Showing posts with label српска историја. Show all posts
Showing posts with label српска историја. Show all posts

13.1.10

Српска слава

Во пресрет на Василица, а сè уште под импресија на препрочитувањето на српската историја...

Србите, крсните слави ги сметаат за свој ексклузивитет нарекувајќи ги „Српска слава“. Па, дури, во „Новата српска историја“ пишува : „Славата е обичај на сите православни Срби, а донеодамна и на македонските Словени“. Или, со други зборови, сите што слават слава се Срби, а бидејќи јужносрбијанците се македонизирале, веќе не слават слави.
Ниту можам да прифатам дека славата е „српски специјалитет“, а уште помалку дека во Македонија веќе не се празнува.
За потеклото...
Официјално, најстарите податоци за постоење крсна слава (семејно христијанско празнување) потекнуваат од 9. век, од областа Девол, јужно од Охридското Езеро.
Има разни претпоставки како настанало ова празнување, како на пример, дека тоа било денот кога семејството го примило христијанството или пак дека е наследено уште од паганскиот период како славење на други домашни божества, а посветено и на (мртвите) предци. Но, со тек на време славите добиле христијански карактер.
Да се потсетиме - во 9. век се појавува словенската писменост која имала за цел полесно ширење на христијанството меѓу сè уште нехристијанизираното словенско население. Ова особено се однесувало за териториите северно од Македонија, бидејќи Кирил и Методиј, веднаш по создавањето на писмото заминуваат од Македонија (очигледно дека тука немало потреба од поголемо задржување и христијанизирање, зашто населението веќе било христијанизирано. А, ако си помислите дека тие биле Грци, не заборавајте дека Кирил е одбран за создавач на азбуката - бидејќи сите Солуњани чисто словенски зборувале).
Сепак, мислам дека овие официјални податоци и не се баш точни.
Еве зошто...
Размислувајќи еднаш, зошто на сите Егејци домашна слава им е Митровден, дознав дека тоа е празник на градот Солун. Односно дека во 3. век во Солун живеел Светиот великомаченик Димитрија кој за време на животот бил војвода на Солун, и негов заштитник. Но и по смртта тој останал заштитник на Солун зашто ги одбивал непријателите, направил многу чуда, ги исцелувал болните, ги застапувал пред Бога сите што ќе ја побарале неговата помош. Бил наречен Димитрија Солунски и во споменот на народот останал како патрон на овој град, но и како негов бранител, заповедник, господар, застапник и посредник. Црквата Свети Димитрија во Солун од крајот на петтиот век била најпосетеното светилиште на побожните христијански аџии.
Значи Митровден (св. Димитрија) посведочено се празнува уште во 5. век во Солун како колективна слава. (Нели Србите доаѓаат на Балканот во 6.-7. век, а Цар Душан за првпат стигнува со своите освојувања во тој дел во 11. век, епа за каква српска слава зборуваме?)
Така ми се разјасни зошто Егејците сега слават Митровден - зашто тоа празнување си го донеле од старите и во новите домови како спомен.
Толку за потеклото, а за денес...
Денес во Македонија и тоа како се слават сите видови слави. Крсни (домашни), имендени (во чест на светецот чие име го носи домаќинот) и колективни (селски и градски) слави - во чест на избран светец, заштитник на селото или градот.
Многу е смешно некој да констатира дека во Македонија не се слават слави (па секој од нас знае зошто зиме сите правиме стомаци). Но, ваквата констатација напишана во официјална и призната историја има своја позадина и воопшто не е смешна. Индиректно (или директно) се вели дека сите што во Македонија празнуваат слава се Срби.
Инаку, да не ја заборавам и Василица. Кај нас таа се празнува на целата територија на Македонија и колективно и како крсна слава и како именден. Начинот на празнување е различен. Колективното празнување со маски говори за длабоките корени во минатото (од времето пред христијанството), домашното празнување и имендените пак, се поцивилизирани и понови. Тоа е типична слика на Македонија и Македонецот, кој се труди да го фати чекорот со модерниот свет, а го чува исконското како најсвето нешто, па макар тоа било и паганско. Измешаното и испреплетено старо и ново нè прави уникатни и свои. Од тоа не треба да се срамиме, ниту да бегаме. Мешањето на старото и новото, на разните обичаи од разните народи секогаш изродува квалитет. А Македонците се квалитетен производ и не слават „српска слава“ - туку своја!

