29.5.10

Печалбари

Никогаш не сум можела да разберам зошто луѓето ја напуштаат Македонија, и сè уште не разбирам.
Често во училиште со учениците печалбарството ни е тема на разговор. Со некои генерации се трудам повеќе, со некои помалку, но, секако се обидувам да им го разбудам длабоко заспаниот патриотизам. Обично во прва година бројот на оние што сакаат да си одат од Македонија е многу голем. Тоа дефинитивно е од семејното влијание, од незадоволството на родителите пренесено на децата, и муабетот - „Македонија нема што да ти пружи“. Со систематско, четиригодишно трубење за патриотизам, обично сум задоволна од резултатите. Дел од нив стануваат патриоти, дел се предомислуваат и забораваат на напуштање на татковината, но сепак, еден дел сè уште мечтае за поубав живот - таму некаде далеку - што е карактеристика на романтизмот. (Додуше и јас понекогаш посакувам да сум на пуст остров, далеку од сè и од сите - ама пак брзо се враќам во реалноста).
Пред некој ден се собравме со класот што заврши пред 10 години, што им бев класна. Фино. Сие ок, голем дел завршиле факултет, некои работат се снаоѓаат, некои џаболебарат и се зезаат и сите се сè уште тука. Ама двајца имаат во план да си одат. Едниот, сосема непронајден како личност, постојано во некои „матни швалерски врски“, постојано со мобилниот и пораките кон некои девојчури (иако е женет со дете), а другата секогаш незадоволна од сè. Веднаш си се помирив - такви на мојата Македонија не и требаат. Само колку да се бројат не се потребни. Нека одат - нека си се бараат по светот, нека го најдат својот романтизам.
За нив не, ама едно време се разочарав кога братучедиве почнаа да ми заминуваат. Кукавици, продадени души - отидоа 2001. Еден куп, 15 души. Сè имаа тука. Куќи, станови, коли, работа, сè! И нивното образложение за пронаоѓањето на подобриот живот некаде далеку од тука беше: во Америка сè е средено, никој не користи крпи за бришење, туку сите хартија, па не мораш да переш; алиштата не се пружале, туку имало сушарници (ма ве молам!) и 100 други вакви глупости. Се разбира, во Америка немало и Албанци со кои треба да се справуваш. И отидоа. Од тогаш немам никаков контакт со нив. Се однесуваме како да е среден век - без средства за комуникација. Немам ништо нивно, ни меил, ни фб, ни телефон, ништо. Очигледно не сакаме да имаме. Сите нивни врски со татковината се пресечени како папочната врска по породувањето. Тие не сакаат да знаат ништо за тука - јас не сакам да знам ништо за нив.
Зошто ги обвинувам? Епа што луѓе се тие, бе? Тие, демек отишле во потрага по подобар живот? Демек, тука не се пронашле себеси? А каде ќе се пронајдат? Сите што ги познавам, што си отишле биле непронајдени личности. Но, таквите, кај и да отидат нема да се пронајдат! Тие постојано се во потрага по нешто... самите не знаат по што - мислат дека парите ќе им го решат проблемот. А всушност имаат проблем со самите себе.
Ах, плитки суштества, со уште поплитки души, ветрушки без разум и најплиток ум. 
И толку, доста се нервирам за нив. Тие нека си го тераат својот живот, а јас ќе си уживам во мојата татковина, ќе си ја откривам и сакам, ќе си бидам задоволна и среќна и покрај сите нејзини проблеми, политички и економски, историски и географски, и какви ти уште не. (Ама без таквите работи животот е здодевен.)
А, за братучедите и останатите емигрантчиња кои немаат срце ни за љубов кон татковината, па камоли за нешто друго - еве едно големо поздравче!


2 comments:

  1. Dragica KostadinovskaJune 2, 2010 at 5:31 PM

    Ne , nikogas ne napustajte gi svoite ognista , svoite roditeli,svoite deca i najvaznoto ne napustajte ja svojata TATKOVINA.

    ReplyDelete
  2. e ne tuka ke sedam u bednava drzava!!!

    ReplyDelete