13.2.10

Мојата владина поддршка

Да, навистина имаат право што велат дека само големите императори (диктатори) граделе во историјата! Но, што би правеле денес без сите тие „диктаторски“ градби? Така, воопшто не би постоела историја. Замислете секогаш да се граделе само семејни куќички и да се мислело само за конкретниот момент на живеење - да се ужива во јадењето, пиењето, забавите? На што би личел светот?

Којзнае колку внатрешнодржавни превирања и негодувања имало кога се градело во Скопје, на пример, Калето, Камениот мост, аквадуктот, амфитеатарот, подоцна целата стара чаршија со амамите, џамиите. Сигурно, обичниот скопјанец не бил пресреќен што толку пари се фрлаат за таква глупост и тоа на негова сметка, собирајќи му голем данок!

А, денес? Што е спорно? Демек, премиерот се прави дека е Александар, Јустинијан или Мустафа Паша? Па добро, де! Времињата се сменети, тој сигурно не е некој од претходните, но да се изгради нешто никогаш не е доцна и никогаш не е глупо! Може да мислиме дека градењето е глупаво само ако живееме од денес за утре, ако не им оставаме на идните генерации никакво наследство. Тоа ми е исто како сите пари што ги заработувам да ги потрошам на зезање, ништо да не им оставам на моите деца, па тие нека си почнуваат од почеток. Тоа ли треба да го направиме? Не можам да кажам дека баш сè ми се допаѓа од планот за 2014, но тоа е навистина работа на вкус. Може на моите деца ќе им се допаѓа, а ако не, тогаш нека го поправаат по свој вкус. Баш исто како со семејниот имот. Може нема да им се допаднат становите што ќе им ги оставам, ама ќе имаат некакво наследство, па ќе можат да надоградуваат. Што ако немаат ништо? Што може да се надоградува на празнина?

Слични се моите размислувања и околу „антиквизацијата“. Навистина не се сфаќам себеси како провладин пропагатор, ама има многу индикации дека историјата што е напишана, воопшто не е вистинита. Исто така не мислам дека сè потекнува од нас (Македонците), ама има индикации дека европската историја се заснова на народите што живееле на оваа територија, а кои со сигурност не биле Грци! Па затоа мислам дека треба малку подлабоко да навлеземе и да ја откриеме вистината. Не за да и ја кажеме на светот, зашто нему баш му е гајле дали сè потекнува од Грците или од некој друг, туку заради нас. За да излеземе од заблудите со кои не доеле од мали и за да ја осознаеме вистината. Најголемата болка во македонското општество е генетичката меморија од која мислам дека ќе излеземе со следната генерација Македонци. (Според Сергеј Вербин, луѓето имаат неколку вида меморија: 1. оперативна - краткотрајна; 2. меѓупросторна - меѓувремена, која е поврзана со подсознанието и е мост кон сознанието. Оваа меморија го определува нивото на нашето мислење и расудување. 3. генетичка меморија која се формира во првите 20 години, односно во времето на формирањето на личноста. Оваа меморија е најтешко да се коригира.)

Што значи, нема теорија да се превоспитуваат генерациите над 50 години, но очигледно е дека младите се во дилема. Тие гледаат дека нешто не е како што треба. За среќа, соочени се со различни размислувања (а не со едноумие) од кои ќе се насочат кон нешто и во своето спротиставено осознавање можеби ќе дојдат до решението - односно вистината. Зашто, полошо од незнаењето е само погрешното знаење.

Па така, овие мои размислувања навистина се поддршка на чекорите на владата. Не викам дека нема грешки и недостатоци, не викам дека економијата ни цвета, но не можам да бидам како опозицијата која само негира, критикува и јг.

5 comments:

  1. Браво за постов. Ве подржувам во сите работи но сметам дека сега не е вистинскиот момент за изградба на лавови и споменици. тие треба да почекаат некое подобро време кога повеќето од нас обичните граѓани ќе можат да си дозволат било каков обичен или општествен луксуз. поздрав.

    ReplyDelete
  2. Искрено, за време на мојов живот не се сеќавам дека некогаш имало „вистински момент“ за градење, а ниту мислам дека во иднина ќе има (барем додека сум жива). Така што, повеќе би сакала да видам макар и лавови, отколку да чекам „подобри времиња“ и да не видам ништо.

    ReplyDelete
  3. Апсолутно ве подржувам и се согласувам со постот,и навистина вистински момент за вакви видови објекти не постои...Но како би се кажало поинаку дека некои владее.Наместо да се санираат веќеизградените објекти и да реставрираат куп други работи тие одат на градење нови објекти
    На многу добар начин е кажано на постот и не сакал што повеќе да додадам едино можам да ја кажам старата реченица ,Сепак ова е Балкан.
    Поздрав и од мене ...

    ReplyDelete
  4. За какви фонтани и за какви лавови ќе мисли народот кога нема пари леб да јаде.
    Секој човек сака нешто ново па макар да го види и на улица како изграден мост, споменик или друг објект. Но помило ќе му биде кога и домашната состојба ќе му биде добра како и благостостојбата на членовите на семејството. Поздрав

    ReplyDelete
  5. Навистина не можам да се помирам со судбината на Македонците што умираат од глад и немаат леб да си купат?
    Инаку, ние сме една од ретките држави каде не се умира од глад. Како? Господ знае!
    (Ако вие знаете таков случај што умрел од глад, ве молам посочете ми го).

    ReplyDelete