Сега во училште ја обработуваме „Силјан Штркот“ и читајќи ја приказната повторно, во глава ми се превртеа многу работи.
Отсекогаш сум ја обожавала приказната – навистина е ремек-дело, но никогаш особено не сум навлегла во неа, а сега – наеднаш почна да ми блеснува!
Силјан Штркот – тоа е Македонија!
Прво, за симболиката на штркот. Тоа е онаа убава бела птица која прави огромни гнезда на нашите бандери, оџаци и на други високи места, птица која ја има низ цела Македонија. Таа, во западните култури симболизира пород, таа во цртаните филмови со клунот ги носи бебињата до прагот или ги спушта низ оџакот. Од каде оваа симболика на запад? Сигурно е преземена од кај нас! Зашто во нашиот фолклор штркот го симболизира семејството, домот, верноста, но и постојаното обновување – зашто секоја пролет тој повторно доаѓа, неуморно патува за да дојде пак во своето старо гнездо.
Второ, за зборот – нашиот збор „штрк“ јас го поврзувам со неговото ономатопејско значење – штрака, зашто штрковите штракаат со клуновите и така комуницираат, тие се птици кои не пеат (има само некои видови што испуштаат звуци). Понатаму, од тој збор имаме изведени – штркла, штрклест (чие значење се поврзува со физиономијата на штркот). Во англискиот, зборот „stork“ се претпоставува дека е од германско потекло (Störche), зашто нормално, не може да биде од кај нас. Таму зборот нема етимологија, нема значење. А англискиот збор, односно германскиот е мноооооогу сличен на нашиот. (Во српскиот, пак, интересно е што таа птица се вика „рода“ – па така називот е директно поврзан со раѓањето.)
Всушност, симболиката на штркот е многу повеќе препород, отколку раѓање.
И трето, за приказната.
Што сè има во приказната „Силјан Штркот“? Не, преамбициозно е од мене да се обидам да откријам сè, ама еве барем неколку работи.
Силјан е одметнатиот, непрокопсаниот, непослушниот син – тој е младата генерација која ја отфрла традицијата, не ги почитува корените, тој е младичот кој сака да избега од својата земја, некаде во странство – далеку од тука. (Познато? – сè повеќе млади мислат дека ќе си ја најдат среќата во туѓина, и, ама воопшто не си ја ценат својата татковина).
Лековерно, без грижа на совест – Силјан тоа го прави, си заминува од дома. Но, не е случајно што тој заминува со свештеник (духовникот) и се упатува кон Света Гора (Божји гроб). Очигледно е дека нему му треба некакво духовно прочистување и препородување. На патот се соочува со смртта. Коработ потонува, сите умираат. Но, за Силјан има уште една шанса, само тој останува жив. Како од матка – тој излегува на суво, соочен со нов свет!!! И во тој нов свет среќава два извора (двете мајчини дојки), кои ќе му ја пружат новата шанса – изворите со човечка и штркова вода (или истото: за да се „очовечи“ мора да го пројде препородот на штркот).
Чудната земја на штрковите, всушност е душата на Силјан, неговото преиспитување, неговото преобразување. Свесен е колку бил лош кон татка си, колку бил со слаб морал – и подготвен е да се жртвува за да ги искупи гревовите. Се престорува во штрк, станува птица (погледнува од повисоко) само за да се врати дома. Но, сфаќањето дека грешел не е доволно – тој мора уште еднаш сè да доживее. Штркот-самотник, Силјан, мора од блиску, а всушност од многу далеку да си погледне во своите корени, во својата традиција. Тие се најтрагичните носталгични моменти во приказната – тој ужасно страда по домот, по семејството, по татковината – како што од далеку ни страдаат печалбарите – и дури во тие моменти сфаќаат што напуштиле, сфаќаат кои се – и каде е нивното место.
На крајот, целосно оформен, „очовечен“, зрел, осознаен - тој се враќа дома!
Речиси непотребна ми се виде случката кога втората година при враќањето штрковите се борат со орлите. Но, со неа Цепенков многу јасно ја претставува борбата на христијанството со исламот, популарна тогаш (за време на турското владеење), но уште попопуларна сега! Штркот го симболизира христијанството, а орелот исламот.