12.1.10

Македонија во српската историја (петти дел)

„Да убиеш човек е криминал, а да масакрираш нација - е прашање“ (Виктор Иго, 1876г.)
По атентатот на принцот Фердинанд, Австро - Унгарија и објавува војна на Србија со што започнува Првата светска војна.
Исходот и воениот плен на Србија од оваа војна е создавањето на Југославија (Кралството СХС) зашто со него владеело српската династија Караѓорѓевиќ. Во оваа држава биле признати само трите народи (Србите, Хрватите и Словенците, и тоа под контрола на Србите), а другите биле обесправени и непризнаени. По Октомвриската револуција се формира Комунистичката партија на Југославија која на парламентарните избори ќе добие многу гласови.
И сега Србите тврдат дека тогаш не постоел македонски народ, но во одлуките на Петтиот конгрес на КПЈ од 1924г. во 7. точка пишува:
„Бидејќи во Југославија постои масовно движење против националното угнетување во сите негови облици, масовното движење за право на самоопределување, националното прашање има актуелно и остро обележје и непосредно ги засега интересите на работничката класа. Заради тоа, општата парола во врска со правото на самоопределување, која ја истакнува КПЈ, мора да се изрази во облик на издвојување на Хрватска и Словенија и Македонија од составот на Југославија и да се создадат независни републики.“

Прашањето ми е кој тоа сакал да се самоопределува и издвојува како посебна република во Македонија? Јужносрбијанците?

Откако ја увидел опасноста од распадот на неговото ново кралство, во 1929г. кралот Александар прогласил диктатура и ја преименувал државата во Југославија. Во „Обзнаната“ на Александар била забранета работата на КПЈ. Тогаш, сфаќајќи ја опасноста од интелектуалниот млад македонски кадар, во Македонија се укинуваат училиштата!!! Со Закон таа година се затвараат гимназиите во: Струмица, Ресен, Кавадарци и Кичево. Укинати се и нижите гимназии во: Гевгелија, Кавадарци, Кочани, Струга, Ресен, Дебар и Гостивар. Исто така дотогашните полни гимназии во Велес, Куманово, Штип, Прилеп и Охрид се претворени во неполни гимназии, а Учителската школа во Прилеп е затворена. Намалувањето на просветните институции во Македонија продолжило и во наредните години. Тоа ти јака српска филозофија - прост народ, силна држава!

Но, македонското прашање се позасилено почнало да се поставува. За наша среќа победници во Втората светска војна се комунистите кои го одржале ветувањето и овозможиле формирање на посебна македонска република.

За периодот по војната во „Новата српска историја“ пишува:
„Во Македонија, чии граници, со мали поправки била земена цела Вардарска бановина, по протерувањето на колонистите населени во меѓувоениот период, следела присилна асимилација на 140000 Срби... Додека на Србите им наметнувале промена на презимињата од -иќ на -ски, таков вид дискриминација не бил предвиден за другите етнички заедници“. (Хахахахахахахахахахаха, и уште едно ха!) „Македонските словени во училиштата учеле дека биле жртви на две „српски окупации“, по Балканските и по Првата светска војна. Поттикнато од македонските комунисти и со согласност од федералното водство, црковната хиерархија во Македонија 1958 г. добила автономија, а 1967 г. вон црковните канони била прогласена автокефалност на т.н. Македонска православна црква. Оваа творба, меѓутоа, не е признаена од ниедна православна црква, а признание има само од Ватикан.“

