19.10.10

Патување низ Македонија - Прилеп

Минатата година ова време за првпат бев во Прилеп. Ми беше срам што никогаш не сум била таму, и еден викенд си реков - ај, да тркнам да го видам. Моите очекувања беа многу ниски, мислев дека е мало, провинциско гратче каде животот се одвива споро и каде не се случува ништо. Сум слушнала и за Маркови кули, ама па што?
Прво застанавме во Стоби и бев среќна што го средуваат за посетители, што има добар приод од автопатот, и што еден ден ќе го биде. (За Стоби имам пишувано порано.)
Продолживме по патот кон Прилеп, застанавме во Росоман и си купивме џиновски смокви и јаболка. Се искачивме до Плетвар - и наеднаш пред очи пукна убавината. Природата целосно се измени. Ме опкружија ридови со камења какви никогаш не сум видела - и недогледната ширина на Пелагонија. Во далечината, на спротивната планина се гледаше Крушево...
Влеговме во градот - целиот жолт од тутуните што се сушеа во секој двор и на секоја улица. Секаде чисто, средено. Средено и за паркинг - веднаш да се снајдеш и да не се чудиш многу каде да ја оставиш колата, редарите ти покажуваат...
Центарот среден, модерен од едната страна на улицата, а од другата - го зачувал духот на стариот град. Кафулиња, ресторанчиња, луѓе кои опуштено го поминуваа денот на есенското сонце.
Прошетавме по уличките, до Саат кулата, Итар Пејо, фонтаната со лавчето, остатоците од Куршумли анот и Александар Македонски - така наместен за да ги видиш убаво Марковите кули во позадина.
Се качивме и таму. Одамна немав доживеано нешто толку убаво... Местото зрачи со посебност, глетката е прекрасна, а камењата, камењата се сите своја приказна...
Од таа прва посета на Прилеп е овој пост. Па ѕирнете на врската за да ги видите фотографиите и првите впечатоци. И интересно - за Прилеп пак пишувам точно пред екскурзијата со учениците. Се разбира дека и оваа година не ги убедив да одиме во Прилеп (овојпат не се ни потрудив), туку ќе одиме во Будимпешта... Но, лани, барем еднодневната ни беше во Прилеп, па и за тоа пишував, особено за Маркови кули.
И од тогаш (лани) се нешто ме влече пак да одам во Прилеп. И одев, неколкупати, а моето воодушевување му го пренесов и на семејството... па сега и тие сакаат да одат.
Секоја прилика ја користам. Пред некој викенд божем бев во Крушево - ама неделата ја поминав во Прилеп, на Маркови кули, а саботата на Мечкин Камен од каде се гледа цела Пелагонија - и се разбира Прилеп, Маркови кули, Златоврв. 
Пелагонија - Pelagonija

И можеби некому ќе бидам здодевна што следните постови ќе ги посветам пак на Прилеп и околината, ама - па шо? Ако е така - прескокнете, има и поинтересни работи во животот :)

1 comment:

  1. Jas so godini zboruvam deka najubavata pririda i najubavite luge poteknuvaat od Prilep i konecno nekoj toa go razbra. Ti blagodaram sto so tolku ljubov pisuvas za rodniot kraj na moite roditeli.

    ReplyDelete