Showing posts with label литература. Show all posts
Showing posts with label литература. Show all posts

14.9.11

Разбој

Се сеќава ли некој на Бојан Караѓуле? На Благуна и Калина? На мостот каде за добро и лошо се собираат стружани, на струшките сокачиња, на Дрим? Се сеќавате ли на романот „Разбој“? Моите сеќавања веќе бледеат, а новите генерации нема ни да ги имаат.
Со што заслужи Владо Малески, авторот на текстот на македонската химна и автор на многу романи, но и на еден од најубавите (Разбој), да го нема во програмата по македонски јазик и литература?
Што исткајавме на нашиот разбој со постојаните промени во програмата? Поквалитетно, помодерно и подостапно образование за младите? Тешко дека сме постигнале такво нешто. Мислам дека еден дел од промените во програмата беа резултат на фактот дека младите не сакаат да читаат книги. И, од големите автори се бараа малечки книги, за колку-толку децата да се запознаат со некое творештво. Така, на пример, прво романот „Војна и мир“ од Толстој беше заменет со малку помалиот „Ана Каренина“, за потоа неколку години сосема да биде исфрлен, па по несогласувањето на професорите по македонски Толстој воопшто да не се изучува, го вратија со некое негово безначајно дело како што е „Смртта на Иван Илиќ“ !?! Тоа не е Толстој! Достоевски исто. Целосно исфрлен, па вратен (во стручното) како лектира.
Не ќе да е решение да се бараат помалку страници за читање. Оние што не сакаат да читаат нема да прочитаат ни 2 страници, а оние што сакаат (иако се малку) ќе прочитаат и 1000. Но, да се прави компромис со број на страници, во суштина е глупаво. Подобро е и тие што не читаат информативно да бидат запознаени со вистинскиот квалитет, отколку Толстој да го поврзуваат со „Смртта на Иван Илиќ“.
И, да се вратам на почетокот - да, „Разбој“ има повеќе страници. Сум го читала одамна, но во мене уште живее Калина, во мене трае потрагата по Бојан Караѓуле, се раѓа Благуна... во мене живее Струга и Дрим од страниците на романот, живее во минатото, но и во сегашноста. Жал ми е што новите генерации нема да го доживеат тоа, па макар и преку моето раскажување.

6.3.11

Венко Марковски - што да се прави?

Не сум забележала кога, ама во периодов од изминативе 4 години (бидејќи кога и предавав на минатата генерација го немаше) во програмата за трета година македонски јазик и литература е вметнат и Венко Марковски. И, во принцип не би имала ништо против тоа, кога како држава би зазеле определен став кон неговата личност и дело. Кога барем би го имале во учебникот и сите професори по македонски би се ограничиле на информациите дадени таму и на дел од неговото творештво. Но, не е така.
Цел денешен ден го потрошив на Венко Марковски. Сè што имаше по нетов за него испрочитав – на македонски и бугарски јазик. И до каков заклучок дојдов? Искрено – до никаков. Целосно контроверзен лик од времето на создавањето на СФРЈ, преку Информбирото – па до денес. Односно, толку се спротивни ставовите на луѓето во врска со него што не може да се дојде до некоја средина, да се пронајде некоја релативна вистина.
Ставот на неговите македонски современици е дека е предавник – човек кој емигрирал во Бугарија и работел за нејзините интереси – откажувајќи се од македонскиот јазик, негирајќи ја македонската нација. Ставот на бугарските – се разбира е позитивен – дека тој е освестен Бугарин, академик во Бугарската академија на науките, му даваат огромни признанија, награди и повластици – куќа, кола, возач, средства за живот.
Накратко – тој е од Скопје, бил напреден младинец, оформил литературен кружок во кој биле и Кочо Рацин и Коле Неделковски, се залагал да го употребуваат македонскиот јазик во творбите што ќе ги создаваат, да ја проучуваат македонската историја и сл. Неговите две мали збирки песни напишани на македонски јазик „Народни бигори“ и „Огинот“ се издадени во Софија 1938 година, една година пред Рациновите „Бели мугри“. Тоа го прави основоположник на македонската современа поезија. (Но! Јас пред некоја година првпат слушнав за него.) Потоа учествувал во сите три комисии за нострификација на македонскиот јазик – и бил против тоа македонската азбука да биде како Вуковата, односно сметал дека треба да се има посебни знаци за меките к,г,л,н, дека треба да се воведе ѕ и да остане ъ (тврдиот ер.) Тука започнуваат проблемите. Целата таа група Македонци кои биле против Вуковата азбука, односно србизација на јазикот се сметале за пробугарски настроени. Таа група, на чело со Ченто биле и за обединета и самостојна Македонија, практично незадоволни од делумно слободната Македонија во рамките на ФНРЈ. Сите настрадале. Па и Венко. Набрзо, со образложение дека предал партиски тајни тој е исклучен од КПМ. Во наредниот период тој се посветува на творештвото и е плоден поет. Но, неговата пиеса во стихови „За родниот кат“ имала само една изведба, а потоа била тргната од репертоарот, а текстот е уништен (изгубен е). Димитар Митрев објавува крајно негативна критика за пиесата. И за сите негови следни дела исто. Како надежен поет на почетокот воздигнуван и сакан од публиката, наеднаш тој е шиканиран, критикуван и на крајот игнориран. Кон крајот на 1950 година е затворен и принуден да даде изјава во весникот Нова Македонија, односно, таканаречено покајничко писмо во кое вели: „Се исправам како тежок грешник (...) Голем дел, а можеби основниот, главниот дел за сето тоа лежи во мене самиот. Јас сум едно големо капризно дете, разгалено од успесите, дете кое смета дека сите се должни да му угодуваат. Амбициозен до болест, нетактичен до самозаборавност, честољубив до претераност“. Верувам дека за човек да напише ВО ВЕСНИК вакво нешто за себе – мора да биде силно притиснат. А отприлика знаеме како притискала комунистичката југословенска власт. По оваа изјава веднаш добива можност да издаде збирка „Стихови“ и да му се изведува драмата „Гоце“ во Македонскиот народен театар – ќе му дојде ова мило за драго. Најголема несреќа го снаоѓа кога за памфлетот „Сувремени парадокси“ отпечатен под псевдонимот Леопарди е обвинет и осуден без докажана вина на 5 години тешка робија на Голи Оток. Уште при судењето побарал да биде суден како Бугарин. Набрзо по враќањето од робија емигрира во Бугарија – а таму го дочекуваат со раширени раце. Уф, колку им се погодени такви луѓе за терање на својата приказна. Ете, демек, изворен Македонец тврди дека е Бугарин, дека не постои македонски јазик, нација, историја – па ја напишува ужасната критика на Тротомната историја на македонскиот народ – „Крвта вода не станува“ – исмевајќи го македонизмот до крајни граници. Син му Миле, живее и работи во Скопје, но и тој, само со едно куферче со семејството заминува во Софија, на краток престој, за лекување на детето и никогаш повеќе не се враќа во Македонија. Тој јавно кажувал дека е Македонец – и на своја 35 годишна возраст загинува во сообраќајна несреќа. Некои се убедени дека бил убиен. А Венко, до крајот на животот се декларира како Бугарин.
Што знам, причини да и биде лут на Македонија и тогашниот режим секако имал, но никогаш не можам да најдам оправдување за такво страшно однародување, негирање. Без разлика, сигурно го прислушкувале, го прогонувале, го притискале... ама тоа за мене не е доволна причина да кажам од денес јас не сум Македонка – сум... Немакедонка.
Најуспешна во рехабилитацијата на Венко Марковски е Виолета Ачкоска која го претставува како трагична личност и од чиј текст дури ми одеше да се расплачам (може овде да го симнете во пдф).
И се ова е ок, туку, прашањето ми беше, што јас да им кажам на учениците... кој е по ѓаволите Венко Марковски – и што тие треба да научат од него? Како за да си го спасиш животот се предава татковината? Или дека пишувал песнички? И тоа, искрено, не некои многу „јаки“, барем тие што ги прочитав од збирката „Огинот“ не ме воодушевија. Единствено – дека ги пишувал на македонски...
Не знам...