Значи, какво лажење и извртување на фактите!!!
1. За делот со презимињата просто не можам да се изнасмеам! Тука спаѓа промената на презимето и на мојот дедо (од тетовскиот крај) кој претходно бил преименуван со -иќ (а, едно време и со -ов)! По војната човекот го прашале како сака да се презива, никој не го присилил да си го смени презимето (тоа го имам слушнато со мои уши), и бидејќи, конечно дошло „НАШЕТО“ тој си го одбрал презимето со -ски!
2. Во врска со учењето на историјата во училиштата. Сега, препрочитувајќи ја српскта историја, сфаќам колку повеќе ја познавам српската од нашата. Ми се чини дека ние во школо сме учеле српска, а не некоја друга историја! (Почнувајќи од Немањиќи, па наваму, сите фаци им ги знаев. Од каде? А за Ченто првпат слушнав пред 10 години!!!)
3. А, третиот дел, најзначајниот, бара многу поголемо внимание и историски осврт за да се разбере. Но, едно е јасно. Србија и српството е секогаш врзано со православната црква. Тие ден-денес не ја признаваат македонската црква, затоа што така ќе треба да го признаат и македонскиот народ!
Некои забелешки од денешен аспект, а што ги памтам:
1.Колку не е ширен никаков македонски национализам во Македонија по 1945г. може да се заклучи и од имињата што им биле давани на институциите, улиците, плоштадите итн.
До вистинското осамостојување на Македонија, дали само 10% од училиштата носеа македонски имиња! Се уште не сме ги заборавиле тие имиња (некои уште ги викаме по старо), на пример: Моша Пијаде, Владимир Назор, Иво Лола Рибар, Ленин, Ј.Б. Тито, итн. (во духот на комунистичкото единство).
2. Се сеќавам дека под изговор на мал пазар во Македонија детските и младински списанија не се преведуваа, туку беа на српски (Политикин забавник, Микиев забавник и сите други). А, во Словенија која имаше ист таков пазар, тие си беа преведени на словенечки јазик.
3. Македонските музички групи НЕ СМЕЕЈА да издадат албум, ако сите песни им беа на македонски јазик!
4. Беа, и се уште се, форсирани српската музика и српските телевизии во Македонија.
5. Во контакти со Срби, во 1980-85г. ги доживував најомаловажувачките моменти - кога ми се потсмеваа дека се сметам за Македонка и ме нарекуваа Јужносрбијанка!
итн...
И, наместо заклучок:
Очигледно, на Србите не им се допаѓаше старата, па мораа да си напишат „Нова историја српског народа“ - каде сосема ќе ги збришат Македонците.
Во книгата (а и во сите учебници) за нас исклучиво го користат терминот „Македонски словени“ (ни случајно Македонци).
Освен што се тврди дека новата „македонска“ нација почнала да се формира по 1944 година, за да го поткрепат ова нивно тврдење морале често да преведуваат погрешно од други книги и ниту еднаш во текот на историјаа да не го спомнат зборот МАКЕДОНИЈА - ниту како територија, ниту како тема, област, што и да е... Како таа да не постоела, а барем како таква можеме да ја видиме на сите стари карти. (Се спомнува само по 1944 година и тоа со голема иронија, како Вардарска бановина која станала Македонија).
Понатаму, иако е факт дека пишувам на кирилица, таму пишува:
„Кирилицата е азбука со која и денес се служи дел од словенскиот свет: Срби, Руси, Бугари, Украинци и Белоруси“.
Македонците ги нема! Зошто?
Затоа што не ги сметаат за Словени?
Затоа што азбуката ја сметаат за српска?
Затоа што Македонци не постојат?

Ова не го пишувам за да создадам било каква омраза, или не знам што. Ова го пишувам зашто е факт. Србија, исто како Бугарија и Грција не сака да го пушти Македонецот да си живее раат. Како што би кажал Слободан Милошевиќ: „Независна Македонија - мало морген“ !!!
Па, затоа, не треба да гаиме илузии дека Србите ќе ни помогнат. Тие се единствените кои го изгубија парчето што го ќарија од Балканските војни и убедена сум дека не им е сеедно. Во комбинација со Грција, нема шанса да излезе нешто поволно за Македонија!

