![]() |
| сериозната првоаприлска комисија |
13.4.11
Априлијадата во ГУЦ
8.3.10
За вистинскиот 8 Март
Осми март е денот кога жените конечно ги побарале своите права да бидат еднакви со мажите во општеството!
Историчарите велат дека во дамнешно минато постоел матријархат и дека тогаш целото семејство и општество (какво и да било) „се вртело“ околу жената. Но, бидејќи „колективната меморија“ досега отприлика како она што го кажува Гете (во мотото на мојов блог) - 3000 години, јас во мојата потсвест го имам чувството на обесправен пол. 100 години не се доволни за да се исправи неправда стара 10000 и повеќе години.
Жените во текот на човечката цивилизација биле третирани како домашни животни за расплод, без можност да се школуваат (бидејќи нивниот мозок божем не бил способен за тоа), без можност за вклучување во креирањето на „државата“, односно во политиката, без можност да кажат што мислат и да бидат креативни. Немале право на глас како што тоа го имале „моќните“ мажи.
Лично, не живеам во обесправени услови. Ги имам сите права, можност за креирање политика, можност за влијание, праведна распределба на обврските околу децата и домот - но, сепак, чувствувам револт (очигледно, нели?). Од каде произлегува? Прво, од историското сознание, и второ, од се уште омаловажувачкиот однос на мажите кон жените (барем во Македонија). Се разбира дека не зборувам за малиот процент „еманципирани мажи“ кои НАВИСТИНА полово не дискриминираат. Кај простиот македонски (и албански) селанец се уште жената е на ниво на расплодно животно. А, и кај тие, напредните, сигурна сум дека додека возат автомобил ќе чуете коментар во стилот: „жена!“ (со голем презир - дека не ја бива за возење), „жена!“ (со презир, ако е на раководна функција и утнала нешто), „жена!“ (со презир, за било каква работа што ќе ја направи жената и ќе погреши). Понатаму изразите „женски памет“, „женска глупост“ и сл. се вообичаени во нашиот секојдневен живот.
Често ми замеруваат дека сум била феминистка - а и таму чувствувам дискриминаторска нишка. Да, феминист сум во вистинската смисла на зборот, но не во онаа во која тие ја кажуваат! Јас сум феминист - борец за еднакви права (ништо повеќе од тоа), а не феминист - повторно со презир, дека претерувам и дека „барам преку леб погача“.
Овој 8 Март е јубилеен - 100 години од прогласувањето на празникот - Ден на жената, кога таа се изборува да го добие правото на глас (да смее да излезе на избори!) и да има еднаква плата со мажот на исто работно место! Ваквите барања ги изразиле во улични протести жените во Њу Јорк, на 8 март 1908 година, но на 8 март 1910 година во Копенхаген по иницијатива на Германката Клара Цеткин тие права официјално се побарани.
Тоа е 8 Март - празник на вистинскиот феминизам, а не на лигавење и извртување на фактите повторно во полза на мажите - празник на мајката?, празник на љубовта? (немојте ве молам!).
На крај, им го честитам празникот на сите жени, со надеж дека во следните 100 години ќе успееме да се избориме за вистинска рамноправност.
14.2.10
14 февруари - Ксантика - Прочка
Ајде, пак да антиквизирам...
Во Античка Македонија најголем празник бил Ксантика. Празникот на пролетта. Македонците речиси цел месец го празнувале доаѓањето на пролетта, повторното раѓање на сонцето. Симболот на овој празник бил истиот оној од моето детство: црвено-белото украсче. (повеќе за Ксантика)
Меѓу другото, на тој празник поврзан со повторното раѓање на природата луѓето си ги простувале гревовите. Ве потсетува ова на нешто?
Ма разбира се - денес е Прочка - денот кога си ги простуваме гревовите. И овој празник, како и сите други добил христијанско обележје. Сега Прочка е една од манифестациите на искрената и пожртвувана љубов кон ближните, кој треба да го следи примерот на Исус Христос за безусловно и безгранично простување меѓу луѓето.
Обичајот е таков, што прошка бара помладиот од постариот со зборовите „прости ми“, а постариот одговара „простено да ти е од мене и од Бога“.
Неделата пред Прочка се нарекува бела или сирна недела, кога не се јаде месо, туку се јадат млечни продукти или сукани пити. Прочка во семејството се одбележува со богат ручек кој завршува со амкање јајца.
Варено јајце се врзува на конец над трпезата и се завртува над главите на децата. Детето што ќе успее да го гризне јајцето се прогласува за најсреќно во следната година и добива награда.
Денот по Прочка е чист понеделник кога почнува големиот велигденски пост. Прочка го означува крајот на зимските и почетокот на пролетните празници, исто како и Ксантика.
Еден од главните елементи на Прочка е маскирањето кое е пагански обичај останат од древнина. Според обичајот, за Велики поклади порано се маскирале само мажите, а маските требало да бидат што пострашни и посмешни. Во Македонија има два настана со маски: Струмичкиот карневал - Тримери и Прилепскиот - Мечкари, кои од година во година стануваат се поголеми.
