23.2.10

Ајде да летаме...

Ја сакам уметноста во секој облик. Ми предизвикува пријатни чувства, ми буди некоја исконска сила, ми ја разблажува душата и понекогаш ме тера да плачам од среќа.

Иако немам никакви познавања од музиката, ќе пишувам за неа, како лаик, како слушател и уживач и како возрасна.

Ќе почнам од денешната музика.

Колку има било каква уметност во денешната музика? Не сакам да бидам како некое старо дртало кое критикува сè што се однесува на новото, на она што го конзумираат младите, ама... ако ви личам така, баш ми е гајле.

Што слушаат денес младите?

Има една голема група што слушаат турбо-фолк, се качуваат по маси и паѓаат во несвест на текстови како „јас сум жаба, жаба“ и слични. За овие коментарот е излишен.

Една група слуша поп музика, или популарна, со лесни ритмови и текстови, песнички што се вртат по радио и лесно влегуваат во уво. Улогата на оваа музика е токму таа - да развеселува и по 5 минути да се заборава. Тука спаѓаат песничките од македонската, поранешната југословенска и странската естрада. Ретко, но се случува од оваа категорија да излезе и некоја вредна песничка - евергрин.

Оние млади, пак, што сакаат да бидат малку поразлични од останатите, слушаат хип-хоп (претежно странски, зашто го презираат домашниот), потоа метал (кој произлегол од хеви-металот, односно од хард-рокот, а сето тоа од рокот), кој не многу во дразбите што ги предизвикува се разликува од техно-трансот.

Трансот е типичен претставник за тоа каде сака да оди младината денес. И немојте погрешно да ме разберете, сакам транс и убаво ми е да играм на него. Тој дел можам да го сварам - да одиме по журки, да се опуштиме, да скокаме на транс. Ама како може транс да се слуша за опуштање и уживање во убавината на музиката? Не може! А тоа некои го прават. (Сега ми светна една мисла - можеби е во прашање Павлов ефект. Односно, кога се слуша оваа музика се предизвикуваат чувства, сеќавања од претходната журка на која се „летало“).

Што е транс? И самото име си кажува - никој не сака да скрие. Музика (или нешто слично) која предизвикува „поинаква“ состојба од нормалната - состојба на транс. Но, бидејќи таа музика е целосно синтетичка (без употреба на ниту еден музички инструмент) самата не може да предизвика никаква состојба, па затоа се потребни дополнителни „опојни средства“ за да се влезе во „филмот“. Таа музика нема текст (што секако не е неопходен), но кога го има е поврзан со некаква дрога што крева, како екстази, кокаин и сл. Еве на пример: Skazi - Cocaine, Skazi - XTC.

Современата музика нема никаква вредност - таа се прави исклучиво за пари и за ништо друго!

Кога сакам да слушам музика, а не да ми дрнда нешто во позадина, морам да си изберам нешто од минатото, барем од минатиот век.

Може да се направи навистина одличен избор на музика создавана од 1970 до1990 и светска и поранешнојугословенска. Ако почнам да набројувам ќе заглавам, ама ќе дадам пример.

Од бивша ЈУ - Бијело дугме, Леб и сол, Екатерина Велика, Електрични оргазам, ма премногу се...

Од светот, почнувајќи со Елвис, Битлси, Ролингстонси, па, Лед Цепелин, Дорс, Дип Парпл, Пинк Флоид итн. итн.

Нивната музика има вредност, но и тие не се она највозвишеното.

Сигурно сте ги слушале, но слушнете ги уште еднаш да ја почувствувате разликата.

Моцарт: Rondo Alla Turca , Eine kleine Nachtmusik - Allegro, Piano Concerto No. 21 - Andante , Requiem - Rex tremendae - 5 - Solti;
Бетовен: Symphonie Nr. 5, Ода на радоста, За Елиза, Љубовна приказна, Месечева соната,
Чајковски: Piano Concerto Part 1, Лебедово езеро;
Шуберт: Аве Марија
и многу, многу други кои се создадени од гении за луѓето да можат да ја почувствуваат убавината и големината на музиката и нејзината моќ да нè качи на некое друго ниво без дополнителни опојни средства.

5 comments:

  1. А кога ќе ја чуеш Стоја (поготово со ,,Самооооо...“ е тек тогаш...СМРТ. Да не ти текне 2 недели да чуеш радио...

    ReplyDelete
  2. "потоа метал (кој произлегол од хеви-металот, односно од хард-рокот, а сето тоа од рокот), кој не многу од дразбите што ги предизвикува се разликува од техно-трансот." Уфф, морав да ја критикувам реченицава. Ма ве молам професорке без вакви споредби, едно со друго немаат допирна точка! Рокот, односно металот се ПОИМ за трансот/техното!!!!!!!! Се надевам ќе погоите кој коментира!

    ReplyDelete
  3. Во реченицата нема споредба на стиловите, туку на ДРАЗБИТЕ што тие ги предизвикуваат.
    Мене од ова: http://www.youtube.com/watch?v=FisfL0FtfLY ме фаќа аритмија и не можам да го слушам за „уживање“.
    Како и да е, за вкусовите не се расправа. Ова е мое видување на денешната музика (дека врска нема), а ти си имаш свое.
    Инаку, не погаѓам кој коментира, мразам анонимуси поготово што сум јас тука со име и презиме, ама, тоа е...

    ReplyDelete
  4. Сепак мислам дека муабетот беше за металот.. А не за Death/Black Металот... Има огромна разлика, ова ни јас не можам да го слушам!

    П.С. Спасевски Александар ;) :)

    ReplyDelete
  5. Значи, не зборев за Metallica и металот од минатиот век, туку за она што моментално е „тренди“ во таа музика.
    Супер за името, баш ми е мило.

    ReplyDelete