Showing posts with label лично. Show all posts
Showing posts with label лично. Show all posts

28.10.12

Ништожност



Колку сме само
смешни и ниски,
сметајќи се себе до Бога блиски
со равенка тргаме во потрага дрска,
за смислата наша
да најдеме врска.
Време ни мине во кавги дневни;
завист,
љубомора,
на сите сме гневни,
богатство земно во нашите сништа,
пари и злато
душа ни ништат.
Сите сме само ко животни исти,
немилосрдни убијци
живи егоисти!
Страсти ниски во нас се кријат,
тлеат и чекаат момент да звријат .
Сознание тешко од нив нè двои,
секој од нас часови си брои.
Утеха бараме во среќата вечна,
за животот,
за смртта конечна.
И како што полека одминува време,
си паѓа од срце тешкото бреме,
како куче на патот згазено тажно,
и јас ќе бидам утре,
ништо не е важно...

20.9.12

тишина

Молчам... оти ако зборувам - ќе пукнам.
Ќе пукнам како балонче од сапуница, без звук и последица.
Ќе пукнам како мраз во чаша жежок чај, како камче од запалка што лета во непознат правец, како јајце невнимателно носено, како гума на нечиј велосипед...
Ќе пукнам, без никого да засегнам, без никој да види и чуе.
Ќе пукнам внатре... и ќе си молчам.


16.2.12

Ново јубилејче

Ако сама не си ги прославувам, никој нема да ми ги прослави моите јубилејчиња.
Жал ми е што речиси целосно си го запоставив овој блог заради полесната комуникација на фејсбук, полесното прикачување фотографии таму, заради секојдневните работни обврски во кои заглавив и заради „стручниот“ блог кој оваа година ќе го завршам и чие јубилејче сега го прославувам.
Значи таму, на: Македонски јазик и литература, како блог на кој ги има речиси сите содржини од наставата по македонски јазик и литература за средно стручно образование, денес го дочекав милиончето. 1 000 000 посетители за блог и не е така малку за година и три месеци. Очигледно е дека тоа им е потребно на нашите ученици. Се што им треба да си го најдат на интернет и да не ги отвараат учебниците. Затоа учебниците користени веќе три години останаа нови :)

7.11.11

Калемено дрво

Бидејќи лани за патронат на ГУЦ бевме во Егејска Македонија, оваа година мораше да тркнеме и до Пиринска. И колку што едните се вакви - другите се онакви?!? Иако ние си бевме фини туристи во соседната држава и гледав ништо од нивната политика да не ме допира, сепак, не можеше да остане без ништо. Веќе два дена ја пеам во себе песната на Војо Стојановски „Една мисла имаме“ и си се потсмевам на тоталната глупост на Бугарите. Значи, едната вечер ни беше организирана свечена вечера со музика - и тоа, се разбира македонска. Луѓето од тој дел на Бугарија, поточно од Пиринска Македонија одлично ја знаат македонската песна, се разбира сметајќи ја за своја, што не им го сметам за недостаток - па нормално дека си е нивна кога тие си се наши. Ама, пречат преправањата, односно фалсификувањата на оригиналот. Бидејќи им се пееше на Македонци, песната беше испена речиси сосема точно - освен делот кога „ние не сме Грци, Бугари ни Срби...“ не даде срце, ни „бугарскиот закон на вистината“ мораше да се преправи, да се подисфалсификува во: „ние не сме Грци, Шиптари ни Срби“. Не може да пројде дека не сме Бугари, па тоа ти е. И кога по интернет почнав да барам нешто за песната налетав на напис од 2000 година, кога авторот на текстот бил сведок на изведбата на песната за божиќните празници во Благоевград. Таа иста песна ептен ја осакатиле и пробугарчиле. Односно си направиле своја - бугарска: Не се плаши, не се срами - Б’лгарин да си... и после: ние не сме Грци, Византијци ни Срби, чеда сме на Аспаруха, гордост најб’лгарска (ахахахахаха). Греота се, не можат поинаку, им влегло во карактерна особина и не можат да ја искоренат. Некој што нема свое мора да го украде туѓото и да го прикаже како свое. Вечно така и уште така!!! Бреееј. Кирил и Методиј - Бугари (уште кога Бугарите не знаеле збор словенски), Димитар и Константин, Гоце Делчев, Јане Сандански - Бугари, сите Бугари, па изгледа и Војо Стојановски во оригинал ја напишал песната на бугарски - ама ние сме си ја преправиле.
Грдо им е преправањето, фалсификатот нивни, а уште погрдо што ни го префрлаат нам. Ама ние одамна сме отрпнале, па не ги сфаќаме сериозно, туку ги гледаме како некое детенце со тешкотии во развојот. По малку ги жалиме, по малку се помируваме - дека е тоа - тоа, им нема спас.
Ама сепак, малку се утешив дека баш се не можат да присвојат. А тоа е ВЕДРИОТ ДУХ. Во сите продавници и кафеани (бидејќи само таму имавме контакти со Бугари) сите лица беа сериозни, укочени, па дури и намрштени. Иако зборовите што излагаа од луѓето беа љубезни, љубезност, ведрина и топлина не можеше да се види на нивните лица. И ова можеби немаше да го забележам ако една продавачка не ни позавиде на нашата ведрина, расположеност, насмевка, хумор. Ни рече: „Ах, бре, вие Македонците колку весел народ сте, сите насмеани и расположени“. И навистина е така. По ова не можев а да не се загледувам во секој бугарски лик и да се чудам - како може цела нација да биде со скаменети фаци? Со лица од кои не можеш да прочиташ никакви емоции - освен, можеби огорченост. Или барем мене таквиот лик ми значи огорченост. И така, ми стана јасно зошто не можат да создадат свое, зошто им е потребно да го земат нашето. Само луѓе со ведар дух, со бистрина, срце и ум може да создаваат - овие камени лица - не!
Калемени, или помодерно - клонови.  

П.С. Жал ми е ако навредив некого... (иако ним не им е жал кога навредуваат).

