Showing posts with label филозофија. Show all posts
Showing posts with label филозофија. Show all posts

15.4.10

Мое е - не е мое - Епиктет

Родителите посакуваат нивните деца да бидат совршени, а се помируваат со нивната несовршеност...


За мајките, верувам дека најубавите моменти во животот се раѓањето на децата. Иако поминаа многу години сè уште живо се сеќавам на чувството на љубов кога се роди моето прво дете. Држејќи го во раце тоа мало живо суштество кое беше мој плод, кое излезе од мене, му се восхитував, а често и плачев од пресилната љубов. Но, многу брзо сфатив дека веќе не е дел од мене, дека си е посебен човек кој се развива на посебен начин. Често родителите веруваат дека децата се нивна сопственост и дека може да прават со нив што сакаат. Им ги наметнуваат своите ставови, ги тераат да бидат она што во младоста самите не успеале да станат, ги казнуваат за самостојните чекори кои не се во склад со нивното гледиште на животот, ги тераат да живеат онака како што самите мислат дека треба да се живее. Но, не е така. Секој има право да си го одбере својот пат, а родителите треба да бидат тука за да помогнат...


Епиктет е стоички филозоф кој живее на почетокот од нашата ера. Уште кога бил дете го довеле како роб во Рим. Има една анегдота за него во која се гледа неговиот цврст карактер, самоконтрола и интелект. Имено, неговиот господар Епафродит, нешто незадоволен од Епиктет го ставил на направа за измачување истегајќи му ја ногата. Сосема мирно, Епиктет го предупредил дека ако продолжи со истегнувањето, ќе му ја искрши ногата и ќе го направи својот роб куц. Господарот сепак продолжил и ногата навистина се скршила, а Епиктет само рекол: „Ве предупредив дека ќе се скрши“. Веројатно поради духовната надмоќ и почитта што ја предизвикувал кај луѓето, неговиот господар го ослободил. За време на императорот Домитијан кој ги прогонувал филозофите од Рим, Епиктет заминал во Никопол (Епир) каде отворил своја школа. Меѓу учениците се издвоил Флавиј Аријан, кој најверојатно ги напишал „Разговори“ и „Прирачник“ - дела од каде се црпат знаењата за учењето на Епиктет.
„Прирачникот на Епиктет“ е една книшка од афоризми, изреки, кои претставуваат синтетизирани и издвоени тематски целинки. Секоја од нив пренесува посебна порака.
Можеби заради животното искуство (тоа што бил роб), а сигурно и заради големата духовност, неговите изреки зрачат со вистинитост. 
Еве како тој ја дефинира сопственоста, односно она што е во наша моќ и она што не е.

1.
Од нештата, едни се во наша моќ, а други не се во наша моќ. Во наша моќ се сфаќањата, дејствието, стремежот, одбегнувањето; со еден збор, сите дела што изворно се наши. Не е во наша моќ телото, имотот, угледот, местото во општеството; со еден збор, сите дела што изворно не се наши.

2.
Она што е во наша моќ, по природа е слободно, не е недостапно ниту пак може да биде одземено. А она што не е во наша моќ е слабо, ропско, може да биде недостапно, туѓо е.

3.
Затоа запамети: ако го сметаш за слободно она што по природа не е слободно, а за свое го сметаш она што е туѓо, ќе трпиш многу страдања, јадови и маки, прекорувајќи ги за тоа боговите и луѓето. Но, ако за свое го сметаш само она што е твое, а за туѓо она што навистина е туѓо, никогаш никој не ќе те принуди на нешто, никој не ќе ти пречи, никого нема да прекоруваш ниту да обвинуваш, ништо не ќе правиш против своја волја, никој не ќе ти наштети нешто; непријатели нема да имаш оти не ќе претрпиш никаква штета.

*Првите неколку изреки од книгата се однесуваат на работите што се во наша моќ (или наша вистинска сопственост) и оние што не се. Според Епиктет (а мене ми е многу прифатливо), вистински среќен и задоволен човекот може да биде само ако е свесен што е негово.
Што е мое? Всушност, моја е само мојата духовност, моите сфаќања и размислувања, моите знаења и стекнати искуства, мој е изборот како ќе дејствувам, како ќе се однесувам, кон што ќе се стремам и што ќе избегнувам за да не бидам повредена. Па, тука е одговорот и на филозофското прашање - што сум јас? (кој сум јас?) Јас сум мојата духовност, моите сфаќања и размислувања. Ништо друго не сум јас. Јас сум господар само на овој дел - можам да мислам како сакам, да стекнувам знаења, да се стремам кон осознавања. Овој дел од мене никој не може да ми го одземе, затоа Епиктет го дефинира како слободен (а веројатно и затоа што бил роб, па сè друго било потчинето, ама духовноста никој не можел да му ја одземе). Телото? Тоа во секој момент може да се прекрши, разболи, но духот не може; имотот во секој момент може да изгори, пропадне и да се загуби; угледот со најмал кикс може да биде срушен и секогаш зависи од другите; сите овие работи се слаби и туѓи, и не зависат од нашата моќ.
Значи, за да не страдаме во животот, мора да расчистиме со себеси и да сфатиме што е наше и во наша моќ, а што не е.

8.
Запамети: за секое поединечно нешто што ја привлекува твојата душа, ти користи или го посакуваш помисли си какво е тоа, почнувајќи од она што е најмалку важно. Ако посакуваш грне, помисли си дека ти едноставно посакуваш грне. Ако тоа се скрши, нема толку да жалиш. Ако многу го сакаш своето дете или жена, помисли си дека тоа што го сакаш е човек. Доколку се случи некој од нив да умре не ќе се избезумиш од болка.

10.
Не самите нешта туку мислењето што луѓето го имаат за тие нешта предизвикува немир кај нив. На пример, смртта не е нешто страшно оти и Сократ ќе се плашеше од неа. Самиот наш став спрема смртта предизвикува страв и затоа смртта ни е страшна. Кога нешто ни пречи или сме вознемирени, не треба причината да ја бараме во нешто друго туку во нас самите, во нашите сопствени ставови спрема тоа нешто. Кога ќе направи нешто лошо, простиот човек ги обвинува другите; оној што е на почетокот од образованието се обвинува себеси. Вистински образованиот човек не ги обвинува ни другите ни себеси.

11.
Немој да се гордееш со туѓи предности. Кога еден коњ би се фалел говорејќи: „Јас сум убав“, тоа некако би се прифатило. Но ако ти се пофалиш велејќи: „Имам убав коњ“, знај дека се гордееш со коњско добро...

