Дали во нашиот живот можеме да ги примениме принципите на Демокрит и да се изолираме од надворешните влијанија за да бидеме со ведар дух?
Навистина, најрасположена и најведра сум кога не ме допираат туѓите проблеми, кога на нив гледам само како на површно прераскажани приказни без да се задлабочувам во суштната. На моето расположение влијае и тоа што ќе читам, што ќе гледам на телевизија, како ќе поминам на работа - што значи, нема шанса да се изолирам. Постојано сум претрупана со секакви расположенија и информации кои влијаат на мене.
Токму изминативе два дена доживеав огромен пад и потоа нагол раст на расположението. Прво, ме нападнаа некои тмурни и осеминички мисли, некоја грозна самотија на душата. Вообичаените луѓе (домашните и блиските пријатели) не можеа да сторат ама баш ништо за да ме поткренат. Напротив, гледајќи и слушајќи ги ме фаќаше уште поголема депресија. Легнав целосно нерасположена, не спиев ни 2 саата, гледав прастари филмови на Алфа кои малку го неутрализираа нерасположението. Иако ненаспана, кога станав денот го започнав со музика и насмевка, со поглед кон реката на пат кон работа, со желба за позитивни разговори. Ништо посебно не се случуваше, се си беше некако тапа. Но, на крај сепак се случи: пиев кафе со најнасмеаното лице на светот, опуштена отидов дома и спиев, а кога станав добив прекрасна и позитивна порака од речиси непознат човек - и сега сум сосема друга. Толку ми се наполни душата, толку ме облева среќа што не можам ни да ја опишам. Баш ми е убаво.
И, што да заклучам? Дека новите и убави работи се оние кои ме орасположуваат и ме прават среќна.
Демокрит не мисли на ова што го опишав јас, бидејќи тој зборува за „неутрално“, а јас за спротивни силни чувства: несреќа и среќа (нерасположение и расположение).
Сепак, можам да го разберам што сака да каже - кога читам филозофски книги не ми се случуваат напливи на чувства - ни позитивни, ни негативни, само пријатно чувство на „паметни мисли“. И кога би требала да бирам, јас сепак би го избрала моево. Не можам и не сакам да живеам стерилен живот на постојано „расположение“ и „ведар дух“ без да ме засега мојата тага, мојата радост, мојата љубов.
Заклучокот е дека сепак може да се живее така и ако некогаш останам навистина сосема сама (без семејство и пријатели), тогаш можеби ќе го послушам.
No comments:
Post a Comment