23.5.10

По повод Гане Тодоровски

Почина Гане Тодоровски. Бог да го прости.
Искрено, многу ми е жал. Тој беше еден од моите омилени луѓе, пред сè, а потоа патриоти и поети, и секако професори.
Оваа песна ми е една од неговите омилени... баш е негова..

Биографија

Се родив
Тоа е совршен факт
Живеам доста
Тоа е веќе непорекливо

Кому му требам
Секој е должен сам да знае

Пречам ли некому
Нека ме одмине
Премногу е непожелно
Да бидам одбран за враг

Вражја е живеачката
А јас сум рековме нејзин факт

Ќе умрам колку за доказ
Дека навистина сум живеел.

Заради него влегов во МААК, надевајќи се дека македонската интелигенција ќе може нешто да направи, но за жал, како што се распадна партијата, така се распаднаа и моите надежи за такво нешто.
И, уште една негова песна, која иако е напишана седумдесеттите години, сè уште е актуелна:

ФУСНОТА БЕЗ ПОВОД

Ги оставивме мускулите на село,
ги оставивме легендите, ливадите, лошините,
зареците, клетвите, благословиите,
дотековме како пролетен порој — одненадеж,
за да мy станеме квасец на градот,
за да му станеме озон на градот,
за да му станеме фермент на градот,
за да го помакедончиме Скопје —
Ој, Македонијо, малодушна и кибарна,
кај ти е без нас алот!

Дотековме во град по весници, по cтpyja,
пo телевизори, пo стадиони, no кина,
пo бањи домашни, по чисти клозети, по тротоари,
дојдовме за да дринчиме секој први
пред благајните,
дотековме, дотрчавме, доклинкавме, —
Ој, Македонијо, кај ти е без нас алот!

Ој, Македонијо, градска и социјалистичка,
натема ти го селото обескозено,
обезлуѓено, како по чума поморија,
Ој, Македанијо, сo пет епископи
и илјада икони испокрадени,
Ој, Макадонијо со сојузни министри
и судбина на периферија.
Ој, Македоиијо, со јоги душеци, со терени за скијање,
со пленуми, со црква автокефална,
со тела самоуправни, со штедни книшки,
со приватни земјоделци, со коли половни,
со сметки девизни, со дефицитарно осигурување
со први домати во Републиката,
со четиринаесет академици, со безброј политичари,
со евтин зеленчук, со таан-алва,
со голем број дипломи и со ниски плати,
со две затворени граници, со трета хипокритска
и четврта замислена, —
Ој, Македонијо на конкурси и конгреси,
на два Илиндена и филмови нетитлувани
на македонски, —
О, Македонијо, пленумска, синдикална,
од лани уште синодална, автокефална,
колку ќе биде платен тутунот годинава?
Колку (кредит ќе ветат банките?
Колку ли уште приватни крчми ќе отвориме?
Колку девизи надвор ќе депонираме?

Ој, Македонијо, со голем број неписмени,
со академија на науките и уметностите,
со беспрекорна грижа за народностите,
со мал тираж на весници, со многу пензии,
колку навистина ќе биде платен тутунот?

Ој, Македонијо, кај ти се селата мијачки?
Кај се Помаците? Кај се ветросаа?
Кај се Егејците? Кај се витосаа?
Ој, Македонијо, распослана од Узбекистан
до Анадолија, Канада и Австралија,
од Балтик до Карпатите,
до немај-каде, до глувчина дупка,
до канцелариите на бирократите.
Ој, Македонијо, не пати за Патакос,
многушто уште ќе доживееме!
Ој, Македонијо, пушти го родот нека се растура
небаре семето Хамово, небаре проколнатици.
Живите треба да живеат, мртвите ќе починуваат
а безработните ќе трагат пo работа.
Ој, Македонијо, науми почит кои мртвите,
збери ги коските на своите закубеници,

коските Мисирковите, коските Цепенковите,
коските Ѓорче Петровите,
прибери ги во Скопје,
покpaj Гоцевите, покрај најсветите,
и крени крај нив паметник
на неродениот Македонец —

Ој, Македонијо,
колку ли уште ни треба
за да те домакедончиме!

Почивај во мир Гане, и камо нашава Македонија да има повеќе луѓе како тебе...

21.2.10

Циклично потсетување за бесмислата...

