Showing posts with label јазик. Show all posts
Showing posts with label јазик. Show all posts

22.3.10

Името Билјана (мое толкување)

Пренесено од постар блог:

Секој од нас сака да знае што значи неговото име.
Како малечка ги прашував татко ми и мајка ми што значи моето име и тие ми кажуваа дека е јасно и очигледно, Билјана доаѓа од билка, растение. Морам да признаам дека не ми се допаѓаше објаснувањето, но ми беше логично. Понекогаш им се лутев што ми дале такво име, име поврзано со растенијата, со неподвижноста, немоста. А, јас воопшто не мислам дека сум таква, ниту тивка, ниту мирна. Посакував барем да имам име на некое конкретно растение со чии карактеристики би можела да се поистоветувам. Па макар било Цвета или подобро на пример: Темјанушка, Роза, Камелија, Мимоза, Трендафилка, Перуника, Јаглика, Јасмина, Зумбула, Калина, Лимонка, Јагода, Дуња, итн. А вака, со што да се поистоветам, со сите растенија?
Се прашувам, ако постои име што ги опфаќа сите растенија, зошто не постои име што ги опфаќа сите животни?
Како растев, така почнував да уживам во садењето, во размножувањето и одгледувањето на растенијата. Се фатив како сакам да си докажам дека сум поврзана со нив. Не ми помогна многу, но почнав да се помирувам. Да се разбереме, јас многу ги сакам растенијата, ама не се поисоветувам со нив.
Подоцна, често во раце го имав нашиот ономастикон и од него го добивав истиот одговор: Билјана – билка, растение. Добро, си велев, ние сме јужна земја, имаме многу растенија, се е бујно, зелено и затоа кај нас е често името Билјана.
Се помирував, но никако целосно да се помирам и да прифатам. И кога си помислив дека немам друг избор, ми „светна“! Традиционалното, древното македонско име Билјана, толку често присутно и ден-денес не значи растение! Древномакедонскиот збор „билја“ значи – вистина. Денес, во хрватскиот јазик се чува зборот „збилја“ со значење „навистина“, а кај нас коренот на зборот останал во „озбилно“ – сериозно, вистинито.
Јас го најдов своето смирување. За мене, Билјана значи вистина. Ваквото значење на името според мене има многу поголема логика. Вистината – тоа е нешто што го одликува нашиот народ (и мене лично). А јас, како единка конечно можам да се поистоветам со ваквото значење и да бидам горда со своето име. (Или само да си се утешам.)

8.12.09

Дали глаголицата е првото словенско писмо?

Официјалната наука тврди дека глаголицата е првата словенска азбука и дека е создадена по теркот на грчкото писмо.

Јас, воспитана во духот на „Македонче“ (нешто мало, безвредно, безначајно, споредно); како и сите Македончиња слепо верував во она што беше напишано во учебниците, во весниците и кажано на телевизија.

Дека Словените дошле од зад Карпатите отсекогаш ми било многу чудно и несфатливо, но штом Тито & компани така викаат - така мора и да биде. Но, од пред две години, благодарение на НЈС (кратенка од: нашиот јужен сосед) јас почнав да ги отварам моите широко затворени очи! Почнав на работите да приоѓам (колку што можам) со повеќе логика, со читање неутрална литература, со повеќе интуиција и исконски чувства, отколку со слепа верба. Сега ставам прашалници на се она кое сум го прифатила (особено од историјата) без да размислам. Сакам се да преиспитам и да проанализирам без предрасуди и со своја глава. Можеби ќе лутам во своите теории и сфаќања, но секој ден ми носи нови сознанија и нови искуства.

Главни прашања што си ги поставувам се:

што се Словени,

кои се Словените - потеклото на името, другите имиња по кои се препознаваат,

од каде (навистина) потекнуваат Словените,

прајазикот на Словените,

писменоста на Словените и др.
Да се вратам на глаголицата. Кога студирав (на Филолошкиот факултет) ги истражував сличностите меѓу глаголицата и грчкото курзивно писмо. Освен заобленоста на буквите што е одлика на секое ракописно писмо други сличности не можев да најдам. Но, си мислев дека во мене е грешката, дека „големите умови“ тоа го согледале, ама сега јас сум глупичка па не можам да видам сличност. И баталив! Си прифатив дека штом во учебникот пишува дека е така - мора да е така! (Споредете и сами: Глаголица и грчко курзивно писмо.)