15.
Никогаш за ништо немој да речеш: „Го загубив“. Подобро речи: „Го вратив назад“. Ако ти умрело детето, речи дека си го вратил назад. Лишен си од она што ти е дадено на овој свет; сега си го вратил назад. Но, ќе речеш дека тоа ти го одзел некој арамија! Не е твоја грижа на кој начин ти е земено даденото. Сè додека ти е дадено, грижи се за него како за туѓо како што гостите се грижат за она што припаѓа на гостилницата.

19.
Ако посакуваш твоите деца, жена ти и сите твои блиски да живеат вечно, бездруго си малоумен. Ти сакаш она што не е во твоја моќ да биде во твоја моќ, а туѓите нешта сакаш да бидат твои...

Децата што сум ги родила не се мои (секако дека се мои во пошироката смисла на зборот), но не се моја сопственост за да смеам да се однесувам со нив како со себе. Само тие имаат право да одлучуваат за својата душа (духовност, напредок, стремеж), а јас можам само да поттикнувам и помагам, ништо повеќе (и ништо помалку).

7.3.10

Стоикот Сенека

„Каков напредок постигнав? Си станав пријател самиот на себеси. Тоа е навистина напредок. Таквите луѓе никогаш не се сами и им се пријатели на сите.“


Сенека потекнувал од богато семејство од Кордуба (Кордоба, Шпанија) што му овозможило да се здобие со најдобро образование (беседништво и филозофија) со цел да се искачи на највисоките државни позиции во Рим.
Уште како млад со воодушевување го прифатил стоичкото учење како и некои делови од питагорејството (селење на душата и вегетеријанството). Но, татко му не сакал тој да биде филозоф, па затоа му го прекинал школувањето и го испратил во Египет кај нивни роднина, префект. Тука се запознава со древната култура на Египет за која напишал и книга која денес е загубена.
По враќањето од Египет се зафатил со државни служби и беседништво. Во времето на Калигула истапил во Сенатот со една беседа (чија содржина ни е непозната) за која ќе заработел смртна казна. Но, тогаш се разболел од туберкулоза па смртната казна не му е досудена со верба дека и онака ќе умре. Тогаш, бил вплеткан во некои дворски сплетки и испратен на прогонство на Корзика. Обвинението било дека имал вонбрачна врска со сестрата на Калигула (што не е потврдено, но фрла поинакво светло на Сенека). За време на седумгодишното прогонство се задлабочил во филозофијата, а во Рим го вратила Агрипина, мајката на Нерон. Бил поставен за тутор на малолетниот иден император, бил воспитувач и советник, и се здобил со неограничено богатство и моќ. Станал најбогатиот Римјанин. Но, кога Нерон ќе се осамостои, богатството и моќта на Сенека ќе почнат да му пречат. Сфаќајќи ја опасноста, Сенека се повлекол на имот во Кампанија, но Нерон искористил некоја завера и го обвинил Сенека за учесник. Откако ја добил пораката од императорот, Сенека достоинствено ја прифатил, си ги пресекол вените, завршувајќи го животот во стоички дух како гостин кој е веќе заситен од гозбата.

Мисли од Сенека:

*Додека живееш, учи како да живееш.

*Учам да учам.

*И додека подучуваат (предаваат) луѓето учат.

*Тешкотиите го засилуваат мозокот, како работата телото.

*Подобро е, секако, да знаеш бескорисни работи, отколку да не знаеш ништо.

*Многуте животни неволји го учат човекот да молчи.

*Најмоќен е тој што се има себеси под сопствена моќ.

*Што мислиш за себе е многу поважно од она што мислат другите за тебе.

*Прости им на другарите, но немој себеси.

*Човекот е несреќен ако се убеди себеси во тоа.

*Како некој може да владее со другите, ако не може да владее со себе?

*Владата треба да служи, а не да господари.

*Секое патување има крај.

*Ниту една голема неправда не трае долго.

*Кога и да се измешав меѓу луѓето, секогаш потоа ќе почувствував дека сум изгубил по нешто од својата личност.

*Дружи се со оној кој те прави подобар.

*Упорната добрина го победува и најтврдото срце.

*Никој не треба да се гордее со нешто што не е негово.

*Ако живееш во согласност со природата, никогаш нема да бидеш сиромав, ако живееш според мислењето на луѓето, никогаш нема да бидеш богат.

*Сиромашен не е тој што има малку, туку тој што сака повеќе.

*Туѓите гревови се пред нашите очи, а нашите ни се зад грб.

*Додека ги одложуваме работите, животот поминува.

*Веднаш започни да живееш, и број го секој ден посебно, како посебен живот.

*Животот не е ни добар ни зол, тој е само место каде што доброто и злото постојат.

*Суровоста се раѓа од немоќта (слабоста).

*Ниту еден човек не станал мудар случајно.

*Пијанството е доброволно лудило.

