9.2.10

Дебати

Почнаа дебатите со „понижените национални чувства на луѓето“ од Нашиот Јужен Сосед (НЈС).
Прво, добро е што може да го слушнеме нивното мислење од прва рака.
Второ, тоа мислење можам да го сослушам, но ме навредува.
Не ми се ни коментира емисијата со европратеникот Кумуцакос и Милевска бидејќи беше со многу политичка ароганција, а новинарката беше добра, ама требаше да знае малку повеќе НЈС историја за да не мора да прескокнува прашања.
Повеќе лични коментари ми предизвика емисијата на Борјан Јовановски со двајцата „обични НЈС луѓе“, новинар и режисер (ако добро сум видела) на А2, која не успеав да ја гледам во целост и за која не можам да најдам линк.
Како и да е, обичните граѓани на НЈС се чувствуваат многу исфрустрирано бидејќи ние (не дај боже да кажеме Македонците) им пречиме во изразувањето на нивните национални чувства!!!
Тие луѓе (патем, многу симпатични) се обидоа да ни објаснат во што е нивниот проблем и зошто ние не може да се викаме Македонци.
Кога ќе се претставувале пред некој странец не можеле слободно да кажат дека се: Македонци, Грци, југоисточни Европјани бидејќи сето тоа е дефиниција на нивниот идентитет. Првиот дел им задавал проблем бидејќи можеле да ги помешаат со Словените кои живеат северно од нив и сакаат да се нарекуваат Македонци. Па за да не му објаснуваат на странецот на долго и на широко дека тие се наследниците на Александар Македонски, а не северните смрдливи Словени, бараат ние да се преименуваме некако за повеќе да ги немаат тие проблеми.
Тоа што ние немаме повеќе дефиниции за нашиот национелен идентитет освен дека сме Македонци - кај нив предизвика кревање рамења (кој ви е крив - најдете си!).
(Инаку, ние немаме проблем со она како тие сакаат да се претставуваат - нам не ни пречи и не сакаме ексклузивитет - тие може да бидат и само Македонци, ако сакаат.)

Не знам дали сум во право, но освен за тоа дека некои „Грци“ се чувствуваат како Македонци, не сум слушнала дека некои други се чувствуваат и како: Тракијци, Епирци, Тесалијци, Критјани, Спартанци итн. Значи, дали другите кога ќе се сретнат со странец се претставуваат како: јас сум Спартанец, Грк, југоисточен Европјанин???, како што гостинот се претставувал: јас сум Македонец, Грк, југоисточно Европјанин?

Колку е сето ова со нашето име и идентитет НЈС политика и пропаганда! Просто ми се повраќаше што тој симпатичен режисер повторно креваше рамења кога Борјан констатираше дека тој не може да го нарече Македонец (тој едноставно не може! - факат!). Тоа е така од проста причина што така го учеле од мал, така го учеле во училиште, така на телевизија, во весници... и тој не може сега наеднаш да се соочи со луѓе кои мислат поинаку од него! И кои бараат исто така да не им се повредуваат националните чувства!

1 comment:

  1. To examine, what a beautiful thing .. An existing one, the truth ...

    ReplyDelete