И така, приказнава од памтивек, е приказна на денешнината. И баш си се прашувам, ќе се препородиме ли конечно, ќе сфатиме ли кои сме, ќе се помириме ли со тоа, ќе заврши ли борбата со орлите???
И, уште нешто, како до сега никогаш не сум го поврзала Силјан штркот со белегот на Прилеп кој го викаат Слонче, а кој пред некој месец многу повеќе ми заличи на штрк? Па така си е – таа камена фигура е штрк, всушност, човек-штрк, тоа е местото на препородот.
Силјан Штркот е фолклорна адаптација на приказната за Блудниот Син од Библијата.
ReplyDeleteКултот на Свети Трифун е христијанизиран култот кон Дионис.
Сите легенди за Крале Марко (историски сосема небитна личност) се адаптирани од легендите за Александар Велики. Има славен коњ (Шарец - Букефал), пие многу, син на крал (а не е дете голомеше), војува со ламји (слонови), ослободува три (ни два ни четири) синџири робје... историскиот крале Марко умрел во битка, а во легендите крале Марко е непобедлив исто како Александар...
Итар Пејо е адаптација на итар Филип...
Со други зборови, легедните во суштина не се менуваат, само имињата се менуваат. Архетипови.
Приказната за блудниот син од Библијата е исто така народна приказна, која пред да биде запишана се пренесувала усно. Каде се појавила отпрво, и зошто се истите приказни се вртат меѓу луѓето од разни краишта на светот е веќе сосема друго прашање. Само - колку и да се подучуваме во моралот (со приказни и закони) - ние луѓето никако да научиме!
ReplyDeleteА се разбира дека секоја приказна е спој на многу други приказни и искуства - која во основа е иста со претходната.
Кој го создал архетипот?
Ма моралот си е општо-прифатен, само грст луѓе се неморални.
ReplyDeleteИмено, 1% од сите луѓе ги прават 99% од сите неморални работи.
А архетиповите никој не ги создал, оти токму имањето на архетипови е она што не’ прави луѓе.
Архетиповите произлегуваат од инстинктите на луѓето, кои се всадени во нас преку еволуцијата или преку стадиумите од животот низ кои ама баш сите поминуваме.
Така да, кој им дал крилја на птиците? Ним никој не им дал крилја, ами на (условно кажано) „гуштерите“ некој им дал крилја и така станале птици.
На мајмуните некој им дал архетипови, интелигенција и слободна волја да ги изразуваат тие архетипови на најразлични начини преку митови и заблуди и копнежи и соништа... и затоа и така станале луѓе тие мајмуни.
Преубава е твојата колумна „Златното доба како архетип“...http://blogatash.wordpress.com/2011/01/27/%E2%99%A6-3%D0%BBathoto-%D0%B4o%D0%B1a-kako-apxet%D0%B8%D0%BF/ во која одлично си ја разработил темата. Иако мислам дека сосема добро се разбираме - ама, сепак, архетиповите се создаваат, може како производ на инстинктот, поточно од страв да не забегаме од него - ама создадени се. Нема везе - поентата ми беше да ти ја пофалам колумната - а да биде во склоп со темата :)
ReplyDeleteparalelata Krali Marko - Aleksandar Veliki ne drzi voopsto. Krali Marko e prisuten vo folklorot na site slovenski narodi na Balkanot i e idealiziran od opstata potreba da se ima lik nadjunak kako zastitnik na narodot vo teskite vreminja, Aleksandar MAKEDONSKI e znacaen samo za Slovenite sto ja naselile teritorijata na negovata drzava.
ReplyDeleteIsto ne drzi i paralelata lamji - slonovi. prvite se plod na fantazijata i imaat simbolicko znacednje, vtorite se realni zivotni prisutni vo realni istoriski nastani.
Дали ова е целата прераскажана лектира?
ReplyDeleteНе, прераскажани лектири имам на другиот блог, а конкретно за Силјан Штркот е тука: http://makedonskijazikiliteratura.blogspot.com/2011/02/blog-post_06.html
ReplyDelete