26.1.10

Екатерина Велика (ЕКВ)

Само умрените се бесмртни...

Мојата младост, мојот најубав дел од животот, беше времето на распадот на СФРЈ - времето на Екатерина Велика.
Од 1984 до 1994, страдаше младешта гледајќи и живеејќи го почетокот на крајот. Сликата на таа младина, на тој метеж во кој се најде, се гледа во песните на ЕКВ и во нивниот стил на живеење. Рок, дрога, алкохол... осаменост, генијалност... смрт.
Сите умреа... ЕКВ е бесмртна...

Иако никогаш не се форсирал како лидер, сепак, сржта на ЕКВ е Милан Младеновиќ, гитаристот и вокалот. Како дете од мешан брак, татко Србин, воено лице и мајка Хрватка уште потешко го прифаќа распадот на Југославија, но останува доследен на себеси и никогаш не го напушта Белград.
Вториот, важен член на бендот е Маги, Маргита Стефановиќ, клавијатури; талентирана и шармантна.
Третиот е басистот Бојан Печар, врвен уметник, кој останува во бендот до 1990, а потоа заминува во Лондон.
Останатите членови, доаѓаа и си заминуваа, кој зашто не можеше да ги разбере, кој зашто умираше.
На почетокот од својата музичка кариера, Милан влезе во бендот Шарло Акробата, со Душан Којиќ - Која (Дисциплина кичме) и Иван Вдовиќ (првата жртва на СИДА во поранешна Југославија).
Тогаш ги создадоа незаборавните „Никој како јас“ (Нико као ја) и „Таа се буди“ (Она се буди), но пресилните индивидуалности на тројцата не им дозволи да продолжат заедно.

Милан оформува свој бенд - Катерина Втора, и по промена на неколку гарнитури на крајот таму се: Милан, Маги, Бојан Печар, Иван Вдовиќ и Михајловиќ (според чија девојка бендот го добил името). По создавањето на првиот заеднички албум „Катерина II“(1984), Михајловиќ заглавува во затвор, а по излегувањето не е веќе член во групата. Поради тоа што сметал дека има авторски права врз името на бендот, групата е принудена да го смени - во Екатерина Велика (или скратено ЕКВ). Веќе следната 1985 година го издаваат новиот албум „Екатерина Велика“ и со многу концерти и видеа почнуваат да стануваат популарни. Од овој албум најпозната им е песната „Очи медова боја“ (Очи боје меда).
Песните кои ме се допаѓаат ќе ги преведам на македонски (значи, не ги препејувам, туку само ги преведувам со мали отстапки), а оригиналите можете да ги слушнете и видите на линковите.

Очи медова боја (Очи боје меда)

Паѓа вода
во твоите очи медова боја
јас сум момче од вода
имам траг под левата пазува
на твоите усни со боја на месо
ќе спуштам капка од својата вода
ќе пуштам глас од грлото...
ај ај ај .... ај

твоите усни на мене
твоите раце на мене
и буткам нож меѓу заби
го менувам обликот како видра
носам сабја околу бедрата
ја собирам потта од челото
на твоите усни со боја на месо
ќе спуштам капка од својата вода
ај ај ај... ај

Вториот албум „Со ветрот во лице“ (С`ветром уз лице) 1986 година станува многу популарен и таму има неколку многу јаки песни.

Како да било некогаш (Као да је било некад)

Како да било некогаш
како да било тука
под големото светло Сонце
под големиот светол свод

ручавме месо
глодавме коски
од добри животни

ние имаме сила
ние имаме сила за уште ден

менуваме ден за ноќ
менуваме ноќ за ден
менуваме ден за ноќ
менуваме ноќ за ден

Проаѓаат бродови
трубат во чест
ѕвонат за тревога

децата учат да плачат
децата учат, да го познаваат својот глас

во топлите јасли
во сенката на боровите
под ѕидот на чемпресите
ја менуваме нашата ноќ
за нечиј туѓ ден...


Ти си сета моја болка (Ти си сав мој бол)

Ги тргаш завесите
го гледаш ветениот град
светлата се палат
тлее желбата во тебе
уште ѓаволи ти ѕиркаат од ракавите
секој нокт го крие отровот на љубовта

ти си сета моја болка
ти си сета моја болка

го испитуваш заборавот
го рушиш алибито
одбираш улога како фустан за навечер

патем ме допира мирисот на ноќта
и вели
разбуди се, раздвижи се
разбуди се, раздвижи се

ти си мојата болка
ти си сета моја болка

Пари в раце (Новац у рукама)

Отсекогаш сум сакал
да го почувствувам допирот
леплив од пот
измастен од крв

Пари во раце

ме сака, не ме сака
купи ме, продај ме
ме сака, не ме сака

пари во раце

голема чиста деловна зграда
валкано ѓубре на излез од градот

Пари во раце

ме сака, не ме сака
купи ме, продај ме
ме сака, не ме сака

пари во раце


Биди сам на улица (Буди сам на улици)

Ми треба свет
отворен за погледи
отворен за трчање

ми треба соба
да прими пет илјади луѓе
со кренати чаши

се крши кристал
светкаат стаклени искри
под нашите нозе

како целосни странци
со стакло во очите
со стакло во градите
на лицето...

биди сам на улица
биди сам...

Следниот албум „Љубов“ (Љубав - 1987) се смета за најдобар албум на бендот, иако мене лично следниот, уште подепресивниот повеќе ми се допаѓа. Од тука почнува загриженоста за она што ќе се случува со државата.