Сега, дваестина години подоцна гледајќи ги камењата (и другите артефакти) од Македонија, ни најмалку не верувам во „научната“ вистина. Која е таа наука и што е тоа што сака да ни го наметне? Повеќе личи на политика отколку на наука со здрави докази. Тоа е она што го сакаат и го велат нашите јужни соседи - историјата е веќе напишана и ништо не смее да се менува? Бљак.

Кога за првпат ја видов фотографијата на каменот (карпата) од Осинчани, останав без текст. Што е ова? Кој го напишал и кога? Вистина ли е стар 5,6,7 илјади години? Ако е така, како може сите да ги затвораат очите? Па тоа се букви како нашите денешни. Зборови слични со нашите денешни. Зарем тоа не покренува прашања?

Печатите од Говрлево го говорат истото. Дека на оваа територија луѓето говореле јазик кој е сличен на нашиот денешен (нека биде словенски), дека имале писмо многу слично на нашето денешно, дека имале високо развиена цивилизација.

Јас не знам по што трагаат денешните македонски научници, по што трагаат археолозите и дневната политика. Но, овие артефакти логично ми покажуваат дека оние што денес се нарекуваат Словени живееле на оваа територија уште пред 7 - 8 илјади години.


Но, зошто Кирил создал азбука која не е слична со кирилицата кога таа очигледно веќе постоела? (Кирилицата од Руен.)

Според мене, еве зошто: Константин Филозоф - Кирил бил официјален мисионер на Византија и ја застапувал нејзината политика. Затоа сигурно ги слушал советите и упатствата кои му биле дадени.

Азбука слична на глаголицата исто така веќе постоела. За автор на таа азбука се смета Етик Истер кој бил Скит. Бугарскиот историчар д-р Божидар Пејчев ја разработува оваа теза. Во врскава погледнете ја и азбуката на Етик Истер и ставовите на Пејчев (на бугарски јазик). Теоријата на Пејчев е дека Скитите се Словени и Истер како таков ја создал првата словенска азбука. Да, тој се служел со азбука, но никаде нема докази дека пишувал на прасловенски јазик. Таа азбука ја раширил Св. Јероним во Далмација. Според местото каде се наоѓала Мала Скитија (денес Добруџа - северисточна Бугарија) мене ми изгледа дека Скитите имаат врска со туркстански племиња, а таа азбука многу повеќе наликува на ерменската отколку на глаголицата од подоцнежниот период (од Кирил).

Од ова е очигледно дека на територијата населена со Словени (од Солун до Панонија) постоеле повеќе азбуки, но не биле официјални бидејќи не постоела држава. Велика Моравија (првата словенска држава) го барала токму тоа - да го официјализира својот јазик, во својата официјална словенска држава.

Кирил познавал многу писма (азбуки) и сигурно ја знаел веќе постоечката азбука која најчесто се употребувала на територијата на Македонија (денес наречена кирилица). Но, за да направи политички баланс ја „создава“ глаголицата која надворешно личела на официјалното византиско писмо (грчкото курзивно), и слична на азбуката на Етик Истер која веќе им била позната на луѓето од Панонија и Моравија.
Но, колку и да се трудела Византија (и грчката пропаганда) да ги наметне своите културни наследства и азбука која божем тие им ја дале на Словените, сепак многу брзо старата азбука (веројатно малку модернизирана во Преславската книжевна школа) повторно нашироко почнала да се употребува во тогашната Голема Бугарија каде во целиот западен дел живееле Словените, Македонците. Според сите текстови (докази) јасно е дека глаголицата немала долг век на траење и дека кирилицата повторно си го нашла својот пат. Тоа било азбука која одамна сите ја познавале на оваа територија и затоа толку брзо ја истиснала глаголицата.

Јазикот - нација

Главно обележје на една нација, покрај заедничките обичаи и традиција е јазикот. Националните држави на Балканот се оформени во втората половина на 19. век. Во напорите да се создаде и Македонска држава тогаш, освен самите Македонци, никој немал интерес. Големите сили си оформувале свои државички со кои лесно манипулирале (и манипулираат). Ниедна од нив не застанала зад формирањето на Македонија. Целта била, и е, таа да не постои.