17.10.11

Американските лесни серии го нудат алкохолот како решение за среќен живот

Во последно време заглавив со гледање американски „хумористични“ серии. Жива зараза. Немојте да се зезнете и да почнете да гледате. Почнав поодамна со Friends. Тогаш, пред 3-4 години, имавме семејна традиција секој распуст да си ги гледаме, сите заедно, по неколку епизоди навечер, или преку ден. И тоа не беше страшно, дури убаво беше. Од Friends, прејдов на CSI, па CSI NY, CSI Miami, па ми улета Everybody Loves Raymond, и сериите што ги даваа на нашите програми и на хрватската Нова, како Lost, 24, The Sopranos, Fraiser, Seinfeld, по некоја епизода од House MD… и, така се создаде зависноста. Оттогаш почнав да ги симнувам и да ги гледам цели серии одеднаш, и за жал, некако се уште не можам да запрам. А многу ме нервираат. Ме нервираат со нивните скриени и не толку скриени пораки. Од нив не може ништо да се научи, освен дека за да живееш убаво треба да пиеш. Да, да, таму, во тие серии, во тој обичен американски живот ама баш никој не пуши, бидејќи тоа е гнасно, штетно и селски, ама затоа речиси сите пијат - тоа е шитот. Било која серија можам да ја земам за пример - еве ќе почнам со постара -  Just shoot me. Дејството цело време се одвива во канцеларии, на работа, ама... директорот, се разбира има полно бифе со пијалаци кои често ги пие, а можеби најинтерсениот лик таму е Нина, поранешна манекенка. Интересна е зашто води забавен живот, постојано е по журки и прослави и постојано е под дејство на алкохол. Таа ништо не јаде, ама затоа пие. Тоа е дел од нејзината диета. Тоа ја одржува витка. Слично е и во Two and a half men, кул е братот кој ништо не работи, само пие и се забавува. Другиот е лузерот, исмеаниот, млакиот, немажествениот. Ама, ете, во вистинскиот живот и не е баш така - зашто и во реалниот живот Charlie Sheen (кул братот) е таков како во серијата - па го избркаа и го заменија со друг.
Шемата на Friends е сосема преземена во серијата How I met your mother, каде имаме 3:3, 3 машки и 3 женски - пријатели кои најчесто се среќаваат во кафеана, ама за разлика од Friends каде се пиеја само кафиња и чајчиња, овие пиииијат се и сешто. За да не се оддалечат од кафеана ликовите од серијата It`s Allways sunny in Philadelphia држат кафеана и божем, а всушност тенденциозно, се занимаваат со општествени проблеми како: расизам, абортус, оружје, разни болести, злоставување итн. и веројатно за да можат да ги издржат сите тие проблеми - младите главни ликови речиси ништо не работат и само пијат. Серијата Cougar town  мора да ја спонзорирал некој производител на црно вино - зашто таму ликовите (повторно 6) стануваат и легнуваат со вино. Виното е во центарот на вниманието - тоа лекува се. Со него полесно се живее, тоа дава радост и среќа. Само во една епизода пиеја бело вино, зашто тоа било  „паметно вино“ - со помалку алкохол, а требаа да разговараат нешто сериозно?!? И да не гушам понатаму, секаде е исто (со можеби некои исклучоци), ама врв на разврат, пијанчење, неморалност ни продаваат во Californication. Главниот лик мислам дека нема ниту една позитивна особина - и тој треба да ни биде симпатичен, да го прифаќаме, и можеби да биде модел на идеален маж за младите генерации.
И што да кажам? Жал ми е што можеби една година потрошив на гледање вакви серии (уште мнооогу изгледав, не само спомнатите), што не станав зависник од алкохол, ама од нив - да. Сега сум на „лечење“. Ќе гледам филмови (хахаха).

14.9.11

Разбој

Се сеќава ли некој на Бојан Караѓуле? На Благуна и Калина? На мостот каде за добро и лошо се собираат стружани, на струшките сокачиња, на Дрим? Се сеќавате ли на романот „Разбој“? Моите сеќавања веќе бледеат, а новите генерации нема ни да ги имаат.
Со што заслужи Владо Малески, авторот на текстот на македонската химна и автор на многу романи, но и на еден од најубавите (Разбој), да го нема во програмата по македонски јазик и литература?
Што исткајавме на нашиот разбој со постојаните промени во програмата? Поквалитетно, помодерно и подостапно образование за младите? Тешко дека сме постигнале такво нешто. Мислам дека еден дел од промените во програмата беа резултат на фактот дека младите не сакаат да читаат книги. И, од големите автори се бараа малечки книги, за колку-толку децата да се запознаат со некое творештво. Така, на пример, прво романот „Војна и мир“ од Толстој беше заменет со малку помалиот „Ана Каренина“, за потоа неколку години сосема да биде исфрлен, па по несогласувањето на професорите по македонски Толстој воопшто да не се изучува, го вратија со некое негово безначајно дело како што е „Смртта на Иван Илиќ“ !?! Тоа не е Толстој! Достоевски исто. Целосно исфрлен, па вратен (во стручното) како лектира.
Не ќе да е решение да се бараат помалку страници за читање. Оние што не сакаат да читаат нема да прочитаат ни 2 страници, а оние што сакаат (иако се малку) ќе прочитаат и 1000. Но, да се прави компромис со број на страници, во суштина е глупаво. Подобро е и тие што не читаат информативно да бидат запознаени со вистинскиот квалитет, отколку Толстој да го поврзуваат со „Смртта на Иван Илиќ“.
И, да се вратам на почетокот - да, „Разбој“ има повеќе страници. Сум го читала одамна, но во мене уште живее Калина, во мене трае потрагата по Бојан Караѓуле, се раѓа Благуна... во мене живее Струга и Дрим од страниците на романот, живее во минатото, но и во сегашноста. Жал ми е што новите генерации нема да го доживеат тоа, па макар и преку моето раскажување.