Земја (Земља)

Ова е земја за нас
ова е земја за сите наши луѓе
ова е куќа за нас
ова е куќа за сите наши деца

погледни ме
о, погледни ме
со детски очи

во земјата гледам спас
од сон ме буди глас
кој го препознавам
додека гранките ги милуваат нашите тела
додека сенките прават
покрив за нас
Погледни ме
о, погледни ме со детски очи

Слушам врати се
слишам остани
слушам врати се
прости ми
не оди не оди не

во секој пораз
гледав делче слобода
и кога е готово
знај
дури тогаш почнува

погледни ме
о погледни ме
со детски очи

Љубов (Љубав)

Отсекогаш сум спиел
со твоето име на усните
ти отсекогаш си спиела
со моето име на усните

и каде и да одам
твојата рака е во мојата рака
и кога сакам нешто да кажам
јас велам ние

љубов, љубов

сите мои другари
одамна се и твои другари
двоината старите Словени
ја имеле во речникот

и кога сакам да кажам јас
јас велам ние
и кога мислам на себе
всушност мислам на нас

љубов, љубов

и како што ни поминува времето
да, времето ни проаѓа брзо
деновите и ноќите се
слонови на индиски цртеж

боли и боли
и не боли и не боли нас љубовта
не боли нас љубовта

љубов, љубов

Полека здодевноста ни ја замрсува косата
ни ги валка рацете
полека здодевот ни прави брчки
од лажни насмевки
и нашите нагалени зборови се навика
и нашите нагалени имиња се навика

не боли љубовта

љубов, љубов

отсекогаш сум спиел
со твоето име на усните

Албумот „Само неколку години за нас“ (Само пар година за нас) го носи мирисот на распадот на Југославија, на распаѓањето и на таа генерација која мораше сето тоа да го преживува и затоа за мене е најубав.
Прво летачката...

Над градот (Изнад града)

Го изедовме сите зрна
ја пикнавме ноќта в пазуви
испивме се до крај
сувите усни задуваа во едрата

патуваме над градот
градот ни се смее
не гледа нас
бегаме кон новото утро
над градот
под нас

ги споивме дланките
сменивме ден за ноќ

не губиме здив
не губиме здив
малите деца не знаат што е страв

патуваме над градот
градот ни се смее
не гледа нас
бегаме кон новото утро
над градот
под нас
Па, распаѓачката песна...
Круг (Круг)

Си смислив круг
создадов круг
го скршив кругот
низ ветар го разнесов

ветрот мисли, ветрот знае
се што знаеме јас и ти
тој ме сака, ме носи
тој ме раскршува

како да сум изморен
како да сум стар
како да е здодевно
како премногу да знам

го собрав кругот
и повторно го склопив
тој ме сака
тој ме носи
тој ми простува

како не
како да
како забрана
и како дозвола
како не не не
какао да да да
како забава
и како досада

И пророчката
Неколку години за нас (Пар година за нас)

Со пријателот
седиме на клупа
гледаме ѕвезди
и слушаме вести
кои штотуку стигнаа
велат
има само неколку години за нас

имавме играчки
иживеавме се
сите игри на среќа
игри за луѓе
што ги смислил некој
пред само неколку години за нас

живееме во приказни
се браниме
одиме и славиме
некои глупи работи
што ги смислил некој
во само неколку години за нас

не се доволни зборови
само обични зборови
да ме вратат во живот
не е доволен допир
ниту да знам дека те имам
само уште неколку години

знаеш ли
колку сакам да те најдам?
знам ли
што треба да знам?

сакај ме онака
како никогаш до сега што не си ме сакала

расте како надеж, како говор, како море
како движење, како мугра, како дете, како крв
како земја меѓу нас, расте како болка
и гризе пред нашите очи

сакај ме онака
како никогаш до сега што не си ме сакала


На почетокот на 1994 година Екатарина Велика е неактивна. Милан Младеновиќ истата пролет заминува во Бразил каде заедно со пријателот и музичар Митар Суботиќ и со група бразилски музичари работи на албумот Angel's Breath. По неговото враќање во Белград бендот продолжува со концертните активности и отпочнува со работа на новиот албум чиј работен наслов е „Повторно заедно“(Поново заједно). Работата на албумот сепак набрзо е прекината поради Милановите здравствени проблеми. Во август 1994 година бендот свири на фестивалот во Будва и тоа е нивен последен концертен настап. Следниот ден Милан Младеновиќ е префрлен во болница каде што е откриено дека има рак на панкреасот.
Неколку месеци подоцна, на 5 ноември 1994 година, Милан Младеновиќ умира во Белград на 36 годишна возраст. Со неговата смрт Екатарина Велика престанува да постои.
Бојан Печар умира во Лондон од срцев удар на 13 октомври 1998 во 37-та година од животот.
Маргита Стефановиќ починала на 18 септември 2002 година во Белград на 43 годишна возраст. Причината за смртта не е официјално потврдена, но се смета дека најверојатно умрела од последица на долгогодишното интравенозно користење на дрога.
Останатите членови на бендот кои починале се Иван Вдовиќ (во 1992 како прва регистрирана жртва на СИДА) и Душан Дејановиќ (умрел од СИДА на 16 ноември 2000 година во Белград).
И, една убава документарка за нив од четири епизоди - ја има тука од првата епизода, а другите барајте си ги сами.

1 comment:

  1. Еееееееееееееее, ЕКВ. Ме врати во едни убави времиња.Не можам да пишувам повеќе,зошто сакам да ги слушнам песните пак (и пак и пак )и да бидам барем за малку пак таму некаде,на некоја домашна журка на која ги слушавме барем по 100пати.И се сакавме.Јас.

    ReplyDelete