21.2.10

Циклично потсетување за бесмислата...

Колку сме свесни за бесмислата на своето постоење?
Мразам текстови кои ги започнувам со реторски прашања, зашто сите очекуваат одговор - а тие се прости констатации. Ама, еве, сепак да одговорам - многу! Многу, зашто секој момент во денот се трудиме да го докажеме спротивното! Работиме илјадници безначајни работи за да немаме време да си го поставуваме прашањето - која е смислата на нашето постоење? За да може да бидеме среќни и расположени во сите тие безначајни работи наоѓаме смисол, но кога ќе ги собереме илјадниците плусови - илјадниците „смисли“ секогаш доаѓаме до истиот минус - бесмислата.
Во литературата за првпат пред дваесетина години се соочив со горчливото чувство на бесмислата - тоа беше „Странецот“ од Ками, пред десетина години со „Чекајќи го Годо“ од Бекет, а вчера со „Тунел“ од Ернесто Сабато. Сите три книги ми ги предизвикаа истите чувства. Ја затвараш книгата - и почнуваш од почеток со надеж дека ќе откриеш трошка оптимизам, скриена смисла - но, не! Јасно е - животот е толку бесмислен што дури е бесмислено да се пишува за тоа.
Дали и колку сите ние сме Мерсо или Кастел? Сеедно ли ни е што се случува околу нас, какви се чувствата на другите луѓе, колку вистински сочувствуваме со туѓите трагедии и на крајот, дали ние поседуваме чувства? Се разбира дека не зборувам за сетила. Зборувам всушност за најдлабокото чувство - чувството на љубовта. Зашто радост, среќа, тага, очај чувствуваме секојдневно и тоа се краткотрајни чувства кои го менуваат нашето расположение. Но, љубовта! Постои ли вистински? Или ја измислуваме за да не ни биде толку многу здодевно и за да не бидеме толку осамени?
Еве, да почнам од себе...
Сакам ли некого вистински или си правам приказни кои ми одговараат, а сум ги прочитала некаде. Веројатно, од сите прочитани љубовни приказни и изгледани филмови, сум си направила комбинација и сега си ја замислувам љубовта на одреден начин.
На пример, личноста во која треба да се вљубам треба да биде исклучително интелигентна, образована, да сака слични работи како мене, уметноста, литературата (да не биде некој забеган научник), да ја сака природата каде ќе поминува време со мене, да сака патувања и да патуваме зедно, одвреме навреме да ме остава да уживам во мојата осаменост итн. И... сретнувам некоја личност. Во мојата свест постојат претходните критериуми и јас постојано ги ловам позитивните особини кај дотичната личност, а ги отфрлам оние кои не ми се допаѓаат. На пример, тој е интелигентен, ја сака уметноста, но во животот има прочитано 3 книги. Оваа лоша информација, зашто не сакам да ја отфрлам можната „вистинска љубов“, ја ублажувам со утеха дека тој е во тек со литературата, чита критики и може да разговара на определената тема. Но, дали е исто? Кога сакам да разговарам за некоја прочитана книга сакам да ги споделам чувствата и изворните размислувања што таа ги предизвикала кај соговорникот, а не да се презентираат студии и критики за неа. Понатаму, тој ја сака природата, ама од дома, само да ја гледа од прозорец или на телевизија. Сака патувања, ама мрази возови, авиони и не сака да вози. Каде води сето ова? Во првите моменти кога заради нешто сме помислиле дека сме ја пронашле „вистинската“ личност ние продолжуваме да си ја создаваме приказната на нашата идеална љубов гледајќи ги само позитивните работи, а ублажувајќи или отфрлајќи ги сите што не ни одат во прилог. Така, ние се чувствуваме многу убаво, како „во облаци“, уверени дека сме ја нашле сродната душа. Тогаш светот ни изгледа прекрасен, луѓето добри, постојано сме полни со енергија и ентузијазам (дури подоцна сфаќаме што се не сме сакале да видиме - па затоа љубовта гасне). Заради овие чувства на „летање“ ние си создаваме приказни. Реално тие не постојат. Но, ако се помириме со фактот дека не постојат, тогаш ќе бидеме како Мерсо, како изгубените човечиња од „Чекајќи го Годо“ или како Кастел од „Тунел“.
Во „Тунел“ малку повеќе внимание е обрнато на љубовта и осаменоста како дел од бесмислата (за разлика од „Странецот“ и „Чекајќи го Годо“ - каде се е бесмислено).
Кастел е сликар кој ги презира сите луѓе и во својата осаменост посакува да ја најде вистинската љубов. На неговата изложба единствено една жена се загледува во аголот на една слика во која е насликан прозорец и море. Тоа е доказ за Кастел дека таа е единствената што го разбира. Успева да биде со неа, ја прогонува, ја измачува со прашања и потврди за љубовта, ги изнаоѓа заедничките нешта, иако се тие малку - и на крајот ја убива. Зошто? Зашто таа не е тоа што тој си замислил дека треба да биде!
Во извадоков е целата поента на книгата, па и целата поента на илузијата за „вистинската љубов“ (супер е):
„Но, дали навистина се споија и ходниците на нашите души се допреа? Каква глупава илузија ми беше сето ова! Не, ходниците продолжуваа паралелни како и порано, иако сега ѕидот што не разделува е како ѕид од стакло и јас можам да ја видам Марија како една тивка и недопирлива фигура... Не, овој ѕид никогаш не бил таков: понекогаш стануваше од црн камен и тогаш јас не знаев што се случува од другата страна, што е со неа во тие незнајни моменти, какви чудни работи се случуваа; и дури мислев дека во тие моменти нејзиното лице се менува и дека една гримаса на потсмев го деформира и дека можеби има смеења вкрстени со некој друг и дека сета приказна со ходниците е една моја смешна измислица или верување и дека во секој случај постоеше еден единствен тунел, темен и осамен: мојот, тунелот во којшто помина моето детство, мојата младост, целиот мој живот. И во еден од тие проѕирни делови од камениот ѕид јас ја видов оваа девојка и наивно верував дека доаѓа по друг тунел, паралелен на мојот, кога во суштина му припаѓа на широкиот свет, на светот без граници на оние што не живеат во тунели; и можеби се приближила од љубопитност до еден од моите чудни прозорци и го наѕрела светот на мојата самотија за која нема спас, или ја заинтересирал немиот јазик, тајната на мојата слика. И тогаш, додека јас напредував само по мојот ходник, таа го живееше надвор својот нормален живот, бурниот живот што го живеат луѓето што живеат надвор, тој интересен и апсурден живот во кој има игранки, забави, веселост и безгрижност. И понекогаш се случуваше кога поминувам пред некој од моите прозорци таа да ме чека нема и неспокојна (зошто да ме чека? и зошто нема и неспокојна?); но, понекогаш се случуваше да не стигне на време или го забораваше ова кутро затворено суштество, и тогаш јас, со лицето стиснато до ѕидот од стакло, ја гледав како во далечината се насмевнува или танцува безгрижно или, што беше најлошото, воопшто не ја гледав и ја замислував на недостапни или бесрамни места. И тогаш чувствував дека мојата судбина е бескрајно поосамена отколку што мислев.“

(Многу им благодарам на моите А2а за книгата)

2 comments:

  1. vie ste citale knigiii, za toa blogov 4 dena ne bese pipnat.

    ReplyDelete
  2. И се опоравував од Струмица...

    ReplyDelete