2.8.11

Пивофестот во Прилеп


Откако лани бев на Пивофестот во Прилеп решив повеќе да не го промашувам. Супер е. Многу опуштено, широко, средено, баш екстра. Оваа година малку и снимав за да си ја испробам камерата. Малку ми се тресат рацете, ама тешкичка е кога се држи високо крената, над главите на публиката. Ова ми е и прва снимка што ја ставам на youtube... па и не е така лошо :)

3.4.11

КРАЖБА

Зошто бе вака? Со што го заслужив ова? Зошто не дојде дома да ми земе сè што имам - а не душата да ми ја зема?
Штотуку дознав дека НЕКОЈ си дозволил сите мои текстови да си ги ископира и да си направи своја страница - со МОИТЕ текстови. Признавам дека надворешно е подобро направена - како сајт, со подобра навигација, со бела позадина (хаха) - но содржините се целосно мои. Сите текстови се земени од мене - од збор до збор, сосе сликичките што сум ги ставала.
Кога гледав како ми ја фотокопираат книгата („За матуранти“) и како си ја продаваат во фотокопирниците без проблем - ме болеше, ама ова со блогот ме боли уште повеќе.

Како може и ЗОШТО некој го прави ова?

Замислете си - вие си работите секојдневно, читате, анализирате, обработувате, пишувате - и го ставате тоа на бесплатен дофат на сите на кои им е потребно, и НЕКОЈ едноставно си го зема и си го присвојува - целосно!!! Без да наведе барем извор, без да наведе ни свое име, без да стави можност да се искомуницира со крадецот!!! Ахххх, УЖАС!
Или, замислете си дека сте напишале книга и -  ја гледате отпечатена под друго име. Некој си го нашол вашиот текст и си го објавил како свој! Не знам дали ме разбирате колку страшно мене ми изгледа сето ова? Како да ми зеле сè што ми е во мојот компјутер, сè што ми значело, сè што е МОЕ. Сите мои зборови, сите мои мисли, сето мое потрошено време - сè, баш сè!
И не сфаќам зошто, бидејќи нема ставено адсови за да заработува. Јас навистина не разбирам ЗОШТО?

А се смеев на последната епизода од The Big Bang Theory (season 4 episode 19)... а сега некој мене ми се смее. Трагично. Ебати тунгузијата во која живееме! Тука - не смее човек да прави добри работи.

П.С. Знам дека со линкот само го популаризирам крадецот, ама тој е за пријателите, да видат и да се заштитат себеси (ако можат).

6.3.11

Венко Марковски - што да се прави?

Не сум забележала кога, ама во периодов од изминативе 4 години (бидејќи кога и предавав на минатата генерација го немаше) во програмата за трета година македонски јазик и литература е вметнат и Венко Марковски. И, во принцип не би имала ништо против тоа, кога како држава би зазеле определен став кон неговата личност и дело. Кога барем би го имале во учебникот и сите професори по македонски би се ограничиле на информациите дадени таму и на дел од неговото творештво. Но, не е така.
Цел денешен ден го потрошив на Венко Марковски. Сè што имаше по нетов за него испрочитав – на македонски и бугарски јазик. И до каков заклучок дојдов? Искрено – до никаков. Целосно контроверзен лик од времето на создавањето на СФРЈ, преку Информбирото – па до денес. Односно, толку се спротивни ставовите на луѓето во врска со него што не може да се дојде до некоја средина, да се пронајде некоја релативна вистина.
Ставот на неговите македонски современици е дека е предавник – човек кој емигрирал во Бугарија и работел за нејзините интереси – откажувајќи се од македонскиот јазик, негирајќи ја македонската нација. Ставот на бугарските – се разбира е позитивен – дека тој е освестен Бугарин, академик во Бугарската академија на науките, му даваат огромни признанија, награди и повластици – куќа, кола, возач, средства за живот.
Накратко – тој е од Скопје, бил напреден младинец, оформил литературен кружок во кој биле и Кочо Рацин и Коле Неделковски, се залагал да го употребуваат македонскиот јазик во творбите што ќе ги создаваат, да ја проучуваат македонската историја и сл. Неговите две мали збирки песни напишани на македонски јазик „Народни бигори“ и „Огинот“ се издадени во Софија 1938 година, една година пред Рациновите „Бели мугри“. Тоа го прави основоположник на македонската современа поезија. (Но! Јас пред некоја година првпат слушнав за него.) Потоа учествувал во сите три комисии за нострификација на македонскиот јазик – и бил против тоа македонската азбука да биде како Вуковата, односно сметал дека треба да се има посебни знаци за меките к,г,л,н, дека треба да се воведе ѕ и да остане ъ (тврдиот ер.) Тука започнуваат проблемите. Целата таа група Македонци кои биле против Вуковата азбука, односно србизација на јазикот се сметале за пробугарски настроени. Таа група, на чело со Ченто биле и за обединета и самостојна Македонија, практично незадоволни од делумно слободната Македонија во рамките на ФНРЈ. Сите настрадале. Па и Венко. Набрзо, со образложение дека предал партиски тајни тој е исклучен од КПМ. Во наредниот период тој се посветува на творештвото и е плоден поет. Но, неговата пиеса во стихови „За родниот кат“ имала само една изведба, а потоа била тргната од репертоарот, а текстот е уништен (изгубен е). Димитар Митрев објавува крајно негативна критика за пиесата. И за сите негови следни дела исто. Како надежен поет на почетокот воздигнуван и сакан од публиката, наеднаш тој е шиканиран, критикуван и на крајот игнориран. Кон крајот на 1950 година е затворен и принуден да даде изјава во весникот Нова Македонија, односно, таканаречено покајничко писмо во кое вели: „Се исправам како тежок грешник (...) Голем дел, а можеби основниот, главниот дел за сето тоа лежи во мене самиот. Јас сум едно големо капризно дете, разгалено од успесите, дете кое смета дека сите се должни да му угодуваат. Амбициозен до болест, нетактичен до самозаборавност, честољубив до претераност“. Верувам дека за човек да напише ВО ВЕСНИК вакво нешто за себе – мора да биде силно притиснат. А отприлика знаеме како притискала комунистичката југословенска власт. По оваа изјава веднаш добива можност да издаде збирка „Стихови“ и да му се изведува драмата „Гоце“ во Македонскиот народен театар – ќе му дојде ова мило за драго. Најголема несреќа го снаоѓа кога за памфлетот „Сувремени парадокси“ отпечатен под псевдонимот Леопарди е обвинет и осуден без докажана вина на 5 години тешка робија на Голи Оток. Уште при судењето побарал да биде суден како Бугарин. Набрзо по враќањето од робија емигрира во Бугарија – а таму го дочекуваат со раширени раце. Уф, колку им се погодени такви луѓе за терање на својата приказна. Ете, демек, изворен Македонец тврди дека е Бугарин, дека не постои македонски јазик, нација, историја – па ја напишува ужасната критика на Тротомната историја на македонскиот народ – „Крвта вода не станува“ – исмевајќи го македонизмот до крајни граници. Син му Миле, живее и работи во Скопје, но и тој, само со едно куферче со семејството заминува во Софија, на краток престој, за лекување на детето и никогаш повеќе не се враќа во Македонија. Тој јавно кажувал дека е Македонец – и на своја 35 годишна возраст загинува во сообраќајна несреќа. Некои се убедени дека бил убиен. А Венко, до крајот на животот се декларира како Бугарин.
Што знам, причини да и биде лут на Македонија и тогашниот режим секако имал, но никогаш не можам да најдам оправдување за такво страшно однародување, негирање. Без разлика, сигурно го прислушкувале, го прогонувале, го притискале... ама тоа за мене не е доволна причина да кажам од денес јас не сум Македонка – сум... Немакедонка.
Најуспешна во рехабилитацијата на Венко Марковски е Виолета Ачкоска која го претставува како трагична личност и од чиј текст дури ми одеше да се расплачам (може овде да го симнете во пдф).
И се ова е ок, туку, прашањето ми беше, што јас да им кажам на учениците... кој е по ѓаволите Венко Марковски – и што тие треба да научат од него? Како за да си го спасиш животот се предава татковината? Или дека пишувал песнички? И тоа, искрено, не некои многу „јаки“, барем тие што ги прочитав од збирката „Огинот“ не ме воодушевија. Единствено – дека ги пишувал на македонски...
Не знам...

