Showing posts with label екскурзија. Show all posts
Showing posts with label екскурзија. Show all posts

10.11.10

Гуцовци на ролеркостер во Изгубената Земја

Си имаме традиција да одиме некаде за патронат со колективот. Кај едни соседи, кај други, малку подалеку, поблиску, низ Македонијава ни - било каде, ама важно да се подружиме малку - да не биде се само работа, часови и состаноци. 
Одамна веќе не сме биле кај нашиот јужен сосед на екскурзија, па оваа година, заради Тесалоника, Пела, Кутлеш, Воден се решив да се придружам. Не сум била ни во Пела, ни во Кутлеш (на тумбата), па баш сакав да ги видам, а и да видам каква е атмосферата таму - дали останал уште по некој Македонец.
Уште од старт возачот на ролеркостерот доцнеше. До сега не сум доживеала 50 души да го чекаат возачот да се смилува да дојде на местото на поѓање. Ама ај, ќе си речете, секому му се случува. Баксуз.
За жал седев точно над неговата глава и премногу добро гледав како вози и што прави. Уште не бевме излезени од Скопје, а мене ми се лошеше од возењето. Тој се однесуваше како да вози некое мало количе - како на филмот „Национална класа“ (ако се сеќавате, а ако не - тогаш тоа значи цик-цак, меѓу другите коли, со широк замав на воланот). Се уште не ми е јасно како успеав да се воздржам да не го удрам по глава (бидејќи ми беше добро наместен), ама веројатно мислев дека тоа ќе биде опасно за сите, бетер ќе не занесеше некаде. Нејсе... си тргнавме ние, добро расположени, со испиено кафе поради чекањето и во автобусот веднаш ги отворивме торбите со јадење, и устите за зборење и смеење. 
Застанувавме на паузички, ја поминавме границата со „специјални листови“ кои никако не смеете да ги изгубите зашто ќе добиете забрана за влез во .... (пфффф, како да ја наречам сега???) Земјата На Оние Што Грчат Кога Зборуваат и стигнавме во Тесалоника.
Времето прекрасно - 25 степени (зовревме со џемперите), и таму не дочека локален водич, поточно водичка. Демек на англиски ни збореше (а после ја слушнав супер српски знаеше) - и све тоа па тоа: you know, you know... Thesssssaloniki was the daughter of Philipossssss, you know, the great father of famousssss Alehandrosssss, you know... па така, затоа градот го добил името... и сега you know ќе ве однесам кај најголемата статуа на Alehandrosssss на Балканот, you know... И почна да дрнда за Александар, ова-она, сите ја гледаме под око, не знам како и се збореше... you know, ова се копјата што ги носел Александар во борба, you know ... врска немаше, па така кругот околу неа брзо се испразни, немаше кој да ја слуша. 

Се изнасликавме кај најголемата статуа, отидовме до најпознатата кула - симболот на Солун (од 14 век?), туривме и таму по некое кадро, 
па во автобус - на панорамско разгледување - хахахахаха. Па како го смислиле тоа? Кај може Солун така да се разгледува - неверојатниот, одвратен сообраќаен метеж не ви го дозволува тоа. Цел саат изгубивме 2 улици да поминеме. Се качивме до цркавата, 
пројдовме покрај стариот град - со амфитеатарот 
и немаше веќе време, па ај на по едно гиро со пиво, кафето, морето и пак во автобус до Плажа (Паралија). 
Хотелчето ок, настана малку хаос со вечерата, кој разбрал вака, кој така... и не успеавме да се собереме на едно место сите, не ги видов луѓето кај се испогубија, ама најверојатно си легнаа да си спијат.
Утредента - Метеори. Па и за таму, нормално, си касниме, па кому му се оди, кому не, ама се собравме и сепак тргнавме. Некои си останаа во Катерини на шопинг, ама поголемиот дел сепак стигнавме на договореното место. Патем, се зафатив со друга работа, па среќа не гледав како вози ролеркосчијата, туку само слушав дека се нервира за патарините, се до почетокот на искачувањето на карпиштата. Ма страшно.... патот широк, добар, ама овој се лепи до провалија, просто како да го влече нешто таму и се залетува како млад мајмун... вистина не ми беше јасен човекот. Вистина е глупо да му се мешаш на возач, ама неколку пати го замолив да вози пополека и повнимателно. Јок бре!!! Како за инает врти посилно, повеќе се залетува, ризикува, влегува во ножици, врти пред камион... и ништо, само стискав заби, и чекав каде и кога ќе одлетаме. Ги качивме тоа камењата, срцево во петици, ама добро - вредеше. Навистина интересно, необично, прекрасна глетка, вонземна... 