Соседните држави со добивањето независност ги официјализираат своите јазици. Но потеклото, развојот и кодификацијата се случувале многу пред тоа. Сите словенски јазици потекнуваат од прасловенски јазик кој со тек на време на различни територии си добивал свои карактеристики. Овие во науката се наречени редакции или варијанти, но за да сфатиме за што станува збор, можеме да ги наречеме и различни дијалекти на словенскиот јазик. Последниве години, почнувајќи од распадот на СФРЈ па до денес, интересно е раздвојувањето на некогашниот српско-хрватски јазик. Од еден, денес имаме четири: хрватски, српски, босански, црногорски. Официјализирањето и посебноста на овие навистина многу блиски јазици никој не им ја оспорува.

Но, затоа македонскиот јазик се уште е оспоруван и тоа се разбира од Бугарија. Јазикот е основата од која тргнува негирањето на Бугарија за Македонците. Поточно, тие велат дека не постои одделен македонски јазик, дека е тоа дијалект на бугарскиот - и следствено на тоа - не постои ни одделна македонска нација. Нивната експанзионистичка политика не е завршена. Нивната цел е кога-тогаш кон својата територија да ја припојат и територијата на „братскиот“ народ каде се говори бугарски дијалект. Ужасно навредува нивниот омаловажувачки однос кон Македонците. Секогаш со потсмев (како кон мало неуко дете), секогаш со истата теза: дека ние сме непросветлени и несвесни Бугари, и дека јазикот кој го говориме е бугарски.

Цел век и повеќе Бугарија се труди (со помош на Русија и другите светски сили) да ја тера водата на своја воденица, да ја пишуваат историјата како што им одговара за постигнување на крајната цел.

Анализирајќи го нивното гледиште за историјата на бугарскиот јазик можам да заклучам дека во најмала рака е смешно и не верувам дека некој сериозен научник тоа може да го прифати.
Имено:

1. Почетоците на бугарскиот јазик (како словенски) го лоцираат во 9. век, односно во Охридската книжевна школа. Тоа и не е далеку од вистината, но претенциозен е нивниот усилен труд тој јазик да го наречат старобугарски и ваквиот назив да го наметнат во светски рамки.

Зошто е ова смешно? Да се вратиме на бугарската историја од овој период. Канот Борис освојува дел од териториите на Македонија од Византија и за да ги зачува новите територии населени со словени тој го воведува словенскиот јазик за службен, кој самиот тој не го знаел доволно. Што значи, Охрид бил штотуку освоен. Во новосоздаденото бугарско средновековно царство центар на културата станува град кој се наоѓал на неговата најоддалечена западна граница??? И да повториме Кирил и Методиј биле од Солун, а во мисија ги испраќа Византија, односно Василиј Втори Македонецот (или Бугароубиецот - како сакате). Не сфаќам од каде ги црпат Бугарите своите убедувања дека Кирил и Методиј се Бугари???

Понатаму, Бугарите пишуваат илјадници страници за да ја направат оваа приказна вистинита - дека центарот на бугарштината е штотуку освоен град каде се говорел јазик кој немал никаква врска со прабугарскиот (да, вистина е ова, само јазикот не е старобугарски - туку е јазик кој го говореле луѓето во Македонија кој не мора да го наречеме старомакедонски, нека биде старословенски, ама никако не е старобугарски). Илјадници страници, илјадници зборови, а ниту еден вистински аргумент. Си го образложуваат тие континуитетот на јазикот со приказни инзистирајќи овие писмени почетоци да се нарекуваат старобугарски. (Сепак, во светот не е прифатен терминот старобугарски.) Овој термин е форсиран од германски лингвисти од втората половина на 19. век. Во врска со ова не треба да заборавиме дека на тогаш оформента Бугарија од страна на Русија (1878) и ставаат кнез - Германец Александар Први Батенберг. На тој начин се продлабочуваат бугарско-германските врски и на тој начин настанува германскиот термин Altbulgarisch („старобугарски“).

Освен што не е реален, според светските лингвисти терминот „старобугарски“ може да предизвика забуни и да се поврзе со јазикот на старите Бугари (на Аспарух) кој немал никаква врска со словенскиот (тој е од турското семејство јазици). Но, за Бугарите тоа не е никаква пречка бидејќи јазикот на Аспарух се нарекува прабугарски, а „новиот“ словенски е старобугарски. Јасно? Појасно не може да биде! Тоа е „континуитетот“ на Бугарите!

1. прабугарскиот - од турско семејство (не е ни од индоевропското семејство!) на кој се „надоврзува“ 2. старобугарскиот од словенско (индоевропско семејство)! хахахаха!