26.2.11

Хелоуууу!?!

Деновиве ми се случува мои блиски постојано да ми покажуваат текстови што им се отпечатени во списанија - неделни, месечни; текстови за семинарски, магистарски; текстови во зборници итн. Сите тие баш си се горди со својот успех, некои заради популарноста, некои заради новата точка во CV-то, некои заради парите што ќе ги спечалат. Деновиве, од последниот пост (12.2)  до сега (25.2.), верувам дека напишав над 50 страници А4 формат, или повеќе од 20 000 збора - некои анализи на дела (за другиот блог), некои текстови за современата македонска уметност што ме опседна во последно време - за ликовните колонии во Македонија, некои проекти за на работа итн. Во суштина и сама не знам што и колку. Ииии, си го отварам блогов - празен ми зјае; на работа само мојот извештај за работата го нема (бидејќи немам време да си го напишам); текстовите што ги пишувам - во ветер ми одат; и си викам - хелоууууу?!? Билјано моме, што правиш?
Другите ме освестуваат што е општествено подобно, како треба човек да работи во своја корист - ама џабе ми е. Билјаната не се освестува. И не може и не знае да се продаде. Кај мене се си е бесплатно. Па така - повелете бесплатен дел од мојата душа, на другиот блог бесплатен дел од мојата стручност... (ми заличи ова на „Старо купујем“).
Оф, жалам што не можам поинаку да постапувам за да се вклопам во средината - ама па, ич не жалам за мене - мене ми е супер!!! Си живеам во мојот свет на соништата и надежта дека ќе ја истрчам трката што побргу за да можам да се повлечам во светот на моите желби.
Ииии? Ми фали ли хелоууу (или освестувањето)?
Па што знам, не се осеќам како да сум во несвест...

12.2.11

И среќа и тага



Среќа е или тага...
Не знам
Што деновите трка прават
што брзо до целта стремат
4... 14... 24... 34... 44... ?!?
Tага е ил среќа
што огледалото не го познавам веќе
што душава млада е, 
срцето полно љубов
животот ум детски, 
радоста очи светат!
Среќа е ил тага
што свеќите шума се врз мојата торта
а јас само парчето слатко го чекам?

9.2.11

Јубилејче на моето блокче Македонски јазик и литература

Денес си го прославувам стоилјадитиот (100 000) посетител на мојот стручен блог (Македонски јазик и литература) за период од неполни 3 месеци (од 14.11.2010, а од кои речиси еден месец беше распуст).
Да направам таков блог ме поттикна немањето учебници за стручно образование, но подоцна ми се виде згодно и за часовите - бидејќи лекцијата секогаш може да биде пред учениците (и барем компјутерите ќе си ја имаат својата смисла).
Значи, прво блогот ми беше за интерна употреба со моите ученици, но се повеќе забележувам дека го користат многумина, од цела Македонија, па и надвор од Македонија. Бројката на посетеност се зголемува - што ме радува, зашто така барем има некаква корист од мене.
Всушност, отпрво ми беа направени посебни блогови за секоја учебна година, но пред три месеци решив да ги ставам сите на едно место. Дел од текстовите веќе ги имав (заради книгата „За матуранти“), но голем дел ги пишувам како што доаѓаат по програмата. Така што, тој целосно ќе биде заокружен дури на крајот од следната учебна година.
Аххх, знам дека и тогаш нема ништо да биде готово, зашто СИГУРНО повторно ќе има промени во програмата по македонски јазик, па ќе треба да си додавам и одземам некои работи. До тогаш верувам дека ќе има и учебници за децата од стручните училишта, па неопходноста на мојот блог ќе се намали. Но, не е важно, јас и онака тоа го правам за нашите деца... од сопствена желба, а убавината е во тоа што тие го користат. 
(Патем, нашите ученици заборавиле како се користат учебници, бидејќи бесплатните од Владата ги враќаат неотворени - па така барем подолго ќе потраат).

п.с. посветувајќи му малку повеќе време на тој блог, во последно време си го запоставив овој :)
п.п.с. поента? - ако сакаш да те читаат - пишувај им тоа што го бараат!
еј, ми текна уште едно п.п.п.с. - еден читател ми рече да си ставам google adds - за да имам барем некава материјална корист од посетеноста на блогот - е не може бе братче, јазиков и земјава не ни ги есапат - може, ако е на англиски (јака финта - македонски јазик - на англиски, ај да го видам јас тој мајстор што ќе успее македонски јазик на англиски да го напише?!?) - абе ај!

