17.4.11

Во спомен на нашиот ученик Мухамедали Јашари

Целта на претходните два поста не беше да се фалам, туку напротив - да ја потенцирам бесмислата на сè. Се радувавме и уживавме во успесите на нашето училиште - сè до кобниот момент - 14 часот, петок, 8 април 2011 кога несреќно загина нашиот ученик Мухамедали Јашари.
Случката по медиумите ја раскажаа на разни начини, едни боејќи ја црвено, други сиво, трети црно... Вистината е дека Мухамед загина сакајќи да помогне, попречувајќи им го патот на насилниците. Никако засегнат во конфликтот, не знаејќи ни кои се напаѓачите ни зошто тепале. Вистина е дека судбината сакала за него да биде тоа последниот сончев ден.
Секакви обвинувања се изнаслушавме, сите плукања ги поднесовме, но тие не болат - боли фактот што Мухамедали го загуби својот живот - тука пред нашите очи.
Во тие мигови, кога сè се случило, немало пропусти од безбедносен аспект - она за што јавноста нè обвинува. Камери има, обезбедувањето реагирало веднаш, тие ги спречиле тепачите да не го дотепаат нападнатиот ученик, тие почнале да ги гонат, дежурни професори имало, па дури заради вакцинацијата која се одвивала во близина - надвор бил психологот, а 2 минути пред тоа и директорката. Докторите што вакцинирале веднаш излегле надвор да дадат прва помош, единствено брзата помош не била баш брза иако е на 50 метри од нас. И, всушност, условите за да се случи трагедија не биле поволни - но сепак се случи. Затоа велам - судбина, црна, гадна, кобна.
Ме болат и обвинувањата кон директорката - зашто таа беше во болница додека се обидуваа да го спасат детето, зашто таа беше до родителите во тие страшни моменти, зашто таа отиде во нивниот дом заедно да го погребаат, да им даде поддршка и сочувствуваше со нив како мајка, како родител, како човек. Таа вложи натчовечки напори, без почивка и сон, без да се поштеди себеси да биде постојано со нив. Ова го кажувам со восхит, зашто знам, гледав - зашто јас немав сила да отидам на погребот, паднав болна веќе вториот ден, но таа не. Ми остаре жената пред очите.
Ова што се случи, најискрено, не би го посакала никому, ни на најголемиот непријател. Многу е страшно, многу потресно, многу жално и болно.
Првите денови не можев да напишам ништо, а и сега е тешко...
Некои се бунат што од детето се прави херој, ама така е, херој е и другар. Такво му е семејството, така е воспитан - да биде отворен, да се дружи со сите, без разлика на вера и нација. А неговиот чин е доказ за тоа.
На комеморацијата во нашето училиште немаше зборови за да се изрази болката, немаше начин како да му се оддаде почит на прерано завршениот живот. Тогаш директорката не можејќи да ги задржи солзите, на таткото на Мухамедали му ја даде освоената награда од Италија. Зашто неговата смрт ја поврзуваме со животот, неговата жртва со иднината, неговото херојство со мирот меѓу нас.

Горди сме на наградата што ја добивме во Италија за нашите заложби за мирот и хуманоста, а уште повеќе се гордееме што сега таа награда му ја посветуваме на Мухамедали Јашари – кој губејќи го својот живот докажа дека пријателството не познава граници, ни верски, ни национални, кој докажа дека големината на човекот е неговата човечност, а храброста – неговото широко срце. Нека почива во мир.

 И, на крајот, еве ги и последните зборови запишани од Мухамедали, еве ја неговата последна писмена работа по македонски јазик:

Семејството и пријателите го чинат животот среќен

Во денешниот живот семејството е многу значајно, но и пријателите се значајни, дека без пријатели, без семејство не оди животот.
Сепак, семејството е најважно – таткото, мајката работат за да имаме посреќен живот.
Јас многу се дружам со пријателите, тие се добри, не се закачаат со сите, не се тепаат.
Имам една желба – сега сме матуранти. Во ноќната матура сакам сите да се дружиме и да играме со сите другари, да уживаме. Таа ноќ да ја памтиме цел живот. И кога ќе го завршиме школото, кога ќе се видиме, да правиме муабет и да се сеќаваме на ноќта на матурата. Тоа е мојата желба за мене и за другарите.
Моето семејство е многу среќно со мене дека јас не му носам дома некој проблем, некоја несреќа. Јас ги сакам моите родители многу, дека тие ме праќаат во школо, ме хранат и така натаму.
За мене животот продолжува.

