10.5.10

Во Стоби

И... бевме на еднодневна екскурзија во Стоби и Прилеп (Маркови Кули).
6 автобуса, речиси 300 ученика. Не е баш лесно да се справиш со сите - кој пие, кој јаде, кој повраќа, кој не сака да влезе во автобус... Професорите немаат многу време за уживање, но сепак, успеваме по малку да украдеме моменти и за себе. Колку да видиме што има ново во Стоби, или да бидеме единствени што сме се качиле до Кулите додека другите ги „опседнаа“ прилепските кафулиња и паркови.
Местополжбата на Стоби - на автопатот кон нашиот јужен сосед е идеална за посета и затоа е оправдано што на него се работи со полна пареа. Малку почекавме додека ги измоливме да ни дадат попуст на влезници за ученици - кои едвај сме ги натерале да дојдат тука, и кои секако не сакаа да дадат по 100 денари. Лошо беше што не знаевме за влезниците, па учениците не беа информирани (лани влезот беше бесплатен). Инаку, секако сум да се наплатува за ваквите места, но и да се овозможува попријатен престој внатре - а не водичката да ги чита таблите (кои сами можевме да ги прочитаме), а обезбедувањето да ти виси на глава како да си криминалец.

Мапите кои постојат за градот се стари, и или се избледени од сонцето (на самиот локалитет), или се на српски (од Википедија). Сакав да направам подобра мапа, но и податоците на Google Maps се тапа (We are sorry, but we don`t have imagery at this zoom level for this region), па човек нема од каде да тргне. Можеби единствено со поглед од горе - на ју тјуб.

Стоби има убава, но ранлива местоположба - се наоѓа во долина меѓу Црна Река и Вардар. Од тие причини градот бил обѕидуван со бедеми кон Хераклеа (југо-исток) и кон реките (северо-запад).
Порта Хераклеа

Јужниот бедем е всушност влезот во градот.

Според пишаните и археолошките податоци, Стоби е изграден во доцниот македонистички (хеленистички) период, нешто пред вледеењето на Филип V. По поразот на Персеј, последниот македонски цар, Стоби станува еден од главните центри на македонската римска провинција. Градот се шири и развива, и претставува крстосница што ги спојува северот и југот, истокот и западот. Во 69 г. градот добива статус на муниципиум (град со самостојна управа и право на глас). Во тој период цутел и се изградувал, подигнат е театарот (кој сега наново го подигаме),
Стоби - Stobi
 зад него е Епископската базилика (која е затворена за посетители, а каде се наоѓа крстилницата со подниот мозаик - фазан, кој го имаме на десетденарката), зад која е полукружниот плоштад (исто затворен за посетители поради интензивни археолошки работи).
Стоби изобилува со христијански објекти:  Синагога - Базилика (прво бил еврејски храм, а потоа претворен во христијански), Цивилна базилика, Северна базилика и Епископската базилика (кои до сега се откриени), а десно од главниот влез се отвара нов храм каде пред некој ден е откопана интересна мермерна глава (коментарите по линкуваната вест се невидени „бисери на мудроста“ - а јас мислев Македонците паметни биле).
Стоби - Stobi
(Интересен е и ридот во позадина на фотографијата, има специфична, неридска форма. А и зошто не би имало град од другата страна на реката, кога веќе постои мост, т.н.турски? Од каде бе турски?)
Во 325 година Стоби станува епископско средиште, со епископска резиденција која се наоѓа близу театарот кон север.
Стоби - Stobi

На сите значајни христијански, вселенски собири учествувале епископи од Стоби: Будиј во 325 г. учествувал во Никејскиот собир, Никола во 451 г. земал учество на Халкедонскиот собор, а епископот Фока на Соборот во Константинопол во 553 г.
Во 5. и 6. век градот бил ограбуван и уништуван од нападите на Хуните и Остроготите, најверојатно бил разурнат и од земјотрес, но христијаните го обновувале.
Според очигледните археолошки податоци градот опстојувал до средниот век, но нашите експерти си додаваат претпоставки за да ја задоволат веќе напишаната историја, пред која ги затвораат очите. И покрај очигледните факти, тие трубат дека некакви Словени уништувале, освојувале и ги истребиле сите староседелни жители. На пример, во Википедија, во статијата за Стоби се вели: „ ...текот на немирниот 6 век, му донесува декаденција на Стоби, а единствена светла точка е монументалната Епископска базилика.“ - што значи ова? Се уништувало или се градело? Вели декаденција - зашто така треба, нели, Словените сè разрушиле, од друга страна, вели изградена е монументална Епископска базилика.
Понатаму, бидејќи не се совпаѓа со „напишаната историја“ вели: „Изненадува сосем доцното споменување на епископот Јован од Стоби како учесник на 6 екуменски концил во Цариград во 681 г., како и на неговиот наследник, епископот Маргарит, на црковниот собор во истиот град во 692 г. “ - од што се изненедени? Дека во 7. накај 8. век и покрај „страшните“ Словени во градот ништо не било сменето?
Во изворите уште се спомнува победата на Василиј II над војничката посада во Стоби, во 1014 година. Извесна активност во 11 век е констатирана во горните слоеви на театарот, по што животот во градот замира. Заклучок: кој го уништува градот? Кој е Василиј II? Ви текнува кој го уништува Самоил и Самоиловото царство? - Епа истиот тој, во истото време!
Како и да е, за среќа, врз Стоби не е изграден нов град, па има можности за спокојно ископување и отварање на целиот град. Градбите кои до сега се откриени се прекрасни, украсени со подни мозаици (слики и теорија за настанокот на мозаиците во мој постар пост), столбови, скулптури (па дури и позлатени) што укажува на богатство и вредност (на самиот град). 
Теодосиевата палата е најголем приватен објект со прекрасна градба и мозаици (реконструкција на ју тјуб) за која имам исто така пишувано порано.
Еве дел од новоотворени мозаици, се уште нереставрирани (во оригинална верзија). Лавчиња и рипчиња од лево, а разни коловртчиња десно...

Стоби - Stobi
Стоби - Stobi

Стоби - Stobi
Стоби - Stobi
Стоби - Stobi
Стоби - Stobi
Стоби - Stobi
Стоби - Stobi
Стоби - Stobi
Стоби - Stobi
Стоби - Stobi

На крајот, Римскиот форум, заштитен со бедем кон Црна Река. На него исто така интензивно се работи и ќе биде еден од поинтересните споменици во Стоби. 
Од Стоби, екскурзијата ни продолжи во Прилеп, а за тоа во следниот пост...

No comments:

Post a Comment