17.4.11

Во спомен на нашиот ученик Мухамедали Јашари

Целта на претходните два поста не беше да се фалам, туку напротив - да ја потенцирам бесмислата на сè. Се радувавме и уживавме во успесите на нашето училиште - сè до кобниот момент - 14 часот, петок, 8 април 2011 кога несреќно загина нашиот ученик Мухамедали Јашари.
Случката по медиумите ја раскажаа на разни начини, едни боејќи ја црвено, други сиво, трети црно... Вистината е дека Мухамед загина сакајќи да помогне, попречувајќи им го патот на насилниците. Никако засегнат во конфликтот, не знаејќи ни кои се напаѓачите ни зошто тепале. Вистина е дека судбината сакала за него да биде тоа последниот сончев ден.
Секакви обвинувања се изнаслушавме, сите плукања ги поднесовме, но тие не болат - боли фактот што Мухамедали го загуби својот живот - тука пред нашите очи.
Во тие мигови, кога сè се случило, немало пропусти од безбедносен аспект - она за што јавноста нè обвинува. Камери има, обезбедувањето реагирало веднаш, тие ги спречиле тепачите да не го дотепаат нападнатиот ученик, тие почнале да ги гонат, дежурни професори имало, па дури заради вакцинацијата која се одвивала во близина - надвор бил психологот, а 2 минути пред тоа и директорката. Докторите што вакцинирале веднаш излегле надвор да дадат прва помош, единствено брзата помош не била баш брза иако е на 50 метри од нас. И, всушност, условите за да се случи трагедија не биле поволни - но сепак се случи. Затоа велам - судбина, црна, гадна, кобна.
Ме болат и обвинувањата кон директорката - зашто таа беше во болница додека се обидуваа да го спасат детето, зашто таа беше до родителите во тие страшни моменти, зашто таа отиде во нивниот дом заедно да го погребаат, да им даде поддршка и сочувствуваше со нив како мајка, како родител, како човек. Таа вложи натчовечки напори, без почивка и сон, без да се поштеди себеси да биде постојано со нив. Ова го кажувам со восхит, зашто знам, гледав - зашто јас немав сила да отидам на погребот, паднав болна веќе вториот ден, но таа не. Ми остаре жената пред очите.
Ова што се случи, најискрено, не би го посакала никому, ни на најголемиот непријател. Многу е страшно, многу потресно, многу жално и болно.
Првите денови не можев да напишам ништо, а и сега е тешко...
Некои се бунат што од детето се прави херој, ама така е, херој е и другар. Такво му е семејството, така е воспитан - да биде отворен, да се дружи со сите, без разлика на вера и нација. А неговиот чин е доказ за тоа.
На комеморацијата во нашето училиште немаше зборови за да се изрази болката, немаше начин како да му се оддаде почит на прерано завршениот живот. Тогаш директорката не можејќи да ги задржи солзите, на таткото на Мухамедали му ја даде освоената награда од Италија. Зашто неговата смрт ја поврзуваме со животот, неговата жртва со иднината, неговото херојство со мирот меѓу нас.

Горди сме на наградата што ја добивме во Италија за нашите заложби за мирот и хуманоста, а уште повеќе се гордееме што сега таа награда му ја посветуваме на Мухамедали Јашари – кој губејќи го својот живот докажа дека пријателството не познава граници, ни верски, ни национални, кој докажа дека големината на човекот е неговата човечност, а храброста – неговото широко срце. Нека почива во мир.

 И, на крајот, еве ги и последните зборови запишани од Мухамедали, еве ја неговата последна писмена работа по македонски јазик:

Семејството и пријателите го чинат животот среќен

Во денешниот живот семејството е многу значајно, но и пријателите се значајни, дека без пријатели, без семејство не оди животот.
Сепак, семејството е најважно – таткото, мајката работат за да имаме посреќен живот.
Јас многу се дружам со пријателите, тие се добри, не се закачаат со сите, не се тепаат.
Имам една желба – сега сме матуранти. Во ноќната матура сакам сите да се дружиме и да играме со сите другари, да уживаме. Таа ноќ да ја памтиме цел живот. И кога ќе го завршиме школото, кога ќе се видиме, да правиме муабет и да се сеќаваме на ноќта на матурата. Тоа е мојата желба за мене и за другарите.
Моето семејство е многу среќно со мене дека јас не му носам дома некој проблем, некоја несреќа. Јас ги сакам моите родители многу, дека тие ме праќаат во школо, ме хранат и така натаму.
За мене животот продолжува.

No comments:

Post a Comment