Стоичка школа

Во потрага по среќен живот се и филозофите од Стоичката школа. Таа се појавува во истиот период со Епикурејската (3 век пред наша ера), и е исто така долговечна, односно трае до ширењето на христијанството.
Се изделуваат три периоди на Стоичката школа: Стара, Средна и Доцна стоа.
Зенон од Китион (од островот Кипар) е основач на оваа школа. Тој, а и неговите први следбеници, Клеант и Хрисип, се со семитско потекло, па на оваа филозофија и даваат еден нов семитски правец. Како неформално место за собирање и ширење на неговата филозофија Зенон го избрал Шарениот трем (стоа) на атинскиот плоштад. (Инаку, трем е место каде што се стои, а сличноста на зборовите „стоа“ и „стои“ е случајна???)
Стоицизмот е свесно изграден и затворен филозофски систем кој ги опфаќа трите дисциплини: логика, физика и етика. Логиката се занимава со умот и разумот, физиката со природата, а целта на етиката е остварување среќен живот.
Во логиката, кај стоиците е интересен парадоксот на лажгото кој предизвикал многу расправии и објаснувања.
Имено, изразот гласи: „Епименид од Крит вели дека сите луѓе од Крит лажат“; дали тој кога го вели ова лаже или ја зборува вистината.
Ако Епименид од Крит зборува вистина, а вистината е дека сите од Крит лажат, тогаш и тој всушност лаже. Ако пак, лаже дека сите од Крит лажат, тогаш, значи ја зборуваат вистината, па и Епименид ја зборува вистината.
Колку оваа загатка ги преокупирала филозофите зборува фактот што Хрисип за неа напишал 28 книги за на крај да констатира дека тоа воопшто не е никаков израз, туку бесмислен звук. Денес, решението се бара во правењето разлика меѓу исказ и исказ за исказ.
Во однос на прашањето дали постои Бог, стоичката аргументација ја синтетизирал Цицерон, и таа се состои од следното:
- светот, особено небото, остава впечаток на некаков огромен усогласен механизам кој далеку ги надминува човековите можности;
- создавањето таков сложен и хармоничен свет по пат на случајност е неверојатно;
- светот изобилува со поволности за живот така што се отфрла помислата за спонтаност;
- светот е толку убав што далеку ги надминува можностите на некое ограничено смртно суштество;
- несовршеноста и неусогласеноста во светот се само привидни појави - поради наше неразбирање на нештата или поради неизбежен склоп на околности.
Стоиците човекот го сфаќаат како дел од светот поврзан не само телесно туку и со неговата душа. Сметаат дека човековата душа е едно парче од космичката душа.
Етиката е најразработениот и најпознатиот дел од стоичкото сфаќање, особено од доцниот период. И до ден-денес се употребува терминот „стоичко однесување“, а тоа подразбира повеќе елементи.
Пред сè, тука спаѓа нивната изрека „да се живее во согласност со себеси“, односно со својот разум и природата.
Во однос на доблеста, стоиците настојуваат да ги надминат личните мотиви и да им се даде предност на оние кои водат кон доброто на заедницата. Според нив, добро е: мудроста, храброста, размислата и правдата; а зло е: плиткоумноста, плашливоста, духовната зачмаеност и неправдата. Останатите работи се индиферентни (неопределени) каде спаѓаат: здравјето, богатството, сиромаштијата, убавината, моќта, физичката сила, славата, па дури животот или смртта. Всушност, слично на Сократ, тие сметаат дека само мудроста сама по себе е добро.
Стоичкото сфаќање на страстите е дека тие не се нешто пасивно, туку се еден вид движење и тоа ирационално движење на душата. Тоа се оние природни нагони во нас кои поради прекумерната сила можат да се изродат во нешто неприродно и неразумно. Во основа, се изделуваат 4 вида страсти: болка, задоволство, страв и желба.
Болката е неразумна тегоба на душата. Нејзини подвидови се зависта и љубомората.
Задоволството е возбуда на душата кога нешто и годи.
Стравот е неразумно очекување на нешто лошо. Се јавува како загриженост, срам и трема.
Желбата е неразумен порив и може да биде: злоба - желба да му се случи нешто лошо на друг; гнев - желба да се казни некој што ни направил неправда; љубов - да се стапи во блиски односи со некого.
Страстите се толкуваат како болести на душата. Според стоиците тие се резултат на лоша проценка, погрешно мислење (односно заблуда и незнаење).
Со постојана нега на душата, грижа за себеси можеме да ги совладуваме страстите со нивно подведување под контрола на разумот. Па така, од желбата разумот може да создаде волја, од задоволството - душевна ведрина, од стравот - претпазливост, а душевната болка треба да се отстрани од животот бидејќи е неразумна.
Стоичкиот мудрец е олицетворение на врвна среќа и блаженство зашто него страстите не го засегаат, а настаните околу себе ги прифаќа без возбуда. Тој е свесен за разликата меѓу надворешната и внатрешната слобода која се ограничува на она што е навистина наше и затоа само тој е слободен.
Стоицизмот има многу допирни точки со христијанството, поточно со семитските религии (еднобожечки - јудаизам, христијанство и ислам).
Основната сличност е во тоа што сметаат дека еден е Бог кој ја има целата сила, дека се е негово, дека луѓето доаѓаат од некаде, а потоа си одат повторно таму некаде. Односно, Бог му го дал животот на човекот и ред е тој повторно да му го врати.
Особено познати се филозофите од Доцната стоа (римски стоицизам): Сенека, Епиктет и Марк Аврелиј Антонин, чии животни приказни се исто толку интересни колку и филозофијата со која живееле.

6.3.10

Епикурејска школа

Со ширењето на Македонската Империја, со создавањето на една космополитска држава и филозофската мисла си добива еден свој нов правец.
Во овој период (на ширењето на македонизмот) се развиваат три филозофски школи кои почиваат врз темелите на претходните искуства, но кои внесуваат и нешто ново. Тоа се: епикурејската, стоичката и скептичката. Сите тие го бараат патот кон среќниот и спокоен живот, но препорачуваат различни патеки.

Епикурејската школа е наречена така според нејзиниот зачетник - Епикур. Тој е роден на островот Самос (Сам со грчка наставка -ос?), од каде потекнува и Питагора, а во непосредна близина се местата од каде потекнуваат и другите славни филозофи како: Талес, Анаксимандар, Анаксимен и Хераклит. Епикур ќе основа неколку школи и ќе се здобие со голем број приврзаници. Најпозната е неговата атинска школа каде неговата група ќе биде нарекувана „филозофи од градината“ бидејќи се собирале во една градина која тој ја купил. За да не го критикувам многу, за негова среќа, во својата дружина тој вклучувал луѓе од сите сталежи, родови и полови. Што значи, во неговата школа имало и богати, и робови и жени. Всушност, тоа наликувало на „хипи комуна“ каде заедно живееле луѓе со слични размислувања, се дружеле, разговарале и си уживале, одвоени од надворешниот свет. Епикурејската филозофија и начин на живот продолжува да егзистира и по смртта на Епикур, до римско време, а има приврзаници и многу подоцна, односно со појавата на модерната филозофија.
Според Епикур, целта на филозофијата е човекот да го направи среќен. Тој препорачува да се живее согласно со природата, и во суштина е хедонист, сметајќи дека задоволствата ја чинат среќата. Тоа го поткрепува со однесувањето на тукушто родените деца кои знаат што е задоволство, што значи дека тое е инстинктивно, длабоко вкоренето тежнение на нашата природа. Но, тој предупредува дека постојат природни и неприродни желби (задоволства) кои сакаме да ги оствариме. Разликата е во тоа што природните желби имаат граница. На пример, кога сме жедни, имаме желба да пиеме. Но, не може да пиеме до бескрај, туку тоа има граница. Природни, но не и нужни желби се кога сакаме да пиеме различни пијалоци, а не само вода. А, ненужни, односно неприродни желби се желбите за слава, моќ, богатство, престиж и сл. Тие ги прават луѓето алчни и обземени со своите лажни фантазми, па затоа тие никогаш не се задоволни од она што се и секогаш сакаат да бидат нешто повеќе.
Главниот мотив на епикурејската филозофија е ослободување на човекот од ограничувањата што ги наметнува лажното мнение. Тука спаѓаат нашите страсти и нагони на кои им робуваме, како и предрасудите во однос на смртта, боговите и судбината. Филозофијата треба да биде лек за душата. Со сопствените страсти и нагони треба да се справиме со умереност, и со посакување само на нужните желби и со справедливост кон другите. Размислувањето за смртта е посебно интересно. Епикур вели:
„Смртта, тоа најстрашно зло од сите, нема ништо со нас: додека не има нас, ја нема смртта, а кога смртта ќе дојде, не нема нас.“
Цицерон (Кикерон) го дава ликот на вистинскиот епикуреец и вели: „Тој секогаш наоѓа начин во секој миг и ситуација да открие задоволство во живеењето. Секогаш е ведар и расположен, дури и кога има болки, и не чека подобри времиња во иднината, туку се радува што може да го живее дадениот миг, а од минатото ги памети и чува како скапоценост убавите моменти што ги доживеал.“
Кај епикуреецот основни начела се: отсуството на стравот од Боговите и смртта, неверувањето во судбината, душевното спокојство, самодоволноста и повлечениот живот.

