1.2.10

Хераклит и Демокрит

Текстовиве од филозофија (а и другите) немаат намера да поучуваат некого, да превоспитуваат, да бидат предавања, или не знам што.
Едноставно, си ги пишувам за да го забележам некаде она што во моментот го правам, нештото што ме преокупира и што ми се допаѓа.
Се разбира дека нема да пишувам за сите филозофи, дека можеби некои „многу важни“ ќе ги прескокнам за сметка на оние кои ми се симпатични, уште посигурно дека нема да им се задлабочувам во филозофијата. Таа сепак ќе си остане во мојата глава, а ова ќе биде само потсетник на моите преокупации во февруари 2010.
Значи, да си продолжам...
И следните филозофи, претсократовци кои живееле околу 500 г.п.н.е. во колонијата Елеја, во јужна Италија се занимавале со сличните прашања како и другите претсократовци. Тие се наречени „Елејци“, а сржта на нивното размислување е слично, дека: од ништо не може да се создаде нешто!
Еден од најпознатите е Парменид, кој сметал дека сѐ што постои, постои од секогаш. Така, всушност, размислувал и целиот древен свет. Но, Парменид отишол малку подалеку од другите сметајќи дека никаква вистинска промена не е возможна. Ништо не може да се претвори во нешто друго, освен во она што е. Тој бил свесен за промените во природата, но не можел да ги осознае со својот разум. Кога бил пред дилемата дали да им верува на сетилата или на разумот - тој го избрал разумот. Тој сметал дека дури и сетилата не даваат сосема правилна слика за светот, дека и тие се лажни. Ваквото сфаќање, поради силната верба само во разумот е наречено рационализам.
Во истото време, во Ефес (Мала Азија) се појавува Хераклит со својата позната „Сѐ тече“ (сѐ се менува) сметајќи дека во природата сѐ е во движење и ништо не е вечно. Тој укажувал дека светот е создаден на спротивности: дека не знаеме што значи да се биде здрав додека не се разболиме, дека додека не знаеме што е глад не го знаеме задоволството на ситоста итн. Сметал дека и доброто и злото си имаат свое место во светот и кога не постоела таа игра на спротивноси, не би постоел ни светот. Во таа промена на противречностите во природата Хераклит го гледал единството, целината, а нештото што го сочинувало тоа единство го нарекува „Бог“ или „Разум“. Како основа (начело) на се го земал огнот, но се разбира во поширока смисла на зборот - дека живото „гори“, а неживото е изгаснато и влажно. Тој е прв филозоф кој се занимавал и со човековата душа - за која сметал дека е основна живототворна сила.
Хераклит е познат како „Темниот“, „Мрачниот“ поради тежината да се сфати неговата филозофска мисла и поради тоа што бил секогаш сериозен и нерасположен. Според мене, за најголема почит е тоа што тој се откажал од престолот во корист на својот брат, а се откажал од кралскиот живот за да му се посвети на размислувањето и пишувањето на единствената книга „За природата“.
Во овој период се појавуваат и други значајни филозофи како што се Питагорејците, кои ја поставуваат нумеричката теорија, односно на претставувањето на квалитетот со квантитет. Но, како противтежа на Хераклит, барем во расположението е Демокрит. Тој освен како „Мудриот“ е познат и како „Насмеаниот“, бидејќи бил постојано насмеан и ведар. Ги критикувал своите сограѓани дека премногу им се посветуваат на минливите нешта, а тие пак сметале дека е луд поради постојаното позитивно расположение. Па дури го викнале најпознатиот антички лекар, Хипократ да го прегледа, а тој им рекол дека Демокрит е единствениот меѓу нив со здрав разум. Демокрит живеел долго, 90 или 100 години, го потрошил своето наследство за патување и печатење на своите книги, се стремел да биде автономен и слободен, да го прави она што мислел дека за него е најважно, ја презирал славата, умрел речиси слеп, не разликувајќи ги боите, но разликувајќи го доброто од злото, важното од безначајното.
Во однос на филозофската мисла тој претрпел влијание од Елејската школа, од питагорејците и од атомизмот на неговиот учител Левкип. Демокрит ја разработува атомската теорија. Според неа постојат две работи: ништо - небитие, празен простор и нешто - битие, составено од низа бескрајно ситни, невидливи честички - атоми. Атомите престојуваат во празниот простор каде може да се движат, а благодарение на тоа движење се судираат и настанува првичниот вител и почетокот на светот. (само како потсетување: оваа теорија е поставена пред 2400 - 2500 години) Всушност, сѐ настанува на истиот начин, со спојување на атомите настануваат и живите суштества и самиот човек. Тој човекот го сфаќал како микрокосмос. Поради сведувањето на сѐ како материја - ова учење е наречено материјалистичко.
Можеби најзначаен придонес на Демокрит е поимот - евтимија - одбегнување на вознемирувања на ментален и емоционален план за да се постигне хармонично духовно расположение, ведрина на духот.

No comments:

Post a Comment