Убаво за фотографирање, ама и за тоа не ми се зборува. Јас сакам да си сликам, да уживам и да влегувам во филм, ама кога сум со други 50 души тоа не си го дозволувам. Сликам тоа што можам, колку можам и кога можам. Ама не се сите такви.
Прошетавме на големиот метеор, се изнасликавме и бидејќи имаше уште време решивме да одиме и во женскиот манастир, малку подолу. Сликарот го оставивме да не стигне, и се спуштивме. Ама возачов ја утна, па се спуштивме речиси до долу. И на сред пат го заврте автобусот па ајде назад. Јас му викам, молим те остави ме тука, ќе ве чекам, не можам пак да го издржувам качувањето и пак симнувањето, ама тој - не. Не отвара врата, се прави недоветен. И ме качи пак до горе. Ми се плачеше. Ај го најде патот, едни дојдоа - други отидоа, па ај ние по нив - и стигнавме - никаде! И од тоа никаде требаше да се вратиме назад. И овој пак... рикверц!!! Почна да го врти автобусот на тесен простор покрај амбис. Пола метро напред - пола назад (и ова не е кола, туку огромен автобус). И одеднаш слушам од позади некакво викање, паника... 4-5 мажи со панични лица викаа и молеа возачот да ја отвори вратата да излезат. Јас од напред истото му го кажувам, му кажувам дека се исплашени, а тој се смее, мисли тие го заебаваат и не отвара. Луѓето од страна што го гледаа автобусот се држеа за глава. Целото вртење помина во паника и викање, ама тој не застана и не ја отвори вратата. Нозете ми клецкаа, ама најстрашно ми беше и никогаш нема да ги заборавам лицата исцртани со паничен страв - како смртта да си ја видоа кутрите. 
Кога застанавме за купување икони, речиси никој не влезе во продавницата. Мене се уште се ми се тресеше од страв и нервоза, ама не сум била единствената. Настана расправија и за малку тепачка со возачот која не знам зошто се трудев да ја спречам - требаше некој да го исчука. Имаше среќа, сепак беа поголеми од него.
Вечерта убаво си поминавме на свечената вечера. Таа келнерката едно време сакав да ја задавам, ама после најдов начин да и се осветам, па почнав да се забавувам, да играм, јадам и пијам и конечно со колегите да си поминуваме убаво. Од таму тргнавме во некој бар, ама бидејќи не работеше, поседевме на плажата уште некое време.

Утредента никому не му се брза, си купуваат по продавнички, се влечакаат. Знаев јас уште претходно дека нема да одиме таму каде што сме планирале. А всушност овој ден беше мојот ден. Нели, Кутлеш, Пела, Воден...
Стигнавме во Кутлеш - затворен музејот, поради реставрација не работи (не прима туристи). Ах, беља. Преку ограда ја видов тумбата и толку. 

Тргнавме - и, оп - абе ова, абе она, избори се, може нема да работи, па и нема баш време за Пела. Спласнав. Џабе дојдов. За шопинг не бев - не им оставам нив пари па шо сака нека биде, не ни влегував во продавници, дојдов за ова - а ова се изјалови. Со кого сум нашла јас крастаици да садам. Па ете ми ги -  се криви и горки ми испаднаа. Ама нема врска. Не жалев многу, барем се изнасмеав со колегите за глупости; жалев само што тоа мораше да биде кај нашиот јужен сосед. 



