26.5.10

Матурски прослави

Завршија матурските прослави. Како-така, важно завршија. Ова како-така всушност ми значи - лошо. Не ми е јасно зошто се настојува на стариот модел на прославување, кога е очигледно дека веќе не го бива?
Со години наназад матурантите само што ќе се приберат во ресторанот, веќе почнуваат да си заминуваат.
Пред два-триесет години, да не речам во мое време, освен новогодишните и велигденските, матурските прослави беа единствените пригоди кога можевме да останеме по 12 часот. Тогаш кафулињата затвараа во 10, евентуално летните дискотеки работеа до 12 - и нормално дека ваквите прослави беа успешни. А сега? Младинава уште од прва година излегува каде сака, колку сака, пие што нуди кафана, пуши од сешто по нешто и како може да очекуваме да биде задоволна од некој изживеан, свадбарски модел на прослава. Епа не може. Искрено, и мене ми беше мноооогу досадно. 

И што се случи на вчерашната матурска? Матурантите, значи, брзо го напуштија ресторанот кајшто не се пуши и не се пие и си отидоа на место каде им беше поудобно. Ама професорите, желни за малку забава во нивни стил - не си отидоа. Па така, откако се најадоа, пиеја што си сакаат, саат-два си се изнаиграа ослободени од присуството на учениците. Сами на прославата, свртеа караоке и на крај дури им беше криво што им заврши музиката па мораа да си одат. Може малку претерувам, ама ова беше речиси вака.
И, каде е излезот од ова? Дали матурантите воопшто сакаат да прават ваква прослава? Дали воопшто сакаат да бидат со професорите? Дали ги сакаат сите претходни глупости, дотерувања, гости, кафани? Што е поентата? Зошто веќе еднаш не се смени нешто што е изживеано?
Како за крај на школувањето нека си организираат една заедничка забава во дискотека, нормално без професори (за да не се товари никој со одговорност), нека си пијат и уживаат на свој начин. Вака, веројатно, и тие ќе бидат среќни и професорите и родителите.

No comments:

Post a Comment