7.2.11

Македонија - Силјан Штркот

Сега во училште ја обработуваме „Силјан Штркот“ и читајќи ја приказната повторно, во глава ми се превртеа многу работи.
Отсекогаш сум ја обожавала приказната – навистина е ремек-дело, но никогаш особено не сум навлегла во неа, а сега – наеднаш почна да ми блеснува!
Силјан Штркот – тоа е Македонија!
Прво, за симболиката на штркот. Тоа е онаа убава бела птица која прави огромни гнезда на нашите бандери, оџаци и на други високи места, птица која ја има низ цела Македонија. Таа, во западните култури симболизира пород, таа во цртаните филмови со клунот ги носи бебињата до прагот или ги спушта низ оџакот. Од каде оваа симболика на запад? Сигурно е преземена од кај нас! Зашто во нашиот фолклор штркот го симболизира семејството, домот, верноста, но и постојаното обновување – зашто секоја пролет тој повторно доаѓа, неуморно патува за да дојде пак во своето старо гнездо.
Второ, за зборот – нашиот збор „штрк“ јас го поврзувам со неговото ономатопејско значење – штрака, зашто штрковите штракаат со клуновите и така комуницираат, тие се птици кои не пеат (има само некои видови што испуштаат звуци). Понатаму, од тој збор имаме изведени – штркла, штрклест (чие значење се поврзува со физиономијата на штркот). Во англискиот, зборот „stork“ се претпоставува дека е од германско потекло (Störche), зашто нормално, не може да биде од кај нас. Таму зборот нема етимологија, нема значење. А англискиот збор, односно германскиот е мноооооогу сличен на нашиот. (Во српскиот, пак, интересно е што таа птица се вика „рода“ – па така  називот е директно поврзан со раѓањето.)
Всушност, симболиката на штркот е многу повеќе препород, отколку раѓање.
И трето, за приказната.
Што сè има во приказната „Силјан Штркот“? Не, преамбициозно е од мене да се обидам да откријам сè, ама еве барем неколку работи.
Силјан е одметнатиот, непрокопсаниот, непослушниот син – тој е младата генерација која ја отфрла традицијата, не ги почитува корените, тој е младичот кој сака да избега од својата земја, некаде во странство – далеку од тука. (Познато? – сè повеќе млади мислат дека ќе си ја најдат среќата во туѓина, и, ама воопшто не си ја ценат својата татковина).
Лековерно, без грижа на совест – Силјан тоа го прави, си заминува од дома. Но, не е случајно што тој заминува со свештеник (духовникот) и се упатува кон Света Гора (Божји гроб). Очигледно е дека нему му треба некакво духовно прочистување и препородување. На патот се соочува со смртта. Коработ потонува, сите умираат. Но, за Силјан има уште една шанса, само тој останува жив. Како од матка – тој излегува на суво, соочен со нов свет!!! И во тој нов свет среќава два извора (двете мајчини дојки), кои ќе му ја пружат новата шанса – изворите со човечка и штркова вода (или истото: за да се „очовечи“ мора да го пројде препородот на штркот).
Чудната земја на штрковите, всушност е душата на Силјан, неговото преиспитување, неговото преобразување. Свесен е колку бил лош кон татка си, колку бил со слаб морал – и подготвен е да се жртвува за да ги искупи гревовите. Се престорува во штрк, станува птица (погледнува од повисоко) само за да се врати дома. Но, сфаќањето дека грешел не е доволно – тој мора уште еднаш сè да доживее. Штркот-самотник, Силјан, мора од блиску, а всушност од многу далеку да си погледне во своите корени, во својата традиција. Тие се најтрагичните носталгични моменти во приказната – тој ужасно страда по домот, по семејството, по татковината – како што од далеку ни страдаат печалбарите – и дури во тие моменти сфаќаат што напуштиле, сфаќаат кои се – и каде е нивното место. 
На крајот, целосно оформен, „очовечен“, зрел, осознаен - тој се враќа дома!
Речиси непотребна ми се виде случката кога втората година при враќањето штрковите се борат со орлите. Но, со неа Цепенков многу јасно ја претставува борбата на христијанството со исламот, популарна тогаш (за време на турското владеење), но уште попопуларна сега! Штркот го симболизира христијанството, а орелот исламот.  
И така, приказнава од памтивек, е приказна на денешнината. И баш си се прашувам, ќе се препородиме ли конечно, ќе сфатиме ли кои сме, ќе се помириме ли со тоа, ќе заврши ли борбата со орлите???
И, уште нешто, како до сега никогаш не сум го поврзала Силјан штркот со белегот на Прилеп кој го викаат Слонче, а кој пред некој месец многу повеќе ми заличи на штрк? Па така си е – таа камена фигура е штрк, всушност, човек-штрк, тоа е местото на препородот.

6.2.11

Ах, бре Македонче

Не е добро, ич не е добро - накај лошо мава.
Ах, бре Македонче...
Воопшто не гледам телевизија бидејќи не сакам да се „замарам“ со дневно-политички „гомненици“, не сакам суратчињата да им ги гледам на мачкаторчињата, ораторчињата, фразерчињата, актерчињата и сите останати „чиња“.
Ах, бре Македонче...
Не сакам, ама не може. Не ми даваат да си живеам во изолиран свет. Влегуваат во него. Боцкаат, чепкаат и со ножеви брцкаат. Не бива од нас ни банана-држава.
Ах, бре Македонче...
Глупо, глупо, глупо Македонче... Толку ли леб се нема да мора ама баш секогаш само на својот мев да се мисли? Толку ли не е важно ништо од носот понатаму?
Демек,  сега работава е: акција е власта; реакција опозицијата; алаткатата третата страна! И? Кој ќе ја извлече користа? Се знае бре Македонче - секогаш кога двајца се тепаат - третиот користи!!!
Баш ми се гади!

