20 мај. За многу луѓе обичен ден, како и секој друг, пролетен, убав. Но, за матурантите, веројатно, еден од најубавите. Завршија со училиштето. Им завршија четирите средношколски години. Денес, баш беа среќни. Се сеќавам, на времето, ние учебниците ги палевме од среќа што повеќе нема да има учење и „дерење“. Сега, тие не може да ги палат, бидејќи мора да ги вратат, ама изнајдоа други начини да им се осветуваат на „лошите“ професори, на училиштето и на сите што мислат дека нашто им згрешиле. А и среќата им е доста скратена со полагањето на обемната матура - па пак ќе мора да доаѓаат во училиште. Всушност, последно доаѓање ќе им биде кога ќе си ги земат дипломите. Ова „последно“ е речиси буквално. Од околу 300 матуранти, дали десетина ќе дојдат некогаш во училиштето. Мене ова, откако сум професор, баш ме боли. Четири години си ги гледал како растат, созреваат, се глупираат, понекогаш работат и те воодушевуваат, и - доаѓа 20 мај - готово! Како да не сме постоеле. Учениците веројатно не сфаќаат колку професорите се приврзуваат, колку зборуваат за нив, колку се присетуваат на изминатите генерации и колку се тие дел од нивниот живот. До пред една година ми беше криво што е ова вака, што за некои ученици ништо не знам, не сум ги сретнала, не сум чула ништо. Ама, сега - да живее фејсбук!!! Сега, сè се смени. И вака ми е поубаво. Дознавам секојдневно што прават, што има ново, каде се, се омажиле ли, работат ли, и смирена сум.
Тие сите се мои деца, на кои сум им дала дел од мене и сакам да знам како им тече животот.
И што да кажам за среќата и несреќата? На 20 мај учениците се среќни, а професорите несреќни. Учениците завршиле дел од „тешкиот“ живот на кој не сакаат да се осврнуваат, а професорите испратиле дел од себе неповратно. Со среќа нека ви е, матуранти, а еден ден веројатно ќе ја сфатите и другата страна. А професорите ќе се справат со несреќата, бидејќи се возрасни и бидејќи знаат какви биле самите кога биле матуранти.
П.С. На оние кои никогаш не биле во своето училиште откако завршиле, им советувам да отидат, сигурно ќе зарадуваат некој професор, а и ќе се потсетат на „лудите“ средношколски денови.
Ме засрами зашто и јас многу сакам да ги видам моите поранешни ученици, а не сум била во моето училиште па дури ни службено.Поздрав до моите професори од „Карев“ и „ЈБТ“.(штета што немаат фејсбук, па да видат до каде сме стасале ние „возрасните“.Каце.
ReplyDelete