5.3.10

Која филозофија ми е најблиска?

Иако растев и се развивав во времето на социјализмот, сепак, основните принципи и доктрина на христијанството ми биле всадувани уште како дете. Се разбира, познати ми беа сите христијански обичаи кои ги прославувавме во помала или поголема мера, животната приказна на Исус Христос, некои приказни од Стариот завет (Постанокот), итн. Но, не можам да заборавам кога во средно училиште за првпат се сретнав со источната „религија“, која секако е повеќе филозофија, и со какво воодушевување почнав да ја проучувам и да се интересирам за неа. Не можев да верувам дека таква убавина ние само површно ја спомнуваме, и дека таа не е дел од нашиот живот. На ова се потсетив сега, зашто ќерка ми за првпат се сретнува со источната филозофија (во средно училиште) и го гледам кај неа истото воодушевување.
Се прашувам дали е тоа случајно, дали зашто е воспитувана „на мој начин“ или можеби постојат подлабоки (да не речам некакви исконски) корени за тоа.
Мислам дека не е до воспитувањето, зашто пред некоја година кога со учениците (различно воспитувани) разговаравме на оваа тема - реагираа со истотото воодушевување.
Затоа, ќе си ги кажам моите „антиквизаторски“ размислувања во врска со ова.
Во основа, во светот постојат две верувања, две филозофии на сфаќања за животот, за постанокот на светот, за постоење „виши“ суштества (богови) итн.
Едното сфаќање е на ариевците (индоевропјаните) кои верувале во многу божества (политеизам). Имињата на боговите кај сите индоевропски народи потекнуваат од истиот корен, впрочем како и јазиците - затоа се индоевропско семејство. Освен многубоштвото, главни карактеристики на оваа древна филозофија се: сфаќањето за цикличното повторување на историјата, вечната борба меѓу доброто и злото, увидот - како највисок степен на сознание и приближување кон бога (видот како сетило е на највисок ранг), верување во бесмртноста на душата, поточно на нејзината реинкарнација, итн.
Второто сфаќање е семитското. Тие верувале (и веруваат) во еден бог (монотеизам), историјата ја сфаќаат праволиниски - со почеток и крај (апокалипса), за спас на душата сметаат дека е потребно покајување и исчистување, тие ги слушаат божјите заповеди (па затоа слухот е најважното сетило), итн.
Сите три западни религии (христијанство, јудаизам и ислам) се со семитско потекло.
Не знам за другите, ама мене источните (всушност ариевските) религии ми се поинтересни, попримамливи и поприфатливи. Можеби звучи смешно да барам некаков внатрешен и дамнешен корен на оваа моја симпатија кон нив. Но зошто тогаш, ми се случи мене, и и се случи на ќерка ми, кога ќе се запознаеме со нив да се почувствуваме како да сме доживеале „откровение“ или „увид“ во нешто што било скриено од нас, а сме го носеле во нас?
Како и од каде семитските религии доаѓаат кај нас и кои се главните пропагатори?
Тоа се нашите соседи, јужни и западни.
Сметам дека и едните и другите имаат семитско, а не индоевропско потекло. Зарем не е чудно што и едните и другите божем говорат јазик од индоевропско потекло, а и едните и другите се сосема сами во својата „група“ јазици. Ниту грчкиот, ниту албанскиот немаат сродни јазици, не спаѓаат во ниту една група. Сите останати се големи расчленети семејства. Особено не можам да сфатам како „научниците“ се справуваат со тоа што „најстариот“ европски јазик - грчкиот, нема свое семејство! Како од него не се развил НИТУ ЕДЕН друг јазик???
Освен осаменоста на овие јазици во огромното индоевропско семејство, дека и едните и другите се сосема друг народ од останатите европски, доказ е и религијата која ја носат и наметнуваат - семитската, еднобожечката.
А, за малку да не подизлажат и натераат да ја прифатиме таа религија (која за нас е туѓа) морало да се направат бројни отстапки. На пример, визуелното претставување на Бог во овие религии е забрането, но во нашите цркви и тоа како има цртежи (икони и фрески) на Бог и Исус; понатаму, во нашите христијански обичаи и тоа како влегле многу „пагански“ огнови, маскирања, песни и разни други обреди.
Се разбира, сега враќање нема. Срамота е да кажам дека Ѕеус, Атена, Аполон, Афродита, Хермес, Силен, итн. ми се многу посимпатични „од нешто друго“. И не само срамота (среќа што не е Среден век), туку ќе ме направат безбожник, богохулник, и не дај Боже, ќе ме линчуваат на плоштад пред да ја стават статуата на Аце наш (ама, посимпатични ми се, па тоа ти е...).

4.3.10

Филозофијата - некомплетно искуство

Бочваров, со неговиот коментар, (со кој, патем, сосема се сложувам) ми објасни зошто поезијата е „машка работа“, но не можам да најдам такво објаснување за филозофијата.
Мислам дека најголем недостаток на филозофијата како „наука за животот“ е токму немањето „женски допир“ во неа.
Во филозофијата фали делот со значењето на наследството, делот кој го имаат децата во семејството, делот на помирувањето со смртта заради сознанието дека има кој да не наследи и да го пренесе нашето искуство на следните генерации. Не можам да верувам дека само мајката е свесна за значењето на децата, а дека мажите (т.е. татковците) се толку себични да не можат во текот на целата човечка цивилизација барем да го спомнат тоа значење.

