10.10.10

Десет... десет... десет

Денес е ден со три десетки – 10.10.10, па сега уште е и околу 10 часот навечер и ќе почекам да биде и 10 минути за да фатам пет десетки. Поим немам дали е ова среќа или несреќа – и онака не верувам во нумеролошка судбина, ама интересно ми дојде...

Мене, десетка ми асоцира на убаво, како на пример - 10 на факултет, 10 Божји заповеди, 10 во декадниот систем (целиот свет ни е поделен на десетки во мерките), 10 прста на рацете и нозете – и... најслаткото - десетка со кромид и пиво..., па затоа ме предизвика да напишам нешто за ова бројче.



1.


Денот за мене се буди во десет

Една надеж нова се нуди во десет

Страшен поглед ми суди во десет

Еве го лази, ме куди во десет

Треперам, страдам во часот десет


Дал искра нова ќе ме најде во десет

Ехо на ноќта ил` ќе ме снајде во десет

Средба скришна ли ќе зајде во десет

Ечат спомените без фајде во десет

Треперам, страдам во часот десет.


Демони вечерва траќаш во десет

Езеро солзи ми враќаш во десет

Сенката твоја ја праќаш во десет

Екстаза на љубов чекаш во десет

        (А мене ме нема...)

Треперам, страдам во часот десет.


2.


Десет се прстите твои врз мене

Десет ежиња со бодеж блажен

Десет допири по кои срце ми вене

Десет мечти од споменот тажен.


3.


Беше тоа времето

кога одевме на десетка со пиво...

кога се смеевме од поглед

му се восхитувавме на сонцето

и на сè што се движи

и на сè што стои,

кога шарените бои на пролетта

ги шараше и нашите лица,

кога од среќа

не знаевме дали другите постојат

и не ни беше важно...

И поминаа

десет дена

десет години

десет века!

Вчера отидов

на десетка со пиво...

и ништо не ми беше смешно.

2 comments:

  1. Ма, прашање е дали се баш точно десет заповеди.

    И ова ќе го ставев во колумната за 11ти октомври, ама си реков да не забегувам премногу... :-)

    http://mk.wikipedia.org/wiki/Десет_Божји_заповеди

    ReplyDelete
  2. Ма не се тие десет, ама така е зборот. А и мене очигледно ме интересираа некои други десетки повеќе од Божјите :) - ама ај и јас да не забегувам многу....

    ReplyDelete