А Воден - Воден убав, водопадот мокар, а од Македонците речиси ни траг. Лоша работа. Таму се најде будала да ни ја одлепи МКД налепницата од автобусот.  
Заклучок: таму и онака останале само бедите, само оние кои можеле душата да си ја продадат, да живеат во страв и да станат поголеми Грци од Грците. Тоа таму е Изгубена Земја. Камењата, планините, реките, морето - не ја прави земјата земја, луѓето ја прават.
И јас заради тие камења се излажав да отидам, ама ова беше последно стапнување таму. Демонстративно го кинам „специјалниот лист“ или срамниот пасош, ако сакате, и вие си знаете за вас, ама мене душата не престана да ме боли...

4.11.10

Средношколски екс - кур - зи - и (ноќната - темна страна)

Насловот доаѓа од еден дамнешен час - кога случајно го делевме зборот екскрузија на слогови. Тогаш децата уште имаа срам, па откако го подели на слогови: екс - кур - зи - ја, момчето поцрвене. Но, денес - денес намерно го даваат примеров за ако можат - да го засрамат професорот.
Младинава ни е тотално забегана, луѓееее! До каде ќе се оди и до што ќе доведе ова - не знам!
Ако преку ден гледате нормални млади луѓе, штом се замрачи тие повампируваат. Почнуваат да пијат и да мислат дека целиот свет е нивни.
Со годинини наназад, поточно од почетоков на веков, јас не сакам да одам на ученички екскурзии. Тоа што се прави таму, веројатно нивните родители не можат ни да го замислат и да имаат најбујна перверзна фантазија. Се разбира дека ова не важи за сите, па и за повеќе од половина, ама другата половина создава толку грда слика - што ми се повраќа при помислата.
Еден дел од таа половина мора да пробаат зашто не пробале, па се како пуштени од ланец, а другиот дел - искусниот - ги вози како сака. А што да пробаат? Епа сè што може да се проба!
Ќе ме обвините и ќе речете кај се професорите тука? Е, кај се де, кај се? Немоќни се, верувајте!
Тие имаат две варијанти за справување - или ќе бидат строги и нема да им дозволат да се пијанчат и забегуваат, или ќе бидат пријателски настроени, па со фино ќе ги убедуваат дека треба да бидат пристојни. Ниедна не успева сосема. Ако си строг и им одиш контра - тешко тебе! На инает - наидуваш на уште поголеми магариња. Ако си фин, со фино ќе те заебат! Како и да е - одамна реков, екскурзииве треба да се укинат! Не може професорите да бидат одговорни за малолетници кои никого не почитуваат, кои немаат никакво домашно воспитание, кои тргнале на екскурзија не за да видат нешто - туку да се пијанчат и збеснуваат без стеги. И без срам!
Освен пијанчењето, кршењето, тепачките, куплерајот по некои соби каде се чекаше на ред... ќе ви опишам една случка....
Од трите вечери кои ние професорите требаше да ги пребродиме и издржиме, двете беа организирани за во дискотека и платени однапред, а третата беше факултативна - неплатена. Во програмата пишуваше или повторно одење во дискотека (10 евра) или чарда - национална вечера со танци (20 евра) - по избор. По катастрофалното искуство од првата вечер во дискотека каде од искршено стакло немаше каде да се згазне, а од летање  шишиња требаше секој да си ја пази главата, се собравме професорите и се договаравме што да правиме за последната вечер. Чардата ни изгледаше многу поволна од повеќе причини - ем вечера (храна), (со тоа што вечерата од ресторанот ќе ни ја надокнадеа со ланч-пакети за утредента кога требаше 24 часа да бидеме во автобус), ем нешто ново, посмирено (малку поразлично од пијанчењето во дискотека), ем секако требаше да се вратиме во хотелот до полноќ зашто утредента во 6 наутро моравме да станеме. Со ваквиот договор меѓу професорите настапивме пред децата и секој одговорен собираше по 20 евра од својата група ученици. 
Ама... ништо не беше така едноставно како што може да ви изгледа. Во почетокот група ученици го прифатија без проблем предлогот и веднаш платија за чардата, но поради разни приказни и бубачки кај определени ученици (а можеби и професори) се создадаваше некаков револт и отпор. Значи, неколкумина потегнаа со: нејќам да одам, сакам во диско, професорите сакаат да ни ги земат парите, професорите за процентот што ќе го земат нè тераат да одиме, ќе одам каде сакам и сл. Откако кај критичните „водачи на отпорот“ морав да интервенирам - и да им објаснам за што се работи - сфатив дека најголем проблем создавал зборот - „факултативно“, под што тие подразбирале дека секој може да прави што сака таа вечер; како и начинот на некои професори - кои ништо не им објасниле - туку само им рекле дека мора да дадат по 20 евра. 