Колку сме свесни за бесмислата на своето постоење?
Мразам текстови кои ги започнувам со реторски прашања, зашто сите очекуваат одговор - а тие се прости констатации. Ама, еве, сепак да одговорам - многу! Многу, зашто секој момент во денот се трудиме да го докажеме спротивното! Работиме илјадници безначајни работи за да немаме време да си го поставуваме прашањето - која е смислата на нашето постоење? За да може да бидеме среќни и расположени во сите тие безначајни работи наоѓаме смисол, но кога ќе ги собереме илјадниците плусови - илјадниците „смисли“ секогаш доаѓаме до истиот минус - бесмислата.
Во литературата за првпат пред дваесетина години се соочив со горчливото чувство на бесмислата - тоа беше „Странецот“ од Ками, пред десетина години со „Чекајќи го Годо“ од Бекет, а вчера со „Тунел“ од Ернесто Сабато. Сите три книги ми ги предизвикаа истите чувства. Ја затвараш книгата - и почнуваш од почеток со надеж дека ќе откриеш трошка оптимизам, скриена смисла - но, не! Јасно е - животот е толку бесмислен што дури е бесмислено да се пишува за тоа.
Дали и колку сите ние сме Мерсо или Кастел? Сеедно ли ни е што се случува околу нас, какви се чувствата на другите луѓе, колку вистински сочувствуваме со туѓите трагедии и на крајот, дали ние поседуваме чувства? Се разбира дека не зборувам за сетила. Зборувам всушност за најдлабокото чувство - чувството на љубовта. Зашто радост, среќа, тага, очај чувствуваме секојдневно и тоа се краткотрајни чувства кои го менуваат нашето расположение. Но, љубовта! Постои ли вистински? Или ја измислуваме за да не ни биде толку многу здодевно и за да не бидеме толку осамени?
Еве, да почнам од себе...
Сакам ли некого вистински или си правам приказни кои ми одговараат, а сум ги прочитала некаде. Веројатно, од сите прочитани љубовни приказни и изгледани филмови, сум си направила комбинација и сега си ја замислувам љубовта на одреден начин.
На пример, личноста во која треба да се вљубам треба да биде исклучително интелигентна, образована, да сака слични работи како мене, уметноста, литературата (да не биде некој забеган научник), да ја сака природата каде ќе поминува време со мене, да сака патувања и да патуваме зедно, одвреме навреме да ме остава да уживам во мојата осаменост итн. И... сретнувам некоја личност. Во мојата свест постојат претходните критериуми и јас постојано ги ловам позитивните особини кај дотичната личност, а ги отфрлам оние кои не ми се допаѓаат. На пример, тој е интелигентен, ја сака уметноста, но во животот има прочитано 3 книги. Оваа лоша информација, зашто не сакам да ја отфрлам можната „вистинска љубов“, ја ублажувам со утеха дека тој е во тек со литературата, чита критики и може да разговара на определената тема. Но, дали е исто? Кога сакам да разговарам за некоја прочитана книга сакам да ги споделам чувствата и изворните размислувања што таа ги предизвикала кај соговорникот, а не да се презентираат студии и критики за неа. Понатаму, тој ја сака природата, ама од дома, само да ја гледа од прозорец или на телевизија. Сака патувања, ама мрази возови, авиони и не сака да вози. Каде води сето ова? Во првите моменти кога заради нешто сме помислиле дека сме ја пронашле „вистинската“ личност ние продолжуваме да си ја создаваме приказната на нашата идеална љубов гледајќи ги само позитивните работи, а ублажувајќи или отфрлајќи ги сите што не ни одат во прилог. Така, ние се чувствуваме многу убаво, како „во облаци“, уверени дека сме ја нашле сродната душа. Тогаш светот ни изгледа прекрасен, луѓето добри, постојано сме полни со енергија и ентузијазам (дури подоцна сфаќаме што се не сме сакале да видиме - па затоа љубовта гасне). Заради овие чувства на „летање“ ние си создаваме приказни. Реално тие не постојат. Но, ако се помириме со фактот дека не постојат, тогаш ќе бидеме како Мерсо, како изгубените човечиња од „Чекајќи го Годо“ или како Кастел од „Тунел“.
Во „Тунел“ малку повеќе внимание е обрнато на љубовта и осаменоста како дел од бесмислата (за разлика од „Странецот“ и „Чекајќи го Годо“ - каде се е бесмислено).
Кастел е сликар кој ги презира сите луѓе и во својата осаменост посакува да ја најде вистинската љубов. На неговата изложба единствено една жена се загледува во аголот на една слика во која е насликан прозорец и море. Тоа е доказ за Кастел дека таа е единствената што го разбира. Успева да биде со неа, ја прогонува, ја измачува со прашања и потврди за љубовта, ги изнаоѓа заедничките нешта, иако се тие малку - и на крајот ја убива. Зошто? Зашто таа не е тоа што тој си замислил дека треба да биде!
Во извадоков е целата поента на книгата, па и целата поента на илузијата за „вистинската љубов“ (супер е):
„Но, дали навистина се споија и ходниците на нашите души се допреа? Каква глупава илузија ми беше сето ова! Не, ходниците продолжуваа паралелни како и порано, иако сега ѕидот што не разделува е како ѕид од стакло и јас можам да ја видам Марија како една тивка и недопирлива фигура... Не, овој ѕид никогаш не бил таков: понекогаш стануваше од црн камен и тогаш јас не знаев што се случува од другата страна, што е со неа во тие незнајни моменти, какви чудни работи се случуваа; и дури мислев дека во тие моменти нејзиното лице се менува и дека една гримаса на потсмев го деформира и дека можеби има смеења вкрстени со некој друг и дека сета приказна со ходниците е една моја смешна измислица или верување и дека во секој случај постоеше еден единствен тунел, темен и осамен: мојот, тунелот во којшто помина моето детство, мојата младост, целиот мој живот. И во еден од тие проѕирни делови од камениот ѕид јас ја видов оваа девојка и наивно верував дека доаѓа по друг тунел, паралелен на мојот, кога во суштина му припаѓа на широкиот свет, на светот без граници на оние што не живеат во тунели; и можеби се приближила од љубопитност до еден од моите чудни прозорци и го наѕрела светот на мојата самотија за која нема спас, или ја заинтересирал немиот јазик, тајната на мојата слика. И тогаш, додека јас напредував само по мојот ходник, таа го живееше надвор својот нормален живот, бурниот живот што го живеат луѓето што живеат надвор, тој интересен и апсурден живот во кој има игранки, забави, веселост и безгрижност. И понекогаш се случуваше кога поминувам пред некој од моите прозорци таа да ме чека нема и неспокојна (зошто да ме чека? и зошто нема и неспокојна?); но, понекогаш се случуваше да не стигне на време или го забораваше ова кутро затворено суштество, и тогаш јас, со лицето стиснато до ѕидот од стакло, ја гледав како во далечината се насмевнува или танцува безгрижно или, што беше најлошото, воопшто не ја гледав и ја замислував на недостапни или бесрамни места. И тогаш чувствував дека мојата судбина е бескрајно поосамена отколку што мислев.“

