20.5.09

Шмизла од ГУЦ

Денес сум многу горда на нашето училиште.
На 21. 5. 2009 г. во 20.00 часот, во Младинскиот културен центар нашите ученици ја изведоа претставата „Шмизла“ од Сашо Тасевски. Средствата од продажбата на картите ќе се донираат во СОС Детското село. Поубаво од самата донација, која не е голема, е приближувањето на нашето училиште со дечињата од селото. Се надевам дека и во иднина ќе наоѓаме прилики да се дружиме.
На почетокот, еден од менторите на проектот, нашиот професор Стево Павловски ја прими Благодарницата од директорката на СОС Детско село, изработена од дечињата.




На наше големо задоволство салата беше полна со гости, а меѓу нив и гостинчињата од Детското село.








Впечатокот што сите го имаа од претставата е дека беше исто како да ја изведуваат професионални актери, како во целост да е подготвена од професионалци. Браво!

Почетокот на сите им ја наежи кожата. На темната сцена осветлена само со две свеќи, жена на подот се превиткува во породилни болки, а крај неа тројца со качулки. Одеденаш прекрасен глас ја запејува „Со маки сум се родила“ - Иван (ученик од четврта година), во претставата Таки - не изненади сите.




Меѓу играните сцени имаше снимен материјал кој ја збогатуваше претставата и не оставаше празен простор додека се менуваше сцената.

На снимен клип Ѕвер и Коза играат кошарка во нашиот училиштен двор...


а потоа со баскетот и пивата двајцата се појавуваат на сцената...







Во меѓувреме двете „шмизли“, мајката и ќерката се дома и гледаат шпански серии.

Мајката наоѓа начин одоколу да ја возврати ќерката од врската со Ѕвер, кој според неа е неперспективен, сака да биде глумец и нема доволно пари.


Таткото, безгласна буква во семејството, се враќа од работа, но никој не го пречекува. Нема подготвено ручек, односно вечера, бидејќи тие двете не се „замараат“ со такви работи.

Затоа тој сам оди да си купи пица, а прима нарачки и од ќерка си (пица, цигари, списание).



Додека тој оди по храна, тие двете си се договараат утредента да одат на шопинг иако таткото е пред банкрот.

По шопингот влегуваат во кафеаната на Таки, каде Дона (ќерката) сака да го испипа пулсот на мајката и да дознае што мисли таа за него. Дона и Таки веќе подолго време се во љубовна врска иако тој е врсник со мајката.

Мајката веднаш почнува да флертува со Таки - тој е нејзин тип на човек, богат!

Попладнето Дона е кај Таки иако претходно се договара со Ѕвер да се слушнат и да се видат.




На телефон се јавува таткото на Дона, бидејќи мајката видела прилика тој да помогне, па смислила приказна дека се школски другари и му го дала бројот.

Вечерта Дона излегува во дискотека каде ја среќава Ѕвер и почнува да се сомнева дека нешто се случува.




Во домот избива семејна караница. Таткото не може да го истрпи товарот на банкротот и неразбирањето од страна на својата сопруга која безмилосно ги троши последните пари.





Утредента Дона дознава дека е трудна.




Му се јавува на Ѕвер, но тој не е дома. Му се јавува на Таки, но тој лаже дека е на пат. Всушност, тој е со мајката која веќе го „смувала“ за да си добие нови чевли и помош за нивната фирма. Но, Дона не можејќи да го поднесе товарот на сознанието дека е трудна решава да го чека во неговиот стан. Таму ги начекува Таки и мајка си во прегратка.

Дона ги уценува. Бара пари за себе, да избега од целата игра, и пари за фирмата на татка си.
Таки се сложува и прифаќа да им дојде на гости за роденденот на Дона.


Коза, кој никогаш не лаже, откако Ѕвер го прашува за своите сомнежи, му кажува дека ја видел Дона со некој кој мислел дека и е вујко или чичко.

Излезот од ова сознание на Ѕвер е „начукување“ со пиво.


Така, испијанет, Ѕвер оди во домот на Дона каде со пиштол поаѓа да го реши проблемот. Но пиштолот го зема таткото, го убива Таки, а мајката останува инвалид.


Ѕвер ќе отслужува двогодишен затвор, а Дона со бебето заминала во странство.


Пофалба до сите наши глумци. Одлични бевте.
Но, морам да кажам дека Коза, кој немаше голема улога во претставата ја освои публиката со непосредното, спонтано однесување на сцената.

Ова е целата екипа: Стево (ментор), Ратко (Коза), Ивана (келнерката), Филип (полицаецот), Флорита (ментор), Дуга (техничка поддршка - видео бим), Стефанија(Дона), Томе (Ѕвер), Алмир (таткото), Ирена (мајката), Панче (светло мајстор) и Иван ( Таки) - чучнатиот.
Бидејќи поголемиот дел од екипата се матуранти, ви посакувам да си го најдете вистинскиот пат во животот и многу успеси во иднина.





2 comments:

  1. nema sto prestavataq bese zakon najubava do sega sto sum gledal

    ReplyDelete
  2. Gledajte ne i na Dzvon na 4.6.2009

    ReplyDelete