3.3.10

„Врвот“ на Античката филозофија - Платон и Аристотел

Читајќи за Платон и Аристотел сфатив колку ние професорите сме здодевни. Нашата некреативност ја покриваме со туѓи мисли и дела кои ги прераскажуваме, анализираме и ги прифаќаме како свои.
Можеби Платон и Аристотел, покрај Сократ се сметаат за најголеми филозофи во Антиката, но мене воопшто не ми се допаѓаат.
Платон целиот живот и дело му го посветил на својот учител Сократ. Во сите негови дела (дијалози) Сократ е главниот лик, а вториот е неговиот соговорник. Добрата страна на ова е што да не бил Платон, немаше да ја познаваме филозофијата на Сократ.
Најинтересното сфаќање на Платон е искажано во неговата парабола за пештерата. Таму, светот го претставува како игра на сенки. Имено, да си замислиме во една пештера група луѓе кои се присилени да го поминат целиот живот седнати со грб кон излезот и гледајќи во ѕид. Зад нив, исто така има голем ѕид зад кој некои налик на луѓе движат разни предмети. Од огнот што гори зад чудните суштества на ѕидот се создаваат сенки. Луѓето од пештерата никогаш не виделе ништо друго освен овие сенки, па затоа мислат дека тоа е се што постои на светот.
Според Платон, светот што ние го гледаме се сенките во пештерата, а всушност, надвор од пештерата се наоѓа вистинскиот свет, светот со јасни облици. Тој смета дека постои посебна реалност зад „светот на сетилата“ кој го нарекува „свет на идеи“.
Преку оваа парабола Платон го прикажува патот на филозофот кој од нејасните претстави доаѓа до вистинските идеи кои постојат во заднината на појавите во природата.
За разлика од него, Аристортел (супер текст за Аристотел) е свртен кон сетилата на кои им верува, а не кон идеите и душата кои се неопипливи.
Всушност, Аристотел е важен што целокупното претходно знаење го систематизирал, го запишал и се смета за основоположник на многу науки. Но, според мое видување, кај него нема никаква оригиналност, ништо ново. Тој ја воведува научната терминологија која и денес се употребува и заради тоа е значаен, но... Една работа не можам да му простам - машкиот шовинизам!
Аристотел сметал дека жената е човек со „фалинка“, дека таа е „непотполн маж“. Според него, детето ги наследува само татковите особини, тој е сејачот и активниот, а жената е пасивната (таа што прима) и го дава само „месото“ на детето. Најлошото од ова негово „ограничено“ сфаќање за жената е тоа што во Средниот век токму ова било прифатено од црквата и со векови останало како од „Бога дадено“ правило (иако во „Библијата“ нема никаква основа за ваквото сфаќање на жената).
Аристотел потекнувал од Македонија, се школувал кај Платон, а му бил учител на Александар Македонски. Кога овој тргнал во своите „походи“, Аристотел отишол во Атина, каде никогаш не бил сосема прифатен, но по смртта на Александар избегал од таму, од страв да не му се случи истото што му се случило на Сократ (да биде осуден на смрт).
Всушност, со Александар започнува една нова епоха, од западниот свет наречена „хеленизам“ и која нема врска со Хелада. Малите градови - државички (полиси) стануваат дел од огромната Македонска Империја, која станува мултинационална држава и каде официјален јазик станаува коине.
Како што можев да забележам (и кај претходните филозофи), оригиналната филозофска мисла не потекнува од тие државички (Хелада), туку од периферните територии како Тракија, Македонија, Фригија, Лидија (Мала Азија), Италија.
Жими еден Сократ потекнува баш од Хелада (Атина), и него си го осудиле на смрт. По него, Платон основа Академија во која се образуваат млади луѓе, а во близина се оформуваат двете школи на циниците и киренците.
Но, нов печат на новото време му даваат трите школи со оригинални идеи врз основа на старите: епикурејската, стоичката и скептичката.

25.2.10

Следбениците на Сократ - Киренска школа

Киренската школа е сосема спротивна на Циничката и се заснова на хедонистичка основа.
Претставник на оваа школа е Аристип, кој во принцип е софист бидејќи сметал дека своите знаења треба да ги наплати. Според него, задоволството е врвното добро и целта на нашиот живот. Секој човек, уште од најраното детство се стреми кон задоволство. Тоа е чисто индивидуална работа, зашто секој сам за себе си знае што му причинува задоволство, а што не.
Задоволство предизвикуваат смирените и урамнотежени бранувања на душата, а бурните, нагли случувања предизвикуваат болка. Па затоа, мудар е оној човек што знае да ја избегне опасната бура.
Според Аристип, телесното задоволство е основно. Тоа е моментално, го чувствуваме додека трае. Среќата, пак, е душевна состојба која трае подолго и тоа заради пријатните сеќавања на задоволствата.
Теодор, од истата школа, внесува умереност во сировиот хедонизам на Аристип. Според него, моменталното задоволство не може да биде основа за среќен живот, туку, потребно е подолготрајно позитивно душевно настроение кое тој го нарекува ведрина, наспроти што не стои болката, ами страдањето или маката.

24.2.10

Следбениците на Сократ - Циничка школа

Ај, доста со емоции, да си се вратам јас на филозофија и да си „кулирам“ во светот на рамнодушието.
Последно од филозофија беше Сократ, а тука продолжувам со неговите следбеници...
Вистинските следбеници на Сократ, поради ставот на Атина (смртната казна која се извршува врз него), го напуштаат градот.
Еден од првите следбеници и почитувачи е Ксенофонт кој напишал неколку списи за својот учител од кои дознаваме за животот, но не и за суштината на Сократовата филозофија, зашто тој се обидел да го брани од клеветите.Подоцна Платон, пак, целокупното творештво му го посветува на Сократ.
Но, како вистинско надоградување на Сократ се појавуваат неколку школи.
(Повторно морам да искоментирам дека македонските „философи“ имаат право што се мешаат во транскрипцијата на некои зборови од нивната стручна терминологија, но сепак дали некој од обичните Македонци го разбира зборот КИНИК? Точно е дека е погрешно транскрибирано, но кога веќе некој збор се употребува долго време, тешко дека една мала група ќе може да ја исправи грешката. Овој збор во македонскиот речник и правопис е влезен како ЦИНИК, па тоа ти е... Дури смешно е сега да кажеме дека некој „кинички се смее“ или „кинички гледа“, кога тоа го знаеме како цинички, цинизам, циник...)

