Showing posts with label обичаи. Show all posts
Showing posts with label обичаи. Show all posts

18.2.10

Струмички карневал 2010

И оваа година си учествувавме на Струмичкиот карневал. Минатата година толку убаво и весело си поминавме што не ни помисливме оваа година да ја прескокнеме. Сега бевме поорганизирани, но времето малку ни го расипа севкупното задоволство.Во Струмица и низ цела Македонија плакатите и билбордите беа со нашата минатогодишна маска и тоа ни создаваше чувство како да сме домаќини.
Дента шетавме, си биравме маски, јадевме и ...
се дошивавме и шминкавме во хотелските сопчиња.

Нашите весели девојчиња го привлекуваа вниманието на посетителите.
На крајот дождот ја избрка речиси целата публика, а ние за среќа имавме каде да се исушиме барем малку.
Најмногу жалам што ја немаше градската улична журка како лани.
Сепак, супер си поминавме.

14.2.10

14 февруари - Ксантика - Прочка

Кога бев дете се сеќавам дека пролетта ја поврзував со едно мало црвено-бело кончано украсче наречено мартинка. Иако беа многу прости, едноставни во изработката, едвај чекав да се појават мартинки. Тоа значеше појавување на сонцето, доаѓање на топлото време, кратките ракави, игрите во маало. Беше тоа некаде во седудесеттите години. Потоа пораснав и мартинките исчезнаа. До пред некое време мислев дека исчезнале зашто сум пораснала, но сега сфаќам дека не е заради тоа. Мартинки кај нас веќе воопшто нема. Што се случи со нив?
Ајде, пак да антиквизирам...
Во Античка Македонија најголем празник бил Ксантика. Празникот на пролетта. Македонците речиси цел месец го празнувале доаѓањето на пролетта, повторното раѓање на сонцето. Симболот на овој празник бил истиот оној од моето детство: црвено-белото украсче. (повеќе за Ксантика)
Меѓу другото, на тој празник поврзан со повторното раѓање на природата луѓето си ги простувале гревовите. Ве потсетува ова на нешто?
Ма разбира се - денес е Прочка - денот кога си ги простуваме гревовите. И овој празник, како и сите други добил христијанско обележје. Сега Прочка е една од манифестациите на искрената и пожртвувана љубов кон ближните, кој треба да го следи примерот на Исус Христос за безусловно и безгранично простување меѓу луѓето.
Обичајот е таков, што прошка бара помладиот од постариот со зборовите „прости ми“, а постариот одговара „простено да ти е од мене и од Бога“.
Неделата пред Прочка се нарекува бела или сирна недела, кога не се јаде месо, туку се јадат млечни продукти или сукани пити. Прочка во семејството се одбележува со богат ручек кој завршува со амкање јајца.
Варено јајце се врзува на конец над трпезата и се завртува над главите на децата. Детето што ќе успее да го гризне јајцето се прогласува за најсреќно во следната година и добива награда.
Денот по Прочка е чист понеделник кога почнува големиот велигденски пост. Прочка го означува крајот на зимските и почетокот на пролетните празници, исто како и Ксантика.
Еден од главните елементи на Прочка е маскирањето кое е пагански обичај останат од древнина. Според обичајот, за Велики поклади порано се маскирале само мажите, а маските требало да бидат што пострашни и посмешни. Во Македонија има два настана со маски: Струмичкиот карневал - Тримери и Прилепскиот - Мечкари, кои од година во година стануваат се поголеми.

14 февруари - Дионис - св. Трифун

Денес е убав ден. Многу празници во еден, па не знам од каде да почнам.

Ај нека биде од Трифунчо.

Македонија отсекогаш била земја на виното. Еве, баш ќе бидам антиквизатор, и ќе се вратам во античките времиња.

На оваа наша територија во древнината е создаден богот Дионис. Тој подоцна е преземен и од другите антички народи, но изворно е од Македонија.

Постојат различни варијанти за тоа што претставувал во почетокот, но сигурните сознанија се дека Дионис бил бог на виното и прославите. Дионис бил роден од смртна мајка, Самела која изгорела од сјајот и огнот на Зевс во палатата на Кадмо во Теба. Зевс го спасил неродениот син сошивајќи го во бутот, па тој се родил по вторпат (како прво воскреснување). Затоа и бил посветен на природата, виното и полските плодови кои секоја година се обновуваат (воскреснуваат како него). Богот Силен бил негов воспитувач и учител. Се оженил со Аријадна, а во зимските месеци патувал кај Тијадите, шеснаесетте жени кои го обожувале и со кои заедно пиеле вино и паѓале во транс. Потоа Дионис ги собирал жените од Македонија и Тракија, ги водел на островот Самотраки каде започнувале заносните мистерии на Бахатките, кои облечени во животински кожи го бркале еленот низ шумите како жртва и поистоветување со богот, го раскинувале и го јаделе живото месо.