30.1.11

Исцеление

Многу често посакувам да го напуштам градскиот живот и да отидам да живеам во некоја пустелија (само да има интернет таму). Некогаш таа желба толку многу се зголемува што дури почнувам да барам куќичка да си купам. Родителите и блиските ми се потсмеваат, ме одвраќаат и во таквите ситуации најчесто се свртувам кон пишување и читање, кон блогов и сл. Барем со мислите да избегам...
Еве, вчера Нено ме освести дека цел месец сум заглавила во секојдневието, во работата, во тоа што во суштина најмногу го мразам. На работа работи, дојди дома пак работи, седни навечер, пак работи. Не сум ни свесна како ми помина месецов. Никаде не оставив траг - значи, овој месец не сум ни живеела.
Ама, за среќа, ме разведри тој, потсетувајќи ме дека е месец на водолијата и поттикнувајќи ме да ја продолжам песничката што ја започнал:

Водолија сум родена да бидам
подалеку од другите да видам
да мислам поинаку од сите
в копнежи да ми минат дните
хуманизмот ми бил демек јака страна
а фантазерството наводно најголема маана
Водолија, водоносец тоа ми е знакот
Духот ми е светлина што го пробива мракот...

иииии - конечно да се исцелам!!!

Хахаха, фала бе Нено за шлаканицата :))))



10.1.11

Лузна




1.
Се најдов во трње непроодно, густо,
темнина страшна, секаде пусто,
дрвја со долги, јазливи гранки,
коваат во мене душевни пранги.

2.
Нозе сами одат, по патот стрмен тежок.
Раце крв се веднаш, од густеж греблив жежок.
Далеку ѕирка нешто, искра надеж дава,
светилнка тенка ли е, не знам дал е права?

3.
Се пробивам и се препкам, в нозе ми се плетка
дел од корен широк дебел, морница ми шетка.
Живи ли се дрвја стари, за пети ме држат!
Искон длабок, прастар немир, совеста ја пржат!

Од пазува тајно, скришно, ножот си го влечам,
дел по дел од коренот, пополека го сечам.
Запнав машки, дебел јазол, отпор силен пружа,
жила јака, крв ми влече, попусто ја стружам.

Изморен од секот, вртоглавица ме фаќа,
глас ли слушам, дрво старо, порака ми праќа:
„Мили синко, кај си тргнал, од свој не се крие?
Зад дрвоно, ѕирни фино, волкот гладен вие!“

Матен поглед сенка следи, ѕверот каде врви,
долу пак, во рана влегле, ползат грозни црви.
Не ме боли нивно гнездо, крвта знам ги мами
сончев зрак штом ги допре, ќе си паднат сами.

4.

Длабоката, ножна рана, неспретен ме прави.
Глутницата, демне тивко, в залак да ме стави.
Од челусти капат капки врз лисјата гнили,
опкружен сум, спас си барам од шумските вили.

Неподвижен, легнав мирно на тепихот влажен,
се предавам, душа земам, во сон чудно блажен.
Волци нема, виеж страшен се претвори во лето,
девојки со долги коси покриле ми тело сето.

Бакнежот и здив им топол образ страсно греат,
нежен, свилен допир нивни, умот ми го веат.
Свест се мати, в облаци сум и во рајот сега?
врвот стига, лази в жили, слатко здив ми стега.

В мигот само пред да летнам, сфатив рани печат,
кренав глава, поглед матен, волците ме влечат.
Крвта јурна, месо гнило сила страшна црпи
Бегот радост милна носи, болката се трпи.

5.

Ни сам не знам како лесно во крошна се најдов,
гранки густи, гнездо прават, засолнат си зајдов.
Плодој зрели гледам близу, радост силна плисна,
сочна живост в уста ставам, нова крв ми блисна.

Спокој мирен пак ме фати, избегав од врагот.
Се се смири, тивок дремеж, сонот е на прагот.
Несмев детски ми се јави, пријател ме чува.
Зошто толку кратко трае, почнува да дува?

Фаќам гранка, цврсто држам, се чувам од падот
Бура бесна милост нема, жртва сум во адот.
Се се крши, крцка силно, паѓам долу в трескот
Немам сила, крај си чекам, гледам заден блескот.

Смртта мила ќе ме смири, лесен ќе даде спас,
чекам спружен да ме земе, се простувам од вас?
Нешто напред пак ме движи, кон крајот ли тажен?
Жила клука, не се дава, ползам в мракот влажен.

6.

Ко в постела дома лежам, мирно, меко, бело се е
Мајчин поглед рани лечи, веќе толку болно не е.
Собрала ми безброј коски, втор ми живот таа дава
Стои тивко облог става, нов и нов на мојта глава.

Само чинам ил лик се смени, над мене ми стои жена
Сал штом трепнав, таа рипна, и пред очи стана пена.
Тогаш сетив допир страсен, безброј прсти мрсат коса
бакнеж врел ми кине завој, ох убавице красна боса.

В животот ми краток беден, ваква убост не сум сетил!
Остани со мене љубов! Милион ѕвезди би ти ветил!
Далеку од сите живи, в домот најмил ќе те скријам,
на ливада со мирис цвеќе, покрај мене ќе те свијам.

7.

Смрзнат здив на лице паѓа, од блаженство ме буди
Не, не, не, сон бил проклет, само тој ми надеж нуди.
Ниту мајка, ниту жена, ни љубовница страсна сетив
Јас сум тој што нема среќа, тој со страшни судби клети.

Блескот нежен што ме влечел, не бил рајот земен
Сонце в залез било јадно, пред крајот си темен.
Тргам јас кон него пресрет, кон последниот му зрак
Немам, немам, немам здив, пред твојот лежам праг.

7.1.11

Заминување

Многу се потресувам кога некој си заминува од Македонија. Пред некое време еден мој ученик беше пресреќен кога доби виза за Австралија, а мене солзи на очи ми дојдоа. Не дека се гледавме често, исто ќе биде и сега - по некое коментарче на фејсбук, по некоја порака или чат. Во моментот кога сфатив дека заминува, наместо да одглумам радост и среќа, да му посакам да си го оствари сонот (што дополнително и со каење го направив) јас му ја напишав песнава:

Добив виза! (вака беше неговата објава на фб, па и насловот на мојата песничка)

Добив виза за бегство
Добив виза за спас!