16.4.11

Проект за мир - прва награда за СГГУГС „Здравко Цветковски“ Македонија


Првата награда што ја добивме ние - како училиште, но и ние како држава - Македонија, не е заради настапот што го имавме во Тревизо, Италија (како што некои тоа го пренесоа и сфатија), туку за севкупната двогодишна активност на полето на мирот, солидарноста, хуманоста.
 Во проектот се вклучивме 2009 година во април, како прво и единствено училиште од Македонија кое стана координатор и ширач на мрежата во целата држава. Во Италија, Проектот почнал со работа пред дваесетина години и прво ги опфаќал училиштата само од Италија, но потоа почнал да се шири низ цела Европа и светот. Сега, во мрежата на проектот се вклучени над 200 италијански училшта и над 20 други држави со своите мрежи. 
Идејата на проектот е да се поттикне креативноста на младите насочена кон мирот, љубовта, солидарноста и хуманоста. Што значи, тие, на свој начин, со свои трудови - есеи, песни, но и со свој труд да придонесат за поубав живот.
Проектот не е единствената причина во нашето училиште да организираме хуманитарни приредби, хепенинзи, претстави и сл., но тие помогнаа да ја освоиме оваа навистина вредна награда. 
И еве зошто... тука, накратко ќе се обидам да направам ретроспектива на таквите настани од изминатите две години.
  
* Првата беше Осмомартовскиот базар за кој учениците сами подготвуваа разни предмети за продажба: накит, вазни, чанти и се што е соодветно за празникот на жените.
Хепенингот се одржа во училишниот двор со учество на пејачи, модна ревија за накит и настапот на учесниците на Струмичкиот карневал.




* Потоа следуваше Предвелигденскиот хепенинг за кој најмногу помогнаа мајките и бабите (и професорките) со своите пити и колачи. За успешноста на хепенингот се заслужни сите – иако се работи за верски празник, учениците и професорите од исламска вероисповед активно и со задоволство се вклучија. Најубавите пити ги донесоа токму тие, направени од нивните мајки.
    


Парите собрани од двата хепенинга беа наменети за операции на дечиња.

* Следното случување беше во соработка со СОС Детското село.
Претставата „Шмизла“ со која учествувавме на МАССУМ натпреварите ја искористивме и ја поставивме на сцената на МКЦ, а со собраните средства им купивме на децата тоа што им беше потребно.

.

Подароците ги однесовме во Селото кога не поканија на јубилеен празник и приредба.



* За Денот на гладните и смртта на Тоше, во училиштето направивме куса приредба посветена на Тоше и гладните деца. Од сите класови се собираа пакети со сува храна кои потоа ги однесовме во Црвениот крст на Македонија.





2010 година

* Проектот за мир со кој минатата година склучивме договор за соработка, оваа година го проширивме во повеќе училишта низ Македонија, а во март 2010 година учествуваме на Годишното собрание во Тревизо, Италија, каде добивме Плакета за особена соработка. 


Кон крајот на април бевме домаќини на Првото годишно собрание во Македонија кое го организиравме во МКЦ со учество на вклучените училишта и гостите од Италија.



* По склучената соработка со гимназијата „Владимир Илич Ленин“ од Киев, Украина, бевме поканети на посета и размена на ученици.


* На 31.12.2009г. беше организирана Новогодишна приредба за дечињата без родители од домот „11 Октомври“ на која им се подарија новогодишни пакетчиња;



* Производство и продажба на цвеќиња од страна на ботаничката секција – средствата беа донирани во хуманитарни цели;

* Продажен осмомартовски хепенинг со изработки од учениците и цвеќиња од биолошката секција – средствата беа донирани во хуманитарни цели. Осмомартовскиот хепенинг прераснува во традиција.


* Посета и помош со кујнски апарати, мебел и алишта на семејството во Црешево со болното девојче;



* Изведба на претставата „Девет по Рихтер“ во МКЦ – собраните средства беа донирани


* Донација во боја и работна рака за боење на 5 куќи во СОС Детското село. Нашие ученици дел од практичната работа ја изведоа во Детското село – и тие ги обоија внатрешните ѕидови под надзор на професорите по практична настава.



* Хуманитарна акција – Секој клас пакетче за децата од СОС детското село; Секој клас во училиштето подготвуваше пакетчиња кои потоа беа однесени во СОС Детското село, а за дечињата беше изведена и новогодишна приредба – претстава со Дедо Мраз





2011 година


* Традиционално, и оваа година се одржа Осмомартовскиот хепенинг во холот на училиштето, а средствата беа донирани во хуманитарни цели.