Циничката школа (киничка) ја предводел Антистен, родум од Атина, но од мешано потекло. Татко му бил Атињанин, а мајка му робинка од Тракија. На честите задевања дека е од „нечисто“ потекло, тој им одговарал на „чистите“ Атињани дека им е мала предноста, зашто тие, но и скакулците и полжавите се исто така родени во Атина. Антистен сметал дека вистински слободен човек е оној чија среќа не зависи од секојдневните безбројни потреби. Човекот, многу често е роб на парите, на љубовта, на храната и пиењето итн. Според него, филозофијата е таа што го свртува човекот кон самиот себе, кон сопственото духовно самообликување и дека користа од филозофијата е таа што го учи човек да се дружи сам со себе.
Вториот, многу интересен и можеби најпознат претставник на оваа школа е Диоген. Тој со својот начин на живеење и однесување ја претставува својата филозофија. Таткото на Диоген имал менувачница и фалсификувал пари во што му помогнал и неговиот син. Заради тоа, Диоген избегал од домот и отишол во Атина каде сакал да му биде ученик на Антистен. Тој неколкупати го одбивал, но Диоген бил толку упорен што на крајот стариот филозоф го прифатил и му ги пренел своите знаења.
Диоген живеел бедно, во почетокот спиел на тремот од некоја јавна зграда, а потоа во буре. Тој е филозофот што дење одел низ улиците со запален фенер барајќи ЧОВЕК.
Напишал неколку списи, но своите ставови ги изразил автентично преку своите постапки. Појдовна точка во неговата филозофија е живеење според природата. Тој ги критикува сите цивилизациски „придобивки“ исмевајќи ги политичките, културните и религиозните предрасуди. Смета дека се што е природно не е срамно, па затоа сите свои природни потреби ги извршувал јавно, дури и на плоштадите.
Основата на природниот живот е слободата.
Најпрво, слободата се определува на внатрешен план - како владеење со себеси, со сопствените страсти и нагони.
Потоа, слободата се изразува со намалување од зависноста од безбројните секојдневни потреби. Диоген сметал дека боговите се слободни зашто немаат потреба од ништо. Затоа, тој се ослободил од сиот свој имот и имал само една торба, стап, наметка и мал сад за вода. Но, кога видел некого како пие вода од своите раце, го фрлил и садот како непотребен.
Друг вид слобода е ослободување од зависноста од „големците“. Често филозофите приклонувале кон владетелите и богатите, но Диоген и на овој план бил свој. Кога македонскиот крал Пердика го повикал да дојде во неговиот двор, Диоген одбил, а по заканата со смрт следел циничниот одговор: „Тоа не е никакво јунаштво, оти такво нешто можат да ми предизвикаат и болвите и пајаците“.
Една од најпознатите анегдоти е средбата на Александар Македонски со Диоген. Александар воодушевен што го сретнал големиот филозоф го прашал што може да стори за него. А Диоген мирно му одговорил дека може да се поттргне на страна за да не му прави сенка.
Слободата не е нешто што ни е дадено од бога. За неа треба да се избориме и да вежбаме. Кога му префрлиле дека во младоста фалсификувал пари, тој одговорил: „Вистина е дека во младоста бев како што си ти сега, но ти никогаш нема да бидеш ваков каков што сум јас сега.“
Врв на вистинската слобода е космополитизмот. За разлика од обичните граѓани кои се врзувале за своите градови - полиси, Диоген не бил врзан за ниту еден град и се сметал себеси за граѓанин на светот - космополит.
Патувајќи секаде, еднаш бил заробен на море и продаден како роб. Во новиот дом тој ќе се грижи за воспитувањето на децата, а неговите господари на крајот се погрижиле за неговиот погреб и крај гробот поставиле мермерна статуа на куче (симбол на цинизмот). Некои стари автори раскажуваат дека кога остарел и почувствувал немоќ, сам си го одзел животот така што престанал да дише.


________________________
Користена литература за сите текстови од филозофија до сега:

„Сократ“ Витомир Митевски
„Претсократовци“ Витомир Митевски
„Филозофија“ за четврта година реформирано гимназиско образование;Стефан Сидовски, Кирил Темков
„Светот на Софија“ Јустејн Гордер
„Историја на античката грчка филозофија до елинизмот“ Лазар М. Кескинов

14.2.10

Сократ

Сократ е првиот изворен атински филозоф кој во животот не напишал ниту еден збор, а за кого се пишувале цели томови.

Неговиот живот малку потсетува на Исусовиот. Потекнувал од скромно семејство, единствена цел во животот му била да разговара со луѓето и да ги поттикнува да доаѓаат до сознанија, бил неправедно осуден од своите сограѓани на смрт, а смртта ја прифатил без болка и жалење. Иако немал свои ученици, по неговата смрт се појавуваат многу следбеници (сократовци) кои ќе го опишуваат неговиот живот и неговите филозофски ставови.

Надворешно, Сократ бил грд, но со своето знаење и благ дух ги пленувал луѓето. Се облекувал прескромно сметајќи дека човекот нема други вистински потреби освен надоградување на знаењето и усовршување на духот. Бил многу познат и го сметале за најмудриот човек во тоа време. А тој, во стилот на својата иронија, велел дека само им покажува на луѓето дека не го знаат она што мислат дека го знаат, а тој е најмудар само затоа што знае дека ништо не знае.

Всушност, начинот на неговиот живот ја претставува неговата филозофија. Имал семејство, но не му се посветил, туку постојано барал соговорници на атинскиот плоштад, на гозбите, во вежбалните. Разговорот (дијалогот) го сметал за единствен вистински начин на доаѓање до сознанија.

Тој е првиот кој сфаќа дека вистински поставеното прашање е суштествен дел од одговорот. Односно, негов принцип е: поаѓање од ставот дека ништо не знаеме. Со иронија и преку парадокси ги наведувал соговорниците да сфатат дека не го знаат она што мислат дека го знаат, а потоа со маевтика (породување) од душата на соговорникот се извлекуваат вистинските сознанија.

Сократ свесно го отфрлал пишуваниот збор како начин на духовно општење. За него, она што е напишано е мртво, немоќно да одговори на поставеното прашање, да даде образложение, да се брани, и на тој начин да доаѓа до вистинско спознавање. Според него, суштинското знаење е секогаш поврзано со личното искуство. Секој треба да го открие знаењето во себе самиот, да се извлече од несвесното, заборавеното и да се оформи во областа на свесното.

Атина, која за свој симбол го има утот (мудрост) се покажува многу софистичка и лицемерна (само ја продава и тргува со мудроста), а единствениот вистински филозоф го осудува на смрт докажувајќи ја така својата површност и страв од вистински сознанија!