(Многу им благодарам на моите А2а за книгата)

10.2.10

Едни рецепти за љубовта

Понекогаш ми е жал што ќе изгубам време на читање на некоја книга, ама, секогаш мора да ја дочитам верувајќи дека ќе ја откријам поентата. Одамна престанав да ги читам книгите со рецепти за подобар живот, за наоѓање на среќата, за подобрување на односите и слични глупости, но пак се случува да налетам на нив. Па така налетав и на книгата „Љубовта е приказна“. Ме заинтересира иницијалната идеја дека сите си ја живееме својата љубовна приказна, дека сите имаме различен пристап кон љубовта, но дека во принцип може да се понудат „класични“ љубовни приказни. Сакав да си ја најдам мојата љубовна приказна и упорно, иако ми беше здодевна книгата, ја читав со таа цел. Всушност, таму се опишани љубовните односи, а не љубовта како приказна.

Според авториот (аналитичар) постојат неколку групи, и во тие рамки и неколку подгрупи љубовни приказни:

Прва група - асиметрични приказни:

1. приказна учител-ученик

Во овој однос асиметријата се создава со тоа што едниот е учител, а другиот е ученик. Улогите може да се менуваат (во зависност од областите), но партнерите не постигнуваат еднаквост.

2. приказна за жртвување

Во оваа приказна луѓето даваат без надеж и очекување дека ќе им биде возвратено. Жртвата се сфаќа како потреба (нужност), а не како избор.

3. приказна за владеење и управување

Тука има различни сфери на распределба на моќ. Може едниот партнер да ја има целосната моќ (автократски) или да биде поделена на различни области (демократска). На пример едниот владее со финансиите, другиот со децата.

4. полициска приказна

Тука, едниот партнер постојано надгледува што прави другиот, постојано му се јавува по телефон и мора да знае штоправи другиот во секој момент. Се разбира дека ова го надминува едноставното интересирање за другиот.

5. порнографска приказна

Во оваа приказна да сакаш значи да понижуваш или да бидеш понижен.

6. хорор-приказна

Едниот партнер (почесто жената) е малтретиран од страна на другиот, но често не ја напуштаат приказната зашто мислат дека последиците од напуштањето ќе бидат поголеми од останувањето во врската.

Втора група - приказни за објекти

1. научнофантастична приказна

Се избираат партнери кои се чудни и неразбирливи (како вонземјани) па затоа им се интересни.

2. колекционерска приказна

Партнерот се избира затоа што се вклопува во некоја општа шема (и обично има повеќе партнери).

3. уметничка приказна

Во оваа приказна партнерот се гледа како уметничко дело задржувајќи се на целокупниот физички изглед, или на делови (очи, тело...)

4. приказна за дом и огниште

Тука луѓето го гледаат својот дом како центар на својот однос. Постојано го дотеруваат домот, доградуваат, средуваат, му посветуваат време и емоционална приврзаност.

5. приказна за оздравување

По преживеана траума (несреќа, лечење од дрога, алкохол) лицето е подготвено да продолжи понатаму, но му треба некој за да му помогне.

6. религиска приказна

Љубовта има функција на религија (барање на спас во љубовта) или религијата да биде интегрален дел од љубовта (мора да се од иста вера и верници).

7. односот како игра

Љубовниот однос се сфаќа како победа или пораз. Партнерите се натпреваруваат во нешто (спорт или друго) или во самиот однос.

Трета група - приказни за координација

1. патеписна приказна

Љубовта се сфаќа како заедничко патување. Воопшто не е важно каде ќе се патува, туку дека ќе се патува заедно.

2. приказна за шиење и плетење

Љубовта е она што партнерите сами ќе го направат, сами ќе го создадат, без конвенционални притеснувања, без однапред зададени шеми.

3. градинска приказна

Односот се гледа како нешто што постојано треба да се негува при што партнерите се доживуваат како најдобри пријатели.

4. деловна приказна

Љубовниот однос се гледа како деловно партнерство каде страстите се топли, но не и жешки. Финансискиот дел е многу важен.

5. приказна за зависност

Партнерот чувствува силна, анксиозна зависност од другиот. Помислата дека може да го загуби му предизвикува чувство на паника, а ако го загуби има симптоми на апстиненцијална криза.

Четврта група - наративни приказни

1. сказненска приказна

Калсичната љубовна приказна за принцот на бел коњ или принцезата.

2. историска приказна

Навраќање на минатите настани, чување на сите слики и други спомени.

3. научна приказна

Љубовта може да се разбере со анализирање на односите и постапките.

4. готвачка приказна

За успешна врска потребен е вистинскиот рецепт - ако се изберат вистинските чекори и да се прават работите на одреден начин.

Петта група - жанровски приказни

1. воена приказна

Љубовта е војна, а добриот однос почива на војување, односно постојана борба за она во што веруваат.

2. театарска приказна

Партнерите се гледаат како артисти кои играат различни улоги. Уште при влегувањето во врската си подготвуваат текст и приказни со кои ќе го фасцинираат партнерот.

3. хумористична приказна

Се гледа смешната страна на работите. Ваквите врски се забавни, но често важните прашања се избегнуваат со „свртување на работата на шега“.

4. таинствена приказна

Тука се смета дека таинственоста е важен дел од љубовта и дека човек не треба да дозволи да се знае премногу за него. Знаат да бидат интересни поради одржување на заинтересираноста, но често разочарувачки кога ќе се увиди дека нема што да се открие.