А „критичните“ изгледаа вака: собрани во соба со гајби пива, сите веќе потфатени, чадат цигари (иако беше забрането пушењето во хотелот) - и кога влегов ништо не се промени. Никому око не му трепна што влегува професор (па и директор). Откако им кажав дека другите веќе половина час чекаат во автобус и дека би било фер да побрзаат, некои на кои им падна малку незгодно, божем почнаа да се облекуваат, но два-тројца, а особено еден прилично „крупен“ ученик ми рече: „Ај, крени ме ако можеш, јас не мрдам од столов. Не можеш да ме натераш никаде да одам! Тука ќе седам цела вечер!“ - и сето тоа, нормално со повишен тон. Многу смирено му одговорив дека немам намера да го кревам, ама и дека не смеам да го оставам во хотелот - и бидејќи немав избор, морав десетина минути да му објаснувам што значи факултативно, како и зошто го направивме изборот за чардата - а на секој мој збор, тој и другите двајца се „палеа“, викаа, се инаетеа, контрираа - и сето тоа морав да го смирувам. По десетина минути, откако видоа дека не го повишувам тонот и дека најчовечки им ги кажувам работите како стојат, поголемиот дел тргнаа навистина да се подготвуваат за одење (инаку, тие речиси сите имаа дадено пари - ама за инает не сакаа да одат). Едно девојче, прилично под дејство на алкохол со лименката во раце исто така тргна да излегува од собата. Ја фатив лименката и и реков да ја остави, дека не и треба, и побрзо да се подготви. Ахххххх - таа со сета сила ја држеше лименката и не сакаше да ја спушти, велејќи дека ништо не прави, дека таа ништо не прави!!! И што да и правиш? Замина во својата соба сосе лименката.
Бидејќи ситуацијата се потсмири и дел од групата почна да се симнува надолу, се симнав и јас. Кога влегов во автобусот мислев дека завршиле фештите, но од една соба во хотелот се гледаше дека некој си ја треска главата, дека го фаќаат хистерии, се гледаа чудни движења што ме натераа повторно да се качувам на фамозниот втори спрат. Во центарот на „случувањата“ беше девојчето со лименката (не девојчето со кибритчињата), која со плачење и липање зборуваше по телефон со мајка си и додека ја „снимав“ ситуацијата се распрашував што се случува. Не ни забележав дека има професор во собата, а кога ја здогледав - таа најсталожено ми кажуваше како девојчето до сега и викало, ја навредувало и и врескало во фаца. Прво се јавила кај татко и, па сега зборувала со мајка и. Заслушав што зборува, поточно се дере по телефон: „Мамоооо ма, ме малтретираат, ми бараат 20 евра. Маааа немам да им даааадам. Ништо не можам да си купам. Немаааааам, како да им дадааааам? Уааааааааааа; уааааааааа!!!! Мамооооооо!!!“ И, ништо, се приближив до неа едвај, бидејќи во собата беа насобрани може 20 души. И реков да се смири и да ми каже во што е проблемот. Со истиот тон, со врескање и плачење ми рече дека нема пааааари и дека не може да оди, дека сака да остане во хотелот. И понудив да платам за неа, ако е заради парите, а таа одби и продолжи - неееееејќам, тука ќе седам, ништо нееееема да праваааам. Уаааааааааааааа! И реков дека не можам да ја оставам сама во хотелот, дека има и други луѓе (еден куп сомнителни Финци) и дека ако нешто и случи ќе биде на моја одговорност. Таа продолжуваше да плаче и вреска, да и вика на мајка си, па да ми се обраќа мене и така уште барем 5 минути. Тогаш побарав да зборувам со мајка и, која, се разбира беше видно вознемирена, накратко и објаснив за што станува збор, па жената се потсмири.
Но, не можеше да и ја одбие на ќерка си желбата и побара да ја оставам во хотелот. Тогаш и јас побарав од неа согласност - односно одговорност, поточно, дека со согласност на родителот „девојчето со лименката“ ќе остане само во хотел. И на мајката и понудив да платам, но сè одбиваа. И тука заврши работата - го оставивме девојчето во хотелот. Таа успеа! Не победи нас - злобните професори кои ја малтретираа и сакаа да и ги земат парите (и лименката од раце). Патем, таа зборуваше по телефон најмалку 15 минути - тоа сигурно ќе чини повеќе од 20 евра. И тука воопшто не беа парите во прашање...
Штотуку учениците поставија некои фотографии од екскурзијата на фејсбук - ќе им украдам една, колку за илустрација - со што тие се гордеат...