11.2.10

Софисти

Софија значи мудрост, а фил - љубител, што значи, директен превод на зборот философ (ија) е љубител на мудроста. Во нашиот јазик без некоја особена причина се вкоренил зборот со промена на гласот с во з, па наместо философија, велиме филозофија. Сите дипломирани филозофи со право го користат изворниот збор, но она што еднаш е прифатено и стандардизирано тешко може да се искорени.
Под софисти во антиката се подразбирале мудрите луѓе кои ги подучувале другите, го споделувале своето знаење. Тогаш најголем срам било овие луѓе да земаат пари за својата „работа“. (Веројатно затоа и до ден-денес наставниците се малку платени, а голем дел од нив би работеле и бесплатно). Поради наплатувањето на своите подучувачки услуги „софист“ набрзо станал погрден збор. Најголемо внимание софистите посветувале на реториката и вештината да се докаже својот став без разлика дали е точен или не.
Денес под софистика го подразбираме токму ова - вештина на убедување (не водејќи сметка за вистината).
Старата софистика го доживеала својот врв во втората половина на 5. век п.н.е. во Атина, веднаш по Грчко-персиската војна. Тогаш Атина станува центар и собиралиште на мудреците и уметниците.
Всушност, многу е интересно што ниту еден филозоф до тогаш не потекнувал од Атина, туку сите биле од „периферијата на хеленскиот свет“ од каде е извориштето на европската филозофска мисла.
Талес од Тракија;
Елејците со Парменид од Елеја, јужна Италија;
Питагорејците избегале во Кротон, Италија;
Хераклит од Ефес , Мала Азија (Лидија),
Демокрит од Абдера, западна Тракија итн.Единствениот атињанин кој се појавува во времето на процутот - Сократ, самите си го осудиле на смрт. Парадоксално!


1.2.10

Хераклит и Демокрит

Текстовиве од филозофија (а и другите) немаат намера да поучуваат некого, да превоспитуваат, да бидат предавања, или не знам што.
Едноставно, си ги пишувам за да го забележам некаде она што во моментот го правам, нештото што ме преокупира и што ми се допаѓа.
Се разбира дека нема да пишувам за сите филозофи, дека можеби некои „многу важни“ ќе ги прескокнам за сметка на оние кои ми се симпатични, уште посигурно дека нема да им се задлабочувам во филозофијата. Таа сепак ќе си остане во мојата глава, а ова ќе биде само потсетник на моите преокупации во февруари 2010.
Значи, да си продолжам...
И следните филозофи, претсократовци кои живееле околу 500 г.п.н.е. во колонијата Елеја, во јужна Италија се занимавале со сличните прашања како и другите претсократовци. Тие се наречени „Елејци“, а сржта на нивното размислување е слично, дека: од ништо не може да се создаде нешто!
Еден од најпознатите е Парменид, кој сметал дека сѐ што постои, постои од секогаш. Така, всушност, размислувал и целиот древен свет. Но, Парменид отишол малку подалеку од другите сметајќи дека никаква вистинска промена не е возможна. Ништо не може да се претвори во нешто друго, освен во она што е. Тој бил свесен за промените во природата, но не можел да ги осознае со својот разум. Кога бил пред дилемата дали да им верува на сетилата или на разумот - тој го избрал разумот. Тој сметал дека дури и сетилата не даваат сосема правилна слика за светот, дека и тие се лажни. Ваквото сфаќање, поради силната верба само во разумот е наречено рационализам.
Во истото време, во Ефес (Мала Азија) се појавува Хераклит со својата позната „Сѐ тече“ (сѐ се менува) сметајќи дека во природата сѐ е во движење и ништо не е вечно. Тој укажувал дека светот е создаден на спротивности: дека не знаеме што значи да се биде здрав додека не се разболиме, дека додека не знаеме што е глад не го знаеме задоволството на ситоста итн. Сметал дека и доброто и злото си имаат свое место во светот и кога не постоела таа игра на спротивноси, не би постоел ни светот. Во таа промена на противречностите во природата Хераклит го гледал единството, целината, а нештото што го сочинувало тоа единство го нарекува „Бог“ или „Разум“. Како основа (начело) на се го земал огнот, но се разбира во поширока смисла на зборот - дека живото „гори“, а неживото е изгаснато и влажно. Тој е прв филозоф кој се занимавал и со човековата душа - за која сметал дека е основна живототворна сила.
Хераклит е познат како „Темниот“, „Мрачниот“ поради тежината да се сфати неговата филозофска мисла и поради тоа што бил секогаш сериозен и нерасположен. Според мене, за најголема почит е тоа што тој се откажал од престолот во корист на својот брат, а се откажал од кралскиот живот за да му се посвети на размислувањето и пишувањето на единствената книга „За природата“.
Во овој период се појавуваат и други значајни филозофи како што се Питагорејците, кои ја поставуваат нумеричката теорија, односно на претставувањето на квалитетот со квантитет. Но, како противтежа на Хераклит, барем во расположението е Демокрит. Тој освен како „Мудриот“ е познат и како „Насмеаниот“, бидејќи бил постојано насмеан и ведар. Ги критикувал своите сограѓани дека премногу им се посветуваат на минливите нешта, а тие пак сметале дека е луд поради постојаното позитивно расположение. Па дури го викнале најпознатиот антички лекар, Хипократ да го прегледа, а тој им рекол дека Демокрит е единствениот меѓу нив со здрав разум. Демокрит живеел долго, 90 или 100 години, го потрошил своето наследство за патување и печатење на своите книги, се стремел да биде автономен и слободен, да го прави она што мислел дека за него е најважно, ја презирал славата, умрел речиси слеп, не разликувајќи ги боите, но разликувајќи го доброто од злото, важното од безначајното.
Во однос на филозофската мисла тој претрпел влијание од Елејската школа, од питагорејците и од атомизмот на неговиот учител Левкип. Демокрит ја разработува атомската теорија. Според неа постојат две работи: ништо - небитие, празен простор и нешто - битие, составено од низа бескрајно ситни, невидливи честички - атоми. Атомите престојуваат во празниот простор каде може да се движат, а благодарение на тоа движење се судираат и настанува првичниот вител и почетокот на светот. (само како потсетување: оваа теорија е поставена пред 2400 - 2500 години) Всушност, сѐ настанува на истиот начин, со спојување на атомите настануваат и живите суштества и самиот човек. Тој човекот го сфаќал како микрокосмос. Поради сведувањето на сѐ како материја - ова учење е наречено материјалистичко.
Можеби најзначаен придонес на Демокрит е поимот - евтимија - одбегнување на вознемирувања на ментален и емоционален план за да се постигне хармонично духовно расположение, ведрина на духот.