Ете, тоа беше обработено во книгава. Кај се помачив да ја прочитам, па сега уште се помачив и да ги напишам сите овие точки.

Малку ме изнервира што не се најдов во ниедна од овие приказни, поточно во сите од нив по малку.

Значи, мојата приказна би била: понекогаш сакам да бидам учителка и ученичка, понекогаш сакам да се жртвувам за љубовта, сакам да имам моќ во одредени ситуации, понекогаш сакам да го надгледувам партнерот па и да го малтретирам, сакам некогаш да не го разбирам, да биде чуден, релативно да се вклопува во некоја шема, да не биде грд, да имаме топол дом, да му помагам ако западне во криза, да верувам во љубовта, да се натпреваруваме во разни игри, заедно да патуваме, да ја создаваме и негуваме нашата приказна, да немаме проблем со финансиите, да се чувствуваме приврзани еден кон друг, тој да биде мој принц, а јас негова принцеза, да се сеќаваме на убавите минати времиња, да ги анализираме грешките за да не ги правиме повторно, да ги одбираме вистинските чекори, да се бориме за она во што веруваме, понекогаш да „влегуваме во филм“, да ја гледаме смешната страна на животот и секогаш да има што да си откриваме еден за друг.

31.1.10

Книгата „Што можеме ние Македонците да научиме од Александар Велики“ од Нено Богдан

Меѓу другото, иако недела, денес ја прочитав оваа книга од Нено Богдан која може да ја симнете на неговиот блог и од која може да научите навистина „јаки“ нешта. Може да кажам само браво за размислувањето и анализата.
Во продолжение еве една глава од книгата, која е најмногу поврзана со мојата стручна област:

Учи од Aristotle, а не од Aristophanes

Старогрчкиот историчар Plutarch во неговата биографија за
Александар Велики, ни ја раскажува следнава случка од животот
на големиот Македонец која, по мое мислење, кажува сЀза
неговиот однос кон книгите и учењето воопшто:
Имено, кога после сите битки и победи против Darius,
македонската војска ја презела контролата врз главниот град на
Персија, во царската ризница меѓу многуте златни и сребрени
предмети украсени со скапоцени камења, била пронајдена и една
раскошно декорирана кутија, за која на Александар слугите на
Darius му рекле дека во неа персискиот цар ги чувал своите
најскапоцени предмети. Бидејќи Александар по победата врз Darius
се сметал себеси за новиот цар на Персија, тојрешил да ја
продолжи традицијата и во тојковчег да смести некојсвојдрагоцен предмет.
Александар ги прашал генералите од македонската армија и
другите присутни, што е тоа по нивно мислење, што за него е
најзначајно и наскапоцено, достојно за да се стави во ковчегот. Се
појавиле разни мислења, при што некои сметале дека треба да
стави некое оружје, или можеби некојпрстен и печат кралски, а
можеби и да ја наполни со дијаманти кутијата. Откако ги ислушал
нивните предлози, Александар ги изненадил своите соработници
со одлуката во кутијата, во која требало да се чуваат највредните
предмети од неговиот живот, да смести - една книга!
Книгата била токму „Илијадата“ од Homer, во тоа време сметана
за еден од најквалитетните историско - поетски записи, полн со
практични совети и големи мудрости од кои многумина можеле да
учат за владеењето во мирот и однесувањето во војните. Таа му
била омилената книга на Александар, и тој решил токму неа, како
највреден предмет во својот живот, да ја стави во ковчежето
конфискувано од ризницата на персискиот цар.
Кога прв пат ја прочитав оваа интересна приказна, веднаш на ум
ми дојде следново прашање: што би ставиле лидерите од
политичката елита на модерната македонска држава доколку би
имале пристап до царското ковчеже во кое ќе треба ги чуваат
предметите кои најмногу ним им значат?
Едниот лидер веројатно би ставил шише виски во ковчежето,
другиот можеби список со адресите и телефонските броеви на сите
агенции за правење на реклами во земјава и пошироко, заедно со
лист хартија на кој би бил нацртан графикон со движењето на
неговиот личен рејтинг, еден бивш лидер веројатно би го ставил
својот бугарски пасош во ковчежето, а не е исклучено некои
политички големци во таквото едно ковчеже ги сместат и своите
кодошки досиеја од некогашната Служба за државна безбедност
кои успеале да ги украдат на време од архивите пред да почне
процесот на лустрација. А сигурно ќе се најде место и за штедна
книшка од некоја банка во Кипар, Швајцарија или Панама...
Сакам да кажам, не верувам дека било кој од нашите „големи“
лидери ќе стави книга во своето ковчеже за чување на вредни
предмети. А не дека и гласачите на тие политичари се нешто
понаклонети кон книжевноста, по светлиот пример на Александар
Велики. Повеќето просечни млади Македонци, да им дадете шанса
да стават нешто свое највредно во ковчежето на Darius, сигурно ќе
се решат за пиратско DVD со спотовите од некоја српска или
бугарска пејачка со големи гради.
Во денешна Македонија, книга на Aristotle, философот достоен да
биде учител на Александар Велики, можете да си купите во некои
книжари за само сто денари! Две кутии цигари, еден и пол
килограм банани, 400 грама говедско месо или половина табла
јајца вредат повеќе од една книга на учителот на Александар
Велики Македонски. И пак никој не ги купува тие книги.
Очигледно, Aristotle бил доволно добар за Александар, ама не е
доволно добар за Македонците, кои сакаат да се нарекуваат себеси
„чеда на Александар, гордост наша македонска“. Е да, тој таков
каков што бил е гордост наша македонска, но дали ние, вакви
какви што сме можеме да речеме дека тој со нас би се гордеел?
Филип II, кога му се родил синот Александар, му пишал писмо на
Aristotle (со кого се знаел од младоста уште, бидејќи таткото на
Aristotle му бил личен лекар на таткото на Филип) со следнава
содржина: „од Филип до Aristotle, поздрави! Да знаеш дека ми се
роди син. За тоа, на боговите сум им бескрајно благодарен, не
толку поради тоа што ми се роди баш син, туку повеќе поради тоа
што се роди тој додека ти си жив, затоа што се надевам дека ако
ти му бидеш учител кога ќе потпорасне, сигурно од него ќе стане
човек што на моето кралство голема добробит ќе му донесе“
Ете, не бил само Александар тој кој го ценел учењето. И
неговиот татко, кој во една пригода го советувал синот да го слуша
внимателно она што го подучува Aristotle за да не ги повтори
истите грешки што Филип ги направил поради необразованост,
значи и тој бил свесен за важноста на образованието.
За жал, денешните Македонци овој начин на размислување не го
споделуваат со своите славни и успешни предци. Како што
објаснував опширно во една колумна на мојот блог, со наслов „Што
можеме ние Македонците да научиме од Евреите“, во нашата
држава ако некој млад човек седне на клупа во парк со шише
ракија во рацете, нема да изненади никого со таа своја постапка,
но ако биде виден со книга во рацете како седи истиот тој млад
човек на истата таа клупа во паркот – тој ќе стане мета за подбив,
бидејќи во нашиот секојдневен разговорен јазик, да му кажеш
некому да „не се прави паметен“ се смета за сериозна навреда.
Но, дури и оние кои сепак решаваат да учат, поради накриво
насадениот образовен систем во државава, не го прават тоа на
најпродуктивниот начин. Еве, на пример, студентите по економија:
јас сум имал прилика со можеби дваесетина дипломирани
економисти да разговарам за тоа што го учеле на факултет, и од
ниту еден од нив не сум слушнал дека ја прочитале книгата на
легендарниот економист Adam Smith кај нас позната под
скратениот наслов „Богатството на народите“. Книгата ја има и на
македонски преведено и чини неколку илјади денари да се купи,
па можеби тоа е пречка за поголема читаност. Таа може да се
најде и на интерент, на англиски вистина, но може да се најде.
За книгите на David Ricardo или Milton Friedman да не правиме
муабет, а John Maynard Keynes, можеби највлијателниот економист
на XX – иот век и „идеен творец“ на ММФ и Светската банка, за
повеќето наши дипломирани економисти е вистинска terra incognita
(непозната област). И најголемиот дел од нивните професори не се
нешто подобри во тој поглед од нив, затоа што и тие, исто како и
нивните студенти, учеле за големите мислители, а не учеле од
големите мислители. Со други зборови, тоа што тие го знаат за
нивните идеи не го добиле со читање на книгите напишани од нив
лично (иако барем во денешно време сите капитални дела на
мислителите на општествените науки ги има на интернет) туку со
читање на книги напишани од други луѓе за нив.
А како што Aristotle објаснил во едно писмо до Александар, да се
учи од некого и да се учи за некого, не е исто:
„Од Александар до Aristotle, поздрави! Не си направил добра
работа со тоа што си ги објавил твоите предавања во книга. Сега
секој ќе може да го прочита она што ти мене ме подучуваше, и
секој ќе ги научи истите работи што јас ги научив. И по што тогаш
јас ќе бидам подобар од другите луѓе? Мојата желба е да ги
надминам сите останати во паметта, а не во силата. Поздрави!
Од Aristotle до кралот Александар, поздрави! Си ми пишал во
врска со објавувањето на моите предавања, сметајќи дека тие
работи требало да ги држам во тајност. Не се вознемирувај поради
тоа, оти сакам да знаеш дека тие предавања истовремено и се
објавени и се зачувани во тајност. Затоа што нивната смисла е
разбирлива само за оние кои биле на моите предавања да ме
слушаат како ги објаснувам. Другите, нема да ги сфатат. Поздрави,
кралу Александар“.
Овој дел од преписката меѓу ученикот кој бил крал и философот
кој му бил учител, ни ја оставил нам, на идните генерации
историчарот од времето на стариот Рим по име Aulus Gelius. Не
преведував буквално, а и го модернизирав начинот на изразување,
сЀ со цел да биде појасна поуката.
Резиме: Aristotle бил сериозен мислител кој во своите дела
пишувал за политика, економија, право, етика. Во истата епоха
живеел во Athens и еден комедиограф по име Aristophanes кој
пишувал лесни комедии кои на тогашната публика ѐ биле многу
забавни. Александар државникот учел од Aristotle и затоа ги
потчинил жителите на Athens кои не ги ценеле многу своите
мислители (философот Socrates го осудиле на смрт) но ги
обожавале своите комичари, каков што бил Aristophanes.
Во денешна Македонија имаме ситуација кога десетици илјади
млади Македонци се спремни да отидат на стадион и да навиваат
на цел глас за македонската репрезентација. Тоа е прекрасно, но
колку од нив се подготвени напорно и вредно да студираат некој
технички факултет кој утре ќе им обезбеди да најдат самите некоја
продуктивна работа, можеби и во добро платеното странство?
Колку часови трошат младите Македонци пред компјутер играјќи
игри, а колку во учење на програмирање на релациони бази на
податоци или одржување на компјутерски мрежи? Македонија
нема да стане почитувана сЀ додека ние сме дежурни „берачи на
портокали на грчките плантажи“, туку тогаш кога грчките хакери
ќе бидат пресреќни кога ќе пиратираат некој софтвер произведен
од македонски програмери.
Погрешно е да се мисли дека најголемиот успех за Македонците
е да ги навредат Грците. Напротив, најголемата навреда за Грците
е успехот на Македонците. Во секој поглед.
Александар знаел дека кој учи, тој победува. И кој победува, тој
пак треба да учи. А ние ниту учиме, ниту победуваме. Можеби
треба да почнеме да учиме, за да почнеме да победуваме.