10.1.10

Македонија во српската историја (четврти дел) - чие е бебето?

Почетокот на 20. век ја означува најголемата бескрупулозност на Балканскиот експанзионизам.
Да не повторувам пак за тие војни, веќе кажав кога пишував за бугарската историја (во четвртиот дел).

Во библиската приказна за бебето, со древна мудрост ни се распостила целата историска вистина за Балканските војни.

Соломонов суд е библиска приказна, во 1 Цареви 3:16-28, каде две проститутки доаѓаат кај цар Соломон и му носат едно машко бебе. Тие живеат заедно и секоја од нив тврди дека му е мајка. Жените велеле дека една ноќ, откога на секоја од нив ѝ се родило дете, другата жена се разбудила и сфатила дека си го угушила детето додека спиела. Во очај и љубомора жената го земала мртвото дете и го заменила со живото дете на другата жена. Утрото жената се разбудила покрај мртво бебе, но веднаш сфатила дека не е нејзиното, туку на другата жена.
По извесно размислување, царот Соломон наредил да му се донесе меч. Рекол дека има само едно праведно решение: живото бебе мора да се расцепи на две половини за да се подели подеднакво на двете жени. Кога ја чула оваа страшна пресуда, вистинската мајка извикала: „Ах, господару! Детето нека ѝ биде дадено нејзе, само немојте да го убиете!“ На тоа лажливата жена извикала: „Нека не биде ни мое ни твое: пресечете го!“. Соломон веднаш ѝ го дал бебето на вистинската мајка, воочувајќи го инстинктот на вистинската мајка да си го заштити чедото, и дека лажливата жена го барала само од љубомора.“ (од Википедија)


Значи, чие е бебето?


Само Македонците плачеле по обединета Македонија, па дури и под Османлиска управа (како автономија), а сите други сакале да ја делат и масакрираат со својот меч.
Сто години веќе поминаа, а ние уште плачеме по бебето, а другите уште нè убедуваат дека бебе - нема!
Откако по Балканските војни го искасапија бебето, новите мајки си го воспитуваа парчето секоја на свој начин.
Сегде му дадоа ново име, ново презиме, нов стил на живеење. Сите го пратија во нивно училиште за да научи да живее на нивниот начин.
Бидејќи најголем дел од бебето замала Грција, таа си имала и најголеми проблеми, па решила целосно душата да му ја извади.
Кај мајка - Србија и не било толку страшно. Таа била понежна, со убаво сакала да му објасни на бебето дека не е повеќе она што било, туку мора да биде исто како мама.

Македонија во српската историја (трет дел)

Неколку востанија во текот на 19. век, но и поддршката од Големите сили доведуваат до создавање на Кралството Србија.

1804г. е Првото српско востание, на чело со Караѓорѓе, но по Второто српско востание 1815 г. на селанскиот водач Милош Обреновиќ, Србија станува вазалско кнежество. Тој својата титула „ја купил“ така што главата на Караѓорѓе му ја подарил на Султанот.
Веќе по 6. руско-турска војна, 1828г. со мировниот договор во Адрианопол, Србија се здобива со целосна автономија, но врховната власт останува во рацете на Турците.
„Кнезот Милош, како и Караѓорѓе, тежнеел кон обединување на сите Срби, секогаш помислувајќи на Херцеговина, Босна и Стара Србија (Косово, Метохија, Стара Рашка, северна и западна Македонија)“.
Тогаш се случува националната преродба која ја предводи Вук Стефановиќ Караџиќ, реформирајќи го српскиот јазик и азбука, пишувајќи речник на српскиот јазик, собирајќи и објавувајќи ги сите народни песни, ја превел Библијата, и ги „преиздал сите стари списи“.