И во античката филозофија е влезен моментот на поистоветувањето со бог во една состојба на транс (веројатно предизвикана од опијати) а поврзана со богот Дионис. (Орфистите говорат дека во состојба на транс нивната душа се одделува од телото и доживува искуства што ги надминува вообичаените. Издвоената душа станува слободна и способна да ја сознае својата „виша“ природа блиска до божјата).

Нешто подоцна Дионисиските игри прераснале во театарски, што значи дека Дионисовите потомци се зачетници и на театарот.

И до ден-денешен во Македонија не е загубен култот кон виното и виновата лоза. (Читајќи некои текстови за Дионис и Трифун, сретнав дека за победа, ТРИУМФ во древнина се употребувал терминот Дионис, односно триумф и Дионис имале исто значење. Без разлика што постоел светец со името ТРИФУН, овие два збора: ТРИУМФ и ТРИФУН премногу слично ми звучат за да немаат никаква врска.)

Како и да е, најверојатно, култот кон Дионис во Македонија со појавата на христијанството преминал кон почитување на св. Трифун - заштитник на природата, виновата лоза, виното... (а и празнувањето, се разбира, е во исто време, зашто лозата се поткаструва пред почетокот на пролетта).

Денес, лозарите го одбележуваат св. Трифун, надевајќи се дека светецот ќе им помогне грозјето да биде благо, а бочвите полни со вино. На овој празник лозјата се попрскуваат со светена вода и се поткаструваат се уште незапупените гранчиња за родот да биде добар.

Според народните верувања, ако на денот на Свети Трифун врне дожд или снег, годината ќе биде плодна, а ако е ведро сушна и јалова.

(За светецот... од МПЦ: Роден е во селото Кампсада во Фригија од сиромашни родители. Во детството беше чувар на гуски. И уште од детството врз него беше голема Божја благодат и можеше да исцелува болести кај луѓето и кај животните и да изгонува бесови. Во тоа време со Римското царство завладеа царот Гордијан, чијашто ќерка слезе од умот и со тоа го фрли царот во голема жалост. Ниеден лекар не можеше да ѝ помогне на лудата Гордијана. Тогаш демонот прозборе преку девојката и рече дека освен Трифун никој не може да го истера. После многумина Трифуни ширум царството, по Божја Промисла го повикаа и овој млад Трифун. Го доведоа во Рим и тој ја исцели царската ќерка. Царот му подари многубројни дарови, а тој на враќање им ги раздели на сиромасите. Потоа ова свето момче продолжи да чува гуски и да Му се моли на Бога. Кога се зацари христоборниот Декиј, Свети Трифун беше малтретиран и свирепо измачуван заради Христа. Но тој со голема радост ги поднесе сите мачења, велејќи: „О кога би можел да се удостојам во оган и маки да завршам за името на Исус Христос, мојот Бог и Господ!“ Маките не му наштетија ни малку и најпосле мачителите го осудија на смрт со меч. Му се помоли на Бога и издивна во 250 година.)

14.1.10

Трета среќа!

Обичајот, „пита со паричка“ некои го прават за Бадник, а некои за Василица. Јас ги прифаќам и двете, па така годишно имам 3 пити со парички во кои учествувам. Кај мајка ми, кај свекрва ми и на работа. Порано многу „страдав“, бидејќи никогаш паричката не ми се паѓаше мене, а потоа си се помирив. Ама, оваа година сè се смени.
За Бадник се собравме кај моите родители цела фамилија, а татко ми ги кршеше и ги делеше парчињата лепче. За Господ, за куќата, за најстариот, и по ред за сите по возраст. Кога скрши едно парче, од него ѕирна паричката, а син ми веднаш извика „ене ја!“. Сите се збунија, па и татко ми. Не знаеше кој му е на ред, кому треба да му ја даде веќе откриената паричка. Ама редот си бев јас - па свечено ми ја доделија. Малку сомнително ми беше ова паѓање на паричката, па не го сфатив како моја среќа.
Денес, на работа, повторно сомнителен случај.
Кога ги поставија питите на маса, јас излегов малку. Кога се вратив, пити повеќе немаше. Ама на колешката што седеше до мене случајно и се фатиле две парчиња. Едното го изела, а другото не можела. И побарав само мало крајче за да не биде дека воопшто не сум пробала од питите. Таа ми рече:„Земи, ама ако има паричка, моја е“, а јас и одговорив: „е, не може, ако има, моја си е.“ Откинав еден залак и од него испадна паричката. И сега, чија е паричката? По долго полемизирање, „судот“ одлучи да ми ја дадат мене. Ама, искрено, не ми беше ќеиф.
И, конечно, попладнево кај свекрва ми беше последното место за докажување на правдата. Додека возев натаму бев убедена дека паричката ќе ми се падне мене, за да не се сомневам во претходните два случаја. Таму, си го одбрав парчето, пробуричкав - ништо. Ама и кај другите ништо. Си земаа сите по уште едно парче со надеж дека овојпат ќе имаат повеќе среќа, но јас не можев да земам, бидејќи и првото ми беше многу. И... на крајот, кога го изедов речиси целото парче, кога дојдов до корката, ја здогледав - ми светна! „Еве ја!, - реков, - сепак била кај мене!“
Ете така. Оваа година надокнадив за сите претходни. Којзнае колку среќа ќе ме прати! Тројна среќа!
Се зезам, не верувам во среќа од парички, ама чувството е убаво кога токму тебе ќе ти се падне.

