14.2.10

14 февруари - Ксантика - Прочка

Кога бев дете се сеќавам дека пролетта ја поврзував со едно мало црвено-бело кончано украсче наречено мартинка. Иако беа многу прости, едноставни во изработката, едвај чекав да се појават мартинки. Тоа значеше појавување на сонцето, доаѓање на топлото време, кратките ракави, игрите во маало. Беше тоа некаде во седудесеттите години. Потоа пораснав и мартинките исчезнаа. До пред некое време мислев дека исчезнале зашто сум пораснала, но сега сфаќам дека не е заради тоа. Мартинки кај нас веќе воопшто нема. Што се случи со нив?
Ајде, пак да антиквизирам...
Во Античка Македонија најголем празник бил Ксантика. Празникот на пролетта. Македонците речиси цел месец го празнувале доаѓањето на пролетта, повторното раѓање на сонцето. Симболот на овој празник бил истиот оној од моето детство: црвено-белото украсче. (повеќе за Ксантика)
Меѓу другото, на тој празник поврзан со повторното раѓање на природата луѓето си ги простувале гревовите. Ве потсетува ова на нешто?
Ма разбира се - денес е Прочка - денот кога си ги простуваме гревовите. И овој празник, како и сите други добил христијанско обележје. Сега Прочка е една од манифестациите на искрената и пожртвувана љубов кон ближните, кој треба да го следи примерот на Исус Христос за безусловно и безгранично простување меѓу луѓето.
Обичајот е таков, што прошка бара помладиот од постариот со зборовите „прости ми“, а постариот одговара „простено да ти е од мене и од Бога“.
Неделата пред Прочка се нарекува бела или сирна недела, кога не се јаде месо, туку се јадат млечни продукти или сукани пити. Прочка во семејството се одбележува со богат ручек кој завршува со амкање јајца.
Варено јајце се врзува на конец над трпезата и се завртува над главите на децата. Детето што ќе успее да го гризне јајцето се прогласува за најсреќно во следната година и добива награда.
Денот по Прочка е чист понеделник кога почнува големиот велигденски пост. Прочка го означува крајот на зимските и почетокот на пролетните празници, исто како и Ксантика.
Еден од главните елементи на Прочка е маскирањето кое е пагански обичај останат од древнина. Според обичајот, за Велики поклади порано се маскирале само мажите, а маските требало да бидат што пострашни и посмешни. Во Македонија има два настана со маски: Струмичкиот карневал - Тримери и Прилепскиот - Мечкари, кои од година во година стануваат се поголеми.

4 comments:

  1. Прости ми(оти сепак малкуцка сум помалечка од тебе,а редот си е ред)Јас.

    ReplyDelete
  2. Од мене - простено ти е, а од Бога - ти си знаеш.

    ReplyDelete
  3. Ееееееее,сега,па ти(ме замисли).

    ReplyDelete
  4. Убаво би било да се вратат повторно мартинките, како знак за доаѓањето на пролетта, радста и младоста. Навистина каде исчезнаа?
    Ајде во некој пост. :)

    ReplyDelete