Во занесот на српскиот романтизам, ретко тие преводи се веродостојни, односно од сите го брише зборот „Македонија“, веројатно прилагодувајќи се на моменталните состојби (заменувајќи го со Грција, или Румелија). Ова веќе го спомнав со Душановиот законик.
Но, сепак, и тој има пропусти... па вели... “су се Маћедонија српске звале све земље народа нашега (Владимир Ћоровић: Историја српског народа, налов „Обнова пећке патријаршије“, Прва књига, Издавачи "Глас српски", Бања Лука и "Ars Libri", Београд, 1997 г.)

- но сега веќе не. Од него па натаму, ништо не смее да се вика Македонија!

Па, така, во средината на 19. век започнува борбата за поделбата на „териториите“ во минатото наречени Македонија, а сега безимени.

Првиот Балкански сојуз е склучен 1866-1868г., но разговорите започнале уште во 1860г. Во 1861г. во Цариград започнале српско-грчките преговори во кои се разговарало за создавањето на Бугарија, дипломатските акции и за идното територијално разграничување. Во 1868 г. е склучена српско-грчка Конвенција, во која, во случај на заеднички воени акции, на Грција би и припаднале Епир и Тесалија, а на Србија Босна и Херцеговина (и тогаш сè уште биле релативно скромни!).

(Интересно е што ова време во учебник за средно образование од 1871г. Македонците се нарекуваат „најстар народ на Балканот“, за набрзо потоа да ги снема од сите нивни учебници и тогашни и сегашни.)





1878г. се случува Берлинскиот конгрес кој бил реакција и поништување на одлуките на Санстефанскиот мировен договор и создавањето на Голема Бугарија. На овој Конгрес Србија добила повеќе отколку што очекувала - независност и нови територии кон југ.

За да си ја зацврсти својата положба, Милан, 1882 г. Србија ја прогласил за Кралство. За ова, 1881 г. склучил тајна конвенција со Австро-Унгарија, со која се обврзал дека ќе се откаже од секаква агитација во Босна и Херцеговина, а добил ветување за територијално ширење кон југ.

„1885г. почнала Српско-бугарската војна. Кралот Милан и неговата влада сметале дека тоа што кон Бугарското Кнежество е приклучена и Источна Румелија се нарушила рамнотежата на Балканот. И наместо да маршира кон Стара Србија, Милан, и покрај расположението на народот, и објавил војна на Бугарија. Српската војска доживеала тежок пораз во битката кај Сливница и спасена е со интервенција на Виенската дипломатија.“(од „Нова историја на српскиот народ“).

По оваа изгубена војна Србија се свртела кон поинаков пристап за освојување. Во 1887г. бил донесен специјален реферат за српските цркви и училишта надвор од Србија, а со истата цел 1889г. се формирал и посебен оддел во Министерството за надворешни работи. Па така, во Македонија се отварале српски училишта, им се давале стипендии на македонските ученици за школување во Србија (и во српски дух - од кое, на пр. К.П.Мисирков брзо побегнал, прво во Бугарија, па во Русија).

Ваква дозвола од Високата порта Србија добила дури во 1893г.

Всушност, во еден документ од тоа време, кој го презентира Ханс Лотар Штепан во „Македонскиот јазол“, многу јасно се гледа што се сличило:

„Пред австриската окупација на Босна, никој во Србија не помислил не искажување претензии кон Македонија... Се дури Србија ги бараше своите брегови на Јадранското Море, немаше тврдења дека во Солун има српско население... Дури откако на Србите, со насилен акт на Берлинскиот конгрес, им беше одземено природното право, поради историјата и јазичните граници, дасе прошират кон Јадранското Море, со вештачка агитација погледот на српската политика се сврте кон Македонија“

Во српската (и бугарската) нова историја се негираат било какви востанија на македонскиот народ во овој период. Според нив, тоа биле чисто српски (или бугарски) востанија.

