29.1.10

Талес и другите претсократовци

Одамна не сум прочитала нешто погенијално од ова:
Во античкиот свет филозофите се издвојувале како посебни, како занесеници и самотници, па така, често со нив „обичните луѓе“ се потсмевале.
Во една ситуација, гледајќи во небото и ѕвездите, занесен во своите мисли, првиот познат филозоф, Талес, паднал во некој бунар. Некоја досетлива девојка од Тракија му се потсмевала и му рекла: „Како можеш да знаеш за она што е на небото, ако не го гледаш она што ти е пред нозете?“
И, ова би било само една обична досетка, да не се појавува коментарот на Хегел, многу векови подоцна, кој вели: „На обичните луѓе навистина не може да им се случи да паднат во јазот (бунарот) зашто тие сиот свој живот се во него“!
Хахахаха, се извинувам за цинизмот, ама не е мој, на Хегел е!
Зачувани книги од Талес нема, но одблесоци од неговите мисли среќаваме кај подоцнежните филозофи.
За него е значајно што тој претставува почеток на една поинаква мисла, пресврт во осознавањето на светот. Тој светот го сфаќал како единство, а ВОДАТА била начелото (археото) на целиот свет.
Дека сѐ било едно се среќава и во претходни размислувања, па и во Библијата, каде од едното се издвојуваат небото и земјата, но новото кај Талес е свртувањето кон природата - кон водата.
Талес спаѓа во групата на тројцата филозофи од Милет (Мала Азија), кои се сметаат за претходници на Сократ. Како начело, појдовна точка, искон на сѐ, Талес ја сметал водата.
Неговиот современик, Анаксимандер, сметал дека нашиот свет е само еден од многуте светови кои се создаваат и исчезнуваат во нештото, што тој го нарекува „неодредено“. Можеби сметал дека она од што е сѐ создадено мора да биде различно од она што е создадено, па така водата не може да биде искон, туку начелото е нешто „неодредено“.
Третиот, Анаксимен, сметал дека начелото (прасупстанцата, исконот) мора да биде или воздухот или маглата. Тој го знаел Талесовото учење за водата, но сметал дека таа мора да е згуснат воздух.
Не е важно како си го објаснувале начелото овие стари филозофи кои живееле пред 2600-2700 години, важно е што тие мислеле дека од ништо не може да се создаде нешто. Затоа сметале дека мора да постои нешто (начело, искон) од што се создадени сите други нешта.

No comments:

Post a Comment