29.1.10

Талес и другите претсократовци

Одамна не сум прочитала нешто погенијално од ова:
Во античкиот свет филозофите се издвојувале како посебни, како занесеници и самотници, па така, често со нив „обичните луѓе“ се потсмевале.
Во една ситуација, гледајќи во небото и ѕвездите, занесен во своите мисли, првиот познат филозоф, Талес, паднал во некој бунар. Некоја досетлива девојка од Тракија му се потсмевала и му рекла: „Како можеш да знаеш за она што е на небото, ако не го гледаш она што ти е пред нозете?“
И, ова би било само една обична досетка, да не се појавува коментарот на Хегел, многу векови подоцна, кој вели: „На обичните луѓе навистина не може да им се случи да паднат во јазот (бунарот) зашто тие сиот свој живот се во него“!
Хахахаха, се извинувам за цинизмот, ама не е мој, на Хегел е!
Зачувани книги од Талес нема, но одблесоци од неговите мисли среќаваме кај подоцнежните филозофи.
За него е значајно што тој претставува почеток на една поинаква мисла, пресврт во осознавањето на светот. Тој светот го сфаќал како единство, а ВОДАТА била начелото (археото) на целиот свет.
Дека сѐ било едно се среќава и во претходни размислувања, па и во Библијата, каде од едното се издвојуваат небото и земјата, но новото кај Талес е свртувањето кон природата - кон водата.
Талес спаѓа во групата на тројцата филозофи од Милет (Мала Азија), кои се сметаат за претходници на Сократ. Како начело, појдовна точка, искон на сѐ, Талес ја сметал водата.
Неговиот современик, Анаксимандер, сметал дека нашиот свет е само еден од многуте светови кои се создаваат и исчезнуваат во нештото, што тој го нарекува „неодредено“. Можеби сметал дека она од што е сѐ создадено мора да биде различно од она што е создадено, па така водата не може да биде искон, туку начелото е нешто „неодредено“.
Третиот, Анаксимен, сметал дека начелото (прасупстанцата, исконот) мора да биде или воздухот или маглата. Тој го знаел Талесовото учење за водата, но сметал дека таа мора да е згуснат воздух.
Не е важно како си го објаснувале начелото овие стари филозофи кои живееле пред 2600-2700 години, важно е што тие мислеле дека од ништо не може да се создаде нешто. Затоа сметале дека мора да постои нешто (начело, искон) од што се создадени сите други нешта.

Уште еден вовед во филозофија

Знаењето не се дава... знаењето се зема!

Пред некое време ми се случи читајќи книга да посакам да стиснам на линкот од некој збор (под влијание на пречестото „висење“ на интернет) и во моментот кога помислив дека сум забегала - всушност сфатив. Иако реално не постојат „линкови“ во печатените книги, јас секогаш сум си ги наоѓала, па затоа до креветот имам по најмалку 3-4 почнати книги, 2-3 штотуку завршени (од кои уште не можам да се одделам) и барем 5-6 што чекаат на ред. А, ако нешто ме заинтересира во некоја книга, а дома „линковите“ ми се недостапни, тогаш трескавично отрчувам во книжарница барајќи наслови кои се поврзани со моето моментално интересирање.
Па така, сега, инспирирана од книгата „Светот на Софија“ и од некои разговори, почнав да и се посветувам на филозофијата. Книгата сум ја читала пред 10 години, но тогаш немав време да се задлабочувам во филозофијата. А, сега..., сега е целото време пред мене...
Иако е многу интересна и постара источната филозофија, таа ќе ја оставам за другпат, зашто се одеднаш сепак не може. Ќе се задржам само на европската, онаа што општо прифатено е темел на модерната цивилизација (се разбира, според сфаќањата на Европјаните).
Често кога ќе спомнеме филозофија си замислуваме нешто заморно, нешто за кое ќе треба длабоко да се помислиме за да го разбереме.
Поимот „филозоф“ во жаргонот означува човек кој само зборува, а ништо не кажува и кој постојано „дави“ со некакви „животни прашања“.
Но, сите ние сме филозофи на некој начин.
Кој од нас не се запрашал:
Кој сум јас?
Која е смислата на моето постоење?
Како е создаден светот (од нешто или од ништо)?
Кое е прво: јајцето или кокошката?
и безброј други прашања...
Античката филозофија е она што ќе биде во центарот на моето внимание. Таа има неколку „фази“.
Првите филозофи се посветиле на прашањата за светот - космосот (хаос - неред, космос - ред) и затоа се нарекува космолошка епоха; потоа интересот се свртел кон човекот - антрополошка фаза; па со подредување и систематизирање на се што го опкружува човекот (Платон и Аристотел) - филозофски системи, времето по Александар Македонски кога културата и сознанијата се ширеле низ целиот тогаш познат свет - хеленистичка фаза; и на крајот се римските филозофи - до Средниот век кога христијанството ја загушило филозофската мисла и наметнало своја. (Страшниот, темен, црн среден век со траење од 1000 години. И, пак се разбира - за мене страшен, и за оние кои имале барем малку напредни мисли).

Еден почеток на филозофија

Што не поттикнува да размислуваме? Кој ги тера нашите мисли наваму или натаму? Која е реката низ чие корито се приклонуваме? Зошто секој ден, се нови и нови работи ни паѓаат на памет? Дали сетилата и дневните искуства ме тераат напред или духовноста и чувствата?
Па, ете, си почнувам јас со филозофија...
И ќе си одговорам на некои од прашањата што си ги поставив.
Моите секојдневни искуства ме прават емпириски поспособна да ги согледувам работите. Разумно да ги распоредувам... но, она што ме тера да создавам, она што ме тера постојано да живеам со широко отворени очи не е разумот. Тоа е љубовта, тоа е желбата за живот, тоа е жалбата секој ден да бидам нова.
И тука пак едно филозофско прашање - дали еден човек е истиот од неговото раѓање до смртта? За мене, ова е најсмешно нешто, зашто јас чувствувам дека сум различна секој ден. Секој ден дознавам нешто ново, секој ден во мојот мозок влегуваат илјадници нови информации. Па како може да бидам истата? Јас не сум истата од вчера, та камоли од раѓање. Можеби мојот мозок на сличен начин ги обработува податоците, па има сличност на јас од детството и јас од сега, но за исто не може да стане збор.