17.1.10

По повод... Доријан Греј

Дали сите генијалци и уметници се забегани? Дали навистина се забегани или само си дозволуваат да ги кажат и покажат внатрешните пориви?
Не сме ли сите забегани, но успеваме тоа да го скриеме од другите? Заради срамот и осудата која следува, па и отфрлањето од општеството?
Викендов се опседнав со „Доријан Греј“. Ја знаев приказната, одамна сум ја читала книгата, ама сега таа имаше поинаков ефект врз мене. Прво го гледав филмот, а потоа со трчање отидов да ја купам книгата и ја прочитав во еден здив.
Колку и да се избегнува, секоја книга го отсликува авторот, неговите размислувања, неговиот живот. Оваа книга целосно го открива Оскар Вајлд.
Човек, исклучително образован и интелигентен, но и свесен за тоа. Човек, растргнат меѓу моралот и неморалот, гревот и чистотата, совеста и несовесноста.
Можеби само бил пред своето време... Зашто неговиот живот во ништо не се разликува од многу денешни животи - но, тогаш бил осуден!
Потекнува од Даблин, од солидно ирско семејство. Татко му бил лекар, но се занимавал и со археологија и етнологија. Бил и голем женкар (имал три деца уште пред да се ожени). Мајка му била голема националистка, пишувала поезија и посветена на големата идеа, па не и пречел таквиот живот на мажот. Оскар детството го поминал во раскошна куќа каде често доаѓале политичари, книжевници, боеми, каде се разговарало и пиело,па така рано созреал.
Уште како ученик почнал да се облекува како денди и да собира скапоцени изданија на книги. Оксфордскиот универзитет го завршил со одликување (што било реткост), а на тамошен натпревар за грчките комедиографи добил златен медал.
Потоа отишол во Лондон каде се облекувал во свила и кадифе, држејќи во раката лилјан или сончоглед, се појавувал во клубовите и салоните каде зборувал за уметноста и станал „гениј на разговорот“. Парите многу лесно ги трошел живеејќи ваков живот, па морал да држи предавања за уметноста, модата, убавиот мебел. Ја прошетал Америка и Канада и често престојувал во Париз. Се оженил со богатата Констанса Лојд, но и нејзините пари брзо се потрошиле. Првите години од бракот му биле мирни, плодни (тогаш ги пишува бајките), му се родиле два сина, уредувал списание за мода и престанал да шета со сончоглед.
Тие години сите салони му биле отворени, со восхит го слушале што зборува. Прекрасните идеи и симболи што со насмевка ги кажувал низ чадот од цигарата полека влегувале и во неговите книги.
Тогаш го напишал и романот „Доријан Греј“ за кој веднаш се зборувало дека е неморален па славата му се искачила на опасна височина. Сè уште господарел во салонскиот живот кога започнале озборувањата за неговото необично дружење со млади, убави луѓе, за неговите тајни пијанства и естетски оргии. Со својата ароганција почнал да го нервира конзервативниот Лондон. На пример, по изведбата на комедијата „Ладалото на леди Виндермир“, тој излегол на сцената со запалена цигара (што било недопустиво) и рекол: „Госпоѓи и господа, можеби не е сосема коректно да пушам пред вас, но мене ми се чини дека е некоректно што вие ми пречите да пушам! Ви благодарам за интелигентниот прием на оваа прекрасна драма, гледам дека ви се допадна речиси колку и на мене“.
И сето ова хедонистичко и декадентно однесување Лондон го прифаќал, но не можел да ја прифати неговата љубовна врска со младиот и убав лорд Алфред Даглас. Бил осуден на две години робија заради „наказно однесување“, а после тоа целосно отфрлен морал да се пресели во Париз и да си го смени името. Како што самиот кажува:„ За човек едно нешто е понепријатно од тоа за него да се зборува многу, а тоа е, за него воопшто да не се зборува“. Набрзо, напуштен од сите, умрел на 46-годишна возраст.
„Доријан Греј“ е огледало на неговиот живот, но ако сме искрени со самите себе... и на сечиј живот.
Покрај главната идеја (да се продаде ли душата заради вечната младост?), книгата е преполна со изреки, често парадоксални, кои те замислуваат и ти се закачуваат во потсвеста.
Трите главни лика во романот мислам дека се и трите (најмалку) лица на човекот.
Едниот, возрасен, умен, полн со мудрости, кој не се осмелува да го живее сопствениот живот па наоѓа невино младо суштество кое сака да го направи она што тој никогаш не бил. Тоа е лордот Хенри кој ги кажува сите епиграми, но и го создава „перверзниот“ Доријан Греј.
„- Лорду Хенри, дали навистина вршите толку лошо влијание?
- Добро влијание, господине Греј и не постои. Секое влијание е неморално - неморално во научна смисла.
- Зошто?
- Затоа што кој влијае на друг на овој му ја дава својата душа. Тогаш човекот престанува да мисли со сопствените мисли и да гори со сопствениот жар. Доблестите негови не му припаѓаат вистински нему. Гревовите негови, ако воопшто постојат, позајмени се. Тој станува одек на туѓата свирка, глумецот за кого не е пишувана улогата. Целта на животот е да се развиваш самиот себе. Секој од нас е тука сосема да ја оствари својата природа. Луѓето денес заборавиле на самите себе. Заборавиле на највисоката должност, должноста кон себе...
Стравот од општеството, на кое се заснова моралот, стравот од Бога, кој е тајна на религијата - тоа се две работи кои сосема владеат со нас.“
Со својата умност, итрина и желба за експериментирање, Хенри влегува во сржта на човековото двоумење, а му го подметнува на Доријан како сопствен избор.
„За нашето одрекување ни стигнува казна. Секој инстинкт, што би сакале да го задушиме, трае и понатаму во духот наш и нè труе...
Единствениот пат да се ослободиме од искушението е да му се предадеме. Спротивстави му се и твојата душа ќе биде болна од копнеж по работи, кои самата себеси си ги забранила, болна од копнеж по она што нејзините страшни закони го направиле страшно и недозволено. Добро е речено: Најголемите светски доживувања се случуваат во мозокот. Во мозокот и единствено во мозокот се случуваат и големите светски гревови.“
За на крајот, сосема да го охрабри во неговите понатамошни чекори со зборовите:
„Грижата на совест е само оправдување за кукавиците.“
(И навистина? Што е тоа грижа на совест? Парадоксално е, но такво нешто не постои! Тоа е измислица за да се опише внатрешниот страв од мислењето на „јавноста“!).
