Понекогаш ми е жал што ќе изгубам време на читање на некоја книга, ама, секогаш мора да ја дочитам верувајќи дека ќе ја откријам поентата. Одамна престанав да ги читам книгите со рецепти за подобар живот, за наоѓање на среќата, за подобрување на односите и слични глупости, но пак се случува да налетам на нив. Па така налетав и на книгата „Љубовта е приказна“. Ме заинтересира иницијалната идеја дека сите си ја живееме својата љубовна приказна, дека сите имаме различен пристап кон љубовта, но дека во принцип може да се понудат „класични“ љубовни приказни. Сакав да си ја најдам мојата љубовна приказна и упорно, иако ми беше здодевна книгата, ја читав со таа цел. Всушност, таму се опишани љубовните односи, а не љубовта како приказна.
Според авториот (аналитичар) постојат неколку групи, и во тие рамки и неколку подгрупи љубовни приказни:
Прва група - асиметрични приказни:
1. приказна учител-ученик
Во овој однос асиметријата се создава со тоа што едниот е учител, а другиот е ученик. Улогите може да се менуваат (во зависност од областите), но партнерите не постигнуваат еднаквост.
2. приказна за жртвување
Во оваа приказна луѓето даваат без надеж и очекување дека ќе им биде возвратено. Жртвата се сфаќа како потреба (нужност), а не како избор.
3. приказна за владеење и управување
Тука има различни сфери на распределба на моќ. Може едниот партнер да ја има целосната моќ (автократски) или да биде поделена на различни области (демократска). На пример едниот владее со финансиите, другиот со децата.
4. полициска приказна
Тука, едниот партнер постојано надгледува што прави другиот, постојано му се јавува по телефон и мора да знае штоправи другиот во секој момент. Се разбира дека ова го надминува едноставното интересирање за другиот.
5. порнографска приказна
Во оваа приказна да сакаш значи да понижуваш или да бидеш понижен.
6. хорор-приказна
Едниот партнер (почесто жената) е малтретиран од страна на другиот, но често не ја напуштаат приказната зашто мислат дека последиците од напуштањето ќе бидат поголеми од останувањето во врската.
Втора група - приказни за објекти
1. научнофантастична приказна
Се избираат партнери кои се чудни и неразбирливи (како вонземјани) па затоа им се интересни.
2. колекционерска приказна
Партнерот се избира затоа што се вклопува во некоја општа шема (и обично има повеќе партнери).
3. уметничка приказна
Во оваа приказна партнерот се гледа како уметничко дело задржувајќи се на целокупниот физички изглед, или на делови (очи, тело...)
4. приказна за дом и огниште
Тука луѓето го гледаат својот дом како центар на својот однос. Постојано го дотеруваат домот, доградуваат, средуваат, му посветуваат време и емоционална приврзаност.
5. приказна за оздравување
По преживеана траума (несреќа, лечење од дрога, алкохол) лицето е подготвено да продолжи понатаму, но му треба некој за да му помогне.
6. религиска приказна
Љубовта има функција на религија (барање на спас во љубовта) или религијата да биде интегрален дел од љубовта (мора да се од иста вера и верници).
7. односот како игра
Љубовниот однос се сфаќа како победа или пораз. Партнерите се натпреваруваат во нешто (спорт или друго) или во самиот однос.
Трета група - приказни за координација
1. патеписна приказна
Љубовта се сфаќа како заедничко патување. Воопшто не е важно каде ќе се патува, туку дека ќе се патува заедно.
2. приказна за шиење и плетење
Љубовта е она што партнерите сами ќе го направат, сами ќе го создадат, без конвенционални притеснувања, без однапред зададени шеми.
3. градинска приказна
Односот се гледа како нешто што постојано треба да се негува при што партнерите се доживуваат како најдобри пријатели.
4. деловна приказна
Љубовниот однос се гледа како деловно партнерство каде страстите се топли, но не и жешки. Финансискиот дел е многу важен.
5. приказна за зависност
Партнерот чувствува силна, анксиозна зависност од другиот. Помислата дека може да го загуби му предизвикува чувство на паника, а ако го загуби има симптоми на апстиненцијална криза.
Четврта група - наративни приказни
1. сказненска приказна
Калсичната љубовна приказна за принцот на бел коњ или принцезата.
2. историска приказна
Навраќање на минатите настани, чување на сите слики и други спомени.
3. научна приказна
Љубовта може да се разбере со анализирање на односите и постапките.
4. готвачка приказна
За успешна врска потребен е вистинскиот рецепт - ако се изберат вистинските чекори и да се прават работите на одреден начин.
Петта група - жанровски приказни
1. воена приказна
Љубовта е војна, а добриот однос почива на војување, односно постојана борба за она во што веруваат.
2. театарска приказна
Партнерите се гледаат како артисти кои играат различни улоги. Уште при влегувањето во врската си подготвуваат текст и приказни со кои ќе го фасцинираат партнерот.
3. хумористична приказна
Се гледа смешната страна на работите. Ваквите врски се забавни, но често важните прашања се избегнуваат со „свртување на работата на шега“.
4. таинствена приказна
Тука се смета дека таинственоста е важен дел од љубовта и дека човек не треба да дозволи да се знае премногу за него. Знаат да бидат интересни поради одржување на заинтересираноста, но често разочарувачки кога ќе се увиди дека нема што да се открие.
Ете, тоа беше обработено во книгава. Кај се помачив да ја прочитам, па сега уште се помачив и да ги напишам сите овие точки.
Малку ме изнервира што не се најдов во ниедна од овие приказни, поточно во сите од нив по малку.
Значи, мојата приказна би била: понекогаш сакам да бидам учителка и ученичка, понекогаш сакам да се жртвувам за љубовта, сакам да имам моќ во одредени ситуации, понекогаш сакам да го надгледувам партнерот па и да го малтретирам, сакам некогаш да не го разбирам, да биде чуден, релативно да се вклопува во некоја шема, да не биде грд, да имаме топол дом, да му помагам ако западне во криза, да верувам во љубовта, да се натпреваруваме во разни игри, заедно да патуваме, да ја создаваме и негуваме нашата приказна, да немаме проблем со финансиите, да се чувствуваме приврзани еден кон друг, тој да биде мој принц, а јас негова принцеза, да се сеќаваме на убавите минати времиња, да ги анализираме грешките за да не ги правиме повторно, да ги одбираме вистинските чекори, да се бориме за она во што веруваме, понекогаш да „влегуваме во филм“, да ја гледаме смешната страна на животот и секогаш да има што да си откриваме еден за друг.
No comments:
Post a Comment