14 февруари - Валентин
На Валентин се е дозволено што се однесува до љубовта, па многумина собираат храброст и си ја изразуваат својата љубов. Особено зашто кај нас често се спојуваат двата празника, па убаво налеани со вино полесно оди и изразувањето на љубовта.
Инаку, легендата вели дека Свети Валентин живеел во Рим за време на императорот Клаудиј Втори, кој започнал и водел многу војни, но имал тешкотија при соберањето војници. Вината за тоа ја нашол во брачниот и љубовниот живот на потенцијалните борци и затоа забранил склучување веридби и бракови.
Валентин, кој бил свештеник, и покрај строгата забрана ги венчавал вљубените. Поради тоа бил уапсен, мачен и убиен токму на 14 февруари 269 година од нашата ера. Два века подоцна е прогласен за светец.
14 февруари - Дионис - св. Трифун
Денес е убав ден. Многу празници во еден, па не знам од каде да почнам.
Ај нека биде од Трифунчо.
Македонија отсекогаш била земја на виното. Еве, баш ќе бидам антиквизатор, и ќе се вратам во античките времиња.
На оваа наша територија во древнината е создаден богот Дионис. Тој подоцна е преземен и од другите антички народи, но изворно е од Македонија.
Постојат различни варијанти за тоа што претставувал во почетокот, но сигурните сознанија се дека Дионис бил бог на виното и прославите. Дионис бил роден од смртна мајка, Самела која изгорела од сјајот и огнот на Зевс во палатата на Кадмо во Теба. Зевс го спасил неродениот син сошивајќи го во бутот, па тој се родил по вторпат (како прво воскреснување). Затоа и бил посветен на природата, виното и полските плодови кои секоја година се обновуваат (воскреснуваат како него). Богот Силен бил негов воспитувач и учител. Се оженил со Аријадна, а во зимските месеци патувал кај Тијадите, шеснаесетте жени кои го обожувале и со кои заедно пиеле вино и паѓале во транс. Потоа Дионис ги собирал жените од Македонија и Тракија, ги водел на островот Самотраки каде започнувале заносните мистерии на Бахатките, кои облечени во животински кожи го бркале еленот низ шумите како жртва и поистоветување со богот, го раскинувале и го јаделе живото месо.
И во античката филозофија е влезен моментот на поистоветувањето со бог во една состојба на транс (веројатно предизвикана од опијати) а поврзана со богот Дионис. (Орфистите говорат дека во состојба на транс нивната душа се одделува од телото и доживува искуства што ги надминува вообичаените. Издвоената душа станува слободна и способна да ја сознае својата „виша“ природа блиска до божјата).
Нешто подоцна Дионисиските игри прераснале во театарски, што значи дека Дионисовите потомци се зачетници и на театарот.
И до ден-денешен во Македонија не е загубен култот кон виното и виновата лоза. (Читајќи некои текстови за Дионис и Трифун, сретнав дека за победа, ТРИУМФ во древнина се употребувал терминот Дионис, односно триумф и Дионис имале исто значење. Без разлика што постоел светец со името ТРИФУН, овие два збора: ТРИУМФ и ТРИФУН премногу слично ми звучат за да немаат никаква врска.)
Како и да е, најверојатно, култот кон Дионис во Македонија со појавата на христијанството преминал кон почитување на св. Трифун - заштитник на природата, виновата лоза, виното... (а и празнувањето, се разбира, е во исто време, зашто лозата се поткаструва пред почетокот на пролетта).
Денес, лозарите го одбележуваат св. Трифун, надевајќи се дека светецот ќе им помогне грозјето да биде благо, а бочвите полни со вино. На овој празник лозјата се попрскуваат со светена вода и се поткаструваат се уште незапупените гранчиња за родот да биде добар.
Според народните верувања, ако на денот на Свети Трифун врне дожд или снег, годината ќе биде плодна, а ако е ведро сушна и јалова.
14.1.10
Трета среќа!
13.1.10
Српска слава
Србите, крсните слави ги сметаат за свој ексклузивитет нарекувајќи ги „Српска слава“. Па, дури, во „Новата српска историја“ пишува : „Славата е обичај на сите православни Срби, а донеодамна и на македонските Словени“. Или, со други зборови, сите што слават слава се Срби, а бидејќи јужносрбијанците се македонизирале, веќе не слават слави.
Ниту можам да прифатам дека славата е „српски специјалитет“, а уште помалку дека во Македонија веќе не се празнува.
Официјално, најстарите податоци за постоење крсна слава (семејно христијанско празнување) потекнуваат од 9. век, од областа Девол, јужно од Охридското Езеро.
Има разни претпоставки како настанало ова празнување, како на пример, дека тоа било денот кога семејството го примило христијанството или пак дека е наследено уште од паганскиот период како славење на други домашни божества, а посветено и на (мртвите) предци. Но, со тек на време славите добиле христијански карактер.
Да се потсетиме - во 9. век се појавува словенската писменост која имала за цел полесно ширење на христијанството меѓу сè уште нехристијанизираното словенско население. Ова особено се однесувало за териториите северно од Македонија, бидејќи Кирил и Методиј, веднаш по создавањето на писмото заминуваат од Македонија (очигледно дека тука немало потреба од поголемо задржување и христијанизирање, зашто населението веќе било христијанизирано. А, ако си помислите дека тие биле Грци, не заборавајте дека Кирил е одбран за создавач на азбуката - бидејќи сите Солуњани чисто словенски зборувале).