...Добив виза
За раздавање парчиња
Од телото мое
Добив виза
За купување лижавчиња
На децата свои
Добив виза
Да ги наполнам очите
Во празната душа
.....................................................
Од матката темна излегувам со надеж
Светлина земна ме дочекува со јадеж
Врвцата папочна ја раскинувам со бес
Иднината восочна ќе ја прифатам со лес.

Летам јас, летам, ко пердув сум лесен
Ќе одам, ќе шетам, светов ми е тесен
Продавајќи душа нов ќе си купам дом
За живот мој слушај, пишувам втор том.

Се бега ли мило, некаде од себе
Кога тоа било, те прашувам тебе?
Среќата туѓа лажна надеж нуди
(Не друга)
твојата совест еден ден ќе ти суди!

П.С. И знам дека бев лоша што му ја испратив песничкава и што не му дадов да се порадува.
П.П.С. А ја ставам овде за да не се загуби во несериозноста на фејсбукот.

4.1.11

Продолжува...

Нова година;
демек, нов почеток, нови искуства, сознанија, доживувања.
Баш не сакав да ми заврши старата - и сакам оваа да биде продолжение на претходната (а се разбира дека е). Никаква разлика нема. За жал, само една + и сознанието дека страотно брзо поминува времето.
Како сега да беше кога пишував за Нова година, Бадник... и еве го пак дојде.
Како за потсетување еве го тој пост:  Коледе леле де...

10.11.10

Гуцовци на ролеркостер во Изгубената Земја

Си имаме традиција да одиме некаде за патронат со колективот. Кај едни соседи, кај други, малку подалеку, поблиску, низ Македонијава ни - било каде, ама важно да се подружиме малку - да не биде се само работа, часови и состаноци. 
Одамна веќе не сме биле кај нашиот јужен сосед на екскурзија, па оваа година, заради Тесалоника, Пела, Кутлеш, Воден се решив да се придружам. Не сум била ни во Пела, ни во Кутлеш (на тумбата), па баш сакав да ги видам, а и да видам каква е атмосферата таму - дали останал уште по некој Македонец.
Уште од старт возачот на ролеркостерот доцнеше. До сега не сум доживеала 50 души да го чекаат возачот да се смилува да дојде на местото на поѓање. Ама ај, ќе си речете, секому му се случува. Баксуз.
За жал седев точно над неговата глава и премногу добро гледав како вози и што прави. Уште не бевме излезени од Скопје, а мене ми се лошеше од возењето. Тој се однесуваше како да вози некое мало количе - како на филмот „Национална класа“ (ако се сеќавате, а ако не - тогаш тоа значи цик-цак, меѓу другите коли, со широк замав на воланот). Се уште не ми е јасно како успеав да се воздржам да не го удрам по глава (бидејќи ми беше добро наместен), ама веројатно мислев дека тоа ќе биде опасно за сите, бетер ќе не занесеше некаде. Нејсе... си тргнавме ние, добро расположени, со испиено кафе поради чекањето и во автобусот веднаш ги отворивме торбите со јадење, и устите за зборење и смеење. 
Застанувавме на паузички, ја поминавме границата со „специјални листови“ кои никако не смеете да ги изгубите зашто ќе добиете забрана за влез во .... (пфффф, како да ја наречам сега???) Земјата На Оние Што Грчат Кога Зборуваат и стигнавме во Тесалоника.
Времето прекрасно - 25 степени (зовревме со џемперите), и таму не дочека локален водич, поточно водичка. Демек на англиски ни збореше (а после ја слушнав супер српски знаеше) - и све тоа па тоа: you know, you know... Thesssssaloniki was the daughter of Philipossssss, you know, the great father of famousssss Alehandrosssss, you know... па така, затоа градот го добил името... и сега you know ќе ве однесам кај најголемата статуа на Alehandrosssss на Балканот, you know... И почна да дрнда за Александар, ова-она, сите ја гледаме под око, не знам како и се збореше... you know, ова се копјата што ги носел Александар во борба, you know ... врска немаше, па така кругот околу неа брзо се испразни, немаше кој да ја слуша. 

Се изнасликавме кај најголемата статуа, отидовме до најпознатата кула - симболот на Солун (од 14 век?), туривме и таму по некое кадро, 
па во автобус - на панорамско разгледување - хахахахаха. Па како го смислиле тоа? Кај може Солун така да се разгледува - неверојатниот, одвратен сообраќаен метеж не ви го дозволува тоа. Цел саат изгубивме 2 улици да поминеме. Се качивме до цркавата, 
пројдовме покрај стариот град - со амфитеатарот 
и немаше веќе време, па ај на по едно гиро со пиво, кафето, морето и пак во автобус до Плажа (Паралија). 
Хотелчето ок, настана малку хаос со вечерата, кој разбрал вака, кој така... и не успеавме да се собереме на едно место сите, не ги видов луѓето кај се испогубија, ама најверојатно си легнаа да си спијат.
Утредента - Метеори. Па и за таму, нормално, си касниме, па кому му се оди, кому не, ама се собравме и сепак тргнавме. Некои си останаа во Катерини на шопинг, ама поголемиот дел сепак стигнавме на договореното место. Патем, се зафатив со друга работа, па среќа не гледав како вози ролеркосчијата, туку само слушав дека се нервира за патарините, се до почетокот на искачувањето на карпиштата. Ма страшно.... патот широк, добар, ама овој се лепи до провалија, просто како да го влече нешто таму и се залетува како млад мајмун... вистина не ми беше јасен човекот. Вистина е глупо да му се мешаш на возач, ама неколку пати го замолив да вози пополека и повнимателно. Јок бре!!! Како за инает врти посилно, повеќе се залетува, ризикува, влегува во ножици, врти пред камион... и ништо, само стискав заби, и чекав каде и кога ќе одлетаме. Ги качивме тоа камењата, срцево во петици, ама добро - вредеше. Навистина интересно, необично, прекрасна глетка, вонземна... 




