19.6.10

Матура - секоја година иста песна

Прегледувањето на матурските тестови по македонски јазик и литература е СТРАШНА работа. Се вклучив во хоророт пред три години и многу брзо се откажав. Не дека работата е тешка (а тешка е, ама платена), туку зашто не можам да ја поднесам неправдата што се прави и ограниченоста на надлежните кои се уверени дека тоа треба и мора да биде така - за да биде праведно (хахахаха). 

Имено, резултатите од матурата по македонски се слаби не затоа што нашите деца не знаат, не учат, глупави се, неспособни или не знам што, туку затоа што некој решил дека на матура мора да се сече. И тоа би било во ред, ама ако се знаат условите на сечење. Но, тие се дознаваат три дена по завршување на тестот, откако ќе се собере групата експерти и ќе реши каков ќе биде клучот на точни одговори. 90% од професорите по македонски не се сложуваат со начинот на прегледување и цело време се бунат, а на останатите 10% баш им е гајле, дошле да си ги земат парите - па прават како што им кажале. И секоја година така. Тоа е толку одвратно, толку понижувачки, толку неподносливо што јас одбив повеќе да учествувам во таа лакрдија.
Еве, на пример, годината кога учествував, на тестот имаше задача да се напише БАРАЊЕ. Првиот ден и самите професори не знаеја како е точната форма на Барањето и секој си ја прегледуваше и оценуваше по свое видување. Вториот ден, за да има изедначен критериум, направија уште поголема глупост и дадоа форма (што ја имаше само во учебник за стручно, а беше различна во учебник за гимназија) и се ограничија на тоа дека ако во текстот наместо кандидатот да бара - моли, тогаш од 8 ќе добие 0 поени (само затоа што го употребил зборот МОЛАМ во барањето?!?). И така, сечи - ако се изгубат тие 8 поени, и уште десетина на слични ГЛУПОСТИ отиде петката. Па после немало петки - па ќе нема.
И оваа година, се разбира, песната е иста, бидејќи диџеите се исти.
Еве неколку примери од сега. На страницата за матура има дадено насоки за тоа како треба да се пишуваат текстови од практично-професионална комуникација. Одлично! Тоа беше многу потребно за да знаат учениците што точно се бара од нив.
Еве ја насоката за БИОГРАФИЈА што оваа година се падна на тестот:

1. Има за цел да претстави некому непозната личност.
2. Во биографијата се дава опис на животниот пат преку хронолошко
истакнување на податоци кои се релевантни на намената за која треба да
послужи биографијата .
3. Биографијата по правило се пишува во трето лице еднина.
4. Биографијата содржи лични податоци ( име, презиме, датум и година на
раѓање, адреса), податоци за завршено образование, податоци за
дополнитело образование ( курсеви, обуки, семинари), податоци за работно
искуство, податоци за различни активности и способности.

ПОДАТОЦИ КОИ ТРЕБА ДА ГИ СОДРЖИ БИОГРАФИЈАТА

Лични податоци
Име и презиме: Трајче Трајковски
Дата на раѓање: 15.01.1987 г.
Адреса: ул. „Ѓоре Ѓоревски„ 22-б, Скопје
Контакт: +389 2 70 452 xxx
abvgd@yahoo.com.
Образование
2005 – до денес Филолошки факултет „Блаже Конески“ - Скопје
2001 – 2005 Гимназија „Јосип Броз Тито“ – Скопје
1993 – 2001 ОУ „Ацо Шопов“ – Скопје
Дополнително образование
2002—2003 Обука за реторски вештини во клубот „Млади оратори“
1997 – 2003 Курс по англиски јазик во РУ „ Кочо Рацин“
Работно искуство
2008 учесник во протоколот и организацијата на Младинското европско
првенство во Македонија
2006 – 2007 Хонорарен ангажман во младински – едукативен
центар „Вавилон“
2002 – 2005 Волонтер во „Црвен крст“ – Скопје
Други способности и вештини
Познавање јазици: англиски, германски, српски и бугарски
Возачка дозвола: Б-категорија
Лични квалитети: креативност, исполнителност, посветеност

Трајче Петaр Трајковски е роден на 15.01.1987 г. во Скопје. Живее на ул.
Ѓоре Ѓоревски 22-б во Скопје. Неговите контакт телефони и адреси се +389
2 70 452 xxx и abvgd@yahoo.com.
Лицето Трајче Петар Трајковски дипломира на Катедрата за Германски
јазик , на Филолошкиот факултет , ,,Блаже Конески,, во Скопје. Средно
образование завршува во гимназијата ,,Јосип Броз Тито,, ,Скопје, додека
основно во училиштето ,,Ацо Шопов,, исто така во главниот град.
Трајче Петар Трајковски има дипломи и сертификати од дополнителните
курсеви за англиски јазик ,односно за поседување на реторски вештини.
Тој од 2002 г. до 2010 г. работи како волонтер во Црвен Крст на град
Скопје, во Младинскиот едукативен центар Вавилон и како учесник во
протоколот на организацијата на Младинското европско првенство во танц.
Лицето Трајче Петар Трајковски поседува возачка дозвола од Б-
категорија.

Супер, нели?
Епа не е супер. Од овој пример може да се заклучи дека биографијата треба да содржи дел во вид на CV и раскажувачки дел. Но, не требало така. Прво одлучиле дека ќе ги признаваат текстовите кои се или во форма на CV или како раскажан текст, но никако двете заедно. Па така, голем дел од учениците кои се послужиле со упатството може да се простат од поените за Биографија. Но, по три дена, сепак, сфатиле дека не е  сосема фер, па сега фрлаат по некое поенче и за ваквите случаи. Се надевам дека тестовите на нашите деца уште не поминале под овој сатар. (Патем, кому му треба да знае да пишува биографија???  За себе - да, автобиографија, односно професионална биографија, ама биографија - за трето лице???)

Кај, да не речам моронските текстови, за учениците да не ги добијат сите поени, се измислуваат правила за ЧИТАЊЕ. Тие правила никогаш во текот на образованието не се учат. Тоа треба да е вродена вештина на секој матурант. Па така, најважно за покажување знаење од предметот македонски јазик и литература е од зададениот текст за телевизиска емисија, како некој ќе одговори на прашањата: 
КОЈ треба да ги следи замислите....
КОЈ ги следи боите....
треба да се одговори само на КОЈ:
- аранжерите и сликарите,
- видеомиксерот,
а ако кандидатот се занел и мислел дека треба да одговори поопширно
- аранжерите и сликарите коишто го уредуваат декорот,
- видеомиксерот преку својот монитор,
ќе си добие 0 поени бидејќи аранжерите и сликарите не го уредуваат декорот (иако така оди во текстот) или за второто, во прашањето  нема преку што или од каде?
Тапажа!
Сечи!
Има многу вакви примери, а образложението на експертите е дека требало да се направи разлика меѓу кандидатите кои навистина заслужуваат да добијат повисоки оценки од оние кои тоа не го заслужуваат. А јас сè уште не сум сигурна кои се едните, а кои другите.
И, што ако не одам на прегледување кога и вака се нервирам?


No comments:

Post a Comment