гробови,  пат и др.
Всушност, до пред 2 години  се мислело дека манастирот во Зрзе е од 14 век, но благодарение на овие археолошки истражувања се утврдило дека почетокот на зрзеското монаштво датира од 9 век. Од тој период е и монашката населба на испоснички ќелии издлабени во вертикалниот засек на бигорната карпа, на северната, источната и јужната граница на манастирскиот комплекс.

ќелиите во карпата Зрзе
Во карпите има 11 целини со 30 објекти: испосници, јами, работилници, тихувалишта и сл.

ќелија во Зрзе
 Не ја сфаќам логиката на датирање на пештерните цркви. Кај нас тие се датираат доцна -14, 15, 16, па и до 18 век. Мене лично, ми изгледаат како први црковни пројави. Ако на 10 метра од нив постоела Ранохристијанска базилика од 5 век, зошто овие скришни места би биле од подоцнежен датум? Единствено, во периодот на Богомилството можеле да се обноват, а и подоцна за време на Османлиското владеење - но, да се обноват, а не и да настанат. Зашто очигледно е дека таму со малку истражување се доаѓа до такви сознанија, а ако се копне уште малку - веројатно ќе дојдеме и до моево - дека се создавани уште во 3.-4. век.
 Ама тоа не е ни важно, важно е дека Зрзе пленува со својата убавина, мир, посебност. Вреди да се оди таму, да се почувствува нашиот искон, нашата природа, нашата блага душа...и да се поужива далеку од новото време - во некое минато!


3 comments:

  1. Пештерските цркви во Македонија не може да се од шести - седми век, оти тогаш во Македонија не живееле никакви луѓе. Античките заминале, Словените уште не биле дојдени и така, немало тука никакво население.

    А од кај го знаеме тоа?

    Е па, пештерските цркви се од понов датум.

    А од кај го знаеме пак тоа?

    Е па, не може да се од постар датум затоа што во тоа време немало луѓе тука во Македонија.

    Така вели официјалната историографија...

    ReplyDelete
  2. хахаха, нели? Па што има ние да му ја мислиме кога ТИЕ веќе ја смислиле. И со се е така...

    ReplyDelete
  3. Гледав и уживав како и секогаш. Ти благодарам. каце.

    ReplyDelete