Но, постојат документи и печат на кој убаво се гледа кој и за што се борел во Кресненското востание (1878), а тука го има и целиот Правилник преведен на англиски, за да биде појасно!

Според нашите соседи, народот не бил национално освестен, односно тогаш во Македонија немало Македонци!!!
А, тогаш со кого си играле мајтап Лозарите?
Во каков занес паѓал Ѓорѓија Пулески, а по него и Крсте Петков Мисирков?
И зошто тогаш му го промениле презимето на прадедо ми, а на дедо ми нешто подоцна повторно. Зашто сакале?

Покрај вардарскиот дел од „Стара Србија“, еве уште нешто за најголемата српска болка (последниот печат на Косово):

„После Српско-турската војна (1877-1878) расселувањето од широки размери настанало од две причини. Арнаутите, жителите на Косово, почнале, заради војната, ужасно да им се одмаздуваат на Србите кои им биле раја. Одејќи и враќајќи се од војната, им ги палеле куќите, им ја одземале стоката и ги обесчестувале децата, па Србите си ја спасувале главата бегајќи во Србија, преку граница, која сега повеќе им се приближила и им овозможила полесно бегство. Од друга страна, од новите граници на Србија протераните Арнаути од Србија почнале масовно да се задржуваат во Косово, како место кое е најблиску до нивните имоти од напуштената Србија.Овие нови исселеници, познати под името „мухаџери“, го преплавија Косово потиснувајќи ги со сила Србите за да си направат место за себе... Значи, на тој начин, Арнаутите исторвремено од две страни ги преплавиле српските села: едни кои се повеќе се спуштале кон Ситница, а другите од српската граница. Денес, на прсти може да се избројат селата во кои нема Арнаути, а безбројни се селата во кои нема Срби, а ги имаше до неодамна. (Б. Нушиќ, „Косово - опис на земјите и народите“)


9.1.10

Македонија во српската историја (втор дел)

Во периодот на Османлиската Империја во српската историја се случува нешто што Србите до ден-денес не можат да си го простат.

Кога почнува да се шири Османлиската Империја и во Европа, териториите од Душановото Царство на југ од Ниш, брзо и лесно потпаѓаат под новата власт.
(Поточно, цела Македонија тогаш спаѓала во Душановото Царство, но бидејќи не биле многу загрижени за територии и народ кои и така не биле нивни - лесно ги препуштиле на новиот освојувач).
Секако, кога станувало збор за одбрана на своето, отпорот бил многу поголем. Најпозната при одбраната на „српските земји“ од налетот на Турците е Косовската битка. На таа територија во изминатиот период биле изградени огромен број цркви и манастири - темелот на српството.
Но, по Косовската битка, Косово и Метохија заедно со скопската околина биле ставени под војничка управа на Османлиите, а поголем дел од преживеаните српски благородници станале турски вазали. Настанало огромно расселување и бегство на Србите кон север. Српските феудални државички ќе продолжат да им пружаат отпор на Османлиите сѐ до падот на Смедерево 1459 со што е означен и падот на Српската Деспотовина.

Од таа година па се до 1557 (значи, стотина години) Српската црква се наоѓала во најтешка состојба (што подразбира најтежок период за опстанување на српството). Во тоа време Српската црква била припоена кон Охридската архиепископија!!! (Што многу срамежливо и со едно „вероватно“ е напишано во „Новата историја на српскиот народ“).