П.С. Овој пост имав сугестии да не го пуштам во јавност, било срамота за девојчето, било незгодно за ова-она, ама на крајот... тоа е...
Кој чита, нека чита, кому му е срам - нека му стои (а јас овде дури сум многу пристојна и блага во описите).

27.10.10

Извештај за екскурзијата со учениците Будимпешта - Виена (денската - светла страна)

Ученичките екскурзии се убаво осмислени, добро организирани и навистина се неповторлива можност да се посетат интересни и убави места низ Европа. Без разлика што Прилеп е мојот прв предлог за екскурзија, сепак, не е лошо да се видат Будимпешта и Виена :)
(Еве една убава страничка за Будимпешта на англиски)
На екскурзија тргнавме попладне во 17.15 часот, во вторникот (19.10.). Автобусите убави, современи, нови, возачите одлични. Македонско-српската граница ја минавме без проблем, но првиот автобус мораше да ги чека подолго време останатите два, заради смената на граничарите. За тоа време се јадеа лесковачки плескавици во лепиња со кајмак, па времето брзо помина. Ноќта помина во патување низ Србија и дел од Унгарија, а околу 10 часот утрото пристигнавме во трговскиот центар Кампона каде прво го посетивме Тропикариумот - Океанариумот. 
Будимпешта
Прекрасно искуство. Тропскиот дел беше отворен и убаво уреден, 

Будимпешта
 аквариумите со најнеобични рипчиња и корали го предизвикуваа вниманието, а големиот аквариум - океан, со проѕирен тунел во средината беше најубавиот дел. Ајкулите и ражите ви поминуваат над глава и може да ги видите од сите страни - па дури и се местеа за сликање...
Океанариум Будимпешта
Океанариум Будимпешта

Океанариум Будимпешта

Океанариум Будимпешта

Океанариум Будимпешта

Океанариум Будимпешта
Во трговскиот сменивме пари, јадевме, пиевме кафе, некој си купи по нешто и се собравме во автобусите за да се сместиме во хотелот. Сместувањето одеше брзо, зашто знаевме со какви соби располагаме, па направивме распоред однапред. Така, до вечерата имавме малку време за одмор од долгиот пат и шетањето цело претпладне. Храната не беше којзнае каква - бел ориз, пржени студени компирчиња и поховани топки од никој не знае што.
По вечерата отидовме во дискотека која беше резервирана само за нас. Ова е вампирскиот дел од екскурзијата и тука одбивам да зборувам за тоа.
Утредента сите станаа за доручек и нè чекаше прекрасен сончев ден за разгледување на градот. Бидејќи бевме голема група - моравме да се разделиме на две. Едните прво одеа на разглед на градот, па потоа на прошетка по Ваци улицата (шетачка зона), а другите обратно. 
Низ градот со автобусот нè водеше локален водич, кој ни зборуваше за градбите покрај кои минувавме - за стадионот, базиликата Св. Иштван, Унгарскиот парламент,

Парламентот Будимпешта

Парламентот Будимпешта

многубројните амбасади сконцентрирани во две улици...