Сепак, мислам дека овие официјални податоци и не се баш точни.
Еве зошто...
Размислувајќи еднаш, зошто на сите Егејци домашна слава им е Митровден, дознав дека тоа е празник на градот Солун. Односно дека во 3. век во Солун живеел Светиот великомаченик Димитрија кој за време на животот бил војвода на Солун, и негов заштитник. Но и по смртта тој останал заштитник на Солун зашто ги одбивал непријателите, направил многу чуда, ги исцелувал болните, ги застапувал пред Бога сите што ќе ја побарале неговата помош. Бил наречен Димитрија Солунски и во споменот на народот останал како патрон на овој град, но и како негов бранител, заповедник, господар, застапник и посредник. Црквата Свети Димитрија во Солун од крајот на петтиот век била најпосетеното светилиште на побожните христијански аџии.
Значи Митровден (св. Димитрија) посведочено се празнува уште во 5. век во Солун како колективна слава. (Нели Србите доаѓаат на Балканот во 6.-7. век, а Цар Душан за првпат стигнува со своите освојувања во тој дел во 11. век, епа за каква српска слава зборуваме?)
Денес во Македонија и тоа како се слават сите видови слави. Крсни (домашни), имендени (во чест на светецот чие име го носи домаќинот) и колективни (селски и градски) слави - во чест на избран светец, заштитник на селото или градот.
Инаку, да не ја заборавам и Василица. Кај нас таа се празнува на целата територија на Македонија и колективно и како крсна слава и како именден. Начинот на празнување е различен. Колективното празнување со маски говори за длабоките корени во минатото (од времето пред христијанството), домашното празнување и имендените пак, се поцивилизирани и понови. Тоа е типична слика на Македонија и Македонецот, кој се труди да го фати чекорот со модерниот свет, а го чува исконското како најсвето нешто, па макар тоа било и паганско. Измешаното и испреплетено старо и ново нè прави уникатни и свои. Од тоа не треба да се срамиме, ниту да бегаме. Мешањето на старото и новото, на разните обичаи од разните народи секогаш изродува квалитет. А Македонците се квалитетен производ и не слават „српска слава“ - туку своја!
5.1.10
Коледе леле де...
Верувам дека би умреле од досада, дека не би се виделе со роднините, а затворени дома, депресивни од студот и кусиот ден, би се испокарале со најблиските чекајќи да дојде пролетта.
Затоа ги сакам овие зимски празници со нивните шаренолики обичаи.
Најинтересни ми се Бадник и Божиќ, а единствено жалам што Нова година е пред нив (некако ми е наопаку).
Уште повеќе од христијанските обичаи ги сакам паганските кои никој не можел да ги искорени па проникнале во празнувањето.
Прославувањето на овие празници кај нас започнува на 5. јануари со палењето на бадниковиот оган.
Палење оган? Има ли нешто попаганско од ова? Луѓето се собираат околу огнот кој треба да ги истера злите сили, да го сотре лошото од кое потоа ќе се роди нешто ново и убаво (феникс - од пепелот повторно да се роди).
Покрај огнот се јадат посни јадења, а се „пости“ и со греана ракија и вино.
Коледари се всушност мажи, ергени или штотуку оженети, кои вулгарно маскирани носат кол (симбол на машкост, но може да симболизира и дом за душата), бесрамно се однесуваат и пеат вулгарни песни предизвикувајќи ја на тој начин плодноста (и размножувањето). Коледарските обредни игри траат за време на нечистите денови и завршуваат со епифанија - доаѓање на божеството на Богојавление. Еве некои мнооогу безобразни коледарски песнички.
За жал, во Скопје нема вистински коледари, туку само дечиња кои собираат јаболки по куќите. Како и да е, тие го најавуваат големиот ден Бадник - ден пред Христовото раѓање.
Утрото, дома се носат дабови гранчиња (бадникови дрвца) кои се продаваат на пазар или пред црква.
Ние дома немаме огин, па не гориме дабови гранчиња, туку ги ставаме на влезната врата за украс.
(Пак, мала дигресија. Како што култот кон сонцето ужасно ми асоцира на Филип и Александар, исто толку и дабовите ливчиња ме потсетуваат на нив. Венците што ги носат на глава се златни, но во форма на дабови листови.)
Се во Бадниковата вечера ми изгледа древно. Собирањето на семејството кое треба со заеднички сили да тргне во новата надеж; оревите, костените, бадемите - плодови кои треба да предизвикаат плодност; лотаријата, наречена паричка во лепчето - за среќа, со магиска моќ; гравчето - никулец итн.
Се е толку старо и толку убаво.
Целото семејство, заедно, ќе го дочекаме раѓањето Христово.
А, на Божиќ - ќе жртвуваме и животно во чест на големиот празник.












