Во наредниот период, Австро-Унгарија постојано гледала да се заштити себе, а и да ги рашири своите територии кон југо-исток. Помош добивала во месното „српско“ население. Со помош на Србите и мартолозот Карпош 1689г., австриската војска стигнала до Скопје и Велес. Но, веќе следната, 1690г. реорганизираната турска војска набрзо ги вратила Скопје, Приштина, Призрен и Ниш.
„Плашејќи се од одмазда, народот безглаво се повлекувал кон север. На големото народно-црковно собрание во Белград решено е да се прифати повикот на кралот Леополд за борба и да се продолжи војната против заедничкиот непријател, но од територијата на Унгарија. Собранието го признало австрискиот цар за српски крал, но од Виена побарал да ја потврди црковната автономија и јурисдикцијата на патријархот врз целото српско население во Монархијата. Царот го одобрил тоа и во август 1690г. ја издал првата привилегија на српкиот народ.“ (од „Нова историја српског народа“)

За српската историја секако е безначеан овој дел:

„За време на Карпошовото востание во Македонија, во 1689 г. заедно со австриската војска се повлекува голема група Македонци, од сите делови на Македонија во Австрија, каде што често биле напаѓани од австриските военополициски сили. За да ја подобрат својата состојба во Австрија, Македонците пошле при Леополд Први, Император Австриски, барајќи заштита за пребеганиот македонски народ; македонскиот народ го претставувале двајца Македонци, Краида од Кожани и Поповиќ од Солун, кои и се декларирале официјално како Македонци, па Леополд Први на 26.04.1690 г. издава заштитна нота за македонскиот народ „gens Macedonica“ (Ј.Ронић, Прилози за историју Срба у Угарској у XVI, XVII и XVIII веку. Прва књига. Књ. Матица српске, бр. 25 и 26. Нови Сад 1908, стр. 52-53). (од Македонскаисторијаблог)

Но, бидејќи во Австрија кон нив не се однесувале добро, тие побарале спас и живеалиште во Русија. Таму им било одобрено да се населат, а голем дел од нив влегувале во посебни национални полкови кои подоцна се бореле во Руско-турските војни.
Еве документ од македонскиот киевски полк од 1755г.:


Мислам дека е доволно децидно напишано која националност биле луѓето од полкот. Еве и една анализа на македонскиот полк од М. Здравева.


А, еве го и делот што на почетокот го спомнав, кој Србите никогаш нема да си го простат:
„Немајќи каде назад, бидејќи турската војска веќе си ја повратила цела Србија, надевајќи се и верувајќи и на привилегијата, патријархот Арсеније го повел народот во Големата преселба. Се смета дека тогаш по него тргнале 60000 луѓе....
... Турската и татарската војска крваво му се одмаздувала на населението што останало. Земјата целосно запустела и замрела, манастирите и црквите биле ограбени и разрушени. Некогашното средиште на српската средовековна држава, Косово и Метохија, од каде избегале цели села, почнале да ја преовладуваат Арнаутите.“

Практично, „старите српски земји“ тогаш Србите ги напуштиле со што им овозможиле населување на Албанците во Косово.

6.1.10

Македонија во српската историја (прв дел)

Начинот на којшто си ја претставуваат сопствената историја Балканските земји и нивните стремежи за враќање на најславниот момент - односно, најголемата територија освоена во минатото, го прави Балканот „буре барут“. Кога сите овие земји би ги оствариле своите стремежи - не би не собрале ни 5 Балкана. Замислете ги: Голема Србија, Голема Бугарија, Голема Албанија, Голема Македонија (а Грција е веќе голема, па не мора да ја замислувате)?!? Каде?
Еднеш веќе кажав дека за да ја разбереме сопствената историја мора да ја знаеме и историјата на нашите соседи. За Бугарија веќе доста напишав, на ред е Србија...