5.1.10

Коледе леле де...

Што би правеле зиме, ако не се верските празници?
Верувам дека би умреле од досада, дека не би се виделе со роднините, а затворени дома, депресивни од студот и кусиот ден, би се испокарале со најблиските чекајќи да дојде пролетта.
Затоа ги сакам овие зимски празници со нивните шаренолики обичаи.
Најинтересни ми се Бадник и Божиќ, а единствено жалам што Нова година е пред нив (некако ми е наопаку).
Уште повеќе од христијанските обичаи ги сакам паганските кои никој не можел да ги искорени па проникнале во празнувањето.

Самото време на случување на празниците е всушност наследено од древноста. Започнуваат за време на зимската краткоденица, а завршуваат за време на пролетната рамноденица. Кога за луѓето, кои се врзани за природата и зависат од неа, завршуваат маките. Се поврзува со култот кон сонцето, а не знам зошто тоа ми звучи и античкомакедонски.
Прославувањето на овие празници кај нас започнува на 5. јануари со палењето на бадниковиот оган.
Палење оган? Има ли нешто попаганско од ова? Луѓето се собираат околу огнот кој треба да ги истера злите сили, да го сотре лошото од кое потоа ќе се роди нешто ново и убаво (феникс - од пепелот повторно да се роди).
Покрај огнот се јадат посни јадења, а се „пости“ и со греана ракија и вино.

Овој дел ми е супер. Никогаш ракијата не е поубава од таа испиена крај најголемиот бадников оган. И не фаќа, што е исто така интересно. Тука ќе си се видиш со комшиите, ќе си пооговараш на почеток, а по неколку ракии ќе си се фатиш и на оро, па лудница до сабајле (ова дека не фаќа ракијата). Убаво изнаиграни, загреани од огнот и ракијата, ќе си се догрееме во кревет, ама за кратко, зашто од многу рано почнуваат да доаѓаат коледарчињата. Е, тука изгледа малку сме се оттргнале од стариот обичај, кој се уште се негува во помалите места.
Коледари се всушност мажи, ергени или штотуку оженети, кои вулгарно маскирани носат кол (симбол на машкост, но може да симболизира и дом за душата), бесрамно се однесуваат и пеат вулгарни песни предизвикувајќи ја на тој начин плодноста (и размножувањето). Коледарските обредни игри траат за време на нечистите денови и завршуваат со епифанија - доаѓање на божеството на Богојавление. Еве некои мнооогу безобразни коледарски песнички.

За жал, во Скопје нема вистински коледари, туку само дечиња кои собираат јаболки по куќите. Како и да е, тие го најавуваат големиот ден Бадник - ден пред Христовото раѓање.
Утрото, дома се носат дабови гранчиња (бадникови дрвца) кои се продаваат на пазар или пред црква.

А, во минатото, обичај било мажите да одат рано в шума и на специјален начин да го пресечат бадниковото дрво. Сечењето на дрвото се одвивало во свечен молк, само со изговарање на магиски зборови. Се сечело со три удари, од источната страна и не сосем до крај за да се направи „брада“. Дрвото не смеело да се засече, па да се остави, бидејќи тоа носело несреќа. При внесувањето на гранчињата во домот учествувале сите членови на семејството. Врз нив се истура жито, или се крши погача, а потоа се става во огништето. Додека да изгори се бдее врз нив. Ова повторно симболизира умирање на стариот (на се лошо) и раѓање на новиот Бог (новата надеж).
Ние дома немаме огин, па не гориме дабови гранчиња, туку ги ставаме на влезната врата за украс.


(Пак, мала дигресија. Како што култот кон сонцето ужасно ми асоцира на Филип и Александар, исто толку и дабовите ливчиња ме потсетуваат на нив. Венците што ги носат на глава се златни, но во форма на дабови листови.)


Се во Бадниковата вечера ми изгледа древно. Собирањето на семејството кое треба со заеднички сили да тргне во новата надеж; оревите, костените, бадемите - плодови кои треба да предизвикаат плодност; лотаријата, наречена паричка во лепчето - за среќа, со магиска моќ; гравчето - никулец итн.
Се е толку старо и толку убаво.
Целото семејство, заедно, ќе го дочекаме раѓањето Христово.
А, на Божиќ - ќе жртвуваме и животно во чест на големиот празник.


Среќни празници...