22.2.10

Во еден правец

Сум отворила прозорец во мојот тунел... и тука може да ѕирне секој.
Заради ова овде (мојот блог), ми се случува кога ќе им кажам на пријателите дека се чувствувам вака или онака, да ми одговорат: знам, прочитав! Тоа ме сепнува. Си мислам: прво, значи нема потреба да зборувам - сè сум си напишала, и второ, зарем јас тоа го сакам? - да ми ја гледаат душата како во излог! Замолчувам, немам коментар. Мора да е така. Ама не сосема...
Цел ден сум опкружена со многу луѓе и убаво ми е, ама најубаво ми е кога ќе се повлечам сама во „мојот свет“ каде и ги исполнувам сите желби на мојата душа. Во тоа „сама“, самувам од надворешната џунгла, но не самеам, зашто тогаш се дружам со најголемите умови на човештвото, со нивните книги, со нивните мисли, со нивната генијалност. Таа осаменост ја пренесувам тука. Воодушевувањето од сите нив, а понекогаш и разочарувањето, горчината.
Тоа што често моето расположение се поклопува со расположението во книгите што ги читам е нормална работа. Тие самите по себе знаат да влијаат врз моето размислување и расположение, но исто така во книгите најмногу го забележуваме она што во моментот нè преокупира, па тоа го потенцираме и подлабоко го анализираме. (Затоа е секогаш ново второто читање на некоја книга - зашто во тој друг момент нè засегаат други проблеми, други мисли и прашања. Па вториот пат во книгата ќе го забележиме тоа друго нешто.)
Сепак, да... Тука оставам делчиња од мојата душа составена од душите на сите што ги ценам.
Како и да е. Многу би сакала моите блиски луѓе, луѓето што ги сакам да имаат вакви прозорци во своите тунели. Така во секој момент би можела да ѕирнам во нивната душа, да составам дружба на нашите души, а кога ќе бидам многу осамена, да си најдам утеха во тоа.
Сега се чувствувам како ветрот да дува секогаш само во еден правец...

No comments:

Post a Comment