„Во нивната „фаза на национално будење“, Србите се ориентираа - како и Бугарите, Грците и Албанците - во нивните конкурирачки територијални претстави на некогашните средновековни владетелски творби; оти имено, во 19 век Србите се уште важеа за еден од народите во југоисточна Европа кои беа „без историја“, и дури допрва бараа „појдовна точка за својата историска проекција“. (Ханс - Лотар Штепан)
И така... тие ја напишаа...
До неодамна Србите сметаа дека се чисто словенско племе населено на нивниот (?!) простор во 6. век.
Според новите сфаќања на историјата, се разбира се сложуваат со тоа дека тие се етникум (како и сите други) настанат со мешање на домородни, словенски и други племиња - прераснат во модерна српска нација.
Како и да е, историјата на Србија започнува во 6. век.
Ваквото претставување на историјата беше наметнат од нивна страна и во цела поранешна Југославија, и во Македонија. (Да се смета почеток на времето 6. век?)
На Балканскиот Полуостров Србите се населиле за време на Византискиот цар Ираклиј (610 - 641). Во текот на неколку векови создадени се повеќе територии кои ќе прераснуваат во феудални државички, но вистинското јадро на српската етничка целина се создава во Рашка (или Србија).
Христијанизацијата на Србите се смета за основа на создавање на државноста и нацијата. Всушност, сржта на нацијата ја сочинува опстојувањето на православната вера и црквата.
Во текот на 10. и 11. век се создава Дукља (подоцна Црна Гора), а откако таа пропаѓа, во 12. век моќта се префрла во Рашка, особено под силната власт на династијата Немањиќ кои владеат двесте години.
Во 1282 г. Унгарија на кралот Драгутин му го дава Белград за да управува со него (тоа е првпат српски владетел да завладее со Белград). Истата година (1282 г.) кралот Милутин го освојува „славниот град“ Скопје и го прави еден од своите градови-престолнини. Во Скопската архиепископија го гради Богородица трорачица.
Најголем процут средновековна Србија доживува за време на цар Стефан Душан Силниот (крал, па цар од 1331 до 1355).


1345г. Душан во Сер (во близина на Солун) се прогласил за цар. Но, бидејќи не можел да очекува царската титула да му ја потврди ни Цариград, ни Рим, тој решил Српската црква да ја подигне на ниво на патријаршија. Па така, 1346 српскиот архиепископ Јоаникиј е прогласен за патријарх. Државното собрание се одржало во Скопје, каде е прогласена Српската патријаршија, а Душан е крунисан во цар, со што Србија станува царство (на Велигден, 16. април 1346). Поради ваквото самоволие Цариградската патријаршија, односно патријархот Калист му фрлил анатема (проклетство) и целото српско свештенство го исклучил од православниот свет (1350г.). Анатемата е укината во 1375г. за време на кнезот Лазар.
Според новите српски извори, кои се ставени и на Википедија Душан е „Вољом Божјом, Благоверни и Христољубиви цар Србљем и Грком и земље поморске и свему дису (западу)“. Слично и во „Нова историја српског народа“ од Душан Батаковиќ - „Цар Срба и Грка“.
Но, на македонски, во Википедија тоа гласи вака: „Цар Илирски кој владеел со 9 територии, Македонија, Босна, Далмација, Хрватска, Приморје, Славонија, Бугарија, Србија и Рашка, заедно со 14о вазали“.
Не дека сум пристрасна, но чинам дека за македонскава варијанта има и докази, а тоа е грбот на Цар Душан.



Освен тоа, во (Historia Turcica (1502), Municipal Library in Nuremebrg, 31.2). од Феликс Петанчиќ (1455-1517) кој се смета за еден од најдобрите турколози на сите времиња стои: „Macedonum Rasianorum Caesar“ (цар на Македонците и Рашканите). И ова прочитајте го.
Сличното се случува и со „Душановиот законик“. Оригиналниот текст го нема, но постојат преписи во загрепскиот (Хрватска), раваничкиот (Србија), софискиот (Бугарија) на Душановиот законик каде стои: „Законик на пречесниот и христољубивиот македонски цар Стефан, владетел српски, бугарски, унгарско-влашки, далматиниски, арбанашки, и на многу други региони и земји".


Но, има и модерна варијанта, со современ српски јазик и правопис кој српските форумџии го третираат за „оригинален“.


Муабетот ми е, зошто па баш мора да го избришат тоа МАКЕДОНИЈА од секаде? Не дека Душан бил Македонец, скраја да е, туку владеел со териториите на Македонија. Зошто и тоа им пречи???