15.10.10

Како да го „решиме“ образовниот систем во Македонија?

Возрасните секогаш се обидуваат да ги советуваат младите најдобро што можат, од искуствата што ги преживеале – а младите пак, често ги отфрлаат овие совети како застарени сфаќања, бунтовно пробивајќи се низ животот, повторно стекнувајќи ги истите. Се вртиме во круг? Може ли вака да се оди напред? Мислам може, зашто кругот, сепак не е круг, туку спирала, па секоја генерација се искачува малку на неа.
Како директно вклучена во образовниот процес и во постојан контакт со младите, сведок сум на различните сфаќања на генерациите, различните потреби, навики и новото што го носат.
Иако има напори да се направи нешто со образованието, бидејќи беше очигледно дека назадуваме, мислам дека нешто не ни оди...
Се направи проектот „Компјутер за секој ученик“, бесплатни учебници, бесплатен превоз, летоска се изнапишаа учебници за стручните предмети кои до сега не постоеја (уште треба поединечни молби да испратиме до учениците да доаѓаат во училиште и да учат). Од оваа година се воведува екстерното тестирање – за контрола на оценувањето на наставниците -  и, да речеме сè е тоа добро, ама останува горчливото чувство – дека сè е џабе и дека секоја генерација учи сè помалку (можеби учат сè помалку – но знаат сè повеќе).
Нема да зборувам колку страшните појави на „купување дипломи“ го рушат образовниот систем и ги демотивираат младите, ќе зборувам само за конкретната настава – и што може да се направи за да се прескокне амбисот пред кој стоиме.

Во видеово сè е кажано. Ние само треба да видиме и да слушнеме, никако да игнорираме!
1. Возрасните ја загубија битката со компјутерите. 
Родителите се помирија со фактот дека нивните деца постојано „висат“ на компјутер - со ова мора да се помират и професорите и да најдат начин како преку мониторот да им се приближат.
Младите повеќе не ги бараат информациите во книги. За нив е многу поедноставно еднаш да кликнат - и да дојдат до она што ги интересира или им е потребно.
На моите блогови што ги правам за учениците - со лекциите кои се предвидени со програмата, дневно има по 1000 до 2000 посети. Некои само ги копираат текстовите за домашна, некои читнуваат нешто - ама факт е дека на интернет го бараат она што им треба.

2. Професорите треба да бидат ментори.
Учениците треба сами да го избираат професорот што ќе им биде предавач, односно ментор по определен предмет. Тој треба да ги води, да им дава насоки, да ги поттикнува, да биде современ, да смислува нови начини за мотивација - за да биде избран. Ако никој не го избере - ќе ја загуби работата. Ова е начин да се поттикне професорот да даде сè од себе.

3. Оценувањето да биде должност на друг.
Менторот професор не треба да ги оценува учениците. Тоа треба да биде некој неутрален - а бидејќи државата сака да воведе екстерно оценување - нека биде оценувач државата (можеби таа ќе биде и најобјективна). На овој начин повторно може да се мери успехот на професорот. Колку повисоки оценки, толку подобро (а не разликите во оценки да бидат критериум). 
Секако, тука мора да се внимава и на составот на учениците, односно да не се споредуваат оценките во стручно училиште со оние во Корчагин, на пример (да не образложувам , се надевам јасно е што сакам да кажам - дека не може да се споредува ученик кој завршил со доволен успех во основно и оној кој бил екстра добар). Или, дека успех на професор во ГУЦ ќе биде да има преодни оценки, а во Корчагин да има петки.

И да не должам - според мене, овие се трите работи кои треба да се направат за да ни тргне работата, за образованието кај нас да пркне малку, да биде поквалитетно, а оценувањето објективно.

П.С. Секако дека и идеите на Нено влегуваат во комбинација.

7 comments:

  1. Мислите дека некој ве ќита и Тебе и Нено?
    Ова што сега се заговара, по секоја година диплома, беше. Сите сакаат ССС. демек шетити години да одат до школо.

    ReplyDelete
  2. Не разбрав баш што се заговара и како е планот, ако можеш, појасни ми. А ова тука и не го пишувам за публицитет (верувам дека никој не ме чита), туку само да си ги изразам мислите, идеите, чувствата - нешто како јавен дневник. Па ако прочита некој - ок, ако, не, пак ок.

    ReplyDelete
  3. можеби учат сè помалку – но знаат сè повеќе
    kako taka

    ReplyDelete
  4. Мислев на учењето за в училиште - за таму учат се помалку, а и во контекст на видеото - учениците не го учат она што им го задаваме ние, а начинот им е прездодевен, ама се полни со информации за она што ги интересира и кое им е лесно достапно и приемчиво. Младите сега знаат повеќе од она што јас сум го знаела на нивна возраст. Можеби не за Ана Каренина - ама за многу други работи - да!

    ReplyDelete
  5. Сите шпански и турски серии што ги има по телевизиите се плагијати на „Ана Каренина“.

    Само разликата е што на крајот сериите мора да завршат со хепиенд, а Ана Каренина завршува со... unhappy end.

    ReplyDelete
  6. А, еве ми го и Нено - „нечитаниот“, ама начитаниот. Во суштина баш е жален и вистинит коментарот на првиот Anonymous (Мислите дека некој ве ќита и Тебе и Нено?). И се сведува на истото со Ана Каренина. Романот е речиси врв на уметничката литература - а денес е заменет со сериите кои се најголем отпад. Па така и со читањето блогови, сајтови и слично. Она што навистина вреди - ретко кој сака да „се замара“ да го прочита.
    П.С. И последната колумна ти е ептен екстра! Ај, може еден ден ќе почнат да нè читаат :)

    ReplyDelete
  7. Не е жален првиот коментар, ама ич!

    Колку луѓе возат Ферарија, колку луѓе имаат златни саати од по десет илјади евра што чинат, колку луѓе можат да си дозволат еден месец одмор во хотел со пет ѕвезди на Хаваи?

    Не многу, ама да не им фали нешто на тие малкумина среќници?

    Јас така гледам на мојот блог.

    А пред две години никој не ме читаше, оти и немав блог. Сега ме читаат малкумина,а после две години можеби многу повеќе.

    Тогаш, луѓето што ме читат сега ќе се чуствуваат посебно оти знаеле да препознаат квалитет во старт.

    Ако не си експлозивен тогаш си барем ексклузивен. Што има тука за жалење?

    ReplyDelete