14.2.10

Сократ

Сократ е првиот изворен атински филозоф кој во животот не напишал ниту еден збор, а за кого се пишувале цели томови.

Неговиот живот малку потсетува на Исусовиот. Потекнувал од скромно семејство, единствена цел во животот му била да разговара со луѓето и да ги поттикнува да доаѓаат до сознанија, бил неправедно осуден од своите сограѓани на смрт, а смртта ја прифатил без болка и жалење. Иако немал свои ученици, по неговата смрт се појавуваат многу следбеници (сократовци) кои ќе го опишуваат неговиот живот и неговите филозофски ставови.

Надворешно, Сократ бил грд, но со своето знаење и благ дух ги пленувал луѓето. Се облекувал прескромно сметајќи дека човекот нема други вистински потреби освен надоградување на знаењето и усовршување на духот. Бил многу познат и го сметале за најмудриот човек во тоа време. А тој, во стилот на својата иронија, велел дека само им покажува на луѓето дека не го знаат она што мислат дека го знаат, а тој е најмудар само затоа што знае дека ништо не знае.

Всушност, начинот на неговиот живот ја претставува неговата филозофија. Имал семејство, но не му се посветил, туку постојано барал соговорници на атинскиот плоштад, на гозбите, во вежбалните. Разговорот (дијалогот) го сметал за единствен вистински начин на доаѓање до сознанија.

Тој е првиот кој сфаќа дека вистински поставеното прашање е суштествен дел од одговорот. Односно, негов принцип е: поаѓање од ставот дека ништо не знаеме. Со иронија и преку парадокси ги наведувал соговорниците да сфатат дека не го знаат она што мислат дека го знаат, а потоа со маевтика (породување) од душата на соговорникот се извлекуваат вистинските сознанија.

Сократ свесно го отфрлал пишуваниот збор како начин на духовно општење. За него, она што е напишано е мртво, немоќно да одговори на поставеното прашање, да даде образложение, да се брани, и на тој начин да доаѓа до вистинско спознавање. Според него, суштинското знаење е секогаш поврзано со личното искуство. Секој треба да го открие знаењето во себе самиот, да се извлече од несвесното, заборавеното и да се оформи во областа на свесното.

Атина, која за свој симбол го има утот (мудрост) се покажува многу софистичка и лицемерна (само ја продава и тргува со мудроста), а единствениот вистински филозоф го осудува на смрт докажувајќи ја така својата површност и страв од вистински сознанија!





1 comment:

  1. Humanity is like a little more felsfe, would not most of today's turmoil. Philosophy ... Great invention ...

    ReplyDelete