За сето ова на 29. 3. 2011 ја добивме првата награда од Проектот за мир, во Тревизо, Италија – за заложбите во ширење на културата на мирот, рамноправноста и хуманоста :


И без лажна скромност, навистина се гордееме на наградата зашто ја заслуживме.

13.4.11

Априлијадата во ГУЦ

Последниве две недели толку многу работи се случија во мојата околина (поточно во училиште),  толку убави и толку страшни, што она од последниот пост, со „кражбата“ веќе ништо не ми значи...
А поради актуелните случувања, воопшто не ми беше дојдено до пишување постови, но сфатив дека ако тука не ги напишам, после некако ми се губат настаните, ги заборавам...
На 1 април во нашето училиште, во ГУЦ, ја имавме најубавата Априлијада. Се присетувам за лани кога го пишав она - Априлијада - ескивијада и дури не ми се верува колку се смениле работите само за една година. Лани, речиси сите гледаа само побрзо да си побегнат од училиштето, а оваа година речиси сите останаа - најмногу со директно учество, а другите за да ги видат учесниците. Повторно имаше такви што се срамеа да се појават во јавност со маска, но на повеќемина им беше криво што не учествуваат и си ветија дека следната година сигурно ќе го направат тоа.
Значи, оваа година малку повеќе се потрудивме околу организацијата и осмислувањето на Априлијадата. Идејата беше секој клас да се претстави со заедничка маска - групна, и да имаат свој настап кој ќе трае неколку минути. Така тие, не само што требаа да се маскираат, туку требаа и да осмислат „перформанс“. Е ова - некои го сфатија, некои - не. Па имаше класови кои одлично се подготвиле, имаше такви кои во последен момент нешто склепале, а и такви кои си настапија со поединечни маски.
Од училиштето подготвивме награди за најдобрите, но најинтересно на учениците им беше тоа што имавме „сериозно“ жири составено од четворица професори и еден гостин - актерот Сашко Коцев. Тој, кога дојде, првото што го праша е дали навистина неговиот глас значи нешто во одлуката кој ќе победи. Му дадовме одврзани раце - сериозно и фер да се избере најдобриот, а неговиот глас - како неутралец најмногу ќе значи. Па и така беше - комисијата за секој настап сериозно си запишуваше во своите листови забелешки, а откако заврши приредбата, се повлекоа и им требаше повеќе од половина час за да ја донесат крајната одлука.
сериозната првоаприлска комисија
Учениците беа влезени во „филм“ и многу успешно ги изведуваа своите настапи. Иако, на крајот секогаш има некој да се лути и да се чувствува онеправдан - сепак мислам дека комисијата ги одбра оние кои беа најдобри. Се разбира, направија некои компромиси - во стилот на „рамноправна застапеност на националностите и обесправените - оние што не сфатиле што треба да направат“ - па, крајниот резултат е овој:
Третата награда ја доби маската „Шота“ за девојчето кое „имало храброст“ да настапи само (а не во групна маска):
Втората награда ја добија фаворитите на публиката „Ромска свадба“, учениците од четврта година - геодети (З4):





Првото место - иако не беа ничии фаворити (освен свои) ја освои маската „Оскаровци“. Маските не им беа совршени, но настапот им беше најдобро осмислен... за Оскарот тие имаа се - и тепих...
и глумци кои мислат дека се на небото...


и телохранители... и папараци...
 и водител...
и „златен кактус“ за награда...
 Целиот клас, сите со своја улога, сите на место - БРАВО!!!
Е, после првата награда, имаше и специјална награда - за најдобра маска (не за настап, не за целиот клас)... демек за најдобро преправени - бидејќи тоа било поентата на први април - да не сме она што сме... Супер си беа девојчињата, нема збор, Круела со далматинците, ама малку пренасилена мене ми личеше наградата...
И, така...
оние што се чувствуваа обесправени - имаа зошто... навистина беа добри, многу се подготвувале, имаа квалитет, амаааааа.... предолг и пренеосмислен им беше настапот - на куп им беа ставени 100 различни работи, и предолго брееее, излеов и цигара да пушам...
ученички...




 па крвави сцени од хорор филм...


 малку балерина...


 па рокерки...


па машки женски...

жонглер со оган...

и сите посебно си беа супер, ама заеднички не претставуваа ништо.

Убава беше и маската „Циркус“, кои исто така заслужуваа награда:








 А, одлични беа и сите останати:















И, на крајот, едно големо БЛАГОДАРАМ на Сашко Коцев кој ни го разубави и му даде тежина на настанот...

И додека ние садевме дрва по Водно, правевме Априлијади (и по малку учевме), претставници од нашето училиште и неколку други училишта беа во Италија... (за ова во следниот пост).