Раскажуваше за историјата на Унгарија, посебно задржувајќи се на нејзината христијанизација и Св. Стефан (Св. Иштван) како прв Унгарски крал - кој ја „открил“ Унгарија (што убав израз си нашле за освојување на териториите од страна на нивните 7 племиња). Стигнавме до големиот Плоштад на хероите каде останавме половина час да го разгледаме и да се фотографираме.

Плоштад на хероите Будимпешта

Плоштад на хероите Будимпешта

Плоштад на хероите Будимпешта

Во негова близина се наоѓа градскиот парк, луна-паркот, зоолошката градина, а градеа големо лизгалиште под мостот до интересниот замок Вајдахунијат кој сè уште се реновираше.
замок Вајдахунијат Будимпешта
Потоа со автобусот отидовме во Рибарските кули - познат објект во Будим, составен од 7 кули (како симбол на седумте унгарски племиња) од каде се гледа Пештанската панорама и покрај кои се наоѓа споменикот на Свети Иштван и црквата Свети Матијаш.

Свети Матијаш Будимпешта

Рибарски кули Будимпешта

Рибарски кули Будимпешта

Споменик Св. Иштван Будимпешта

Рибарски кули Будимпешта
Од таму се упативме на повисок рид - кај Цитаделата каде останал Споменикот на слободата од Втората светска војна и каде погледот кон Пешта беше уште поубав.

Цитадела Будимпешта

Цитадела Будимпешта
Пешта се гледаше како на дланка. Островот Маргит, Замокот Буда, Дунав, мостовите...

Будимпешта


Замокот Буда - Будимпешта

Замокот Буда - Будимпешта
Тука заврши нашата обиколка на градот и имавме 2 - 3 часа за прошетка по Ваци улицата, за ручек, кафе и шопинг.
Ваци улица Будимпешта
Кога се вративме во хотелот немавме многу време за одмор, туку веднаш вечеравме, а вечерта ја поминавме на ноќно крстарење по Дунав со поглед кон осветлените објекти, па потоа во дискотека во посмирен амбиент од претходната вечер. 
Третото претпладне го поминавме во најубавата зоолошка градина што досега сум ја видела (а секаде одам во зоолошки). Навистина се воодушевив. Секое ќошенце, секоја куќа, секоја патека, секое растение, секое животно е најрепрезентативно.

влезот во зоолошката Будимпешта

во зоолошката во Будимпешта

во зоолошката во Будимпешта

во зоолошката во Будимпешта

во куќата на нилскиот коњ

во зоолошката во Будимпешта

во зоолошката во Будимпешта

милооооо

во зоолошката во Будимпешта

во зоолошката во Будимпешта

во зоолошката во Будимпешта

во зоолошката во Будимпешта

во зоолошката во Будимпешта

во зоолошката во Будимпешта

во зоолошката во Будимпешта

во зоолошката во Будимпешта

во зоолошката во Будимпешта

во зоолошката во Будимпешта
Попладнето мораше да се купи нешто, па отидовме во трговскиот Арена, а вечерта, со мал отпор од страна на учениците отидовме на Чарда - национален ресторан со вечера и национален танц.
Четвртото утро тргнавме кон Виена.
Аристократската убавина ги плени сите. Навистина прекрасен град. Прошетавме низ него, а потоа направивме и двочасовен панорамски разглед со локален водич.
Виена

Виена

Виена

Виена

Виена

Виена

Виена

Виена

Виена
Вечерта околу 18 часот се упативме кон нашата ни Македонија, а стигнавме во 10 наутро, преморени и здрвени од неудобното спиење во автобусот.
Фала богу, се вративме живи и здрави - сите.

Иако е убаво да шетне човек - се фаќам себеси колку без емоции таму фотографирав и колку исто така рамнодушно пишувам за екскурзијава. Така си е - за мене емоции предизвикува само Македонија и ништо друго....