29.1.10

Уште еден вовед во филозофија

Знаењето не се дава... знаењето се зема!

Пред некое време ми се случи читајќи книга да посакам да стиснам на линкот од некој збор (под влијание на пречестото „висење“ на интернет) и во моментот кога помислив дека сум забегала - всушност сфатив. Иако реално не постојат „линкови“ во печатените книги, јас секогаш сум си ги наоѓала, па затоа до креветот имам по најмалку 3-4 почнати книги, 2-3 штотуку завршени (од кои уште не можам да се одделам) и барем 5-6 што чекаат на ред. А, ако нешто ме заинтересира во некоја книга, а дома „линковите“ ми се недостапни, тогаш трескавично отрчувам во книжарница барајќи наслови кои се поврзани со моето моментално интересирање.
Па така, сега, инспирирана од книгата „Светот на Софија“ и од некои разговори, почнав да и се посветувам на филозофијата. Книгата сум ја читала пред 10 години, но тогаш немав време да се задлабочувам во филозофијата. А, сега..., сега е целото време пред мене...
Иако е многу интересна и постара источната филозофија, таа ќе ја оставам за другпат, зашто се одеднаш сепак не може. Ќе се задржам само на европската, онаа што општо прифатено е темел на модерната цивилизација (се разбира, според сфаќањата на Европјаните).
Често кога ќе спомнеме филозофија си замислуваме нешто заморно, нешто за кое ќе треба длабоко да се помислиме за да го разбереме.
Поимот „филозоф“ во жаргонот означува човек кој само зборува, а ништо не кажува и кој постојано „дави“ со некакви „животни прашања“.
Но, сите ние сме филозофи на некој начин.
Кој од нас не се запрашал:
Кој сум јас?
Која е смислата на моето постоење?
Како е создаден светот (од нешто или од ништо)?
Кое е прво: јајцето или кокошката?
и безброј други прашања...
Античката филозофија е она што ќе биде во центарот на моето внимание. Таа има неколку „фази“.
Првите филозофи се посветиле на прашањата за светот - космосот (хаос - неред, космос - ред) и затоа се нарекува космолошка епоха; потоа интересот се свртел кон човекот - антрополошка фаза; па со подредување и систематизирање на се што го опкружува човекот (Платон и Аристотел) - филозофски системи, времето по Александар Македонски кога културата и сознанијата се ширеле низ целиот тогаш познат свет - хеленистичка фаза; и на крајот се римските филозофи - до Средниот век кога христијанството ја загушило филозофската мисла и наметнало своја. (Страшниот, темен, црн среден век со траење од 1000 години. И, пак се разбира - за мене страшен, и за оние кои имале барем малку напредни мисли).

No comments:

Post a Comment