14.2.10

14 февруари - Дионис - св. Трифун

Денес е убав ден. Многу празници во еден, па не знам од каде да почнам.

Ај нека биде од Трифунчо.

Македонија отсекогаш била земја на виното. Еве, баш ќе бидам антиквизатор, и ќе се вратам во античките времиња.

На оваа наша територија во древнината е создаден богот Дионис. Тој подоцна е преземен и од другите антички народи, но изворно е од Македонија.

Постојат различни варијанти за тоа што претставувал во почетокот, но сигурните сознанија се дека Дионис бил бог на виното и прославите. Дионис бил роден од смртна мајка, Самела која изгорела од сјајот и огнот на Зевс во палатата на Кадмо во Теба. Зевс го спасил неродениот син сошивајќи го во бутот, па тој се родил по вторпат (како прво воскреснување). Затоа и бил посветен на природата, виното и полските плодови кои секоја година се обновуваат (воскреснуваат како него). Богот Силен бил негов воспитувач и учител. Се оженил со Аријадна, а во зимските месеци патувал кај Тијадите, шеснаесетте жени кои го обожувале и со кои заедно пиеле вино и паѓале во транс. Потоа Дионис ги собирал жените од Македонија и Тракија, ги водел на островот Самотраки каде започнувале заносните мистерии на Бахатките, кои облечени во животински кожи го бркале еленот низ шумите како жртва и поистоветување со богот, го раскинувале и го јаделе живото месо.

И во античката филозофија е влезен моментот на поистоветувањето со бог во една состојба на транс (веројатно предизвикана од опијати) а поврзана со богот Дионис. (Орфистите говорат дека во состојба на транс нивната душа се одделува од телото и доживува искуства што ги надминува вообичаените. Издвоената душа станува слободна и способна да ја сознае својата „виша“ природа блиска до божјата).

Нешто подоцна Дионисиските игри прераснале во театарски, што значи дека Дионисовите потомци се зачетници и на театарот.

И до ден-денешен во Македонија не е загубен култот кон виното и виновата лоза. (Читајќи некои текстови за Дионис и Трифун, сретнав дека за победа, ТРИУМФ во древнина се употребувал терминот Дионис, односно триумф и Дионис имале исто значење. Без разлика што постоел светец со името ТРИФУН, овие два збора: ТРИУМФ и ТРИФУН премногу слично ми звучат за да немаат никаква врска.)

Како и да е, најверојатно, култот кон Дионис во Македонија со појавата на христијанството преминал кон почитување на св. Трифун - заштитник на природата, виновата лоза, виното... (а и празнувањето, се разбира, е во исто време, зашто лозата се поткаструва пред почетокот на пролетта).

Денес, лозарите го одбележуваат св. Трифун, надевајќи се дека светецот ќе им помогне грозјето да биде благо, а бочвите полни со вино. На овој празник лозјата се попрскуваат со светена вода и се поткаструваат се уште незапупените гранчиња за родот да биде добар.

Според народните верувања, ако на денот на Свети Трифун врне дожд или снег, годината ќе биде плодна, а ако е ведро сушна и јалова.

(За светецот... од МПЦ: Роден е во селото Кампсада во Фригија од сиромашни родители. Во детството беше чувар на гуски. И уште од детството врз него беше голема Божја благодат и можеше да исцелува болести кај луѓето и кај животните и да изгонува бесови. Во тоа време со Римското царство завладеа царот Гордијан, чијашто ќерка слезе од умот и со тоа го фрли царот во голема жалост. Ниеден лекар не можеше да ѝ помогне на лудата Гордијана. Тогаш демонот прозборе преку девојката и рече дека освен Трифун никој не може да го истера. После многумина Трифуни ширум царството, по Божја Промисла го повикаа и овој млад Трифун. Го доведоа во Рим и тој ја исцели царската ќерка. Царот му подари многубројни дарови, а тој на враќање им ги раздели на сиромасите. Потоа ова свето момче продолжи да чува гуски и да Му се моли на Бога. Кога се зацари христоборниот Декиј, Свети Трифун беше малтретиран и свирепо измачуван заради Христа. Но тој со голема радост ги поднесе сите мачења, велејќи: „О кога би можел да се удостојам во оган и маки да завршам за името на Исус Христос, мојот Бог и Господ!“ Маките не му наштетија ни малку и најпосле мачителите го осудија на смрт со меч. Му се помоли на Бога и издивна во 250 година.)

No comments:

Post a Comment