Убаво за фотографирање, ама и за тоа не ми се зборува. Јас сакам да си сликам, да уживам и да влегувам во филм, ама кога сум со други 50 души тоа не си го дозволувам. Сликам тоа што можам, колку можам и кога можам. Ама не се сите такви.
Прошетавме на големиот метеор, се изнасликавме и бидејќи имаше уште време решивме да одиме и во женскиот манастир, малку подолу. Сликарот го оставивме да не стигне, и се спуштивме. Ама возачов ја утна, па се спуштивме речиси до долу. И на сред пат го заврте автобусот па ајде назад. Јас му викам, молим те остави ме тука, ќе ве чекам, не можам пак да го издржувам качувањето и пак симнувањето, ама тој - не. Не отвара врата, се прави недоветен. И ме качи пак до горе. Ми се плачеше. Ај го најде патот, едни дојдоа - други отидоа, па ај ние по нив - и стигнавме - никаде! И од тоа никаде требаше да се вратиме назад. И овој пак... рикверц!!! Почна да го врти автобусот на тесен простор покрај амбис. Пола метро напред - пола назад (и ова не е кола, туку огромен автобус). И одеднаш слушам од позади некакво викање, паника... 4-5 мажи со панични лица викаа и молеа возачот да ја отвори вратата да излезат. Јас од напред истото му го кажувам, му кажувам дека се исплашени, а тој се смее, мисли тие го заебаваат и не отвара. Луѓето од страна што го гледаа автобусот се држеа за глава. Целото вртење помина во паника и викање, ама тој не застана и не ја отвори вратата. Нозете ми клецкаа, ама најстрашно ми беше и никогаш нема да ги заборавам лицата исцртани со паничен страв - како смртта да си ја видоа кутрите. 
Кога застанавме за купување икони, речиси никој не влезе во продавницата. Мене се уште се ми се тресеше од страв и нервоза, ама не сум била единствената. Настана расправија и за малку тепачка со возачот која не знам зошто се трудев да ја спречам - требаше некој да го исчука. Имаше среќа, сепак беа поголеми од него.
Вечерта убаво си поминавме на свечената вечера. Таа келнерката едно време сакав да ја задавам, ама после најдов начин да и се осветам, па почнав да се забавувам, да играм, јадам и пијам и конечно со колегите да си поминуваме убаво. Од таму тргнавме во некој бар, ама бидејќи не работеше, поседевме на плажата уште некое време.

Утредента никому не му се брза, си купуваат по продавнички, се влечакаат. Знаев јас уште претходно дека нема да одиме таму каде што сме планирале. А всушност овој ден беше мојот ден. Нели, Кутлеш, Пела, Воден...
Стигнавме во Кутлеш - затворен музејот, поради реставрација не работи (не прима туристи). Ах, беља. Преку ограда ја видов тумбата и толку. 

Тргнавме - и, оп - абе ова, абе она, избори се, може нема да работи, па и нема баш време за Пела. Спласнав. Џабе дојдов. За шопинг не бев - не им оставам нив пари па шо сака нека биде, не ни влегував во продавници, дојдов за ова - а ова се изјалови. Со кого сум нашла јас крастаици да садам. Па ете ми ги -  се криви и горки ми испаднаа. Ама нема врска. Не жалев многу, барем се изнасмеав со колегите за глупости; жалев само што тоа мораше да биде кај нашиот јужен сосед. 



А Воден - Воден убав, водопадот мокар, а од Македонците речиси ни траг. Лоша работа. Таму се најде будала да ни ја одлепи МКД налепницата од автобусот.  
Заклучок: таму и онака останале само бедите, само оние кои можеле душата да си ја продадат, да живеат во страв и да станат поголеми Грци од Грците. Тоа таму е Изгубена Земја. Камењата, планините, реките, морето - не ја прави земјата земја, луѓето ја прават.
И јас заради тие камења се излажав да отидам, ама ова беше последно стапнување таму. Демонстративно го кинам „специјалниот лист“ или срамниот пасош, ако сакате, и вие си знаете за вас, ама мене душата не престана да ме боли...

4.11.10

Минатата година ова време, оваа година исто време

Значи, никако не можеш да им погодиш на луѓево...
Лани, некаде ова време, ми пукна филмот од преголемата исфрустрираност и навреденост што ја почувствуваа некои колеги зашто јас бев „малку“ безобразна па си напишав песничка за нашата (нивната) безобѕирност, некултура, закачнав и некои лични моменти - па од тогаш престанав да го пишувам блогот кој носеше наслов ГУЦ. Работата дојде и до Наставнички совет, јавно ме искритикуваа и побараа да не се заебавам со професорите на „официјалниот“ блог на училиштето. Иако во блогот ништо не беше официјално, сите постови баш беа - другата страна на случувањата, ја прифатив критиката, особено зашто називот на блогот беше таков (демек официјален). Сепак, воопшто не ми беше сеедно, веројатно како ни ним. Па така, се решив за една варијанта - да си направам друг блог, кој ќе биде само мој и каде јасно ќе биде истакнато дека сите глупости изнапишани тука - се само МОЕ лично видување на работите. Лажно си се надевав дека ќе имам слобода на говор, дека живееме во демократија па секој може да си го каже своето мислење. Иако понекогаш знам остро да критикувам, сепак не се тоа некои толку страшни работи за да ми извршат притисок да ги избришам постовите - а тоа и понатаму се случува. Во тие моменти многу жалам што не ми е анонимен блогов, па да можам да си ја истресам душата.
Па ете, сега го направив токму тоа. Може за ден-два ќе ме тераат и ова да бришам... не знам.
А, што беше тоа што го зачнав на почетокот... никако да им погодиш на луѓето... 
Значи како што има такви кои не можат да ги поднесат моите чкрабаници има и такви кои сакаат да видат што има ново, што се случува во училиште, што се случува во моите мисли.
Па така, една од новопензионираните колешки ме праша дали ќе напишам нешто за овогодинешниот патронат или било што - зашто мојов блог и е сега речиси единствен допир со нас, со случувањата, со минатото и сегашноста. И кому да му угодам? Па еве ми го одговорот - никому! Зашто и да сакаш, не можеш да им угодиш на луѓето, а и чуму???