Третиот лик, уметникот Базил, занесен од младоста и убавината на Доријан, го насликува портретот. Љубовта што ја чувствува кон Доријан го гони полетно да го наслика своето ремек дело. Таа љубов му ја обзема душата, а таа душа ја пренесува на платното.
Во тој триаголник, во тој човек поделен на три почнува да живее оној на кој му се дава предност - Доријан Греј.
Значи, како би било кога би се ослободиле од предрасудите, од озборувањата, и најважно од сè - од сопствената грижа на совест заради направените гревови? Сликата презема сè. И душевната болка и надворешните белези.
Но, колку навистина е убаво да се биде вечно млад? И колку е интересно? А, колку е во суштина здодевно!?! Ако искуствата, гревовите, искушенијата не се таложат во тебе - каква ќе биде твојата душа? - Празна! Да се биде само млад и убав е најпразното и најздодевното нешто!
Доријан му се оддава на уживањето по кое ќе дојде до заклучокот дека „среќата е нешто сосема различно од уживањето“, а секогаш на крајот доведува до разочарување.
„- Би било кобно да се знае. Неизвесноста нè предизвикува. Во маглата работите се прекрасни.
- Во неа може да се изгуби патот.
- Сите патишта завршуваат на иста точка.
- Која е таа точка?
- Разочарувањето!“
Покрај овие работи, во книгата е неизбежна провокацијата на ставовите кон љубовта и бракот.
Колку е прекрасно и најотворено прикажана вљубеноста и смртта на љубовта на Доријан кон младата актерка Сибила.
Барајќи авантура, тој се наоѓа во запуштен и сиромашен кварт на Лондон каде случајно влегува во еден театар. Во одвратната нечиста атмосфера меѓу грдите лица тој ја забележува девојката која ги глуми сите главни улоги од драмите на Шекспир. Во таа атмосфера Сибила е вистинска божица. Млада, убава, невина. Тој се воодушевува од нејзиниот талент и најмногу од тоа што секој ден ја гледа различна: како Јулија, Офелија, Розалинда, Имоген...
„Ја гледав во секој век и во секоја носија. Обичните жени не ја будат нашата мечта никогаш. Тие остануваат во оној век во кој се. Никакви волшепства не ги преобразуваат, ниту им даваат нов облик... Нема тајни во нив.“
Една вечер решава да и ја искаже својата љубов на која Сибила веднаш и се предава. Утредента, воодушевен ги присилува своите пријатели да дојдат и да ја видат, па и тие да се воодушеват од неа.
Но, вечерта, Сибила е обична. Не си ја дава душата во глумењето туку само као лош ученик ги кажува репликите. Пријателите со потсмев го напуштаат театарот. Разочаран, по претставата, тој оди и и кажува дека повеќе не ја сака. Таа се обидува да му објасни што и се случило. Дека од сенките на љубовта (во театарот), таа за првпат почувствувала што е вистинска љубов (кон него), и дека тоа сознание ја спречило да глуми. Но, тој не може да прифати:
„- Да, викна тој, ти ја уби мојата љубов! Ти ми ја разгори фантазијата. Сега не ја поттикнуваш ни љубопитноста. Едноставно... не оставаш веќе никаков впечаток врз мене. Те сакав, бидејќи беше волшебна, бидејќи беше умна и генијална, бидејќи ги оживуваше соновите на големите поети и им даваше така облик и на сенките на уметноста. Сето тоа го отфрли. Плитка си и тапа... Што си сега? Убава глумица од трет ред!“
Тој ја сакал таинствената, многулика жена, жената со голем талент, со свое јас, а не обичната, вљубената жена подготвена на секоја жртва.
Овој став кон вљубеноста и романсата е кажан и на друго место:
„Еднаш преку цела сезона носев само темјанушки, како некоја уметничка тага по една романса, која не сакаше да умре. Најпосле сепак умре. Не се сеќавам веќе што ја уби. Мислам дека тоа го направи со намера целиот свет да ми го принесе како жртва.“
Или за жените:
„- Мора да признаеш дека жените им подаруваат на мажите чисто злато од својот живот.
- Можно е, но, потоа бараат на секој начин да им го вратиме променето во ситни пари.“
„Единствената убавина на минатото лежи во нејзиното минато. Но, жените никогаш не знаат кога завесата е спуштена. Секогаш тие би сакале уште некој шести чин и иако делото веќе не ни најмалку интересно, тие сакаат да го продолжат.“
Книгата е преполна со епиграми од сите теми:
„Бракот ја има таа убавина животот на измами да го прави и на едната и на другата страна неопходно нужен.“
„Смеењето не е за пријателството најлош почеток, но, несомнено е негов најдобар крај.“
„Нема човек кој е во состојба да го поднесува другиот кој е со исти недостатоци.“
„Оние кои се верни ја познаваат само тривијалната страна на љубовта, само неверните ја познаваат трагедијата на љубовта.“
„Ние старееме и стануваме грди кукли и спомени нè гонат на поминатите страси, од кои се грозевме и на слатките искушенија, на кои немавме храброст да им подлегнеме.“
„Секогаш сакам за своите нови пријатели да знам сè, а за старите ништо.“
„Луѓето кои сакаат само еднаш во животот всушност се површни. Она што тие го нарекуваат верност, јас го нарекувам или мрзливост на навиката или недостаток на фантазија.“
„Туѓата трагедија секогаш има врз себе нешто неверојатно обично.“
„Нашата иднина ќе биде како нашето минато, и гревот, кој еднаш сме го направиле со одвратност, ќе го направиме повеќе пати и тоа со уживање.“
„Големите глупости секогаш се прават од најблагородни мотиви.“
„Најглавниот недостаток на бракот е што нè лишува од егоизмот. А, луѓето, ако не се себични, безбојни се. Им недостасува индивидуалност. Но, постојат и такви природи, кои бракот ги прави сложени. Тие го задржуваат своето јас, па тогаш му додаваат многу други јас.“
„Кога сме среќни, секогаш сме добри; но, кога сме добри, не сме секогаш среќни.“
„Да се биде добар е да се биде во хармонија со самиот себе. Несогласноста владее таму каде што човек е принуден да биде во хармонија со другите.“
„Постојат два вида луѓе кои се навистина привлечни. Едни кои апсолутно знаат сè и други кои апсолутно ништо не знаат.“
и, само уште едно, зашто инаку ќе треба да ја препишам целата книга:
Подобро е да не се разликуваш од никого. Грдите и глупави луѓе најдобро живеат. Тие се во состојба да седат мирно и да се џарат во играта. Тие, всушност, не знаат за победи, но исто така не знаат ни за порази.“
Уживањето во книгите е незаменливо. За жал, младите ретко си го дозволуваат тоа уживање.
А, јас, бидејќи немав со кого да си ги споделам чувствата и опседнатоста со книгата, го направив тоа тука... Сега ми е полесно.